Ликвидносен ризик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Ликвидносен ризик (англиски: liquidity risk) е ризикот од тоа банката да не може да обезбеди доволно парични средства за измирување на своите краткорочни обврски во моментот на нивното достасување, или потребните средства да ги обезбеди со многу повисоки трошоци.[1] Ликвидноста на банката може да се дефинира како нејзина способност во рок да ги подмири сите свои достасани обврски.[2]

Содржина

Принципот на ликвидност во банкарството[уреди]

Банката, по правило, работи и располага со туѓи извори на средства, како што се депозити на претпријатија, штедни влогови на население, понатаму, користени кредити за ликвидност од домашни банки, користени странски кредитни линии, прибрани средства брз основа на издадени сопствени хартии од вредност и сл. Исто така, банката е носител и на платниот промет во земјата и по таа основа ги отвара и води сметките на учесниците во платниот промет и врши плаќања преку сметките. Секако дека вака прибраните средства, банката е должна да ги врати на своите клиенти, според договорените услови. Доколку пак, станува збор за депозити по видување, кои не се орочени и кои, по правило, можат да бидат повлечени од банката во кој било момент, банката треба да биде способна тоа да го стори во целост.[3]

Ликвидносниот ризик е ризикот за профитот или капиталот поврзан со способноста на банката да ги исполни своите обврски кон депонентите и потребите на кредитобарателите преку претворање на средствата во готовина и брзо, без загуби, да бидат способни да позајмуваат средства кога е тоа потребно.[4] За избегнување на проблемите со ликвидноста, банката може да чува ликвидна актива.[5] Според тоа, ако банката поседува поголем износ ликвидни средства, таа е изложена на помал ликвидносен ризик.[6] Меѓутоа, зголемената ликвидност си има своја цена. Постои балансирање меѓу ликвидноста и профитабилноста, бидејќи, колку е поликвидна активата, толку е пониска стапката на поврат. Наместо да чува ликвидни средства, банката може да реализира попрофитабилни заеми.[7] И покрај трошоците, чувањето ликвидна актива е неопходно бидејќи со тоа: [8]

  • кредиторите се уверуваат дека банката е безбедна и способна да ги исполнува своите финансиски обврски;
  • се праќа сигнал до пазарот дека банката е внимателна и дека со нејзе добро се раководи;
  • се гарантира реализација на сите заемни обврзувања;
  • се избегнува принудна продажба на активата на банката;
  • се избегнува принуденоста да се плаќаат прекумерни трошоци за подигање заеми на меѓубанкарските пазари; и
  • се избегнува подигањето заем од централната банка.

Значењето на ликвидноста ги надминува границите на поединечната банка бидејќи кусокот на ликвидност во само една институција може да има реперкусии низ целиот систем.[9]

Видови на ликвидносен ризик[уреди]

Вообичаено се прави разлика меѓу два вида ризик поврзан со ликвидноста:[10]

  • секојдневен ризик поврзан со ликвидноста
  • криза со ликвидноста

Секојдневниот ризик поврзан со ликвидноста се однесува на дневните повлекувања. Ова обично е предвидливо бидејќи само мал процент од депозитите на банката ќе се повлече во определен ден.[11]

Криза со ликвидноста настанува кога депонентите побаруваат поголеми повлекувања од вообичаеното. Во ваква ситуација, банките се принудени да подигаат заеми во финансиски средства по зголемена каматна стапка, повисока од пазарната стапка што останатите банки ја плаќаат кога подигнуваат заеми. Ова обично е непредвидливо и може да се должи или на недостиг од доверба во конкретна банка или на некоја неочекувана потреба за готови пари. Кризите со ликвидноста во крајна линија можат да ја попречат способноста на банката да ги отплатува сопствените обврски, ситуацијата може да резултира дури и со инсолвентност на банката.[12]

Кога се зборува за ликвидносниот ризик треба да се има предвид и ризикот од концентрација на депозитите на клиентите. така, согласно НБРМ, нивото на концентрација го претставува односот помеѓу просечниот износ на депозитите по видување и трансакциските сметки на дваесетте депоненти на банката со најголемо учество во просечниот износ на вкупните депозити.[13] Концентрацијата може да се анализира и следи и преку број на индустрии, земји, старосни групи итн. Поголемиот степен на концентрација може да има сериозни последици врз профитабилноста на банката, доколку портфолиото на одредена категорија има слаби перформанси.

