Комерцијална банка - Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Комерцијална банка - лого

Комерцијална банка АД Скопје е една од најголемите банки во Македонија. Таа е универзална банка со широк спектар банкарски активности, почнувајќи од прибирање депозити, одобрување кредити на правни и физички лица, услуги во домашниот и во меѓународниот платен промет, до посредување во купопродажбата на девизи, хартии од вредност, форфетирање и друго[1]. Седиштето на банката се наоѓа на Кеј Димитар Влахов бр. 4, 1000 Скопје.

Историја[уреди]

Банката е формирана на 23 март 1955 година, со одлука број 1913 од страна на Народниот одбор на град Скопје, под името "Комунална банка на град Скопје", специјализирана за станбени кредити и претпријатија и финансирање на општинска изградба. Во 1965 година е отворена првата експозитура на Банката во Скопје. Од 1 јануари 1966 година Комунална банка се трансформирала во мешовит тип на банка и добила ново име: "Комерцијално–инвестициона банка - Скопје". Во 1971 година, трите водечки банки во Македонија, "Стопанска банка - Скопје", "Комерцијално–Инвестициона банка - Скопје" и "Комерцијално–Инвестициона банка - Битола" биле споени во една банка која работела под името "Стопанска банка – Филијала Скопје". Оваа банка прва ги вовела тековните сметки за граѓаните. Во согласност со одредбите на Законот за банки и други финансиски институции од 1989 година, во 1990 година, еден дел од "Стопанска банка – Филијала Скопје" се издвоил во посебна банка под името "Комерцијална банка АД Скопје". Истовремено, оваа банка била првото акционерско друштво во Македонија.[2] [3]

Во 1993 година, во банката бил инсталиран терминалот Ројтерс (Reuters) поради потребата за вклучување во меѓународните финансиски случувања. Во 1995 година, Комерцијална банка ја издала првата меѓународна кредитна картичка (EuroCard – MasterCard), а во 1996 година го поставила првиот банкомат во Македонија. Во 1998 година, со одлука на управниот одбор на банката, било основано брокерското друштво КБ-Брокер, прво од таков вид во Македонија. Во 2003 година, акциите на Комерцијална банка започнале да котираат на официјалниот пазар на Македонската берза. Согласно спроведувањето на реформата на пензискиот систем во Македонија, Комерцијална банка АД Скопје, заедно со Прва покојнинска дружба од Љубљана, во јуни 2005 година го основала КБ Прво пензиско друштво. На 30 јуни 2011 година, КБ Прво пензиско друштво имало вкупно 147 869 членови. Во 2009 година, заедно со Публикум Холдинг ДОО Љубљана, Пом-Инвест ДД Марибор и Форлекс С.Р.Л, Комерцијaлна банка АД Скопје го основала друштвото за управување со инвестициони фондови КБ Публикум инвест АД Скопје.[4]

Мисија и корпоративни вредности[уреди]

Мисијата на Комерцијална банка е да биде високопрофитабилна институција, призната како водечка независна, приватна македонска банка која нуди универзален асортиман на услуги и ужива силна меѓународна репутација, професионално поддржана од силно пазарно ориентиран, добро обучен менаџмент и кадар со највисок степен на стручност и интегритет.[5]

Корпоративните вредности на Комерцијална банка ги одразуваат верувањата кои ги делат сите поврзани страни – клиентите, вработените, акционерите, партнерите. Тоа се вредности кои ја отсликуваат деловната култура на банката и приоритетите утврдени со корпоративната мисија. Поважни корпоративни вредности на Комерцијална банка се следниве:[6]

