Оперативен ризик

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Оперативен ризик (англиски: Operational risk) претставува ризик од загуба кој настанува како резултат на неадекватни или неуспешни внатрешни процеси, луѓе и системи или како резултат на надворешни настани. Оваа дефиниција го вклучува правниот ризик (правниот ризик вклучува, но не е ограничен на: изложеност на парични казни, пенали или штети кои подлежат на казна, кои произлегуваат од супервизорски активности како и од приватни порамнувања), но ги исклучува стратегискиот и репутацискиот ризик.[1]

Дефинирање и видови на оперативен ризик[уреди]

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја има преземено општоприфатената дефиниција од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), и тоа за прв пат преку "Oдлуката за управување со ризици", според која, оперативниот ризик претставува ризик од загуба поради неадекватни или неуспешни интерни процедури и процеси, човечки грешки, неадекватно управување со системи како и непредвидени надворешни настани. Оперативниот ризик го вклучува и правниот ризик.[2] Со следната "Одлука за управување со ризиците", НБРМ ја задржала оваа форма на дефиниција со таа разлика што дополнила дека оперативниот ризик, покрај правниот ризик, вклучува и ризик од перење пари и финансирање тероризам, ризик од несоодветност на информативните системи и други оперативни ризици.[3] Со супервизорскиот циркулар бр. 10, Управување со оперативниот ризик, за првпат, НБРМ извршила јасно дефинирање на оперативниот ризик со потенцирање дека оперативниот ризик не го вклучува стратегискиот и репутацискиот ризик при што НБРМ врши целосна разработка на основните поставки за оперативен ризик развиени од БИС.[4]

Процесен ризик[уреди]

Оперативниот ризик настанува од неефективни и неефикасни процеси. Неефективните процеси се оние кај кои не се постигнати поставените цели, додека неефикасни се оние процеси каде целите се постигнати, но со преголеми трошоци. Повремено има природен конфликт меѓу нив. Така, реинженерингот и напорите за намалување на трошоци фокусирани на подобрување на ефикасноста може невнимателно да завршат во намалување на ефективноста на процесот на контрола, бидејќи значителни проверки и баланси (кои тендираат да бидат излишни) се елиминирани. Вообичаен процесен ризик е оној кој се однесува на процесирањето на трансакциите. Ова вклучува потенцијални грешки во која било фаза, вклучувајќи ги набавките, продажбите, вреднувањето, документирањето, конфирмацијата, и исполнувањето на обврските. Во секоја фаза на процесирање на трансакцијата, постои ризик за финансиски загуби, понатака загуби на потрошувачи, репутација итн. Така грешка во вреднувањето резултира со намалена профитабилност, додека неисполнувањето на обврските кон деловните партнери води кон прекин на соработката со некој од нив. Понатаму, треба да се води сметка операциите да останат во рамките на правните и регулаторните ограничувања. Со примената на нови регулативи (како Законот Сарбанс-Оксли во САД и слични) се зголемуваат казните за прекршување на регулативата од страна на извршните директори во компанијата и тоа како финансиски казни така и професионални. Усогласеноста со регулативата е значајно прашање во поглед на интерните политики и процедури на компанијата. Така, кај менаџирањето на фонд, инвестициската компанија мора да биде усогласена како со регулативата, со интерните политики, така и со поставените барања од клиентите.

Друг значаен елемент на оперативниот ризик може да резултира од документационите процеси. Неточна и недоволна документација може да резултира со несоодветна комуникација помеѓу страните во договорот, создавајќи дополнителни, непотребни ризици доколку се појави спор. Таков е случајот со мастер договорите кај финансиските трансакции. Тие денес играат важна улога во тргувањето со хартии од вредност: тие обезбедуваат униформен начин за минимизирање на кредитниот и правниот ризик кај различни финансиски производи помеѓу две или повеќе страни. Тие исто така обезбедуваат корист од порамнување, што ја намалува вкупната кредитна изложеност помеѓу честите спротивни страни во договорот.

