Меница

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Меницата (англиски: bill, draft) претставува хартија од вредност со која нејзиниот издавач (трасант) му дава безусловна наредба на друго лице (трасат) да се исплати паричен износ на трето лице (ремитент), кое е наведено во меницата или пак на самиот трасант.[1]

Поим и значење на меницата[уреди]

Меницата е писмена исправа издадена во пропишана форма и таа претставува средство за плаќање и инструмент за обезбедување на плаќање. Меницата по правило, е хартија по наредба, но таа може да биде издадена и како хартија од вредност на име.

Со оглед на тоа што меницата е хартија од вредност и таа, како и другите хартии од вредност, овозможува остварување многу важни стопански цели и задачи. Со користење на меницата може да се обезбедат кредитите, потоа да се приберат парични средства, да се купат стоки, да се плаќаат услуги и други обврски.

Меницата ги има следните улоги:

  1. меницата е средство за кредит;
  2. меницата е средство за плаќање; и
  3. меницата е средство за есконт.[2]

Видови меници[уреди]

  • Трасирана (влечна) меница е таква меница кај која нејзиниот издавач (траснат) му дава налог на друго лице (трасат) во времето на втасаноста на меницата да му ја исплати на трето лице сумата што е наведена во меницата.
  • Сопствена (соло) меница кај која нејзиниот издавач се обврзува дека тој во времето на втасаноста на меницата ќе му исплати на трето лице (ремитент) или по наредба на трето лице сума што е означена во меницата.
  • Бланко меница е идна меница. Таа се карактеризира со тоа што ги нема сите битни елементи (и тоа најчесто меничната сума и означувањето на втасаноста).
  • Стокова меница е меница која произлегува од купопродажба на стоки по пат на кредит.
  • Деловна меница претставува поширок поим од стоковата меница.Секоја стоковна меница е и деловна меница, со тоа што во деловните меници спаѓаат и други меници.
  • Кредитна меница постои тогаш кога лицето кои бара кредит дава сопствена акцептна бланко меница. Кредитна меница постои тогаш кога лицето кои бара кредит дава сопствена акцептна бланко меница.
  • Домицилна меница е таква меница каде што местото на плаќање не е исто со местото на постојано живеење на трасатот.
  • Циркуларна меница е таква меница која може да се пушта и понатаму во промет, односно да се пренесува, да циркулира.
  • Трасирана влечна меница по сопствена наредба е таква меница во која траснатот му дава налог на трасатот нему самиот (на трасатот) или по негова наредба, а не на некое трето лице да ја исплати втсаната меница.
  • Сопствена влечна меница е таква меница каде нејзиниот издавач ветува дека сам на себе, или по своја наредба, ќе ја плати меничната сума по втасаноста на меницата.[3]

Менични елементи[уреди]

Со оглед на тоа што меницата е формално-правна работа и се составува во пропишана писмена форма, таа содржи извесен број елементи кои се карактеристични за овој вид меница. Разликуваме битни и небитни елементи.

  • Битни елементи се оние кои меницата мора да ги содржи.
  • Небитни елементи се оние кои меницата може, а не мора да ги содржи.

Според Законот за меница битни елементи кај меницата се:

  1. ознака дека е меница, отпечатена на самиот меничен слог, на македонски јазик со кирилско писмо;
  2. име, односно назив и седиште на трасатот;
  3. безуслова наредба да се плати одредена сума на пари од покритието на трастантот;
  4. време на пристигнување;
  5. место каде што треба да се изврши плаќањето;
  6. име на ремитентот;
  7. ден и место на издавање; и
  8. потпис на траснатот.[4]

Битни елементи[уреди]

Битните елементи на меницата можеме да ги поделиме на:

  • Општи елементи: означувањето дека тоа е меница и безусловниот налог да се плати определена сума пари.
  • Персонални елементи: името на трасатот (лицето кое треба да го плати меничниот износ на пари), ремитентот (лицето на кое или по чија наредба треба да се исплати меничниот паричен износ) и потпис на трасантот (издавачот на меницата)
  • Географски елементи: местото на издавањето на меницата и местото на плаќањето на меницата.
  • Календарски елементи: датумот на издавањето на меницата и датумот на втасаноста на меницата.[5]

Небитни елементи[уреди]

Овие елементи се викаат небитни, затоа што од нив не зависи полноважноста на меницата. Во небитните елементи спаѓаат:[6]

1.Факултативни лица:

  • Индосант е лице што ја пренесува меницата.
  • Индосатор е лице на кое се пренесува меницата.
  • Авалист е лице што гарантира за еден од меничните должници дека ќе ја исполни меничната обврска.
  • Домицијат е лице што е означено на меницата дека е замолено да врши улога на благајник но како посредник на странките а не како полномошник.
  • Акцептант е лице што ја прима меничната обврска со изјава за нејзино прифаќање (акцепт) ставена на меничното писмо.
  • Интервенти се т.н. “резервни лица” кои што се означуваат во меницата зашто постои можност траснатот да не ја акцептија меницата и во тој случај сите штетни последици ги понесува трасантот.
  • Инструментални сведоци се лица кои што на меничното писмо потврдуваат дека меничната обврсак ја презело лицето што со прост потпис не може да се обврзе, поради природни недостатоци.
  • Полномошник лице кое е овластено да изврши некое менично дејствие.
  • Манипулатор е лице што дава менична изјава на умножениот примерок на меницата.

2.Менични клаузули.

Наводи[уреди]

  1. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје: 2005,стр.377.
  2. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје:2005,стр.379.
  3. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје:2005,стр.386.
  4. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје:2005,стр.391.
  5. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје:2005,стр.392.
  6. Александар Николовски, Снежана Плавшиќ, Трговско право, Скопје:2005,стр.397.