  • Традиција - банка која ги негува вредностите, ја поддржува стабилноста во секакви услови и која традиционално е прв избор на клиентите.
  • Ефикасност - банка која навремено и ефикасно ги завршува преземените активности.
  • Доверба - банка која ја гради довербата преку отворена комуникација со клиентите, почитување на нивната индивидуалност и понуда на сигурна и квалитетна услуга.
  • Транспарентност - навремено да обезбеди разбирливи и веродостојни информации за резултатите од работењето, како и за останатите финансиски и нефинансиски прашања, достапни за заинтересираните клиенти, акционери, деловни партнери и целокупната јавност.
  • Иновативност - со воведување нови производи и услуги постојано да го зголемува и подобрува квалитетот понуден на клиентите.
  • Општествена одговорност - како општествено одговорна компанија секогаш да работи во насока на подобрување на квалитетот на животот во општеството за сите негови членови.
  • Тимска работа - да споделува знаења и искуства со цел квалитетно да ги исполни барањата на клиентите, а преку заедничко делување да придонесува за развојот на банката.

Активности на банката[уреди]

Согласно дозволата за основање и работење, издадена од Гувернерот на НБРМ, Комерцијална банка - Скопје ги извршува следниве финансиски активности:[7]

Комерцијална банка е една од двете најголеми банки во Македонија, при што, според одредени показатели, таа е најголемата банка, додека според други, таа го зазема второто место. Така, со состојба на 31 декември 2010 година, Комерцијална банка отпаѓале 23,2% од вкупната актива на банкарскиот сектор на Македонија, додека нејзиното учество во вкупниот капитал и резервите било 24,8%. Истовремено, нејзиното учество во вкупните депозити на банкарскиот сектор изнесувало 28,1% и 23,9% во вкупните кредити. Понатаму, големината на банката може да се потврди и преку тоа што таа има издадено 20% од вкупните дебитни картички и 18,5% од вкупните кредитни картички во Македонија. Со посредство на банката се извршувале 23% од вкупната вредност на платниот промет во Македонија, а 21,3% од сметките на сите правни лица биле отворени кај оваа банка. Најпосле, Комерцијална банка извршила дури 23,1% од сите трансакции на Македонската берза.

Во 2013 година, Комерцијална банка остварила промет со девизи од 1.241,6 милиони евра, што е за 122,9 милиони евра, или 11,0%, повеќе во однос на 2012 година (1.118,7 милиони евра).[8]

Раководење со ризиците[уреди]

Комерцијална банка АД Скопје континуирано управува со ризиците преку нивна навремена идентификација, оцена, следење, контрола и известување. За таа цел, таа има воспоставен систем за преземање и управување со ризиците, кој континуирано го унапредува и усогласува со измените во законската регулатива и во меѓународната теорија и практика, а во согласност со стратегијата на банката за преземање и управување со ризиците. Системот за управување со ризиците на банката е во согласност со природата, големината и сложеноста на финансиските активности кои ги врши таа и ги опфаќа следните видови: кредитен (вклучувајќи го и ризикот на земјата), ликвидносен, валутен, пазарен, ризик од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности, ризик од концентрација на изложеноста на банката, оперативен ризик (вклучувајќи го и правниот ризик), репутациски ризик и стратегиски ризик. Во системот за управување со ризици, банката вклучува и други ризици на кои е изложена во своето работење доколку се утврди дека тие имаат значително влијание врз нејзиното работење.[9]

Раководење со каматниот ризик[уреди]

Мерењето/оценката и следењето на ризикот на каматни стапки во Комерцијална банка се врши на континуирана основа согласно законската регулатива и интерните акти на банката. Во таа насока, се користат следните техники:[10]

  • квантифицирање на каматоносната актива и пасива,
  • определување на каматните стапки (екстерно или интерно),
  • определување на инструментите со фиксни, варијабилни каматни стапки и прилагодливи каматни стапки по одлука на органите на управување,
  • ефектите врз билансот на успех од спроведувањето на Одлуката за висината на каматните стапки,
  • остварена просечна пондерирана активна и каматна стапка и нето каматна маржа,
  • симулациони модели,
  • квантифицирање на каматниот ризик на ниво на одделни делови од билансот на банката
  • и останати техники за согледување на нивото на ризик на каматни стапки.