Еден потенцијален одговор на ова е автоматизација на процесите, каде сите активности во процесот ќе се проведуваат во еден систем- од иницијалните активности до извршување на крајните активности. Во секоја фаза, се што се извршува се става во електронски запис и секој учесник (трговец, добавувач, правници, референти за различни области итн.) ќе можат да го следат својот статус. Автоматизацијата исто така ќе овозможи и изработка на сеопфатни извештаи и нивно сортирање по категории (деловни единици, тип на производство, географски целини итн.) Текот на информациите станува поконзистентен и транспарентен. Работи како некомплетна документација и сл. Ќе бидат минимизирани. Како резултат, одлуките ќе можат да се носат побрзо и оперативниот ризик ќе биде редуциран.[5]

Ризик од луѓе[уреди]

Ризикот од луѓе типично произлегува од: ограниченост на персоналот, некомпетентност, нечесност и измами, како и корпоративна култура која не ја развива свесноста за ризиците и културата за управување со ризици. Ограниченост кај персоналот постои кога компаниите не можат да исполнат критични отворени позиции поради недостиг на кадар или поради што надоместот и другите стимулации не се атрактивни за нови кадри. Некомпетентноста станува проблем кога вработените имаат недостиг од одредени нивоа на знаења и способности за да ја извршуваат нивната работа коректно. Недостигот на професионална обука и развој на кадри дополнително би ги усложнил човечките грешки. Нечесноста води кон измамнички активности како што се кражби од страна на вработените. И корпоративната култура која не ја покренува и развива активно свесноста за ризиците, исто така води кон неповолни однесувања на вработените.[6]

Системски ризик[уреди]

Како што технологијата станува сè попотребна во повеќе сфери на бизнисот настаните кои предизвикуваат оперативен ризик, а се должат на неуспеси и грешки во системите стануваат се позначајни. Компаниите денес употребуваат системи кои се истовремено интегрирани низ целата фирма и специфично скроени на нивните деловни потреби. Доколку развојот на технолошката инфраструктура на компанијата не оди во чекор со развојот на бизнисот, постои потенцијал за нови ризици. Системскиот ризик вклучува корисност на системот, интегритет на податоци, капацитет на системот, неавторизиран пристап и употреба, опоравување на различни непредвидливости.

Друг пример на системски ризик е ризик од загуба поради примена на погрешни финансиски модели. Институцијата може да употребува несоодветни методологии и модели, претпоставки или параметри во евалуацијата на деловната можност и со тоа да ги потцени ризиците кои ги превзема. Овој ризик се нарекува ризик на моделот (model risk). Изложеноста на овој ризик може да се оптега од стратешките одлуки каде може да дојде до потценување на трошокот поврзан со одреден ризик, па се до деловни одлуки кои се базираат на неадекватни претпоставки за тоа како комплексен дериватив треба да биде вреднуван.

Понатака, ризикот поврзан со грешки во програмирањето и недостиг на планирање може да биде значителен. Мала грешка во еден алгоритам може лесно да се рашири низ неколку модели и низ мрежите, предизвикувајќи огромни штети пред грешката да биде детектирана.[7]

Безбедноста на системите станува друг клучен технолошки ризик, особено со растот на електронскиот бизнис и во неговите рамки на електронска трговија. Нападите на хакери и кракери можат да предизвикаат огромни загуби. Иако настани како овие се случуваат со голема динамика, компаниите кои водат бизнис во денешното растечко компјутерско општество треба да ја специфицираат сигурноста на податоците како примарна цел во дизајнирањето на деловните процеси.[8]

Ризик од настан[уреди]

Ризикот од настан е опасност за загуба кој се должи на поединечни настани кои не се веројатни, но може да имаат тешки последици доколку се остварат - како што се интерни и екстерни измами, системски грешки и неуспеси, дислокација на пазарот, природни непогоди и непогоди предизвикани од човекот. Станува збор за ризици кои не можат да се контролираат преку ефективно планирање и управување. Инцидентите на ризикот од настан често се случајни и затое е тешко да се предвидат. Иако такви настани се со мала веројатност за случување, потребно е да се “очекува неочекуваното”. Важно е да се напомене дека големите настани често резултираат во импликации по сите типови на ризици- пазарен, кредитен, ликвидносен и тн. Но истражувањата покажуваат дека големите настани имаат и голема фрекфенција за остварување. Така, секоја година во последнава декада на минатиот век имало по некое големо пазарно движење кое надминува 10 стандардни девијации. Таков е и примерот со терористичкиот напад од 11 септември во САД.[9]

Примери за големи загуби од оперативен ризик[уреди]

Скандалот Енрон[уреди]

