Лизинг
|
|
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Лизингот е трговска дејност од понов датум преку која трговските субјекти, најчесто малите и средните претпријатија, се обраќаат до некоја специјализирана институција да земат под закуп-лизинг инвестициона опрема за определен рок и за определен надомест.
Поим на договорот за лизинг [уреди]
Во потесна смисла, под поимот лизинг се подразбира договорот за лизинг. Под овој договор се подразбира обврска за едната договорна страна –давател на лизинг да ја отстапи договорената ствар на користење и да ги преземе сите други дејствија во врска со правилно и уредно искористување на договорената ствар на другата договорна страна- корисник на лизинг, која, од своја страна, се обврзува на другата договорна страна да и ја плати договорената награда, односно лизинг рата.[1]
Друга дефиниција би била, дека лизингот е договорен однос со кој едната страна- давател на лизинг се обврзува на другата страна- корисник на лизинг, да и финансира набавка на опрема, на тој начин што опремата која корисникот на лизинг ќе ја одбере, давателот на лизинг ќе ја купи или порача да се направи кај производител, па откако давателот на лизинг ќе стане нејзин сопственик ќе ја предаде на користење и употреба на корисникот на лизинг на одредено време, а корисникот на лизинг се обврзува да плати одреден надоместок за истото, со право да може по истекот на рокот на договорот, истата да ја купи, да ја врати или продолжи да ја користи.
Сопственик на предметот што се дава на користење е јасно определен, тоа е давателот на лизинг предметот. Всушност се работи за договорен пренос на правото на користење на современа и најнова техничко- технолошка инвестициона опрема, кое право може да вклучува и елементи на лиценца и/или know how. Овој договорен пренос на правото на користење може, но не мора да заврши со пренос на правото на сопственост, што од своја страна, значи прифаќање на функционално-прагматичниот отколку на формално и догматско-традиционалниот пристап на водење на бизнисот.
Функционалниот пристап упатува на тоа дека претприемачите не треба да се оптоваруваат со правото на сопственост во водењето на својот деловен потфат, туку нивна движечка сила треба да биде мотивот како побрзо да дојдат до посовремени и поефтини средства за работа.
Договорни страни [уреди]
Даватели на лизинг можат да бидат домашни или странски трговски друштва кои согласно Законот за трговски друштва, основале подружница во Република Македонија и согласно Законот за лизинг добиле дозвола од Министерството за финансии[1] за вршење на финансиски лизинг.
Како корисник на лизинг може да се јави секое домашно или странско, деловно способно физичко или правно лице кое е регистрирано во соодветен регистар, кое лице го прима на користење предметот на лизинг[2].
Права и обврски на договорните страни [уреди]
Корисникот на лизинг ги има следниве права и обврски:
- има право да го користи предметот за економска корист
- има фактичко владение врз предметот, но правно не е сопственик
- треба да му ја плати на давателот на лизинг договорената лизинг рата
Давателот на лизинг ги има следниве права и обврски:
- правно е сопственик на лизинг предметот
- му дозволува на корисникот на лизинг да го употребува и да ја извлекува економската корист од лизинг предметот
- има право на наплата на лизинг рата.
Предмет на лизинг [уреди]
Предмет на лизинг е секој подвижен или недвижен предмет кој се дава на користење на корисникот на лизинг, освен оние предмети за кои со закон има ограничување да можат да бидат предмет на лизинг.
Како предмет на лизинг можат да се јават најразлични предмети и опрема. Каква опрема ќе се дава на лизинг зависи првенствено од давателот на лизинг, но и од потребите на корисникот на лизинг.
Правна природа на договорот за лизинг [уреди]
Лизингот во себе содржи елементи и институти од повеќе договори: договор за закуп, договор за заем, договор за купопродажба со одложено плаќање и сл.
Самото потекло на зборот лизинг доаѓа од англискиот to lease, што значи даваш под закуп или наем. Кредитната компонента кај договорот за лизинг се гледа во тоа што давателот на лизинг се јавува како финансиер или пак ангажира трет субјект да го финансира купувањето на лизинг предметот, а се покрива преку поврат на зголемени лизинг рати.