Понуда и побарувачка на ликвидност[уреди]

Притисоците поврзани со ликвидноста можат да настанат на обете страни од билансот на состојба. На страната на пасивата, неочекувано големите повлекувања готови пари може да предизвикаат појава каде што солвентните банки ќе имаат проблеми со ликвидноста. На страната на активата, проблеми со ликвидноста може да бидат предизвикани од неочекувано високи нивоа на неисполнување обврски по заеми и со неочекуваното повлекување кредитни линии од страна на клиентите. Притисоци поврзани со ликвидноста може да произлезат и од вонбилансни активности како на пример, од проблеми во платниот систем.[14]

Секојдневно, банките извршуваат различни трансакции што имаат непосредно влијание врз нивната ликвидност. Притоа, некои трансакции се јавуваат како извори на ликвидност, додека други создаваат потреби од ликвидни средства. Така, како најважни извори на ликвидност кај банките се јавуваат приливот на депозити од страна на депонентите и отплатата на одобрените кредити од страна на должниците. Во продолжение, како извори на ликвидност се јавуваат и приходите што банките ги остваруваат од продажбата на различни недепозитни услуги (платен промет, менувачко работење, брокерски услуги, чување на имот итн.). Најпосле, банките ја обезбедуваат својата ликвидност и преку продажба на своите средства и позајмување на финансиските пазари. Од друга страна, потребите на банката за ликвидност вообичаено произлегуваат од следниве две групи активности: прво, повлекувањето депозити од страна на депонентите и второ, новите кредитни барања од страна на клиентите. Во првиот случај, секое повлекување на депозитите веднаш го намалува расположливиот износ на парични средства на банката. Во вториот случај, кога банката примила барање за одобрување кредит од страна на кредитоспособен клиент, тоа создава потреба од обезбедување парични средства за задоволување на кредитното барање.[15]

Извори на ликвидност Потреби за ликвидност
Прилив на депозити Повлекување депозити
Наплата на одобрени крeдити Нови кредитни барања
Приходи од недепозитни услуги Отплата на користени кредити
Продажба на средства Обврски врз основа на издадени хартии од вредност
Позајмување на финансиските пазари Исплата на даночни обврски
Исплата на фактури и сметки
Исплата на дивиденди

[16]

Ликвидносна состојба на банката[уреди]

Изворите на понуда и побарувачка на ликвидност ја определуваат вкупната ликвидносна состојба на банката.Така, нето-ликвидносната позиција (net liquidity position) претставува разлика меѓу вкупните извори на ликвидност (понуда на ликвидност) и вкупните потреби за ликвидност (побарувачка на ликвидност). Ако понудата на ликвидни средства е поголема од побарувачката за ликвидност, тогаш банката се соочува со вишок на ликвидност (liquidity surplus). Обратно, ако изворите на ликвидност на банката се помали од нејзините потреби за ликвидност, тогаш таа се одликува со недостиг на ликвидност (liquidity deficit).[17]

Управување со ликвидносниот ризик на банките[уреди]

Под управување со ликвидносниот ризик се подразбира управување со активата и пасивата така, што ќе се овозможи навремено и редовно плаќање на обврските, во нормални или во вонредни услови на работење на банката.[18]

Систем на управување со ликвидносниот ризик[уреди]

Банката е должна да воспостави систем за управување со ликвидносниот ризик којшто одговара на природата, обемот и сложеноста на финансиските активности коишто ги врши таа. Системот треба да ги опфати најмалку следниве компоненти:[19]

  1. Организациска структура за управување со ликвидносниот ризик;
  2. Постапки и процедури на внатрешна контрола и ревизија;
  3. Информативен систем;
  4. Стрес-тестирање и
  5. План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови.

Организациска структура за управување со ликвидносниот ризик[уреди]

Соодветна организациска структура за управување со ликвидносниот ризик подразбира јасно дефинирани надлежности и одговорности на органите на банката, како и дефинирање на задачите и одговорностите на соодветните организациски делови во банката што се надлежни за следење на ликвидноста на банката и управување со ликвидносниот ризик.[20]

Постапки и процедури на внатрешна контрола и ревизија[уреди]

Банката е должна да има соодветни постапки на внатрешна контрола коишто ќе овозможат интегрираност на процесот на управување со ликвидносниот ризик во севкупниот процес на управување со сите ризици. Внатрешната контрола на управувањето со ликвидносниот ризик е составен дел на целокупниот систем на внатрешна контрола, воспоставен на ниво на целата банка.[21]

Информативен систем[уреди]

Банката воспоставува информативен систем којшто ќе овозможи навремено и постојано мерење, следење, контрола и известување во процесот на одлучување при управувањето со ликвидносниот ризик.[22]