Колапсот на корпорацијата Енрон претставува најголемиот банкрот во историјата на САД. Енрон била една од најголемите компании во светот за енергетски производи и услуги. Во јануари 2001, цените на акциите на Enron, го достигнале својот врв од 81,39 долари за акција, и почнале да паѓаат, до средината на август цените на акциите паднале на 43 долари, за конечно во декември цената на акциите да достигне 0 долари, со што компанијата банкротирала. И покрај тоа што одборот на директори ги обвинувал сметководителите и менаџерите, истрагата на случајот покажала дека Enron ги имала преценето своите сретства за 24 милијарди долари поради лоши сметководствени практики. Ревизорската фирма на Enron, Arthur Andersen била обвинета за опструкција на правдата и уништување на некои документи со цел заштита на фирмата, и претрпела загуба од 750 милиони долари. Merill Lynch била обвинета за заговор, со цел да и помогне на Enron да ја сокрие својата вистинска финансиска состојба, при што нејзиното потпомагање резултирало со загуби од вмешаност кои достигнале 80 милиони долари. Други банки како, Citibank, JPMorgan Chase & Co., и Salomon Smith Barney, меѓу другите биле обвинети за кредитирање на Enron, во услови кога знаеле дека фирмата не ги објавувала овие обврски во билансот на состојба. Ова е пример на загуба што се должи на правна одговорност, во комбинација со измамнички активности. [10]

Терористички напад, 11 септември 2001, Њујорк[уреди]

На 11 септември 2001, во срцето на американскиот финансиски центар, - светскиот трговски центар на Њујорк стана мета на голем терористички напад. Овој драматичен инцидент покрај своите катастрофални жртви ( на пример: Cantor Fitzgerald- фирма за глобални финансиски услуги – изгуби 700 од своите вработени) резултираше со огромни имотни загуби. Загубите на Bank of New York беа проценетина 140 милиони долари. Финансиските загуби предизвикани од 9/11 беа објавени како најскапи загуби од осигурување на имот во историјата со процена од 40-70 милијарди долари. Други последици беа нарушувања во активностите на погодените компании за финансиски услуги, и огромно економско и политичко влијание во светот. Ова е впечатлив пример за оштета на физички средства, нарушувања во бизнисот, и загуби предизвикани од надворешни фактори. [11]

MasterCard International, 2005, САД[уреди]

Во јуни 2005, MasterCard Internacional Inc. Изјави дека стравува дека имињата, банките и броевите на сметки на иматели на 40 милиони кредитни картички биле посетени од страна на неовластени корисници. Беше откриено дека компјутерскиот вирус заробил податоци за клиенти со цел извршување на измама и тоа може да има ефект врз имателите на сите типови на кредитни картички. Ова беше една во низата на неодамнешни инциденти кои вклучуваат безбедносни пропусти и надворешна измама. Во истиот месец, Citigroup изгуби компјутерски ленти со чувствителни информации за 3,9 милиони клиенти на SitiFinancial, отсек кој обезбедува лични и станбени кредити. [12]

UBS Септември 2011, Швајцарија[уреди]

Во Септември 2011, Швајцарската банка UBS објави дека нејзиниот функционер во Лондон Kveku Adoboli, водел паралелно сметководство во периодот од октомври 2008, до декември 2009 и во периодот од јануари до септември 2011 година. Загубата се однесува само на тргувањата во последните 3 месеци. Загубата е резултат на измама и тргување преку лажни сметки. Како резултат на измамата првиот човек на UBS, Oswald Gruebel поднесе оставка. Ова е уште еден случај на драматични последици од внатрешна проневера, неовластено тргување и сиромашен внатрешен надзор и контрола. [13]

Основни пристапи за управување со оперативниот ризик[уреди]

Покрај дефинирањето на оперативниот ризик, Базелскиот комитет ги пропишува и пристапите коишто можат да се користат заради утврдување на потребното ниво на капитал за покривање на овој ризик. Три методи за пресметување на капиталот кој се издвојува по основ на загуби од оперативен ризик итоа:

  1. Пристап на базичен индикатор (Basic indicator approach, BIA)
  2. Стандардизиран пристап (The Standardized approach, TSA)
  3. Пристап на напредно мерење (Advanced measurement approach, AMA)

Разликите помеѓу трите пристапи се состојат во нивната сложеност, прецизност во одредувањето на потребниот капитал за покривање на загубите од оперативен ризик и можноста за примена. Примената на било кој од овие пристапи зависи од подготвеноста на банката да ги исполни критериумите дефинирани од Базелската спогодба, како и од националната регулатива за утврдување на адекватноста на капиталот. [14] Согласно степенот на развој на македонскиот банкарски сектор, НБРМ со првите регулаторни документи за оперативен ризик, дозволи примена само на Пристапот на базичен индикатор и Стандардизираниот пристап.

