Супервизија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Супервизија (англиски: Supervision) претставува процес на следење на работењето на банките со цел да се обезбеди почитувањето на прописите, нивната финансиска стабилност (ликвидност и солвентност) и да се зачува стабилноста на финансискиот систем во целина. Банкарската супервизија се спроведува од страна на владините регулатори со цел да се спречи пропаѓањето на банките.[1]

Поим за супервизија на банките[уреди | уреди извор]

Супервизијата е тесно поврзана со регулацијата, но овие два поима означуваат различни нешта.[2] Всушност, со регулацијата се донесуваат законски и подзаконски прописи, акти што се однесуваат на различни аспекти на банкарското работење, како што се големината на капиталот организациската структура на банките, активностите кои банките можат да ги извршуваат, управувањето со ризиците и слично. Со супервизијата се врши надзор на работењето на банките со цел да се оцени нивната сигурност, стабилност, како и да се процени дали тие ги почитуваат поставените регулативни правила. Регулацијата и супервизијата се поврзани во смисла на тоа дека се извршуваат од страна на иста институција – централна банка, која ги носи регулативните правила и принципи, а потоа врши перманентен надзор за да утврди дали банките ги почитуваат нив.

Постојат два пристапа во извршувањето на супервизијата: според едниот, супервизијата ја извршува централната банка, а според другиот таа е во надлежност на посебна државна агенција, надвор од централната банка. Притоа, во 2006 година, од 143 централни банки во светот, 50 не вршеле супервизија, 29 централни банки имале делумна надлежност во супервизијата (заедно со некоја друга агенција), додека 64 централни банки целосно ја извршувале супервизијата.[3] Во однос на прашањето, дали централната банка треба да биде надлежна за супервизијата на банките постојат различни гледишта: од една страна се смета дека, заради својата положба, централната банка има доволно информации, експертиза и надлежности да ја извршува супервизијата, а освен тоа, преку супервизијата таа добива информации и за другите финансиски институции и пазари и така може да се грижи за финансиската стабилност; од друга страна, поради појавата на финансиските конгломерати и исчезнувањето на границите меѓу банките и другите финансиски институции, се смета дека централната банка (која е надлежна и способна само за супервизија на банките) не може да го опфати целиот финансиски систем. Исто така, се наведуваат и други аргументи против оставањето на супервизијата во рацете на централната банка:[4]

  • постои конфликт на интереси меѓу супервизијата на банките и монетарната политика, зашто соочена со лоша состојба на банкарскито сектор, централната банка би можела да ја олабави монетарната политика и со тоа само да ги зголеми ризиците од појава на финансиска нестабилност.
  • во случај на пропаст на финансиските институции (поради несоодветна супервизија) може да се намали кредибилитетот на целата централна банка.
  • супервизијата подразбира поинаков вид одговорност и поинакви односи со политичарите, што би можело да ја намали независноста на централната банка.
  • централната банка би можела да ја злоупотреби својата функција на позајмувач во краен случај така што ќе им даде заем на лошите банки со цел да ги прикрие слабостите во супервизијата.

Ограничувања на големите изложености[уреди | уреди извор]

Банките можат да бидат ограничени од тоа да имаат непромислено големи кредитни изложености кај поединечните клиенти и групи на поврзани договорни страни. Таквото ограничување може да се изрази како процент на средства или капитал на банката, како и различни ограничувања може да се применат врз основа на одржаната безбедност и/или кредитниот рејтинг на другата страна. Ограничувањето на непропорционална изложеност на високоризични инвестиции ги спречува финансиските институции од ставање на имателите на акции (како и на фирмата) на непотребен ризик.[5]

Супервизијата во Македонија[уреди | уреди извор]