За мерење и следење на ризикот на каматни стапки, банката ја утврдува промената на економската вредност на портфолиото на банкарски активности како резултат на изложеноста на ризикот од промена на каматните стапки, со примена на стандардниот каматен шок, согласно барањата на регулативата. Исто така, банката врши редовно стрес-тестирање на влијанието на големите промени (шокови) во каматните стапки врз добивката и сопствените средства на банката. Стрес тестирањето (стрес-сценаријата) се темелат врз реално најлошите сценарија и ги опфаќаат сите материјални извори на ризик од промената на каматните стапки. Одборот за управување со ризиците ќе ги зема предвид резултатите од извршените стрес-тестирања при ревидирањето на политиките и на утврдените лимити на ризикот на каматни стапки. Контролата на изложеноста на ризикот на каматни стапки се врши на континуирана основа.[11]

Aкционерска структура и управување со банката[уреди]

Запишаниот капитал на банката на 31 декември 2011 година се состоел од 2.279.067 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари. Од вкупниот број на издадени акции, 2.165.980 акции се со право на глас. На 31 декември 2011 година, Комерцијална банка АД Скопје имала вкупно 5.006 акционери, наспроти 4.931 акционер на 31 декември 2010 година. На 31 декември 2012 година, бројот на акции останал ист, од кои, 2.183.365 акции биле со право на глас. Притоа, бројот на акционерите се зголемил на 5.120. На крајот од 2013 година, 2.192.055 акции имале право на глас, а банката имала вкупно 5.112 акционери.[12]

Најголеми акционери на банката се следниве институционални инвеститори:[13]

  • East Capital Explorer Investments AB

Учество во вкупниот број на акции: 10,00% Учество во вкупниот број на акции со право на глас: 10,00%

Учество во вкупниот број акции: 5,245% Учество во вкупниот број акции со право на глас: 5,245%

Членови на надзорниот одбор на Комерцијална банка - Скопје се:[14]

Членови на управниот oдбор на Комерцијална банка - Скопје се:[15]

Организациска структура на банката[уреди]

Највисок орган на управувањето во Комерцијална банка е Надзорниот одбор кому директно му помага Самостојната дирекција за внатрешна ревизија. Со секојдневното работење на банката раководи Управниот одбор кого го опслужуваат неколку организациони единици, како што се: Секретаријатот и Самостојната служба за внатрешна инспекција и контрола. Исто така, Управниот одбор го организира и контролира работењето на поголем број организациски единици:

  • Самостојната дирекција за трезорско работење;
  • Самостојната дирекција за маркетинг;
  • Самостојната дирекција за управување со мрежа на филијали;
  • Самостојната дирекција за контрола на усогласеноста на работењето на банката и спречување на перењето пари;
  • Самостојната дирекција за финансиско работење;
  • Самостојната дирекција за платен промет во земјата;
  • Сектор за ликвидност и финансиски пазар;
  • Сектор за управување со ризици и планирање;
  • Сектор за кредитирање на стопанството;
  • Сектор за односи со странство;
  • Сектор за работа со населението;
  • Сектор за човечки ресурси и општи работи;
  • Сектор за правни работи и наплата на проблематични кредити;
  • Сектор за информатичка технологија.

Исто така, Комерцијална банка има филијали во следниве градови: Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, [[Тетово и Штип. Понатаму, таа има 38 експозитури во Скопје и 14 експозитури во другите градови на Македонија.[16]

Финансиски показатели[уреди]

Врз основа на ревидираните финансиски извештаи, подготвени во согласност со Методологијата пропишана од Народната банка на Република Македонија, во текот на 2010 година, Комерцијална банка ги остварил следниве финансиски резултати од работењето:[17]

Истовремено, на 31 декември 2010 година, Комерцијална банка ги имала следниве средства, обврски и капитал:[18]

  • Парични средства и еквиваленти: 23 560 441 000 денари,
  • Кредити: 41 882 722 000 денари,
  • Вкупна актива: 70 832 691 000 денари,
  • Вкупно обврски: 62 824 665 000 денари,
  • Депозити: 59 635 019 000 денари,
  • Вкупно капитал и резерви: 8 008 026 000 денари.