Пристап на базичен индикатор[уреди]

Пристапот на базичен индикатор е наједноставниот, најопштиот, но и најнепрецизниот пристап за издвојување на капитал за покривање на загубите од оперативен ризик. Како таков, овој пристап го алоцира капиталот за оперативен ризик користејќи еден базичен индикатор како застапник за вкупната изложеност на оперативен ризик на дадена институција (банка). Бруто приходот е предложен за базичен индикатор со тоа што секоја банка има алоцирано капитал за оперативен ризик еднаков на фиксен процент - α, помножен со својот индивидуален износ на бруто приход. BIA е лесен за спроедување и универзално применлив во банките со цел да се дојде до потребното капитално издвојување за оперативен ризик. Неговата едноставност, сепак, доаѓа по цена на ограничена чувствителност на специфичните потреби и карактеристики на дадена банка. Додека BIA може да биде соодветен за мали банки со едноставен асортиман на бизнис активности, Базелскиот комитет очекува меѓународно активните банки и банките со значителна изложеност на оперативен ризик да користат пософистициран пристап. Првично процентот α беше поставен на 30%, од бруто приходот, меѓутоа подоцна, тој беше намален на 15%. Сепак со цел да се поттикнат банките да преминат на пософистицирани пристапи, пожелно е да се постави α на повисоко ниво, иако алтернативните средства за овозможување на поттик се исто така расположливи, на пример со користење на супервизорските можности. Во согласност со очекувањата, BIA најмногу ќе биде користен од страна на помалите домашни банки.[15]


Примената на пристапот на базичен индикатор е пропишана и во македонската регулатива. Така, според регулативата на НБРМ, базичниот индикатор претставува збир на следниве позитивни и негативни позиции, остварени како резултат на редовното работење на банката:[16]

  • Приходи од камата;
  • Расходи од камата;
  • Приходи од дивиденда, освен приходите од вложувања во придружени друштва, подружници и заеднички вложувања;
  • Приходи од провизии и надомести;
  • Расходи од провизии и надомести;
  • Приходи и расходи од позиции коишто се дел од портфолиото за тргување;
  • Приходи и расходи врз основа на курсни разлики;
  • Реализирани приходи и расходи од позиции коишто не се мерат по објективната вредност преку билансот на успех, доколку произлегуваат од позиции коишто се дел од портфолиото за тргување;
  • Приходи и расходи од позиции за заштита на вредноста на другите позиции;
  • Останати оперативни приходи.

Во останатите оперативни приходи не се вклучуваат вонредните приходи и приходите остварени врз основа на склучени договори за осигурување во име и за сметка на банката. Во расходите од провизии и надомести се вклучуваат трошоците за услуги од трети лица, само доколку станува збор за услуга од матичното лице на банката, подредено лице на банката или подредено лице на матичното лице на банката. При пресметката на базичниот индикатор не се вклучува каква било исправка на вредноста на позициите.

Стандардизиран пристап[уреди]

Стандардизираниот пристап претставува понатамошно подобрување и унапредување во еволуцијата на пристапите за утврдување на капиталот за оперативен ризик. Овој пристап се разликува од BIA, во тоа што банкарските активности се поделени во стандардизирани деловни линии. Според тоа, TSA е во подобра можност да отслика различни профили на ризик низ банките, што се прикажани преку нивните деловни активности. Сепак, исто како во случајот на BIA, процентите на капиталните издвојувања се одредени од страна на супервизорот. Понатаму, како и во случајот на BIA, во TSA како единствен финансиски индикатор кој има линеарна врска со оперативниот ризик, BIS, го има поставено бруто приходот, иако при самото воспоставување на TSA, тој не бил единствен финансиски индикатор. [17]

Во рамките на секоја деловна линија, капиталното издвојување се пресметува со множење на финансискиот индикатор со β факторот. На пример, за деловна линија “Брокерски услуги”, регулаторното капитално издвојување ќе биде пресметано на следниов начин:

K (Брокерски услуги) = β (Брокерски услуги) x (GI)

Каде: K (Брокерски услуги) го претставува капиталното барање за деловната линија "Брокерски услуги", β(Брокерски услуги - е капитален фактор кој се применува за оваа деловна линија (секоја деловна линија има различен β фактор), и GI (бруто приход) претставува индикатор за оваа деловна линија.