Стрес-тестирање[уреди]

Банката е должна, најмалку на годишна основа, да врши тестирање на ликвидноста во различни услови - стрес-сценарија, за да се утврди нивното влијание врз ликвидноста на банката, да се подготви банката за работа во вонредни услови, да се оценат можностите за раст на банката или да се утврди најдобриот извор за финансирање на новите активности/производи. Стрес-тестирањето претставува техника на управување со ризик што се користи за проценка на потенцијалното влијание на еден или повеќе внатрешни или надворешни фактори на ризик врз финансиската состојба и/или ликвидноста на банката. Стрес-тестирањето опфаќа сценарија коишто се специфични за банката (внатрешни фактори) и сценарија коишто произлегуваат од пазарните услови во кои работи банката (надворешни фактори). Покрај стрес-тестирањето на одделните сценарија, банката е должна да врши тестирање на ликвидноста со примена на комбинација на сценаријата.[23]

План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови[уреди]

Банката е должна да развие План за управување со ликвидносниот ризик во вонредни услови. Банката е должна да врши периодично ревидирање на Планот за да се земат предвид промените во внатрешните и надворешните услови на работењето на банката. [24]

Соодветна ликвидност[уреди]

Заради одржување соодветно ниво на ликвидност, банката е должна најмалку: [25]

  1. да ги планира и да ги следи приливите и одливите на парични средства;
  2. да воспоставува и да одржува соодветна рочна структура на активата (побарувањата) и пасивата (обврските) на банката;
  3. да ги следи изворите на средства и нивната концентрација;
  4. да ги одржува стапките на ликвидност пропишани со оваа одлука; и
  5. да утврди и да следи интерни ликвидносни показатели.

Планирање и следење на приливите и одливите на паричните средства[уреди]

Банката е должна да ги планира и да ги следи приливите и одливите на паричните средства. Планирањето треба да ги вклучи сите видови тековни и идни (очекувани) приливи и одливи на парични средства, вклучувајќи ги и приливите и одливите врз основа на вонбилансните позиции на банката. Како очекувани приливи на парични средства се сметаат приливите врз основа на сите видови депозити, наплата на кредити, продажба на хартии од вредност, користење меѓубанкарски позајмици, приливи врз основа на вонбилансни позиции, приливи врз основа на финансиски деривати, како и сите други приливи со висок степен на сигурност. Како очекувани одливи на парични средства се сметаат одливите врз основа на одобрени кредити, купени хартии од вредност, давање меѓубанкарски позајмици, исплаќање депозити, одливи врз основа на вонбилансни позиции, одливи врз основа на финансиски деривати, како и сите други одливи коишто се очекува да настанат во периодот. [26]

Воспоставување и одржување соодветна рочна структура[уреди]

Банката е должна да ја следи рочната структурана активата и пасивата, од аспект на усогласеноста на активните и пасивните позиции според нивната договорна преостаната рочност. За следење на рочната усогласеност, банката ги распоредува приливите и одливите по одделни активни и пасивни позиции во соодветни временски периоди, и тоа: до седум дена, од седум дена до еден месец, од еден до три месеци, од три до шест месеци и од шест до дванаесет месеци. Во рочната структура се вклучуваат и приливите и одливите на банката врз основа на вонбилансните позиции и на финансиските дериватифинансиските деривати. Под договорна преостаната рочност на поединечните побарувања и обврски се подразбира преостанатиот период до нивната фактичка договорна рочност. Покрај следењето на рочната структура преку договорната преостаната рочност, банката е должна да ја утврдува рочноста на побарувањата и обврските и преку утврдување и следење на нивната очекувана преостаната рочност.[27]

Следење на изворите на средства и нивната концентрација[уреди]

Заради воспоставување соодветен систем за следење на своите извори на средства, банката е должна да го следи учеството на депозитите на најголемите депоненти и лицата поврзани со нив во нејзините вкупни депозити. Како најголеми депоненти се сметаат дваесетте депоненти на банката, коишто имаат најголемо учество на просечниот износ на нивните депозити, во просечниот износ на вкупните депозити на банката. Нивото на концентрација го претставува односот помеѓу просечниот износ на депозитите по видување и трансакциските сметкитрансакциските сметки на дваесетте депоненти на банката со најголемо учество во просечниот износ на вкупните депозити.[28]

Стапки на ликвидност[уреди]

Заради одржување соодветно ниво на ликвидност, банката е должна да ги пресметува и да ги одржува следниве стапки на ликвидност:[29]

  • стапка на ликвидност до 30 дена како однос меѓу средствата и обврските коишто достасуваат во следните 30 дена;
  • стапка на ликвидност до 180 дена како однос меѓу средствата и обврските коишто достасуваат во следните 180 дена.