Со состојба на 31 декември 2010 година, поважните показатели за акциите на Комерцијална банка биле следниве:[19]

Награди и признанија[уреди]

Како признание за исклучителниот квалитет во работењето со меѓународни плаќања, Комерцијална банка АД Скопје е повеќекратен добитник на наградата Deutsche Bank`s Straight – Through Processing (STP) Excellence Award. Оваа награда е особено значајна бидејќи директната обработка на плаќањата (STP) има голема улога во намалувањето на трошоците во глобалното трансакциско банкарство. Во соопштението од Deutsche Bank AG, која е глобален лидер во оваа област, се истакнува успешноста на тимот од Комерцијална банка кој работи на оваа проблематика со постигнатата исклучително висока стапка на STP од 99,74%. Со оваа награда Комерцијална банка АД Скопје ја продолжува лидерската улога во следењето и примената на најновите банкарски трендови и технологии.

Исто така, познатото меѓународно списание Global Finance девет години по ред (2004, 2005, 2006, 2007, 2008, 2009, 2010, 2011 и 2012) ја прогласува Комерцијална банка АД Скопје за најдобра банка во Македонија.[20] Исто така, таа е повеќекратен добитник на признанието Банка на годината во Македонија, која ја доделува меѓународното списание The Banker, и тоа во 2001, 2002, 2004, 2005, 2010, 2011 и 2012 година.[21] Во 2007 година, банката била прогласена за најдобра банка во Македонија и според списанието Finance Central Europe, и тоа, според јачината на активата, приносот на капиталот и бруто-добивката. Како еден од најактивните учесници во надворешната трговија, Комерцијална банка е добитник на бројни признанија доделени од страна на Европската банка за обнова и развој, кои се доделуваат во рамки на програмите и проектите за поддршка и унапредување на меѓународната размена. Последното признание од Европската банка за обнова и развој за Комерцијална банка е прогласувањето за најактивен учесник во специјалната Програма за олеснување на надвoрешната трговија (TFP) - „Most active issuing bank in FYR Macedonia in 2009“.[22]

Во номинацијата организирана од Центарот за институционален развој (ЦИРА), Комерцијална банка ја добила првата награда за интегриран пристап кон општествената одговорност за големо претпријатие во 2009 година. Комерцијална банка е добитник и на наградата „Кристално ѕвоно“ за најтранспарентно котирано друштво на Македонската берза АД Скопје за 2009 година.

Извори[уреди]

  1. Комерцијална банка АД - Скопје
  2. Комерцијална банка АД - Скопје, Историјат
  3. 50 години Комерцијална банка а.д. Скопје 1955 - 2005, Комерцијална банка - Скопје, Скопје, март 2005, стр. 8
  4. Комерцијална банка АД - Скопје, Историјат
  5. Комерцијална банка АД - Скопје, Мисија
  6. Комерцијална банка АД - Скопје, Корпоративни вредности
  7. Комерцијална банка АД - Скопје
  8. Seinet
  9. Seinet
  10. Комерцијална банка АД Скопје
  11. Комерцијална банка АД Скопје
  12. Seinet
  13. Комерцијална банка АД - Скопје
  14. Комерцијална банка АД - Скопје, Надзорен одбор
  15. Комерцијална банка - Скопје, Управен одбор
  16. Комерцијална банка - Скопје, Организациска структура
  17. Комерцијална банка - Скопје, Финансиски показатели
  18. Комерцијална банка - Скопје, Финансиски показатели
  19. Комерцијална банка - Скопје, Финансиски показатели
  20. "Комерцијална банка деветти пат најдобра според "Глобал фајнанс"", Дневник, бр. 4820, петок, 23 март 2012, стр.7.
  21. "Комерцијална банка седмипат банка на годината", Дневник, година XVI, број 5028, петок, 30 ноември 2012, стр. 7.
  22. Комерцијална банка АД - Скопје, Награди и признанија

Надворешни врски[уреди]