Фиксните проценти утврдени од страна на Базелскиот комитет за секоја одделна деловна линија со кој потребниот капитал се поврзува со нивото на бруто-приход остварен во таа деловна линија изнесуваат:[18]

Табела бр. 1: Фактори на оперативниот ризик по деловни линии

Деловна линија β
Финансирање правни лица 18%
Тргување и продажба 18%
Банкарство на мало 12%
Комерцијално банкарство 15%
Платен промет и порамнување 18%
Услуги како агент 15%
Управување со средствата 12%
Брокерски услуги на мало 12%

Согласно горната класификација, во првата деловна линија (Услуги поврзани со финансирање трговци коишто, согласно со Законот за трговски друштва, се сметаат за средни и големи трговци) се опфатени следниве активности:[19] купопродажба, гарантирање и/или пласман на емисија на хартии од вредност со преземена обврска за откуп на емисијата и услуги поврзани со гарантирањето и/или пласманот, советување на правните лица во врска со капиталот, деловните стратегии и слично, услуги при спроведување спојувања и присоединувања, стекнување акции или удели во други друштва, приватизации, инвестициско советување, услуги поврзани со инвестициско истражување и финансиска анализа, како и други видови општи препораки за трансакции со финансиски инструменти.

Втората деловна линија (Тргување и продажба) ги опфаќа следниве активности: тргување во свое име и за своја сметка, посредување на пазарот на пари, прием и извршување налози поврзани со еден или повеќе финансиски инструменти, коишто не се вклучени во деловната линија „брокерски услуги на мало“, извршување налози во име на клиенти, спроведување понуда и продажба на финансиски инструменти без обврска за нивен откуп (доколку не се вклучени во деловната линија „брокерски услуги на мало“), и операции преку мултилатерални системи за тргување.

Деловната линија "Банкарство на мало" ги опфаќа услугите дадени на физички лица и на мали трговски друштва, како што е: прибирање депозити и други повратни извори на средства, кредитирање и други слични активности на финансирање на клиентот (финансирање комерцијални проекти, факторинг, форфетинг и слично), финансиски лизинг, издавање гаранции, авали и други слични инструменти.

Деловната линија "Комерцијално банкарство" ги вклучува активностите на банките со средни и големи трговци согласно со Законот за трговски друштва, како: прибирање депозити и други повратни извори на средства, кредитирање и други слични активности на финансирање на клиентот (финансирање комерцијални проекти, факторинг, форфетинг и слично), финансиски лизинг, издавање гаранции, авали и други слични инструменти. Во деловната линија "Платен промет и порамнување" влегуваат: услуги во платниот промет во земјата и странство и издавање и администрирање платежни средства.

Деловната линија "Услуги како агент" ги вклучува следниве активности: давање услуги на банка-чувар на имот и други слични услуги на чување и администрирање финансиски средства во име и за сметка на клиентот.

Деловната линија "Управување со средства" опфаќа: управување со средства и портфолио на хартии од вредност по налог и за сметка на клиентот, управување со фондови за зеднички вложувања (инвестициски и пензиски фондови), и останати облици на управување со средства.

Во деловната линија "Брокерски услуги на мало" се вклучени активностите како што се: прием и извршување налози за трансфер на еден или повеќе финансиски инструменти коишто не се вклучени во деловната линија „тргување и продажба“ и извршување налози во име и за сметка на клиенти, спроведување понуда и продажба на финансиски инструменти без обврска за нивен откуп.


Вкупното капитално издвојување за одредена банка се пресметува како прост збир од капиталните издвојувања за секоја деловна линија. [20]

Пристап на напредно мерење[уреди]