Од друга страна кај продажбата без оглед дали во готово или на кредит, намерата е сопственичките права де се пренесат во моментот на потпишување на договорот за продажба, а сопственоста се пренесува на купувач во моментот на предавање на стварта, додека кај купопродажбата со задржување на правото на сопственост, сопственоста се пренесува со плаќање на последната рата. Кај лизингот, при потпишување на договорот за лизинг, не постои намера за пренесување на сопственоста од давател на корисник на лизинг, ниту со исплата на последната лизинг рата.
Една од главните економско-правни карактеристики на лизингот е можноста за предвидување на една од трите алтернативи по истекот на рокот на договорот :
- да се врати предметот на лизингот на давателот на лизингот
- да се продолжи да се користи предметот по поповолни, повторно преговарани услови или
- лизинг предметот да премине во сопственост на корисникот на лизингот.
Форма на договорот за лизинг [уреди]
Во компаративното право, не постојат посебни одредби за формата на договорот за лизинг. Но, според македонското позитивно право, договорот за лизинг е строго формален договор, кој поради задолжителната содржина, мора да се завери кај нотар.[2]
Историска појава и развој на лизингот [уреди]
Функционалниот пристап на работење како модел е инхерентен за американската деловна практика. Овој факт објаснува зошто лизингот, заедно со франшизингот и другите алтернативни методи на финансирање, се појавуваат токму во САД и доживуваат своја светска, односно европска афирмација во Втората светска војна.
Според податоците од Меѓународната финансиска корпорација во 1994 година 1/8 од вкупните приватни вложувања во светот се вршеле по пат на лизинг системи, во земјите на Организацијата за европска соработка и развој ОЕЦД. Учеството во финансирањето по пат на лизинг изнесувало 1/3 од вкупните вложувања, и на крајот, во САД 350 милијарди долари се припишуваат како инвестиции по пат на лизинг.[3]
Лизингот е трет најзначаен извор на финансирање во светот, после кредитот и Евро-обврзниците.
Во Република Македонија, штедилницата “Можности” [3]беше прва финасиска институција која го воведе лизинг системот под нормативната капа на Законот за Облигациони односи.
Една од спецификите на лизингот е тоа што во развиените земји каде што се појавил и развил лизингот, не постојат посебни закони кои ја уредуваат лизинг дејноста и договорот за лизинг, туку тој се уредува по правилата на автономното, спонтано развиено трговско право.
Причини за појава на лизингот [уреди]
Според досегашните научни и практични изучувања и анализи на лизингот, како главни причини за неговата појава и развој се наведуваат:
- Потребата од развој на нови, алтернативни методи на финансирање на набавката на инвестициона опрема или други подвижни или недвижни предмети, посебно од страна на мали и средни претпријатија
- Неопходна форма за финансирање на малото стопанство, односно мали и средни претпријатија кои немаат доволно финансиски средства за набавка на сопствени средства за работа од една, и недовербата на банкарските институции кон малите, средните и нови претпријатија на пазарот, од друга страна.
- Со фаворизирањето на развојот на малото стопанство, се овозможува отварање на нови работни места и на тој начин се апсорбира вишокот на работната сила од гломазните индустриски системи.
- Отсуство на соодветна државна политика за помош и подршка на развојот на малото стопанство и др.
Предности и слабости на лизингот [уреди]
Предности на лизингот се :
- многу побрза и поедноставна постапка
(уредување на сите административни постапки, вклучувајќи и потпис на договорот кај давателот на лизинг)
- прилагодливи услови на одобрување
(лизингот многу повеќе се прилагодува на посебните барања на купувачите отколку било кој друг облик на финансирање)
- без хипотека
- билансно или вонбилансно прикажување на инвестициите во основни средства
(начинот на прикажување зависи од тоа дали купувачот се одлучил за финансиски или оперативен лизинг)
- помала даночна основа
(кај финансискиот лизинг ратата за лизинг во билансот на успех претставува трошок и тоа делумно како амортизација, а делумно како трошок на финансирање; кај оперативниот лизинг ратата во целост се третира како трошок)
- заштеда на обртен капитал
(финансирањето на купување на лизинг бара помал дел на сопствени средства, што овозможува натамошно прераспоредување на слободните средства за оние деловни активности кои обезбедуваат поголем профит од трошоците на лизинг)
- точно планирање на трошоци
(ратите за лизинг се номинирани во цврсти валути и не се менуваат до истек на догворот)
- со лизингот се избегнуваат тешкотиите при повторна продажба на опремата во која сте инвестирале свои пари- за тоа може да се погрижи давателот на лизинг.
