Базел III

Од Википедија — слободната енциклопедија

Базел III претставува надополнување на Новата базелска спогодба со која се утврдуваат единствени меѓународни правила за регулација на банките.

Историјат[уреди | уреди извор]

Врз основа на договорот постигнат на состанокот на Управното тело на Базелскиот комитет, одржан на 6 септември 2009 година, во декември истата година, Базелскиот комитет објавил консултативен документ со наслов „Зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор“ (Consultative Document: Strengthening the resilience of the banking sector) во кој понудил неколку предлози за зајакнување на капиталот и ликвидноста, со цел да обезбеди поотпорен банкарски систем:[1]

  1. Јакнење на глобалната капитална рамка, со ревидирање и јакнење на трите столбови утврдени со капиталната спогодба Базел II: зголемување на квалитетот, транспарентноста и конзистентноста на капиталната база; подобрување на покриеноста на ризиците; дополнување на потребниот капитал со стапка на задолженост; намалување на процикличноста и промовирање на противцикличен заштитен слој на капиталот; системски ризик и поврзаноста меѓу финансиските институции.
  2. Воведување на глобален минимум ликвидносен стандард.
  3. Проценка на влијанието и баждарење.

Во текот на јавната расправа биле добиени коментари и забелешки од речиси 300 различни финансиски институции и организации, а Базелскиот комитет спроведол анализа за макроекономското влијание на предложената реформа. Врз основа на добиените коментари и извршената анализа, во јули 2010 година, Групата на гувернери на централните банки и раководители на супервизорските органи (The Group of Governors and Heads of Supervision) ја прифатила предложената реформа. Во ноември 2010 година, на самитот на Г-20 во Сеул се усвоила последната верзија на капиталната спогодба, позната како Базел III, а еден месец подоцна, таа била одобрена на состанокот на Базелскиот комитет

Содржина на Базел III[уреди | уреди извор]

Базел III се состои од два документа: „Базел III: Глобална регулаторна рамка за поотпорни банки и банкарски системи“ (A global regulatory framework for more resilient banks and banking systems)[2] и „Базел III: Глобална рамка за мерење и следење на ликвидносен ризик и стандарди за ликвидносен ризик“ (International framework for liquidity risk measurement, standards and monitoring).[3] Со првиот документ била воведена стапката на задолженост која треба да служи како комплементарна мерка заедно со стапката на адекватност на капиталот. Исто така, биле воведени макропрудентни елементи во капиталната рамка, со цел да се намали ризикот од процикличност и поврзаност меѓу финансиските институции. Најпосле, во овој документ е содржана и времената рамка со роковите за имплементирање на капиталниот стандард Базел III. Вториот документ ги претставува реформите за зајакнување на ликвидноста на банките која била сериозно нарушена за време на Глобалната финансиска криза од 2008 година. Во декември 2010 година, Базелскиот комитет ги објави првите две хармонизирани ликвидносни стапки: стапката на покриеност на ликвидноста (Liquidity Coverage Ratio) и стапката на нето-стабилни извори на финансирање (Net Stable Funding Ratio). На 7 јануари 2013 година, Базелскиот комитет го објавил финалниот стандард за стапката на покриеност на ликвидноста наведен во документот „Стапка на покриеност на ликвидноста и алатки за следење на ризикот од неликвидност“ (The Liquidity Coverage Ratio and liquidity risk monitoring tools),[4] а во јануари 2014 година го објавил консултативниот документ за стапката на нето стабилно финансирање, со наслов „Стапка на нето стабилно финансирање“ (Consultative Document: The Net Stable Funding Ratio).[5]

Прв столб[уреди | уреди извор]

Во првиот столб се направени неколку значајни промени:[6][7]

  • Структурата на компонентите на капиталот е намалена од шест на три категории, а нивоата на адекватност на капиталот се намалени од три на две. Хибридните капитални инструменти се исклучени од дефиницијата на регулаторниот капитал, а во основниот капитал е ставен поголем фокус на акционерскиот капитал (обични акции и задржана добивка), отколку на инструментите со должнички одлики и понизок квалитет. Понатаму, минималниот однос помеѓу редовниот основен капитал (акционерски капитал) и активата пондерирана според ризиците е зголемен од 2% на 4,5%. а соодветно, стапката на вкупниот основен капитал (Tier 1) е зголемена од 4% на 6%, додека вкупната стапка на адекватност на капиталот остана непроменета (8%).
  • Со Базел III се воведени два дополнителни слоја на капитал: „слој за зачувување на капиталот“ (capital conservation buffer) од 2,5% и „противцикличен заштитен слој на капиталот“ (countercyclical buffer) од 0% ~ 2,5%, кои се дел од акционерскиот капитал (Common equity tier 1 capital). Со воведувањето на овие два слоја, вкупниот редовен основен капитал се зголеми на најмалку 7%, додека во случај на воведување на максималната стапка на противцикличен капитал, акционерскиот капитал може да достигне 9,5% од активата пондерирана според ризиците. Според тоа, вкупниот основен капитал (Tier 1 capital) се зголеми на најмалку 8,5% од активата пондерирана според ризиците (11% доколку се примени повисоката стапка на противцикличен капитал) а вкупниот износ на сопствени средства се зголеми на 10,5% (13% при максималната стапка на противцикличен капитал). На тој начин, иако со Базел III не е изменета минималната висина на стапката на адекватност на капиталот од 8%, преку воведувањето на дополнителните износи на потребен капитал, висината на оваа стапка се зголеми најмалку за 2,5 процентни бодови.
  • Зголемување на потребниот капитал за покривање на изложеностите што се покажаа како најризични за време на финансиската криза од 2007 година: ризикот на другата договорна страна (зголемување на капиталните барања за изложеностите што потекнуваат од трансакции со деривативи, репо-трансакции, трансакции на финансирање на хартии од вредност и вклучување на стрес-тест при определување на потребниот капитал), изложеноста на банките на пазарите преку шалтер, изложеноста кон големи финансиски институции и секјуритизацијата (повисоки пондери за ризик за ресекјуритизираните изложености и за секјуритизациите евидентирани во портфолиото за тргување).
  • За системски значајните банки (systemically important banks), без разлика дали се системски значајни на глобално ниво или во рамки на земјата каде функционираат, Базел III предлага дополнителен основен капитал, заштитен слој за апсорпција на загубите во обем од 1 до 3,5% (во зависност од значајноста на банката), зголемен капитал за вонредни околности и зајакнати мерки за прекуграничната супервизија и резолуција. Базелксиот комитет има развиено методологија која вклучува квантитативни индикатори и квалитативни елементи за идентификување на системски значајните банки. Значајноста на банките се одлучува врз основа на големината на банката, интеграцијата со финансиските пазари и влијанието кое финансиската нестабилност на овие банки врз националните и глобалните финансиски пазари.
  • Најпосле, со Базел III се воведе нов показател - стапката на задолженост која претставува однос на капиталот (основен капитал) и билансната и вонбилансната актива (вклучувајќи ги и дериватите) на банката, а која треба да изнесува 3%.
Ниво на потребниот капитал за покривање на ризиците според Базел III[6]
Акционерски капитал Основен капитал Вкупен капитал
1. Минимум 4,5 % 6 % 8%
2. Заштитен слој за зачувување на капиталот 2,5 %
1 + 2 7 % 8,5 % 10,5 %
Противцикличен заштитен слој 0 5 - 2,5 %
Вкупно 7 % - 9,5 % 8,5 % - 11 % 10,5 % - 13 %