Банкарската супервизија како концепт во Македонија се појавила во втората половина на 1992 година, во времето кога банкарскиот систем почнал да се реформира, т.е да се трансформира во пазарно ориентиран банкарски систем. Дотогаш функционирале т.н инспекциски контроли, кои биле заменети со супервизорска контрола и стандарди за работењето на банките и штедилниците.
Овластен супервизорски орган на депозитните институции во Македонија е Народната банка на Република Македонија, која освен супервизор е и регулатор. Согласно Законот за Народна банка на Република Македонија и Законот за банките, Народната банка на Република Македонија е единствената супервизорска агенција надлежна за лиценцирање на банките и штедилциите во Република Македонија, како и вршење супервизија на нивното работење. Основа цел на Народната банка на Република Македонија при извршувањето на супервизорската функција е одржување на сигурен и стабилен банкарски систем и заштита на интересите на штедачите и другите кредитори кои имаат вложено сопствени средства во банките. Во извршувањето на супервизорската функција Народната банка на Репубика Македонија применува низа супервизорски стандарди кои засноваат на меѓународните стандарди и практики воспоставени од стана на Базелскиот комитет за банкарска супервизија.[6]
Преку супервизијата, Народна банка на Република Македонија ја оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банките со прописите. Посебен акцент се става на квантификација и следење на изложеноста на банките на различни видови ризици како што се: кредитен ризик, ликвидносен ризик, оперативен ризик, валутен ризик и други ризици. Банкарската супервизија ја оценува соодветноста на воспоставените процедури и системи од страна на банките кои се користат за идентификување, мерење, следење и контрола на ризиците.[7]

Поставеност на супервизорската функција[уреди | уреди извор]

Народната банка на Република Македонија супервизорската функција ја извршува преку:

  • вонтеренско следење на работењето на банките и штедилниците;
  • лиценцирање на банките и штедилниците во согласност со одредбите од Законот за банките
  • регулирање на работењето на банките и штедилниците во рамки на надлежностите дадени со Законот за банките;
  • непосредна теренска контрола на банките и штедилниците од аспект на ризици;
  • непосредна теренска контрола на банките и штедилниците од аспект на усогласеност со прописите;
  • одржување на контакти со членовите на органите на банката и со друштвата за ревизија и
  • соработка и размена на податоци и информации со други супервизорски органи.[8][9]

Начинот на кој банката управува со ризиците се утврдува врз основа на интерно развиени процедури, согласно усвоена методологија на НБРМ, кои овозможуваат проценка на претходно наведените елементи. НБРМ користи три скалила за оценка на преземеното ниво на ризик: силно, задоволително и слабо. Врз основа на матрици на вкрстување на нивото на ризик и на начинот на кој банката управува со ризикот се добива агрегатното ниво на ризик , а агрегатното ниво на ризик ставено во комбинација со утврдената насока на ризик го дефинира типот и тежината на супервизорските активности во текот на наредните 12 месеци.[10]

Содржина и опфат на супервизијата[уреди | уреди извор]

Со вршењето на супервизијата на банките, Народна банка ја оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банката со прописите преку:[9]

  • оценка на способноста на банката за управување со ризиците, вклучувајќи ја кадровската, организациска и техничката опременост за извршување на банкарските и финансиските активности;
  • оцена на адекватноста на капиталот на банката, согласно со утврдениот ризик и способноста на банката да управува со ризиците;
  • оценка на деловната политика и стратегија на банката;
  • контрола на организацијата и начинот на водење на трговските книги, деловната и сметководствена дукументација, од аспект на нивната точност, ажурираност и веродостојност, примена на прописите за сметководство и сметководствените стандарди, како и тоа дали банката ги составила финансиските извештаи во согласност со важечките прописи за финансиско известување;
  • контрола дали извештаите и податоците што банката ги доставува до Народната банка се доставени во рамки на пропишаните рокови и дали се составени во согласност со прописите кои го регулираат работењето на банките;
  • оценка дали банката ги исполнува условите за вршење банкарски и финансиски активности, како и усогласеноста на работењето на банката со дозвола за основање и работење, интерните акти на банката и прописите донесени од страна на НБРМ и други надлежни институции и органи;
  • проверка и потврдување на функционирањето на системот на интерни контроли, системот на коропоративно управување, системот за спречување перење пари и системот на банката за известување на раководството (менаџмент информативниот ситем);
  • оценка на изборот и начинот на вршење на ревизија од стана на друштво за ревизија, како и извештајот за извршена ревизија на работењето и на годишните финансиски извештаи на банката;
  • оценка на работењето и ефикасноста на внатрешната ревизија;
  • оценка на примената на стандардите за информативна сигурност и планот за континуитет во работењето.