Слабости на лизингот се :
- Како инструмент за финансирање е поскап од банкарските кредити, односно лизинг ратите, заради зголемениот ризик, се обично поскапи од ратите за отплата на банкарски кредити. Ако се направи калкулација на збирот на сите лизинг рати, плус евентуалното еднократно плаќање на крајот на договорот за да се купи лизинг предметот ке се види дека тој збир е поголем од набавната вредност на предметот и трошоците за тековно и инвестициско одржување, премијата за осигурување и сл.
- Потешко е да се обезбедат гаранции или други обезбедувања, во споредба со банкарските кредити за кои најчесто се договараат хипотеки како средста за обезбедување на отплатата на кредитот и други.
- Нерамноправност на договорните страни, се наметнува волјата на посилната договорна страна.
- Нееластичност на веќе склучен договор за лизинг во поглед на рокот на важење, висината на надоместокот, периодот на плаќањата, можноста за предвремен раскин на договорот. Во нашиот Закон за лизинг се предвидува, дека, со приемот на предметот на лизинг, за корисникот обврската за плаќање на надомест за користење на предметот на лизинг станува апсолутна и неотповиклива.
- Има негативно влијание во поглед на можноста за обновување и модернизација на основните средства на корисникот на техничко-технолошка опрема, бидејќи најчесто корисникот на лизингот по истекот на рокот на договорот или ја купува или ја зема повторно во лизинг опремата која е веќе застарена.[4]
Видови на лизинг договори [уреди]
1. Според карактеристиките на предметот на лизинг се разликуваат :
- лизинг на потрошни добра
- инвестиционен лизинг
- лизинг на подвижни и недвижни ствари
- лизинг на веќе употребени ствари
2. Според должината на траење на договорот се разликуваат :
- краткорочен или оперативен лизинг
- долгорочен или финансиски лизинг
3. Според положбата на давателот на лизинг постојат :
- лизинг каде што произведувачот на лизинг објектот и давател на лизингот се различни лица или лизинг преку лизинг друштво
- концерн лизинг, каде што лизинг друштвото по пат на концерн се поврзува со произведувачи, трговци и финансиски институции во единствен процес на лизинг услуги
- произведен лизинг, кога произведувачот на лизинг објектот истовремено е и давател на лизинот
- производно-финансиски лизинг, каде примателот на лизинг стапува во директни односи со банка која го кредитира примателот на лизингот во поглед на обврските кои произлегуваат од договорот за лизинг.
Финансиски лизинг [уреди]
Кај финансискиот лизинг среќаваме три страни :1) давател на лизинг, 2) корисник на лизинг и 3) финансиер, кој може да се јави како специјализирана лизинг компанија или банка или осигурителна компанија. Се состои од два договори: договор за лизинг, помеѓу давател и корисник на лизинг, и договор за купопродажба помеѓу давател на лизинг и производител или испорачувач на предметот на лизинг. Карактеристики на финансискиот лизинг:
- Среднорочен и повеќе кон долгорочен, во зависност од економската и техничка употребна вредност на предметот на лизинг. Според македонскиот Закон за лизинг, рокот на договорот за финансиски лизинг за движни предмети изнесува најмалку една, додека за недвижни предмети изнесува најмалку две години,
- Лизинг договорот најчесто не опфаќа услуги
- Лизинг предметот цело време останува во сопственост на лизинг друштвото и договорот временски го покрива амортизациониот период на лизинг предметот
- Давателот на лизинг целосно е исплатен за неговите капитални трошоци( набавна цена и трошоците за купопродажба на предметот), дополнителни трошоци или камата, профитот на давателот на лизингот, односно сите други трошоци со кои се соочува за времетраење на договорот
- Инвестицискиот ризик го сноси исклучиво корисникот на лизинг
- Најчесто, по истекот на рокот, договорот завршува со пренос на сопственоста врз предметот на корисникот на лизинг.