Регулаторен капитал[уреди | уреди извор]

Според Базел III, регулаторниот капитал се состои од две категории:

  • Основен капитал (Tier 1 Capital), кој се состои од две ставки: редовен основен капитал (Common Equity Tier 1 Capital) и дополнителен основен капитал (Additional Tier 1 Capital).
  • Дополнителен капитал (Tier 2 capital).

Притоа, минималното ниво на вкупниот основен капитал (Tier 1) е зголемено на 6% од активата пондерирана според ризиците при што редовниот основен капитал мора да биде најмалку 4,5%. Вкупниот капитал на банката (Tier 1 плус Tier 2) мора да изнесува најмалку 8% од активата пондерирана според ризиците. Оттука, според Базел III, основниот капитал (Tier 1) треба да сочинува најмалку 75% од вкупниот капитал, а дополнителниот (Tier 2) капитал само 25%. Во рамките на основниот капитал, поголем акцент е ставен на акционерскиот капитал (обичните акции и задржаната добивка), отколку на инструментите со должнички одлики. Минималниот однос меѓу редовниот основен капитал и активата пондерирана според ризиците е зголемена од 2% на 4,5%, а минималната стапка на основниот капитал (Tier 1) е зголемена од 4% на 6%, додека вкупната стапка на адекватност на капиталот остана непроменета (8%). Во споредба со Базел II, Базел III целосно ја исклучи категоријата дополнителен капитал (Tier 3 Capital), која ја сочинуваа инструментите за покривање само на пазарните ризици.

Aкционерскиот капитал (Common Equity Tier 1 Capital) е составен од следниве компоненти:[6]

  • обични акции издадени од банката кои ги исполнуваат критериумите за класификација како обични акции за регулаторни потреби;
  • премија од издавање на инструменти вклучени во акционерскиот капитал;
  • задржана добивка;
  • акумулирана останата сеопфатна добивка и други откриени резерви;
  • обични акции издадени од консолидирани подружници на банката кои се во сопственост на трета страна (малцинско учество), кои ги исполнуваат критериумите за вклучување во акционерскиот капитал;
  • регулаторни приспособувања кои се применуваат во пресметката на акционерскиот капитал.

Во дополнителниот основен капитал (Additional Tier 1 capital) се вклучени следниве ставки:[6]

  • инструменти издадени од банката кои ги исполнуваат критериумите за вклучување во додатниот основен капитал, а не се вклучени во основниот редовен капитал;
  • премии од издавање на инструменти вклучени во дополнителниот основен капитал;
  • инструменти издадени од консолидирани подружници на банката кои се во сопственост на трета страна и ги исполнуваат условите за вклучување во дополнителниот основен капитал, а не се вклучени во основниот редовен капитал; и
  • регулаторни приспособувања кои се применуваат во пресметката на дополнителниот основен капитал.

Притоа, ставките од дополнителниот основен капитал треба да ги исполнува следните услови:[6]

  • да бидат издадени и уплатени;
  • да бидат субординирани во однос на депонентите, генералните кредитори и субординираниот долг на банката;
  • да не се осигурани ни гарантирани од издавачот што правно или економски ја подобрува предноста на побарувањето во однос на кредиторите на банката;
  • да немаат рок на доспевање, некоја опција за повлекување или друга мотивација да се откупи;
  • да можат да бидат повлечени по 5 години од датумот на издавање (по претходна дозвола од надлежниот супервизорски орган);
  • секоја отплата на главница е предмет на одобрување од надлежниот супервизорски орган и банката не смее да создава слика дека такво одобрение ќе биде добиено;
  • да има дискреција за исплата на надоместокот што може да им се распредели на имателите на капиталните инструменти (банката мора да може да ја откаже исплатата на надоместокот и ваквото откажување нема да се смета за неисполнување на обврските);
  • големината на надоместокот не смее да биде поврзана со кредитниот ризик на банката, т.е. да зависи од перформансите на кредитното портфолио;
  • овие инструменти не смеат да се третираат како обврски и поради нив обврските да ги надминуваат средствата и да резултираат со несолвентност;
  • овие инструменти кои имаат сметководствен третман на обврски мора да бидат вклучени во апсорпција на загубите или преку фактор на претворање во обични акции или преку пренесување на загуби на нив;
  • инструментите не треба да бидат купени од банката ниту пак од поврзано лице со банката, или пак банката на индиректен начин да остварува контрола;
  • инструментите не треба да содржат одредби за компензирање на инвеститорите доколку се издаде нов инструмент со пониска цена.

Во дополнителниот капитал (Tier 2 Capital) се вклучуваат:[6]

  • инструментите кои ги исполнуваат условите за вклучување во дополнителен капитал, а не се вклучени во основниот капитал;
  • премијата од издавање на инструменти кои припаѓаат на дополнителниот капитал;
  • исправката на вредност која исполнува определени услови;
  • регулаторните приспособувања кои се применуваат во пресметката на дополнителниот капитал.