Супервизорски стандарди[уреди | уреди извор]

Во извршувањето на своите активности, банките се должни да ги почитуваат пропишаните супервизорски стандарди кои имаат за цел ограничување на банкарските ризици. Основните супервизорски стандарди за работењето на банките, коишто се прифатени и воспоставени од страна на Народна банка на Република Македонија, произлегуваат од препораките дадени од страна на Базелскиот комитет за банкарска супервизија и Европските директиви. Како најзначајни треба да се издвојат:

  • адекватност на капиталот, односно одржување на адекватно ниво на капитал кое ќе овозможи покривање на ризиците на кои се изложени банките во текот на своето работење. Стапката на адекватност на капиталот, како однос помеѓу сопствените средтсва и активата пондерирана според ризикот, не може да биде пониска од 8%;
  • критериуми за класификација на активните билансни и вонбилансни ставки според степенот на нивната ризичност и вршење на исправка на вредност, односно издвојување на посебна резерва за обезбедување од потенцијалните и/или настанатите загуби;
  • лимити на изложеност како однос помеѓу вкупните билансни и вонбилансни побарувања спрема лице и со него поврзаните лица, вложувањата во хартии од вредност издадени од тоа лице и капиталните вложувања во тоа лице и сопствените средства на банката;
  • лимити за изложеност спрема валутниот ризик и начинот на управување;
  • лимити за ограничување на вложувањата на банка во земјиште, згради, опрема и капитални делови.[11]

Поставеност на супервизорската функција на НБРМ[уреди | уреди извор]

Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност е под надлежност на генералниот директор и супервизорскиот комитет, а додека пак под овој сектор спаѓаат и:

  • Дирекција за финансиска стабилност и банкарска регулатива со:
  • Отсек за финансиска стабилност
  • Отсек за банкарска регулатива
  • Дирекција за вонтеренска супервизија и лиценцирање со:
  • Отсек за вонтеренска супервизија
  • Отсек за лиценцирање и корективни мерки
  • Отсек за регулаторно известување и административни работи
  • Дирекција за теренска супервизија со:
  • Отсек за теренска супервизија на ризици
  • Отсек за контрола на усогласеност со прописите на банки, штедилници и небанкарски институции.

Супервизорската функција се остварува преку:

  • Перманентно вонтеренско следење на работењето на банките со прибирање и анализа на извештаите и податоците кои се доставуваат до Народна банка на Република Македонија,
  • Непосредна целосна или делумна контрола која се извршува во самите банки, односно контрола на нивното работење со непосреден увид во нивната документација и во воспоставените системи и процедури. Одржување контакти со членовите на органите на банката и со друштвото за ревизија,
  • Соработка и размена на податоци и информации со други супервизорски органи.[12]

Овластени лица кои ја вршат супервизијата се лица кои се вработени во Народната банка кои:[13]

  • врз основа на овластување од гувернерот на Народната банка, вршат непосредна теренска или инспекциска контрола на банката, и
  • во извршувањето на работните задачи се задолжени за прибирање, контрола и анализа на извештаите и податоците што банката е должна да ги доставува до Народната банка на Република Македонија, согласно со одредбите на Законот за банките, подзаконските акти и други прописи.

