Приватизација

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Приватизацијата претставува процес на пренесување на сопственоста од јавна (државна) во приватна сопственост.

Модели на приватизација[уреди]

  • Продажбата е најпознат и најстар модел на приватизација кој подразбира продавање на државното претпријатие на приватни лица. Тоа може да се направи преку продавање на акциите на претпријатието на берза или преку продавање на целото претпријатие (или на негов дел) на стратешки инвеститор по пат на аукција. Од земјите во транзиција приватизацијата преку продажба најмногу ја користеа Германија (за источно-германската економија), Унгарија и Естонија.
  • Ваучерската приватизација подразбира бесплатна поделба на специјални приватизациски пари (ваучери) на граѓаните, кои со нив купуваат акции во претпријатијата. Ваучерите обично се доделуваат според работниот стаж, возраста и друго. Најпознати ваучерски приватизации се чешката (и словачката) и руската, а ваквата приватизација делумно се користеше и во Полска, Литванија, Латвија, Словенија, Ерменија, Казахстан и Киргистан.
  • Акционерство на вработените подразбира значителни попусти на цената на акциите (или делумно бесплатна поделба) на менаџерите и/или вработените во претпријатието што се приватизира. Овој модел беше особено популарен на подрачјето на поранешна Југославија, како политички најбезболен начин на премин на самоуправната во приватна сопственост. Неа ја применуваа Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.

Приватизацијата во Република Македонија[уреди]

Процесот на приватизација во Република Македонија започна во 1989 година во тогашната СФРЈ со таканаречените закони на Анте Марковиќ (Законот за општествен капитал и Законот за лични доходи). Концептот на приватизација според тие закони беше интерно акционерство, кога со големи дисконти вработените акционери станаа сопственици во најголем дел во своите претпријатија. Подоцна во јуни 1993 година беше донесен македонскиот Закон за трансформација на претпријатија со општествен капитал, кој воведе поразличен и сосема попазарен модел на приватизација со кој се интензивира процесот на приватизација. Потоа, во 1995 година се донесе Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби, а во 1996 година и Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште. Во 1996 година е донесен уште еден закон, Законот за приватизација на државниот капитал во претпријатијата, со чиј член 14 се предвидува попусти за продажба на државниот капитал, за промптно плаќање со денари во готово при продажбата на државниот капитал со јавен повик, од 60%.

Со процесот на приватизација раководеше Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, попозната како Агенција за приватизација. При нејзиното затворање, на крајот од 2003 година беа продадени акции и удели во 1.700 претпријатија за што државата инкасираше нешто над 2 милијарди и 300 милиони евра.[1][2] Според одредени проценки, во овој процес на приватизација државата инкасираше едвај 20% од вредноста на претпријатијата.[3]

Се смета дека од земјите во Централноисточна Европа, за најнеуспешни се сметаат процесите на приватизација во Македонија и во Романија. Најлош резултат од трансформацијата на државните претпријатија се таканаречените претпријатија-загубари. Како загубари во 1994 година биле издвоени 25 претпријатија, во 1999 година уште 12 претпријатија го добија статусот на загубари, а во 2001 година уште 40 нови. Со приватизацијата речиси 95 отсто до македонските претпријатија се приватизирани. [4]

Извори[уреди]

Литература[уреди]

Надворешни врски[уреди]