Притоа, за еден инструмент да може да се вклучи во дополнителен капитал треба да исполни повеќе услови:[6]

  • да биде издаден и е уплатен;
  • да биде субординиран во однос на депонентите и генералните кредитори на банката;
  • да не е осигуран или гарантиран од издавачот, со што ќе се добие повисок сениоритет во однос на кредиторите на банката;
  • да има рок на доспевање од минимум 5 години и износот што ќе се амортизира за потребите на пресметка на капиталот на банката ќе биде пропорционален;
  • да може да биде повлечен по 5 години од датумот на издавање (по претходна дозвола од надлежниот супервизорски орган);
  • инвеститорот не смее да ја забрза исплатата на идно плаќање, освен во случај на ликвидација;
  • големината на дивидендата/каматата не смее да биде поврзана со кредитниот ризик на банката, т.е. да зависи од перформансите на кредитното портфолио;
  • инструментот не треба да е купен од банката ниту пак од поврзано лице со банката, или пак банката на индиректен начин да остварува контрола.

Заштитен слој за зачувување на капиталот[уреди | уреди извор]

Дополнителниот износ за зачувување на капиталот може да се состои само од акционерски капитал (издавање акции и зголемување на задржаната добивка), при што мора да изнесува најмалку 2,5 % од активата пондерирана според ризиците. Доколку некоја банка падне под ова ниво на капитал, предвидени се ограничувања во однос на распределба на добивката на банката. Притоа, овие ограничувања зависат од нивото на редовниот основен капитал на банката. Ако банката има акционерски капитал помал од 7%, таа ќе мора да обезбеди дополнителен износ за зачувување на капиталот преку задржување на одреден процент од остварената добивка во првата наредна година. Ова значи дека во таков случај на банките им се забранети исплата на дивиденди, реоткуп на акции и исплата на бонуси за менаџментот и за вработените, или тоа можат да го направат само доколку го обезбедат потребниот капитал преку приватниот сектор.[6]

Задржување на добивката за обезбедување на заштитниот слој за зачувување на капиталот[6]
Акционерски капитал / актива пондерирана за ризиците Процент од добивката што се задржува
4,5 % - 5,125 % 100 %
5,125 % - 5,75 % 80 %
5,75 % - 6,375 % 60 %
6,375 % - 7 % 40 %
над 7 % 0 %

Противцикличен заштитен слој на капиталот[уреди | уреди извор]

Противцикличниот заштитен слој на капитал (countercyclical buffer) има за цел да ги заштити банките од идни потенцијални загуби кои би можеле да произлезат во периодите на рецесија, по периодот на прекумерна кредитна експанзија за кој се верува дека акумулира системски ризик. Овој вид дополнителен капитал може да се движи од 0 % - 2,5 % во однос на активата пондерирана според ризиците, во зависност од состојбите во кои се наоѓа националниот финансиски систем (висината ја утврдува секој национален супервизорски орган). Банките не се должни да издвојуваат ваков вид дополнителен капитал во текот на целиот економски циклус (како што е случајот со дополнителниот износ за зачувување на капиталот). Овој противцикличен заштитен слој на капиталот, банките можат да го користат во периодите на рецесија, а во тие услови националниот супервизор ја укинува обврската за исполнување на потребното ниво противцикличен капитал. За да им се даде на банките време на приспособување, обврската за издвојување на противцикличниот заштитен слој на капиталот централните банки треба да ја најават една година претходно. Со цел подетално да го објасни начинот на кој е замислено да функционира противцикличниот капитал, Базелскиот комитет во декември 2010 година издаде насоки за негова употреба. Противцикличниот капитал се издвојува над дополнителниот износ (заштитен слој) за зачувување на капиталот, а може да се состои единствено од акционерски капитал. Со Базел III е предвидено секоја земја членка на Базелскиот комитет да определи институција која ќе ја определува големината на противцикличниот заштитен слој на капитал.

Задржување на добивката за обезбедување на заштитен слој на капиталот во случај противцикличен заштитен слој на капиталот да изнесува 2,5%[6]
Акционерски капитал / актива пондерирана за ризиците Процент од добивката што се задржува
4,5 % - 5,125 % 100 %
5,125 % - 5,75 % 80 %
5,75 % - 6,375 % 60 %
6,375 % - 7 % 40 %
над 7 % 0 %
Минимални стапки на издвојување на противцикличен заштитен слој на капиталот[6]
Акционерски капитал / актива пондерирана за ризиците Процент од добивката што се задржува
во првиот квартал на лимитот 100 %
во вториот квартал на лимитот 80 %
во третиот квартал на лимитот 60 %
во четвртиот квартал на лимитот 0 %

Стапка на задолженост[уреди | уреди извор]

Во јануари 2014 година бил објавен документот „Базел III рамка за стапката на задолженост и барања за обелоденување“ (Basel III leverage ratio framework and disclosure requirements) со кој била воведена едноставна, транспарентна стапка на задолженост, како дополнителна мерка на стапката на адекватноста на капиталот. Подоцна, во април 2016 година, Базелскиот комитет го објавил консултативниот документ „Измена и дополнување на Базел III рамката за стапката на задолженост“ (Consultative Document: Revisions to the Basel III leverage ratio framework). Стапката на задолженост (Leverage Ratio) е наменета за:[8]

  • ограничување на зголемувањето на задолженоста во банкарскиот систем за да се избегнат дестабилизирачки процеси кои можат да му наштетат на финансискиот систем и на економијата
  • зајакнување на потребниот капитал заснован врз ризикот со едноставна, заштитна мерка која не е поврзана со ризикот.

Стапката на задолженост претставува однос меѓу основниот капитал и вкупната изложеност на банката, пресметана како збир на сите билансни изложености, трансакции на финансирање на хартии од вредност (на пример, репо-трансакции и трансакции на позајмување на хартии од вредност), вложувања во деривативи и вонбилансни изложености. Минималното ниво на стапката на задолженост е 3%, а таа се пресметува како квартален просек од месечните состојби на капиталот и вкупната актива (билансна и вонбилансна). Под капитал за пресметката на стапката на задолженост се смета основниот капитал при што одбитните ставки од основниот капитал не се земаат предвид при пресметката. Во вкупна актива се вклучуваат ставките од активата, евидентирани во сметководството. Во однос на вонбилансната актива, направени се определени измени за неусловно отповикливите вонбилансни обврски, односно обврски кои банката може да ги откаже во секој момент. За нив е предвидено да имаат фактор на претворање од 10%. Изложеноста на банката се пресметува врз основа на сметководственото мерење.[9]

Стапки на ликвидноста[уреди | уреди извор]

Базел III не донесе значителни промени во Вториот столб на Базел II (Pillar 2). Внатрешниот процес за оценка на адекватноста на капиталот (Internal Capital Adequacy Assessment Process, ICAAP), воведен од страна на Базел II, беше надграден со проширување за ризикот од концентрација, репутацискиот ризик, вонбилансната изложеност и стрес-тестирањето.