Вонтеренско следење на работењето на банката[уреди | уреди извор]

Вонтеренското следење на работењето на банката претставува систем на постапки и процеси кој се заснова врз постојано следење на работењето на банката и промените во работењето на банката, преку анализа на извештаите и податоците што банката е должна да ги доставува до Народната банка врз основа на Законот за банките, подзаконските акти и други прописи. Овластените лица вработени во НБРМ кои вршат непрекинато вонтеренско следење на работењето на банката:[9]

  • утврдуваат дали пропишаните извештаи и податоци се доставени во рамките на определените рокови, во пропишанта форма и на пропишаниот начин;
  • утвдруваат дали износите што се наведени во пропишаните извештаи доставени до Народната банка се логички точни и дали одговараат на податоците доставени во месечниот извештај за сосотојбата и прометот на сметките од сметковниот план на банкте;
  • вршат анализа на трендовите во работењето на банката и ја проценуваат нејзината стабилност и сигурност;
  • изработуваат профили на ризик и супервизорски стратегии за банката во согласно со интерните правила донесени од страна на гувернерот на Народната банка;
  • составуваат записници за сторените прекршоци констатирани врз основа на извршената контрола на извештаите и податоците доставени до Народната банка.

Непосредена теренска контрола на банката[уреди | уреди извор]

Непосредната теренска контрола на банката претставува систем на постапки и процеси преку кои се утврдува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на банката со прописите, при што се применуваат интерните правила донесени од страна на гувернерот на Народна банка. Непосредената теренска контрола на банката се врши според однапред утвден план за теренски контроли, одобрен од стана на гувернерот на Народна банка или по потреба доколку, преку постојано вонтеренско следење, се утврди влошување на трендовите во работењето на банката, што може негативно да влијае врз нејзината сигурност и стабилност, како и заради утврдување на респонзивноста на банката во однос на преземените мерки од стана на гувернерот на Народната банка. Планот за контроли се составува врз основа на профилите на ризик и супервизорските стратегии утврдени во рамките на постојаното вонтеренско следење на банките.[9]

Народната банка доставува известување до банката дека планира да врши непосредна целосна теренска контрола во рок што не е пократок од триесет дена пред отпочнувањето на непосредна целосна теренска контрола на банката. Известувањето содржи податоци за предметот на контрола, овластено лице кое ќе раководи со контролата, како и барање за доставување на податоци и информации потребни за извшување на контролата. Во известувањето се утвдени податоците што банката ќе треба да ги достави до Народата банка пред отпочнување на контролата и информациите што треба да бидат подготвени заклучно со денот на отпочнување на контролата. Податоците и информациите што банката е должна да ги достави до Народата банка, треба да бидат доставени во рок од петнаесет дена и тие треба да бидат целосни, точни и конечни и банката не може да ги менува во текот на контролата.

Пред отпочнувањето на непосредната делумна теренска контрола, Народната банка не е обвзана да доставува известување до банката дека планира да врши контрола. Но, постои и исклучок во кој НБРМ може да и достави на банката известување дека планира да врши непосредна делумна контрола, во рок што не е пократок од дваесет и еден ден пред отпочнување на контролата. Во известувањето, исто така, се утврдени податоците и информациите што банката ќе треба да ги достави до НБРМ пред почнување на контролата и податоците што треба да бидат подготвени со денот на отпочнување на контролата. Банката е должна да ги достави до НБРМ овие податоци и информации во рок од десет дена по приемот на известувањето. Исто како и во случајот на целосната контрола, и овде, податоците и информациите треба да бидат целосни, точни и конечни и банката не може да ги менува во текот на контролата.