Оперативен лизинг [уреди]
Оперативниот лизинг претставува директен, непосреден двостран однос помеѓу давателот и корисникот на лизинг. Негови основни карактеристики се краткорочност и отповикливост.
Краткорочноста на оперативниот лизинг со себе ја носи последицата дека никогаш докрај не се плаќа економското искористување на опремата, односно не се покриваат вкупните амортизациони трошоци на лизинг предметот. Затоа кај овој вид на лизинг се јавува таканаречениот second hand лизинг, кога истата опрема се дава повторно на користење на лизинг или пак се продава.
Отповикливост значи, дека, корисникот на лизинг може да се справи со ризикот од лоша проценка за обем и технички карактеристики на опремата.
Исто така, од корисникот на лизинг зависи дали ќе го обнови, односно продолжи договорот при истекот на иницијалниот рок на договорот. Давателот на лизингот, кај оперативниот лизинг, за разлика од финансискиот лизинг, самиот го сноси инвестицискиот ризик од сопствената инвестиција.
Видови оперативен лизинг : лизинг на потрошни добра, лизинг на подвижни и недвижни ствари, sale and lease back лизинг, leverage лизинг, лизинг со полна услуга, инвестиционен лизинг и сл.
Правно уредување на лизингот во Република Македонија [уреди]
Во нормативната практика на Република Македонија, може да се разликуваат две фази во уредувањето на лизингот : Првата, до донесувањето на Законот за лизинг[5] и втората по донесување на овој закон.
За првата фаза карактеристично е што лизингот за надворешно- трговските потреби се уредуваше со Законот за надворешно-трговско работење[6] , додека во внатрешниот промет во недостаток на домашна легислатива, како помошни се користеа одредбите од сојузниот Закон за облигациони односи[4], а особено одредбите од договорот за продажба кои се однесуваат на продажба со задржување на правото на сопственост, потоа, на договорот за закуп, договорот за кредит, заради плаќањето на лизинг ратите и други.
Сепак, како најчести извори на договорот за лизинг се користеа општите услови за работење на специјализирани трговски организации кои се бавеа со вршење на лизинг дејност- лизинг друштвата.
Втората фаза ја означува влегувањето во сила на Законот за лизинг, кога своја полна примена доживува одредбата од член 571 од Законот за облигациони односи според која одредбите од договорот за закуп според ЗОО нема да се применуваат врз закупите уредени со посебни прописи, со што јасно се упатува дека на договорот за лизинг целосно и исклучиво ќе се применуваат одредбите од Законот за лизинг.
Како важен за лизингот во Република Македонија е Законот за банки каде што е утврдено дека со лизинг дејност, покрај банките, можат да се бават и небанкарски институции.
Важни за лизингот како алтернативен извор на финансирање на мали и средни претпријатија се и Законот за основање на македонска банка за подршка на развојот[5] и Предлогот за донесување на Закон за гарантен фонд на Република Македонија од 01 јули 2003 година, со кој се уредува начинот на издавање гаранции на име на обезбедување на дел од кредит или лизинг на крајни корисници. На меѓународен план, значајна е UNIDROIT Конвенцијата за меѓународен финансиски лизинг од Отава од 1988 година, која стапи насила на 01 мај 1995 година и се однесува само на финансискиот лизинг.
Република Македонија ја нема ратификувано оваа конвенција.[7]
Наводи [уреди]
- ↑ -“Уговори робног промета”- Проф. Др Владимир Капор и Проф. Др. Славко Царич, Нови Сад, 2000
- ↑ Водич за алтернативните извори на финансирање- Др. Горан Коевски
- ↑ Капитал, 18 април, 2002 година
- ↑ http://faktoring.com.mk/prednosti.htm
- ↑ Службен весник на Република Македонија—бр.4/2002 год
- ↑ Службен весник на Република Македонија- бр.31/93, 41/93, 78/93, 59/96, 15/97, 13/98, 50/99, 82/99 и 4/2001 г.
- ↑ Георгиева М-р Благица,” Лизинг-како алтернативен извор на финансирање”, Правник, стручно списание, бр.147/148, јули-август 2004