Меѓутоа, со Базел III беа воведени два показатела за ликвидноста на банката:

  • стапка на покриеност на ликвидноста (Liquidity Coverage Ratio), чија цел е банките да поседуваат минимално ниво на висококвалитетна актива за покривање на потребите за финансирање за период од 30 дена во услови на големи шокови (стрес-сценарија);
  • стапка на нето-стабилни извори на финансирање (Net Stable Funding Ratio), која има подолгорочен структурен карактер и обезбедува покривање на рочната неусогласеност на активните и пасивните позиции на банката.

Стапка на покриеност на ликвидноста[уреди | уреди извор]

Целта на стапката на покриеност на ликвидноста е банката да одржува соодветно ниво на неоптоварени, висококвалитетни средства кои во кризни ситуации едноставно и брзо ќе ги претвори во готовина за да ги задоволи своите потреби за ликвидност во временски период од 30 дена под претпоставка на значително стрес-сценарио. Тоа сценарио претставува комбиниран специфичен (идиосинкратичен) шок и пазарен шок, кои би предизвикале:[4]

  • одлив на значаен дел на депозити од населението;
  • делумно губање на неосигурени извори на финансирање на големите клиенти;
  • делумно губење на осигурени, краткорочни извори на финансирање со одредени колатерали и договорни страни;
  • дополнителни ликвидносни одливи поради намалување на кредитниот рејтинг за три степени;
  • зголемена нестабилност на пазарот која влијае на вредноста на колатералот или на неговиот квалитет, или доведува до дополнителни потреби од колатерал или доведува до други ликвидносни потреби;
  • непланирано повлекување на неискористени ликвидносни и кредитни линии кои банката ги одобрила на своите клиенти; и
  • потенцијална обврска за откуп на долг или исполнување на недоговорени обврски со цел да се ублажи репутацискиот ризик.

Стапката на покриеност на ликвидноста се пресметува како однос меѓу две компоненти:[4]

  • Залиха на висококвалитетна ликвидна актива во стресни услови
  • Вкупни нето парични одливи, пресметани согласни параметрите на сценариото

Врз таа основа, стапката на покриеност на ликвидноста (LCR) се пресметува според следнава формула:

LCR = Залиха на висококвалитетна ликвидна актива во стресни услови / Вкупни нето парични одливи во следните 30 календарски денови

Базел III бара стапката на покриеност на ликвидноста да биде поголема или еднаква на 100%, односно залихата на висококвалитетната ликвидна актива во стресни услови треба да биде најмалку иста како вкупните нето одливи во следните 30 календарски денови. Повеќето параметри од ликвидносните стандарди се меѓународно хармонизирани, меѓутоа може да се појават разлики во ликвидносниот третман во следниве случаи: стапката на одлив на депозити, потенцијални обврски за финансирање итн. Кога се пресметува стандардот на консолидирана основа, банкарската групација која се наоѓа надвор од матичната банка треба да ги применува параметрите за ликвидност донесени во домашната јурисдикција, со исклучок на параматерите што се однесуваат за депозитите на население и депозитите на малите и средни претпријатија. Ако банката не ги исполнува обврските за стапката на покриеноста на ликвидноста, таа мора до регулаторот да поднесе план со временска рамка за усогласување. Сè додека не е целосно усогласена, таа мора да го известува регулаторот на дневна основа. Редовно, банките треба да известуваат за овој показател еднаш месечно, но понекогаш регулаторот може да побара и почесто известување врз основа на состојбата во која се наоѓа банката. Регулаторот, исто така, може да бара институциите што имаат висок ликвидносен ризик во странска валута да даваат известување само за таа валута.

Залиха на висококвалитетна ликвидна актива[уреди | уреди извор]

Со цел некое средство да се квалификува во залиха на висококвалитетна актива треба да бидат исполнети неколку одлики, кои се класифицирани како: основни, пазарни и одлики прифатливи од централната банка:[4]

  • Основни одлики:
  • мал кредитен и пазарен ризик (средствата што се помалку ризични имаат тенденција да имаат поголема ликвидност);
  • да може да се изврши лесна и сигурна процена, вредноста на средствата да биде детерминирана со формула која лесно може да се пресмета врз основа на јавно достапни информации и да не зависи од силни претпоставки;
  • да постои ниска корелација со ризичните средства; и
  • средствата да котираат на развиени и признати пазари, одлика која ја зголемува транспарентноста на средствата и е важна за пореално определување на вредноста на средствата.
  • Пазарни одлики:
  • да постои активен и стабилен пазар каде се тргува со средствата со голем и разновиден број на учесници на пазарот;
  • релативно стабилни цени на средствата;
  • да постои таканаречен „лет кон квалитетот“, во случај на шок - побарувачката за овие средства да се зголемува.
  • Залихата на висококвалитетна ликвидна актива треба да биде прифатлива за централната банка, за одобрување на кредити преку ноќ или за дневни ликвидносни потреби

Покрај гореспоменатите одлики, сите средства во залихата на висококвалитетна актива треба да исполнат и некои оперативни барања:[4]

  • да не е ставена како колатерал или кредитно зајакнување на некоја трансакција
  • не треба да биде поврзана или употребена како заштита кај позициите за тргување
  • не треба да биде употребена како колатерал или кредитно зајакнување во структурните финансирања
  • не треба да биде одредена за покривање на оперативните трошоци

Структурата на високоликвидната актива за целите на пресметка на стапката ја чинат два вида на актива:[4]

  1. Актива од нивото 1, која може да биде вклучена без ограничувања
  2. Актива од нивото 2, која може да изнесува максимум 40% од вкупните залихи на високоликвидната актива; супервизорите можат да изберат да вклучат во рамки на активата од нивото 2 дополнителна класа на средства – актива од нивото 2Б. Овие средства не смеат да изнесуваат повеќе од 15% од вкупната залиха на високоликвидната актива; исто така, тие мора да бидат вклучени во севкупните 40% од активата од нивото 2.