Овластените лица, пред отпочнувањето на вршењето на непосредната теренска контрола, задолжително одржуваат работен состанок со службата за внатрешна ревизија и друштвто за ревизија определено од банката. На состанокот се разговара за наодите од активностите на службата за внатрешна ревизија и друштвото за ревизија. Исто така, лицата кои се овластени , согласно потребите одржуваат работни состаноци со членовите на управниот одбор, членовите на надзорниот одбор, членовите на одборот за ревизија, вработените во службата за внатрешна ревизија, лицето или службата за контрола на усогласеноста на работењето на банката со прописите и друштвото за ревизија. На овие состаноци се разговара и се разменуваат податоци и информации за работењето на банката, од кои овластените работници треба да добијат поблиски информации за работењето на ограните на банката, корпоративното управување, ризиците во работењето, управувањето со ризиците, промени во деловната политика и стратегија на банката сигурноста и стабилноста на банката.

Банката е должна, во согласност со своите безбедносни процедури, на овластените лица да им обезбеди пристап до сите простори и да им ја даде на увид целокупната документација што овластените лица ќе ја побараат, вкучувајќи и писмени изјави од страна на членовите на управниот одбор на банката и другите лица со посебни права и овластувања, со објаснувања за прашањата кои се од значење при утврдување на сигурноста, стабилноста, ризичноста на работењето и усогласеноста на работењето на банката со прописите.

Доколку во текот на непосредата теренска контрола се утврди дека постои потреба од проширување на предеметот на контролата, во согласност со интерните правила донесени од страна на гувернерот на Народната банка, овласените работници ќе побараат гувернерот на Народната банка да изврши измена и дополнување на нивното овластување за вршење на контролата.

Доколку побараните податоци и информации потребни за вршење на контролата не се подговени на денот на отпочнување на контролата, осносно податоците за коишто било побарано да се достават до Народата банка пред отпочнување на контролата, Народнта банка ќе ја прекине контролата. Исто така, доколку контролата се одвива отежнето поради неуредна евиденција, недостаток или недоставување на документација, некооперативност на органите на банката, или ако на друг начин се попречува извршувањето на контролата, Народната банка ќе ја прекине контолата.

По извршената непосредна целосна или делумна теренска контрола, овластените лица составуваат наод од контролата во форма на записник за констатираната состојба. Доколку при контролата се утврдени неусогласености со Законот за банките, подзаконските акти, како и други прописи кои претставуваат прекршоци, овластените лица ќе остават и записник за констатирани прекршоци кој е составен дел на овој записник (наод). Записникот претставува службен документ кој се составува врз основа на интерните правила донесени од страна на гувернерот на Народна банка. Тој содржи информации, податоци и согледувања на овластените лица за начинот на кој банката управува со ризиците на кои е изложена и за усогласеноста на работењето на банката со прописите, од кои може да се утврди сигурноста и стабилноста на баката. Записникот претставува службена тајна на Народата банка и банката е должна да ја чува. Банката може да ја цитира или на некој друг начин да ја наведе соржината на записникот само по претходно добиена писмена согласност од гувернерот на Народната банка. Овој документ се доставува до ченовите на Управниот одбор на банката и тие се должни да го разгледаат записникот и да достават негова копија до службата за внатрешна ревизија. Банката којашто била предмет на непосредната теренска контрола има право на приговор на записникот. Банката треба да го достави приговорот до Народната банка во рок кој ќе го определи НБРМ, а кој не може да биде пократок од осум дена, ниту подолг од петнаесет дена. Во рамките на приговорот, банката има право да побара дополнителни појаснувања во врска со основите врз кои Народната банка ги зансова согледувањата за сигурноста, стабилноста, ризичноста на работењето и усогласеноста на работењето на банката со прописите. Овластените лица се должни на банката да и достават одговор на приговорот во рок што не е подолг од триесет дена од примањето на приговорот,по што и официјално ќе се смета дека теренската контрола е завршена, а записникот ќе се смета за конечен.