Со воведувањето на пристапот на напредно мерење, Базелскиот комитет дава можност потребното ниво на капитал за покривање на оперативниот ризик да се утврдува со користење интерен модел за мерење на оперативниот ризик. Банката којашто го применува овој пристап развива интерен модел за утврдување на потребното ниво на капитал, врз основа на сопственото искуство и податоците со кои располага за износот на остварени загуби по одредени деловни линии. Овој модел треба да овозможи утврдување на очекуваните и неочекуваните загуби коишто банката може да ги оствари како последица на изложеноста на оперативен ризик. Збирот на капиталот потребен за покривање на очекуваните и неочекуваните загуби го дава вкупниот капитал којшто банката треба да го издвои заради покривање на оперативниот ризик. Банката може да издвои потребен износ на капитал само за покривање на неочекуваните загуби, доколку може да покаже дека очекуваните загуби се соодветно покриени на друг начин (пр. издвојување посебна резерва за одреден вид ризични настани, соодветно вклучување на можноста од измама или кражба во цената по која банката нуди одредени производи и слично). Очекуваните загуби се определуваат врз основа на просечниот износ на загуби на банката во точно определен минат период. Овој вид загуби ги вклучуваат загубите остварени врз основа на ризични настани со висока веројатност и фреквентност на настанување, без разлика на висината на остварените загуби, при што најчести се загубите коишто често се случуваат (висока фреквентност), но се со низок износ (high frequency/low severity). Неочекуваните загуби ги вклучуваат загубите остварени врз основа на ризични настани коишто ретко се случуваат во практиката, но се со висок износ (low frequency/high severity). За дефинирање на нивото на очекувани и неочекувани загуби може да се користи функцијата на нормална распределба (normal distribution). Сите загуби коишто се движат околу аритметичката средина (μ) со интервал на доверба од 99,9%, се сметаат за очекувани загуби. Сите загуби коишто во рамките на нормалната распределба се надвор од дефинираниот интервал на доверба, претставуваат неочекувани загуби за банката врз основа на изложеност на оперативен ризик. Примената на пристапот на напредно мерење е предмет на согласност од националниот супервизор. За добивање на потребната согласност, банката треба да исполни три вида критериуми/стандарди: генерални, квалитативни и квантитативни. Генералните критериуми се целосно идентични со основните критериуми коишто се однесуваат на примената на стандардизираниот пристап. Пред да може овој пристап да се користи за регулаторни цели, супервизорот има право да утврди период на почетно следење на примената. Во овој период супервизорот ја тестира соодветноста и реалноста на моделот којшто ќе го применува банката. Квалитативните критериуми се во голема мера идентични со дополнителните критериуми коишто треба да ги исполнат банките за примена на стандардизираниот пристап. Овие квалитативни критериуми се однесуваат на начинот на организирање и функционирање на системот на управување со оперативниот ризик, при што предвидува детални елементи коишто мора да ги содржи системот на управување со оперативниот ризик на банката. Квантитативните критериуми за примена на пристапот на напредно мерење се однесуваат на воспоставување соодветна база на податоци за остварени загуби врз основа на кои ќе можат да се утврдат очекуваните и неочекуваните загуби од изложеноста на оперативен ризик. Банката може да ја формира оваа база на податоци со користење различни извори. Основни извори на податоци се: внатрешни податоци, надворешни податоци, сценарио-анализи и деловно опкружување и интерни контролни системи на банката. Банката е должна да го утврди степенот на користење на секој одделен извор на начин којшто ќе овозможи реално утврдување на можните загуби од изложеноста на оперативен ризик. Степенот на користење на одделните извори треба да биде транспарентен, документиран и доследен. [21]

Политика на управување со оперативниот ризик[уреди]

Имајќи го в предвид опфатот и важноста на оперативниот ризик, потребно е да се воспостави системски процес кој ќе опфаќа негова идентификација, мерење и управување. Процесот на управување со оперативниот ризик ги вклучува следниве чекори:

  1. Политика и организација
  2. Идентификација и процена
  3. Алокација на капитал и мерење на перформанси
  4. Избегнување и контрола на ризик
  5. Трансфер и финансирање на ризик [22]

Политика и организација[уреди]

Како прв чекор, компанијата треба да воспостави политика за управување со оперативниот ризик кој дефинира што треба да се постигне, вклучувајќи го и тоа како е организиран за да ги постигне поставените цели. Политиката за управување со оперативниот ризик треба да вклучи:

  • Принципи на менаџментот за оперативен ризик. Кој е филозофијата и принципите кон оперативниот ризик? Така, како и кај пазарниот и кредитниот ризик, еден заеднички принцип може да биде транспарентноста. Во поглед на оперативниот ризик од суштинско значење е информациите за неповолните настани да се адресираат навреме, пред неповолниот настан да се развие во криза.
  • Дефинирање и утврдување на опфатот на оперативниот ризик. Погоре се споменати две дефинирања за оперативниот ризик кои влијаат на пристапите за негово мерење. Потребно е понатака да се утврди опфатот на оперативниот ризик, односно што е вклучено, а што не.
  • Поставување на цели. Менаџментот треба да ги утврди главните цели(пр. Зголемување на ефективноста и ефикасноста на основните деловни процеси) и специфичните цели кои треба да се постигнат(пр. 20% намалување на оперативните загуби и сл.)
  • Процеси и орудија на оперативниот ризик. Овој дел од политиката ги утврдува поширокиот корпоративен процес и орудијата кои се очекува да се усвојат како што се процена на ризик, мерење и управување. На овој начин, конзистентниот пристап кон оперативниот ризик се употребува базирано на општи апликации и стандарди за овие процеси и орудија.
  • Организациона структура. Политиката треба да ја документира организационата структура за управување со оперативниот ризик. Кои се клучните комитети, членства и сегменти во организационата структура? Каков е начинот на известување помеѓу бордот,менаџментот на врвно ниво, линискиот менаџмент и менаџментот на ризиците?
  • Улоги и одговорности. Имајќи ја во предвид комплексноста на оперативниот ризик, од големо значење е јасно да се дефинираат специфичните улоги и одговорности за секој аспект на управување со оперативниот ризик. На највисокото ниво, одборот е одговорен за воспоставување на политиките и да се осигура дека се поставени соодветни ресурси и контроли. На најниско ниво, секој вработен е одговорен да биде добро известен за оперативниот ризик во кој се инволвирани и за проблемите кои би можеле евентуално да ескалираат. Понатака, улогите и одговорностите за различни менаџерски и други непредвидени функции потребно е да бидат воспоставени.

Кај најголемиот број компании, постојат голем број групи- група за управување со ризици, контролна група и некои непредвидени групи кои имаат некаква врска со управувањето со оперативниот ризик. Од особено значење е да бидат дефинирани специфичните знаења и одговорности за овие функции. Така менаџментот за управување со ризици треба да осигура дека е воспоставена целосна рамка за мерење и управување со оперативниот ризик. Стратегиското планирање треба да осигура дека деловните ризици се предвидени во деловниот план, како и во новите аквизициони стратегии и производни планови. Финансиите/ сметководството да осигураат временски распоред, прецизност и квалитет во евиденцијата како и деловните проекции и моделите на профитабилноста. Ревизијата да осигура дека деловните единици се усогласени со корпоративните политики и процедури. Правната служба да осигура дека деловните активности се во согласност со законите и регулативата. Информационите технологии треба да осигураат дека системите се заштитени, дека постои заштита на податоци и тн. Корпоративната заштита да осигура дека средствата на компанијата се одржуваат и се заштитени. [23] Постојат и други важни функции за управување со оперативниот ризик, како што се осигуруавњето, управувањето со квалитетот(six sigma), човечки ресурси и тн. Едно од клучните прашања е дали функцијата е примарно поставена како “консултантска” или “контролна” или и двете заедно. Така на пример, во најголем број компании групата за управување со оперативниот ризик делува главно како “консултантска” за врвниот менаџмент и деловните единици, ревизорската група пак делува како, “контролна”, а правната служба делува на двата начини. Други компании се борат да ги постават нивните ревизорски групи и како консултанти и како контролор, бидејќи првата улога може лесно да ја спречи независноста на втората. [24]

Идентификација и процена на ризикот[уреди]

Имајќи го во предвид широкиот опфат на оперативниот ризик, компанијата треба да употреби широк опфат на квантитативни и квалитативни орудија за процена, мерење и управување со оперативните ризици. Главните орудија за управување со оперативниот ризик се споменати погоре во делот за пресметка на оперативниот ризик. [25]

Алокација на капитал и мерење на перформанците[уреди]

Покрај идентификацијата и мерењето на ризикот, важно е да се поврзе ризикот со мерење на перформансите преку процесот на алокација на капитал. Тоа е износот на капитал кој служи како заштита во случај на појава на загуби по основ на одреден вид ризик. Овој концепт се применува во работењето на финансиските институции, особено во доменот на банкарството. За разлика од пазарниот и кредитниот ризик, каде методологиите за мерење на ризикот биле развивани и тестирани во подолг временски период, не постојат нашироко прифатени модели за оперативен ризик. Во селекцијата на методологиите, секоја методологија треба прво да ги постави целите и ресурсите и со оглед на нив да направи избор. Различните методологии доведуваат до различни интерпретации на оперативниот ризик и бараат различни инпути. Во услови каде нема единствена солуција, комбинација на методологии ќе овозможи слабостите на еден модел да се избалансираат со предносисте кои ги има некој друг, овозможувајќи развивање на поробустна целосна мерка. [26]

Ублажување и контрола на ризик[уреди]