Утврдување и следење на интерните ликвидносни показатели[уреди]

Банката е должна, во зависност од природата и карактеристиките на финансиските активности коишто ги врши, во рамките на својата политика, да пропише еден или повеќе интерни ликвидносни показатели за следење на нивото на ликвидност и на изложеност на ликвидносен ризик, како и да одреди соодветни граници во кои можат да се движат тие показатели.[30]

Стратегии на управување со ликвидноста[уреди]

Управување со ликвидноста преку средствата[уреди]

Гледано историски, најстар пристап во обезбедувањето на потребите за ликвидност на банките е управувањето со ликвидноста преку средствата (asset liquidity management). Во рамките на оваа стратегија, банките ја обезбедуваат ликвидноста така што држат одреден износ ликвидни средства коишто, по потреба, ги продаваат и така ги претвораат во пари. Притоа, како ликвидни средства се сметаат оние што можат веднаш да се претворат во пари со најмала загуба во цената.[31] Ликвидноста која е управувана преку средствата може да се дефинира како можност брзо, лесно и со најниски трошоци средствата да се претворат во пари.[32]

Категории на ликвидна актива[уреди]

Поаѓајќи од структурата на активата, според степенот на ликвидност, може да се разликуваат следните категории на ликвидна актива:[33]

  • Примарна резерва
  • Секундарна резерва

Примарна резерва (primary reserve) , или уште позната како суперликвидна актива, која се состои од износот на парични средства во благајна и на сметката на банката над обврската за издвојување и користење на задолжителна резерва. Со овие средства, банката е во можност во секое време да одговори на обврската по основа на повлекување на соодветен износ депозити, или пак да ги стави на располагање одобрените кредити на своите клиенти.[34]

Секундарна резерва (secondary reserve), покрај примарната резерва влегуваат и оние позиции од активата кои лесно можат да се претворат во готовина, како што се: депозитите кај кореспондентните банки и хартии од вредност кои лесно можат да се продадат (благајнички записи на централната банка, сертификат за депозит на банките, комерцијални записи). [35]

Управување со ликвидноста преку обврските[уреди]

Пристапот на обезбедување на ликвидноста од позајмени извори е познат како управување со ликвидноста преку обврските (liability liquidity management). Во рамките на оваа стратегија, банката ги покрива проценетите потреби за ликвидност преку различни инструменти на домашниот и на меѓународниот пазар на пари, како што се: издавање потврди за депозити, склучување репо-договори или позајмување од други банки на меѓубанкарскиот пазар. Во продолжение, доколку банката има отежнат пристап на пазарот на пари, или пак, има итна потреба од ликвидност, како крајно решение во рамки на оваа стратегија на управување со ликвидноста се јавува можноста за позајмување од централната банка.[36]

Урамнотежено управување со ликвидноста[уреди]

Имајќи ги предвид недостатоците на претходните две стратегии во управувањето со ликвидноста, разбирливо е што најголем број банки ја применуваат стратегијата на урамнотежено управување со ликвидноста (balanced liquidity management), којашто претставува комбинација на управувањето со ликвидноста преку средствата и управувањето со ликвидноста преку обврските. Во рамките на оваа стратегија позната како управување со паричните средства (funds management), банката ги планира вкупните потреби за ликвидност и нив ги покрива од сите расположливи извори.[37]

Наводи[уреди]

  1. НБРМ, „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  2. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр.325.
  3. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр.325
  4. Benton E. Gup and James W. Kolari, Commercial Banking: the management of risk, John Wiley & Sons, Inc., 2005, стр.12
  5. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.296
  6. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 65
  7. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.296
  8. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.296-297
  9. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.296
  10. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.265
  11. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.265
  12. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр. 265.
  13. НБРМ, "Одлука за ликвидносниот ризик"
  14. Barbara Casu, Claudia Girardone, Philip Molyneux, Introduction to banking, Pearson Education Limited, 2006, стр.296
  15. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.177-178
  16. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.178
  17. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.178
  18. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  19. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  20. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  21. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  22. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  23. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  24. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  25. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  26. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  27. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  28. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  29. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  30. „Одлука за управувањето со ликвидносниот ризик на банките“, Службен весник на РМ, бр.126/2011
  31. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.194
  32. Berger & Bouwman, 2008
  33. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр.326
  34. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр.326
  35. Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр.326
  36. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.195
  37. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.196