Високоликвидната актива од нивото 1 ја сочинуваат следниве категории на средства:[4]

  • Готовина;
  • Резервите кај централната банка (вклучувајќи ја и задолжителната резерва), хартии од вредност кои претставуваат побарувања на/издадени или гарантирани од држави, централни банки, јавни државни претпријатија, БИС, Меѓународниот монетарен фонд, ЕЦБ, Европската комисија или мултилатерални развојни банки
  • Должнички хартии од вредност издадени од државата или централната банка во домашна валута во земјата во која е преземен ликвидносниот ризик или во матичната земја на банката, кои не се со пондер 0%, но служат за намалување на валутната позиција; и
  • Должнички хартии од вредност издадени од државата или централната банка во странска валута, кои не се со пондер 0%, до износот на нето паричните одливи во таа специфична странска валута, кои произлегуваат од работењето на банката во земјата во која е преземен ликвидносниот ризик.

Високоликвидната актива од нивото 2 ја сочинуваат средства структурирани во ниво 2А и ниво 2Б. Пазарната вредност на секоја ставка од нивото 2А подлежи на корективен фактор од 15%. Активата од нивото 2А ја сочинуваат следниве категории на средства:[4]

  • Хартии од вредност кои претставуваат побарувања на/издадени или гарантирани од држави, централни банки, јавни државни претпријатија или мултилатерални развојни банки и задоволуваат одредени услови
  • Квалификувани корпоративни должнички хартии од вредност или покриени обрзници кои задоволуваат одредени услови

Пазарната вредност на секоја ставка од нивото 2Б подлежи на поголем корективен фактор. Активата од Нивото 2Б ја сочинуваат следниве категории на средства:[4]

  • Покриени хартии од вредност со хипотеки на станбени кредити кои задоволуваат одредени услови, можат да се вклучат во активата од нивото 2Б при што пазарната вредност им подлежи на корективен фактор од 25%
  • Квалификувани корпоративни должнички хартии од вредност кои задоволуваат одредени услови, а кои можат да се вклучат во активата од нивото 2Б и пазарната вредност со корективен фактор од 50%
  • Квалификувани обични акции кои задоволуваат одредени услови, а кои можат да се вклучат во активата од нивото 2Б и пазарната вредност им подлежи на корективен фактор од 50%

Вкупни нето парични одливи во наредните 30 календарски денови[уреди | уреди извор]

Вкупните нето парични одливи се дефинирани како разлика помеѓу вкупните очекувани парични одливи и вкупните парични приливи во наведеното стрес-сценарио во следните 30 календарски денови. Притоа, вкупните очекувани парични одливи се пресметуваат како производ на салдото на одливите на различните категории на обврски (билансни и вонбилансни), кои треба да се случат во наредните 30 дена, и стапките по кои се очекува да бидат повлечени или потрошени. Вкупните очекувани приливи се пресметуваат со множење на салдото на различни категории на побарувања со стапките по кои се очекува од нив да се движат во рамки на сценариото. Вкупните очекувани приливи се ограничени на 75 % од вкупните очекувани парични одливи, а тоа треба да обезбеди покриеност на одливите со најмалку 25 % висококвалитетна ликвидна актива. Очекуваните парични одливи се делат во четири категории:[4]

  1. Депозити на населението - повлекување на дел од депозитите на население по видување и орочени до 30 денови. Овие депозити се поделни во две групи: „стабилни“ и „помалку стабилни“ депозити. „Стабилните“ депозити имаат стапка на повлекување од 3 %, а основен предуслов е да бидат целосно осигурани и да ги исполнуваат дополнителните критериуми на шемата за осигурување на депозити. „Стабилните“ депозити на население кои не ги исполнуваат дополнителните критериуми на шемата за осигурување на депозити имаат стапка на повлекување 5 %. „Помалку стабилните“ депозити на население имаат стапка на повлекување 10 % или повеќе. Ако банката не е во можност лесно да идентификува кои депозити на население се квалификуваат во „стабилни“, според критериумите наведени погоре, целиот износ треба да го смести во „помалку стабилните“, според утврдените прагови за стабилност.
  2. Необезбедени големи извори на финансирање (депозити од правни лица, вклучувајќи и депозити од мали и средни претпријатија). Депозитите по видување и орочените депозити со помалку од 30 дена рок на доспевање на мали и средни претпријатија се третираат како депозитите на население. Тие се делат на „стабилни“ со стапка на повлекување од 5 % и „помалку стабилни“ со стапка на повлекување од 10 %; Оперативните депозити генерирани од активности клиринг, чување и управување со готовина (clearing, custody, cash management) имаат стапка на повлекување од 25 %. Депозитите во институционална мрежа на кооперативни банки, односно депозитите од централизираните институции или специјализираните даватели на услуги имаат стапка на повлекување од 25 % или 100 %. Необезбедените големи извори на финансирање обезбедени од нефинансиски корпорации, држави, централни банки, мултилатерални развојни банки и јавни претпријатија имаат стапка на повлекување од 20 % или 40 %. Необезбедените големи извори на финансирање обезбедени од финансиски институции (вклучувајќи банки, осигурителни компании, итн) и други клиенти правни лица имаат стапка на повлекување од 100 %.
  3. Обезбедени извори на финансирање (репо и обратни репо-трансакции) - тука може да се вбројат обврските што се обезбедени со законски права на посебни средства во сопственост на институција која позајмува средства од банката во случај на банкрот, инсолвентност или ликвидација. Во зависност од колатералот што е ставен како обезбедување за одобреното финансирање, стапките на повлекување се движат од 0 % за колатерализирани трансакции обезбедени со средства од ниво 1 или со централните банки до 50 % за колатерализирани трансакции обезбедени со средства од ниво 2. Останатите колатерализирани трансакции обезбедени со други средства имаат стапка на повлекување од 100 %.
  4. Дополнителните барања за вонбилансните позиции се однесуваат на: паричните одливи по основ на деривати (100 %); неповлечените кредитни линии од населението и малите и средни претпријатија (5 %), од претпријатијата, нефинансиските корпорации, држави, централните банки, јавните претпријатија и мултилатералните развојни банки (10 %) и од банките и другите финансиски институции (40 %); договорните обврски за гаранции и акредитиви (5 %) итн.

