Базел II

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Базел II (англиски: Basel II) претставува нова базелска спогодба, којашто е наследник на првата спогодба за капиталот (сега веќе е проширена и заменета со Базел III). Новата базелска капитална спогодба претставувала еден од најголемите предизвици пред кои се наоѓала банкарската супервизија на меѓународно ниво. Станува збор за комплексна методологија за утврдување на адекватноста на капиталот, којашто во голема мера одговара и произлегува од тековните состојби на меѓународните финансиски пазари. Имено, појавата и развојот на новите банкарски производи и инструменти и новите методи за управување со банкарските ризици наметнале потреба за сериозни промени во постојната Капитална спогодба од 1988 година, со која се воспоставуваат основните принципи за утврдување на потребниот износ на капитал за покривање на ризиците на кои е изложена една банка во своето работење. Како резултат на ваквите движења и промени, Базелскиот комитет за банкарска супервизија во 1999 година го започнал процесот на ревизија на Капиталната спогодба, заради развивање на нова рамка за утврдување на капиталната база. Во 2004 година, Базелскиот комитет го усвоил конечниот текст на Новата капитална спогодба, Базел II, а нејзината целосна примена во развиените земји била предвидена да започне кон крајот на 2007 година. По нејзиното донесување, во голем број земји од светот започнале активности за воведување и примена на одредбите на новата спогодба.[1]

Цели на Базел II[уреди]

Новата капитална спогодба, Базел II, пред себе ги поставила следните цели:

  • Сигурност дека алокацијата на капиталот е повеќе сензитивна на ризикот;
  • Подобрување на барањата за транспарентност, што ќе придонесе учесниците на пазарот да ја проценат адекватноста на капиталот;
  • Осигурување дека кредитниот, оперативниот и пазарниот ризик се квантифицирани врз основа на соодветни податоци и техники;
  • Обид за подобро усогласување на економскиот и регулаторниот капитал со цел да се намали обемот на регулаторна арбитража.

И покрај настојувањата да се следат овие цели, сепак постојат одредени отстапувања во поглед на потребната големината на капиталот.

Структура на Базел II[уреди]

Структурата на Базел II ја сочинуваат 3 столба, дефинирани како: минимум потребен капитал, надзор над адекватноста на капиталот и пазарна дисциплина.[2]

Прв столб: Минимум потребен капитал[уреди]

Во првиот столб се дефинираат основните компонетите кои што се користат за утврдување на адекватноста на капиталот: гарантниот капитал и ризично пондерираната актива. Новата капитална рамка предвидува промени во начинот на утврдување на ризично пондерираната актива, додека начинот на утврдување на гарантниот капитал останува ист како и во постојната капитална рамка. Промените во утврдувањето на ризично пондерираната актива се однесуваат на промени во третманот на кредитниот ризик и на вклучувањето на оперативниот ризик. Вклучувањето на оперативниот ризик во основата за пресметка на капиталната база, претставува една од најзначајните новини на Базел II. Оперативниот ризик е многу значаен ризик на кој што се изложени банките, поради што тие треба да имаат соодветна заштита од евентуалните загуби кои што би можеле да настанат како резултат на овој ризик. Оттука, предвидена е примена на три различни методологии за вклучување на оперативниот ризик во утврдувањето на капиталната база:

  1. базичен индикатор;
  2. стандарден пристап; и
  3. интерна проценка.

Втор столб: Надзор над адекватноста на капиталот[уреди]

Вториот столб содржи процес на супервизија на адекватноста на капиталот, како и модели и методи кои банките ги користат за управување со ризиците. Институциите за супервизија треба да утврдат дали банките формираат адекватен капитал во согласност со прописите. Овие институции ги контролираат и интерните методи кои банките сами ги креирале и усвоиле. Тие обично очекуваат од банките да ја одржуваат адекватноста на капиталот на ниво повисоко од пропишаното, минималното, односно на ниво кое одговара на ризиците на кои е изложена конкретната банка. Така, супервизорите треба да ги поттикнат банките самостојно да ги мерат и контролираат ризиците, преку изградба на внатрешни системи, процедури и стратегии.

Трет столб: Пазарна дисциплина[уреди]

Третиот столб ја истакнува големата улога на пазарот во контролата на профилот на ризичност на банките. Тој се однесува на принципите на пазарна дисциплина, кои ги обврзуваат банките нивните релевантни информации за ризиците на банката, да бидат достапни за јавноста. Овие информации им даваат можност на останатите учесници на пазарот да имаат увид и оценка за управувањето со ризиците и капиталот на банката. Утврдена е и обврска ваквите информации да се обелоденуваат годишно или полугодишно, а некои тоа го прават и квартално, преку објавување на соодветните политики кои ги води банката, целите, управувањето со ризикот и слично.

Стапка на адекватност на капиталот[уреди]

Во однос на пресметката на стапката на адекватност на капиталот, Базел II бара, покрај кредитниот и пазарниот ризик, банките да обезбедат соодветно ниво на капитал и за покривање на оперативниот ризик. Што се однесува до пазарниот ризик, во Новата базелска спогодба се вклучени дополнувањата од 1996 година. Од друга страна, Базел II носи низа измени во поглед на кредитниот ризик, т.е. банките имаат право да избираат меѓу три начини на мерење на потребниот капитал за покривање на кредитниот ризик:

  1. стандардизиран пристап;
  2. основен пристап заснован врз внатрешно рангирање; и
  3. напреден пристап заснован врз внатрешно рангирање.

На тој начин,стапката на адекватност на капиталот според Базел II се пресметува така што капиталот на ниво 1 и 2 се дели со збирот на кредитниот, пазарниот и оперативниот ризик.[3]

Базел II и глобалната финансиска криза[уреди]

Улогата на Базел II, пред и после глобалната финансиска криза, била предмет на постојана дискусија. Како резултат на глобалната финансиска криза којашто започнала во 2007 година некои истакнувале дека таа всушност ги покажува недостатоците на рамката на Базел II, а други, пак, ја критикувале за зголемување на ефектите од кризата. Во претходните неколку години националните финансиски регулатори и меѓународните финансиски организации преземале значајни активности за зајакнување на финансискиот систем и зголемување на неговата отпорност. Како дел од тие активности, од особено значење се активностите на Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Од појавата на кризата до денес, Комитетот изработил повеќе предлози за унапредување на постојната капитална рамка и зајакнување на прудентните стандарди и направил измени во различни делови од спогодбата. Во таа насока се и последните измени на Базелската капитална спогодба, познати како Базел III, коишто ги усвоил највисокиот орган на Базелскиот комитет во август и септември 2010 година. Комитетот тврдел дека новите стандарди ќе водат кон подобар квалитет на капиталот, зголемена покриеност на ризикот и зголемена ликвидност покрај останатите придобивки.[1]

Ноут Велинк, поранешен претседател на Комитетот, во 2009 година напишал статија во која ги истакнал стратешките активности кои треба да ги преземе Комитетот како одговор на настанатата криза. Тој предложил поцврста регулаторна рамка која се состои од пет клучни компоненти:

  • подобар квалитет на регулаторниот капитал;
  • подобро управување и супервизија на ликвидноста;
  • подобро управување со ризикот и супервизијата, вклучувајќи подобрени насоки во вториот столб;
  • подобрување на транспарентноста, која е најважен елемент на третиот столб, а се однесува особено на секјуритизацијата, вонбилансните изложувања и активностите поврзани со тргувањето; и
  • поголема прекугранична супервизорска соработка.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 Нова капитална спогодба (Базел II), НБРМ.
  2. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 275
  3. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 276