По конечноста на записникот, неговата копија се доставува до претседателот на надозрниот одбор на банката со барање тој да биде разгледан од страна на членовите на надзорниот одбор на првата наредна седница. Врз основа на конечниот записник , овластените работници можат да состават писмо до ченовите на управниот обор на банката во кое ќе биде наведена сумарната проценка на Народната банка за сигурноста, стабилноста и ризичноста на работењето на банката. Писмото претставува службена тајна на Народната банка и банката е должна да ја чува. Банката може да ја цитира или на некој начин да ја наведе содржината на писмото само по претходно добиена писмена согласност од гувернерот на Народната банка. Ова писмо се доставува до ченовите на управниот одбор и копија од писмото до претседателот на надзорниот одбор на банката со барање тоа да биде разгледано од страна на ченовите на одборот на првата наредна седница. Претседателот на надзорниот одбор е должен до Народната банка да достави копија од писмото на која ќе бидат потпишани сите членови на надзорниот одбор кои присуствувале на седницата, како и записник од седницата на надзорниот одбор на која се разгледувал конечниот запсиник и писмото. Овластените лица може да присуствуваат на седницата на надзорниот одбор на која се разгледувал записникот.

Супервизорскиот пристап на НБРМ[уреди | уреди извор]

Во 2008 година, НБРМ вовела ристап кон супервизијата заснован врз ризиците. Овој пристап е процес кој овозможува проценка на севкупниот профил на ризик на банка на континуирана основа, односно имајќи го предвид начелото на континуитет. Овој процес вклучува теренски и вонтеренски активности кои се надополнуваат меѓу себе и овозможуваат следење на профилот на ризик на една банка. Основата на овој пристап се заснова на делотворно планирање на супервизорските активности, во зависност од сознанијата на НБРМ за профилот на ризик на банката, и овозможува да се прилагодат супервизорските активности на големината на банката и комплексноста на нејзините активности. Основни чекори предвидении во супервизорскиот пристап на НБРМ:

  • Дефинирање на Профил на ризик врз основа на сознанијата за банката
  • Планирање на супервизорски активности во текот на годината
  • Дефинирање на опфатот на теренски и вонтеренски активности во текот на годината
  • Спроведување на теренски контролни активности во согласност со планот
  • Дефинирање на супервизорски стратегии врз основа на наодите од теренските контроли и вонтеренското следење
  • Преземање на корективни мерки и активности и следење на нивното спроведување
  • Редовно ажурирање на профилот на ризик на банките.[8]

Во фокусот на супервизорскиот пристап на НБРМ се следните ризици:

Супервизорскиот пристап овозможува НБРМ да изврши проценка за секој од наведените ризици на:

  • нивото на преземен ризик од банката,
  • начинот на кој банката управува со ризикот,
  • насоката на движење на ризикот во наредниот период од 12 месеци,
  • Нивото на преземен ризик претставува ризикот кој Банката го презела, односно во согласност со усвоената стратегија планира да го преземе,
  • Нивото на секој одделен ризик се мери преку повеќе дефинирани индикатори, согласно усвоена методологија на НБРМ,
  • НБРМ користи три скалила за оценка на преземеното ниво на ризик: ниско, средно и високо.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Your dictionary, Bank supervision[мртва врска]
  2. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 58.
  3. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 70.
  4. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 72-76.
  5. „Federal Reserve Education“. Архивирано од изворникот на 2013-12-22. Посетено на 2013-12-21.
  6. Закон за Народна банка на Република Македонија, Службен весник на Република Македонија бр. 158/10, 123/12 и 43/14.
  7. НБРМ (пристапено на 13.4.2014)
  8. 8,0 8,1 8,2 Презентација на супервизорската функција на НБРМ
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 НБРМ, Одлука за начинот на вршење на супервизија и надзор, Службен весник на РМ бр. 31/2008.
  10. НБРМ
  11. „НБРМ“. Архивирано од изворникот на 2014-03-25. Посетено на 2014-02-25.
  12. „НБРМ“. Архивирано од изворникот на 2014-03-25. Посетено на 2014-02-25.
  13. Одлука за начинот на вршење супервизија и надзор (“Сл. Весник на РМ” бр. 32/2008)