Одредување на паричните приливи[уреди | уреди извор]

Во ликвидносните приливи банката треба да ги вклучи само договорните, функционални парични приливи со преостаната рочност од 30 дена. Паричните приливите се делат во четири категории:[4]

  1. Обезбедени заеми, вклучувајќи „обратни репо-трансакции“ и позајмување на хартии од вредност кои имаат идентични претпоставки како обезбедените извори на финансирање кај ликвидносните одливи. Стапките на прилив се движат од 0 % за колатерализирани трансакции обезбедени со средства од ниво1 до 50 % за колатерализирани трансакции обезбедени со средства од ниво 2. Останатите колатерализирани трансакции обезбедени со други средства имаат стапка на прилив од 100 %. Ако обезбедувањето се користи за покривање на кратки позиции, стапката на прилив е 0 %.
  2. Ликвидносни и кредитни линии кои банката ги држи во други институции за свои цели не генерираат ликвидносни приливи, односно имаат стапка на прилив од 0 %.
  3. Други приливи од другата договорна страна: Во однос на приливите по основ на кредити од население и мали и средни претпријатија, сценариото претпоставува дека ќе се наплатат сите кои се целосно функционални и договорно достасуваат во периодот од 30 дена, а во исто време, банките претпоставуваат дека продолжуваат да го прошируваат ова кредитно портфолио со стапка од 50 %. Поради оваа претпоставка предвидена е стапката на прилив од 50 %. Во однос на другите големи приливи, сценариото претпоставува дека ќе се наплатат (вклучувајќи ги и каматата и ратите) сите кои се целосно функционални и договорно достасуваат во периодот од 30 дена. Дополнително, банките претпоставуваат дека продолжуваат да го прошируваат кредитно портфолио на големите клиенти со стапка од 0 % од приливи за финансиските институции и централните банки, а 50 % на сите останати вклучувајќи ги нефинансиските корпорации, државите, мултилатералните развојни банки и јавните претпријатија. Ова ќе резултира во стапки на ликвидносен прилив од 50 % за претпријатијата/ нефинансиските корпорации и јавните претпријатија, и 100 % за финансиските институции и централните банки. Оперативните депозити во други финансиски институции имаат стапка на прилив од 0 %.
  4. Другите ликвидносни приливи (како нето-приливите од деривати) имаат стапка на прилив од 100 %, а стапката на прилив за останатите договорни приливи треба да биде утврдена соодветно за секој тип на прилив од страна на супервизорите во секоја јурисдикција.

Стапка на нето-стабилни извори на финансирање[уреди | уреди извор]

Стапка на нето стабилни извори на финансирање е втората квантитативна стапка за ликвидност која Базелскиот комитет ја разви за да се промовира среднорочното и долгорочното финансирање од страна на банките. Оваа мерка воспоставува минимално прифатлив износ на стабилно финансирање врз основа на ликвидносните одлики на средставата и активноста на банката за временски хоризонт од една година. Стапката на нето-стабилни извори на финансирање (NSFR) се дефинира како износ на расположливо стабилно финансирање во однос на потребниот износ за стабилно финансирање. Оваа стапка треба да биде поголема или еднаква на 100%:[10]

NSFR = Расположлив износ за стабилно финансирање / Потребен износ за стабилно финансирање ≥ 100 %

Расположливиот износ за стабилно финансирање се добива со множење на износот на проценетата категорија на пасива (акционерскиот капитал и обврските кои се рангираат во пет категории) со соодветен унифициран фактор на расположливо стабилно финансирање (Available Stabile Funding Factor - ASF factor) кој се движи од 0 % до 100 %. Под стабилни извори на финансирање се подразбираат изворите кои во услови на стрес нема да бидат повлечени подолго од една година. Според овој стандард, позајмиците од централната банка надвор од регуларниот пазар на отворени операции не се вклучуваат во стапката, со цел да се избегне создавање на зависност од овие извори на средства и банките да не се потпираат на централната банка како извор на финансирање. Категориите што се вклучени во пресметката на расположливите извори на финансирање, како и бараните фактори за мултипликација/претворање се поделени на следниов начин:[10]

  • Извори на финансирање со пондер од 100 %, како што се: вкупниот регулаторен капитал – основен (Tier 1) плус дополнителен (Tier 2) капитал; други капитални инструменти и обврски кои имаат делотворна преостаната рочност поголема од една година, при што се исклучени оние инструменти кои содржат опција за предвремено повлекување.
  • Извори на финансирање со пондер од 95 %, а тие се т.н. „стабилни депозити“, односно депозитите по видување и/или орочените депозити од населениете и малите и средни претпријатија кои имаат преостаната рочност помала од една година.
  • Извори на финансирање со пондер од 90 %, а тие се т.н. „помалку стабилни“ депозити, односно депозитите по видување и/или орочените депозити од населението и малите и средни претпријатија кои имаат преостаната рочност помала од една година.
  • Извори на финансирање со пондер од 50 %: изворите на финансирање (обезбедени и необезбедени) од нефинансиските корпорации/правни лица со преостаната рочност помала од една година; оперативните депозити генерирани од активности клиринг, чување и управување со готовина (clearing, custody, cash management); изворите на финансирање од државите, јавните претпријатија, мултилатералните и националните развојни банки со преостаната рочност помала од една година; останатите извори на финансирање (обезбедени и необезбедени) со преостаната рочност од шест месеци до една година, кои не се вклучени во горните позиции, вклучувајќи ги и изворите на средства кои се обезбедени од централните банки и финансиските институции.
  • Извори на финансирање со пондер од 0 %: сите останати обврски и капитал кои не се вклучени во горенаведените категории, вклучувајќи ги останатите извори на финансирање со преостаната рочност помала од шест месеци кои се обезбедени од централните банки и финансиските институции, како и обврските без определена рочност (со специфичен третман на одложените даночни обврски и малцинското учество); нето-деривати, ако обврските се поголеми од побарувањата/средствата.

