Камата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Камата (англиски: interest) е трошокот на позајмувањето или цената што се плаќа за позајмување средства. Износот кој се позајмува се нарекува главница, а процентот од каматата кој се плаќа на главницата е каматна стапка.[1]

Историски и етички аспекти на каматата[уреди]

Каматата е позната уште од најстарите цивилизации, како што е сумерската. Историските документи од времето на Сумерската цивилизација укажуваат на формализиран систем на кредитирање базиран на сребро и жито, две главни средства за плаќање. Среброто се употребувало како средство за плаќање во градовите, а житото во селата.

Според многу религии концептот на каматата е неетички. Причината е остварување приходи без труд. Поради ова, каматата е делумно забранета во Христијанството и Јудаизмот, додека пак во Исламот е целосно забранета.

Причини за постоење на каматата[уреди]

Има неколку причини поради кои се користи каматата:[2]

  • Чистата временска преференција кон сегашноста во однос на иднината – Луѓето едноставно повеќе сакаат да трошат сега, отколку тоа да го одлагаат за во иднина. Секој би сакал да има богатство како дваесетгодишник, наместо тоа да го има на шеесетгодишна возраст
  • Стравот, неизвесноста од иднината – Иднината е неизвесна. Ветувањето за идни приливи ги прави луѓето попретпазливи во однос на оној што им ги ветил парите.
  • Инфлација – Инфлацијата,намалувањето на вредноста на парите е нормална и редовна појава во последниве децении секаде во светот. Поради тоа, 100 парични единици денес ќе вредат реално помалку по една или повеќе години доколку постои инфлација, а особено доколку таа е со повисока стапка.
  • Можност за инвестирање (опортунитетен трошок) – Доколку денес располагам со одреден паричен износ, имам можност истиот да го вложам, и со тоа, по истекот на одреден временски период да располагам со повеќе пари отколку што сум имал на почетокот.

Видови на камата[уреди]

Постојат неколку видови на каматни стапки:[3]

  • Номинална каматна стапка – Номинална каматна стапка е каматната стапка што стои во договорот помеѓу кредиторот и должникот, и не ја зема во предвид инфлацијата
  • Реална каматна стапка – Реалната каматна стапка се разликува од номиналната по тоа што ја зема во предвид и очекуваната инфлација, со цел поточно да го рефлектира вистинскиот трошок на позајмувањето. Ова е каматната стапка што е најважна за донесување на економски одлуки. Реалната каматна стапка прецизно се дефинира преку Фишеровата равенка, според која реалната каматна стапка е еднаква на номиналната каматна стапка минус очекуваната стапка на инфлација
  • Ефективна каматна стапка – Ефективна каматна стапка е износот кој што кредиторот ефективно го добива, после одбивањето на данокот и други евентуални трошкови.

Значењето на каматата[уреди]

Каматните стапки се значајни на многу различни нивоа. На персонално ниво, високите каматни стапки можат да ве одвратат од купување куќа или автомобил ако трошокот за финансирање на таквата активност е висок. Од друга страна, високите каматни стапки можат да ве стимулираат да штедите, бидејќи во таков случај би заработиле поголема камата преку претворање на дел од вашите заработки во заштеди. На погенерално ниво, каматните стапки имаат влијание врз целокупното здравје на економијата, бидејќи тие не влијаат само врз подготвеноста на потрошувачите да трошат или да штедат, туку и врз одлуките за бизнис-инвестиции.[4]

Наводи[уреди]

  1. Фредерик С. Мишкин, Економија на пари,банкарство и финансиски пазари, Скопје; Магор,2010,стр.4
  2. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје;Економски факултет,2008,стр.95-96
  3. Фредерик С. Мишкин, Економија на пари,банкарство и финансиски пазари, Скопје; Магор,2010,стр.87
  4. Фредерик С. Мишкин, Економија на пари,банкарство и финансиски пазари, Скопје; Магор, 2010, стр. 4.