Проценката и мерењето на оперативниот ризик е важно и насочено кон подобрување на управувањето со оперативниот ризик преку подобрување и контролирање на клучните фактори на ризикот. Едноставно кажано, целта на управување со оперативниот ризик е да му помогне на менаџментот да ги постигнат клучните деловни цели. Откако рамката за мерење е поставена, следниот чекор е да се имплементира процес кој идентификува активности кои ги редуцираат загубите од оперативниот ризик. Овие активности вклучуваат додавање на човечки ресурси, зголемување на обуката и развојот, подобрување или автоматизирање на процесите, промена на организационата структура и стимулансите, воведување на интерни контроли ( пр. Почест и опсежен мониторинг) и подобрување на системските способности. Клучно за ефективно ублажување на оперативниот ризик е да се воспостави накрсно- функционални брзо реагирачки тим кој ќе ги решава сите прашања од оперативниот ризик кои се појавуваат ( овие тимови уште се наречени “турбо тимови”, кои би реагирале кога индикаторите за оперативниот ризик ќе паднат под минимално прифатливото ниво и ќе го известат менаџментот за нивна процена и акциите во рамки неколку дена или недели ). Исто така, мора да се развие механизам за процена и за давање на приоритет на потенцијални подобрувања. Кост- бенефит анализата и процената на спремноста се корисни орудија кои треба да се вклучат во процесот на евалуација. [27] Покрај ублажувањето на ризикот преку оперативниот процес и контролите, постојат и одредени финансиски решенија кои треба да се земат во предвид. Компанијата може да воспостави резерви за да ги покријат очекуваните оперативни загуби. Овие резерви претставуваат форма на само- осигурување. Очекуваните загуби треба да се вметнат во вреднувањето на производот. Пазарниот и кредитниот ризик се веќе инкорпорирани во цената на трансакциите. Вклучување на прилагодување за оперативен ризик овозможува добивање на посеопфатна слика и овозможува попрецизно вреднување прилагодено на ризик. [28]

Трансфер и финансирање на ризикот[уреди]

Постои значителна разлика помеѓу трансфер и финансирање на ризикот. Трансфер на ризик постои кога некое трето лице осигурувач ја превзема загубата, додека пак кај финансирањето на ризикот осигурителната компанија врши обештетување, но понекогаш бара обештетување. Економскиот капитал и приносот на капиталот прилагодени на ризикот исто така се корисни орудија за процена на влијанието на различни стратегии за трансфер на ризикот. Така, во спроведувањето на некоја стратегија за трансфер на ризик, економските користи вклучуваат пониски очекувани загуби и редуцирана волатилност на загубите, додека економските трошоци ја вклучуваат премијата за ризик како и зголемената кредитна изложеност кон друго лице. [29]

Наводи[уреди]

  1. Bank for international settlements(2006) International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards. Basel Committee on Banking Supervision. p. 144
  2. "Одлука за управување со ризици", Службен весник на РМ бр. 31/2008.
  3. "Одлука за управување со ризици", Службен весник на РМ бр. 42/2011.
  4. НБРМ, "Супервизорски циркулар бр. 10, Управување со оперативниот ризик", јули 2011.
  5. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје: Економски факултет, 2013, стр. 132.
  6. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје: Економски факултет, 2013, стр. 133.
  7. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје: Економски факултет, 2013, стр. 133.
  8. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје: Економски факултет, 2013, стр. 134.
  9. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје: Економски факултет, 2013, стр. 134.
  10. Fox, 2003
  11. Cruz, 2002
  12. Fabozzi, Rachev and Chernobai, 2007
  13. Stewart, 2011
  14. Bank for international settlements(2006) International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards. Basel Committee on Banking Supervision. p. 144
  15. Bank for international settlements (2006), International Convergence of Capital Measurement and Capital Standards. Basel Committee on Banking Supervision, p. 145.
  16. НБРМ; Одлука за адекватност на капиталот, 2012.
  17. Bank for international settlements (2006), "Results of the Fifth Quantitative Impact Study (QIS 5)", Basel Committee on Banking Supervision.
  18. НБРМ, "Супервизорски циркулар бр 10 - Управување со оперативниот ризик", јули 2011, стр. 12.
  19. НБРМ, "Одлука за адекватност на капиталот", 2012.
  20. Bank for international settlements (2001), "Consultative Document: Operational Risk", Basel Committee on Banking Supervision.
  21. Супервизорски циркулар бр 10- Управување со оперативниот ризик, јули 2011, стр 16-17
  22. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 137
  23. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 138
  24. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 139
  25. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 139
  26. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 139
  27. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 139
  28. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 140
  29. Методија Несторовски, Менаџмент на ризикот, Скопје:Економски факултет, 2013, стр. 140