Потребниот износ на средства за стабилно финансирање се пресметува со множење на износот на вредноста на активата што институцијата ја држи и финансира со адекватен унифициран фактор на потребно стабилно финансирање (Required Stable Funding Factor – RSF factor). Компонентите на потребниот износ на средства за стабилно финансирање, како и бараните фактори за мултипликација/претворање, се следниве:[10]

  • Видови средства со пондер од 0 %: готовината која веднаш е расположлива за измирување на обврски и трансакции со рок на доспевање пократок од една година; резервите кај централната банка; и побарувањата на централните банки со преостаната рочност помала од шест месеци/неоптоварени кредити одобрени од централните банки на банките што подлежат на супервизија со преостаната рочност помала од шест месеци.
  • Видови средства со пондер од 5 %: неоптоварените средства од ниво 1, со исклучок на готовината и резервите кај централната банка.
  • Видови средства со пондер од 10 %: неоптоварените кредити на финансиските институции со преостаната рочност помала од шест месеци каде кредитот е обезбеден со средства од ниво 1 и каде банката применото обезбедување за времетраење на кредитот има можност да го даде како колатерал.
  • Видови средства со пондер од 15 %: неоптоварени средства од ниво 2А, и сите останати неоптоварени кредити на финансиските институции со преостаната рочност помала од шест месеци, кои не се вклучени во горенаведените категории.
  • Видови средства со пондер од 50 %: неоптоварени средства од ниво 2Б; висококвалитетна ликвидна актива неоптоварена за период од шест месеци до една година; кредити одобрени на финансиските институции и централните банки со преостаната рочност од шест месеци до една година; депозити кои се чуваат кај други финансиски интитуции за оперативни цели; и сите останати средства кои не се вклучени во горенаведените категории, со преостаната рочност помала од една година, кредити на нефинансиските корпорации/правни лица, кредити на население и мали и средни претпријатија и кредити на држави и јавни претпријатија.
  • Видови средства со пондер од 65 %: неоптоварени станбени кредити со преостаната рочност од една година или повеќе, со пондер на ризик помал или еднаков на 35% според стандардизираниот пристап на Базел II, и други неоптоварени кредити кои не се вклучени во горенаведените категории, со исклучок на кредитите на финансиските институции, со преостаната рочност од една година или повеќе и со пондер на ризик помал или еднаков на 35 % според стандардизираниот пристап на Базел II.
  • Видови средства со пондер од 85 %: други неоптоварени функционални кредити со пондер на ризик повисок од 35 % според стандардизираниот пристап на Базел II, и со преостаната рочност поголема од една година, со исклучок на кредитите на финансиските институции; физички тргуваните стоки, вклучувајќи го и златото.
  • Видови средства со пондер од 100 %: сите средства кои се оптоварени за период од една година или повеќе; нето-деривати, ако побарувањата се поголеми од обврските; сите останати средства кои не се вклучени во погорните категории, вклучувајќи ги нефункционалните кредити, кредитите на финансиски интитуции со преостаната рочност од една година или повеќе, основните средства, одбитните ставки од регулаторниот капитал, нематеријалните вложувања итн.
  • Овој стандард го дефинира и факторот за потребниот износ на стабилно финансирање за вонбилансните позиции (неотповикливите гаранции и акредитиви) кој изнесува 5 %.

Системски значајни банки[уреди | уреди извор]

Како последица на финансиската криза од 2007-2008 година, Базелскиот комитет предложил методологија за определување на глобалните системски значајни банки и во 2013 година ја објавил крајната верзија на правилата за пресметка на потребниот капитал за овие банки. Притоа, глобалните системски значајни банки се групирани во неколку групи при што за секоја група е определен дополнителен капитал од нивото 1, и тоа: 1%, 1.5%, 2%, 2,5% и 3,5% од средствата пондерирани за ризикот. Списокот на глобалните системски значајни банки го објавува Одборот за финансиска стабилност еднаш годишно. На пример, во ноември 2014 година, списокот содржел 30 банки од кои 18 се наоѓале во категоријата со дополнителен капитал од 1%, шест биле во групата која треба да издвои дополнителен капитал од 1,5%, четири во групата со 2% и две банки во групата со 2,5%. Во ноември 2014 година, Одборот за финансиска стабилност ги објавил предлозите за мерење на вкупниот капацитет за апсорбирање на загубите на глобалните системски значајни банки. Предлогот бил изработен во соработка со Базелскиот комитет, а како одговор на барањето изнесено на самитот на Г-20 одржан во Санкт Петербург. Според тој предлог, вкупниот капитал (без браниците за капиталот) на глобалните системски значајни банки треба да изнесува меѓу 16% и 20% од средствата пондерирани за ризикот.[11]

Динамика на примената на Базел III[уреди | уреди извор]

Базелскиот комитет дефинирал различна временска рамка за остварувањето на повисокиот стандард за капиталот (заедно со стапката на задолженост) и за новиот ликвидносен стандард. Новите одредби од Базелската спогодба имаат определен период на усогласување, со цел да им се овозможи на банките да ги постигнат построгите стандарди преку задржување на добивка и постепено зголемување на капиталот. Притоа, со оваа временска рамка било предвидено од почетокот на 2014 година акционерскиот капитал да изнесува 4%, а основниот капитал 5,5%, додека од јануари 2015 година акционерскиот капитал да изнесува 4,5%, а основниот капитал 6%. Во однос на одбитните ставки, исто така, била предвидена одложена примена сè до јануари 2018 година. Посебна временска рамка била предвидена и за инструментите што биле издадени пред 12 септември 2010 година, кои повеќе не ги исполнуваат критериумите за вклучување во акционерскиот капитал или во останатите видови сопствени средства. За нив, почнувајќи од 1 јануари 2013 година, во период од десет години, постепено се исклучуваат инструментите кои не можат да бидат дел од сите останати елементи на сопствените средства, со исклучок на акционерскиот капитал. За инструментите кои не ги исполнуваат условите за вклучување во акционерскиот капитал не била предвидена временска динамика, туку тие биле исклучени веднаш, на 1 јануари 2013 година. Како исклучок биле наведени инструментите кои исполнуваат одредени критериуми за кои било предвидено да бидат постепено исклучени во период од 10 година. Делот од Базел III кој се однесува на заштитниот слој за зачувување на капиталот се применувал постепено, во периодот од 1 јануари 2016 година до 1 јануари 2019 година. Притоа било предвидено стапката на заштитниот слој за зачувување на капиталот да изнесува 0,625% на 1 јануари 2016 година, а потоа да се зголемува за 0,625% годишно, сè до 1 јануари 2019, со цел да се достигне стапката од 2,5%. Примената на противцикличниот капитал започнала на 1 јануари 2016 година, со целосна делотворност од 1 јануари 2019 година.[12]

За да го согледа последиците од воведувањето на стапката на задолженост, во јануари 2011 година, Базелскиот комитет започнал процес на следење на движењето на стапката на задолженост, а во периодот од 2013 до 2017 година банките имале обврска за пресметка на стапката на задолженост со цел да се создаде база на податоци за остварените стапки на задолженост и нејзините компоненти. Конечната примена на оваа стапка започнала на 1 јануари 2018 година.[13] Во однос со стапките на ликвидност, поради недоволното искуство со нив, Базелскиот комитет одлучил да го продолжи периодот на постепена примена на новиот ликвидносен стандард, особено на стапката на нето-стабилни извори на финансирање.[12] Во 2011 година започнал периодот на следење на стапката на покриеност на ликвидноста, а римената на оваа стапка започнала на 1 јануари 2015 година. Притоа, минималната стапка била поставена на 60%, а потоа во период од пет години, со еднаков годишен раст од 10% годишно, банките имале обврска да се усогласат и да ја достигнат стапката од 100% на 1 јануари 2019 година. од друга страна, за стапката на нето-стабилни извори на финансирање бил предвиден подолг периодот на следење (шест години) и почеток на примена од 1 јануари 2018 година.[14]

Примената на Базел III во ЕУ[уреди | уреди извор]

Во јуни 2013 година, Европскиот парламент ги усвоил Регулативата 575/2013 (Capital Requirements Regulation) и Директивата 2013/36 (Capital Requirements Directive) со што се создала правна рамка за спроведување на Базел III во ЕУ. Овој пакет ги заменил Директивата 2002/87/EC и Регулативата 648/2012, додека Директивите 2006/48 и 2006/49 биле укинати. Новата Регулатива и Директива започнaле да се применуваат од 1 јануари 2014 година, а примената на некои од новите одредби се одвивала постепено до 2019 година. Регулативата 575/2013 содржи детални барања за кредитните институции и инвестициските фирми, додека Директивата 2013/36 ги покрива областите на тековната директива за потребниот капитал.[15]

Во 2010 година, Одборот на европските банкарски супервизори (CEBS) ја спроведол „Сеопфатната европска студија за квантитативното влијание EU-QIS“ (Comprehensive European quantitative impact study) на Базел III. Во анализата биле вклучени вкупно 246 банки од 21 земја-членка на CEBS. Од нив, 50 припаѓале во групата 1 (меѓународно активни банки со висина на основниот капитал над 3 милијарди евра), додека останатите 196 банки биле сместени во групата 2. Меѓутоа, само 33 банкиод групата 1 и 157 банки од групата 2 биле во можност да обезбедат квалитетни податоци за спровдување на анализата. Истражувањето покажало дека кај банките од првата група примената на Базел III би предизвикала намалување на вкупниот капитал од 14 % на 8,1 %, додека кај банките од втората група капиталот би се намалил од 13,1 % на 10,3 %.[16]

Почнувајќи од јуни 2011 година, Европскиот банкарски орган (European banking Authority, EBA) го следи и проценува влијанието на Базел III врз банките од земјите на ЕУ. Проценката се спроведува на полугодишна основа (на крајот на декември и крајот на јуни), учеството на банките е доброволно, а за да се гарантира анонимност и доверливост на кредитните институции, податоците се објавуваат само на збирна основа. Во извештаите на Ебропскиот банкарски орган се проценуваат следниве аспекти на примената на Базел III:[17]

  • промените во стапките на капиталот според Базел III;
  • нивото на недостиг на капитал, вклучувајќи ги и надоместоците за глобално системски значајните банки G-SIBs (global systemically important banks);
  • влијанието врз стапките на капиталот и недостигот на капитал, како резултат на промените во дефиницијата на капиталот што произлегуваат од новиот стандард;
  • влијанието врз стапките на капиталот и недостигот на капитал, како резултат на промените во пресметката на активата пондерирана според ризиците кои произлегуваат од новата дефиниција на капиталот, секјуритизацијата, портфолиото за тргување и ризикот од другата договорна страна;
  • влијанието на воведување на дополнителен износ (заштитен слој) за зачувување на капиталот;
  • соодветноста на стапка на задолженост; и
  • соодветноста на двете ликвидносни стапки.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BCBS, „Consultative Document: Strengthening the resilience of the banking sector“, Basel: Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2009.
  2. BCBS, „Basel III: A global regulatory framework for more resilient banks and banking systems“, Basel: Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2010.
  3. BCBS, „Basel III: International framework for liquidity risk measurement, standards and monitoring“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2010.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 BCBS, „Basel III: The Liquidity Coverage Ratio and liquidity risk monitoring tools“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2013.
  5. BCBS, „Consultative Document: Basel III: The Net Stable Funding Ratio“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2014.
  6. 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 BCBS, „Basel III: A global regulatory framework for more resilient banks and banking systems“, A Revised Version. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2011.
  7. BCBS, „Basel III: A global regulatory framework for more resilient banks and banking systems“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2020.
  8. BCBS, „Basel III leverage ratio framework and disclosure requirements“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2014.
  9. BCBS, „Basel III: A global regulatory framework for more resilient banks and banking systems“, A Revised Version“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2011.
  10. 10,0 10,1 10,2 BCBS, „Basel III: the net stable funding ratio“. Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2014.
  11. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 364.
  12. 12,0 12,1 НБРМ, „Измени на Базелската капитална спогодба (воведување на Базел 3) и прелиминарни проценки за нивното влијание врз адекватноста на капиталот на банките во Република Македонија“. Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2010.
  13. BCBS, „Basel III leverage ratio framework and disclosure requirements“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2014.
  14. BCBS, „Basel III: The Liquidity Coverage Ratio and liquidity risk monitoring tools“, Basel Committee on Banking Supervision, Basel, 2013.
  15. European Commission Delegated Regulation to supplement Regulation (EU) 575/2013 of 10 October 2014 with regard to liquidity coverage requirement for Credit Institutions.
  16. CEBS, „Results of the comprehensive quantitative impact study“. The Committee of European Banking Supervision, London, 2010.
  17. EBA, „CRD IV – CRR / Basel III monitoring exercise (Results based on data as of 31 December 2015)“. European Banking Autority, London, 2016.