Финансиски дериват

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Финансиски деривати)
Трговци со деривати во Чикашката трговска палата

Финансиски дериват (англиски: financial derivative) — финансиски инструмент чија вредност е изведена од вредноста на некој друг финансиски инструмент. Имено, неопходно е да постои некој друг инструмент или договор (акција, обврзница, заем итн.) врз кој ќе се формира и заснова деривативниот инструмент, како дополнителен договор на основниот.[1] Исто така, дериватот може да се дефинира како „приватен договор кој е изведен од вредноста на некое темелно средство, референтна каматна стапка или индекс, како: акција, обврзница, девизи или стоки.“ Основната одлика на дериватот е тоа што овозможува раздвојување на сопственоста над средствата од пазарниот ризик.[2] Првиот финансиски дериват се појавил на 16 мај 1972 година на Чикашката стокова берза (Chicago Mercantile Exchange).[3]

Одлики и тргување[уреди | уреди извор]

Финансиските деривати го добиле своето име оттаму што нивната вредност е изведена од вредноста на некои други финансиски инструменти или договори, коишто се нарекуваат темелни (underlying) инструменти. Така, како основа на финансиските деривати може да послужат: акциите, обврзниците, девизите, инструментите на пазарот на пари или берзанските индекси. Притоа, номиналната вредност на финансиските инструменти што се предмет на договорот се нарекува договорна вредност (notional amount) на дериватите.[4]

Финансиските деривати се релативно нова појава во финансиите. Организираното тргување со финансиските фјучерси и опции датира од првата половина на 1970-тите, додека каматните свопови се појавиле во почетокот на 1980-тите.[4] Меѓутоа, во кус временски период, пазарите на финансиски деривати доживеале експлозивен пораст, т.е. од година во година, договорната вредност на дериватите и вредноста на остварениот промет бележат нагорна линија, а истовремено, пазарот постојано се збогатува со нови, посложени финансиски инструменти.

Брзиот растеж на финансиските деривати се должи на три основни фактори:[5]

  • зголемената нестабилност на глобалната економија (пропаста на Бретонвудскиот систем во 1970-тите, кризата на пазарот на обврзници во 1980-ти итн.)
  • технолошките промени, во прв ред, равојот на комуникациската технологија и напредокот во финансиската теорија
  • политичките настани - дерегулацијата и либерализацијата на пазарите.

Во 1998 година, Банката за меѓународни порамнувања почнала да собира податоци за прометот на пазарите на финансиски деривати. Во 1988 година, вкупната номинална вредност на финансиските деривати изнесувала 2 634 милијарди долари, од кои 1 330 милијарди отпаѓале на дериватите со кои се тргува на пазарите преку шалтер, додека 1 304 милијарди отпаѓале на дериватите со кои се тргува на берзите. За само десет години, овие износи вртоглаво се зголемиле. Така, во 1998 година, вкупната номинална вредност на финансиските деривати изнесувала 94 254 милијарди долари, од кои, 80 318 милијарди отпаѓале на дериватите со кои се тргува на пазарите преку шалтер, додека 13 936 милијарди отпаѓале на дериватите со кои се тргува на берзите.[6] Тој тренд продолжил и во XXI век: Во 2006 година, вредноста на финансиските деривати изнесувала 485.703 милијарди долари. Најголем дел од вредноста на дериватите отпаѓа на шалтерските пазари - 415 182 милијарди долари, или 85% од вкупната вредност, додека вредноста на дериватите со кои се тргува на берзите е многу помала - 70 521 милијарди долари.[7] Во декември 2013 година, номиналната вредност на дериватите со кои се тргува на шалтерските пазари достигнала дури 710 100 милијарди долари, додека вредноста на дериватите со кои тргува на берзите изнесувала 64 600 милијарди долари. Меѓутоа, кога се толкуваат овие износи, треба да се води сметка дека номиналната вредности на финансиските деривати не е еднаква на вредноста на самите деривати, т.е. вредноста на самиот дериват е далеку помала од номиналната вредност на финансиските инструменти на кои гласи дериватот. Оттука, според проценките на Банката за меѓународни порамнувања, во декември 2013 година, бруто-пазарната вредност на сите договори за финансиски деривати на шалтерските пазари изнесувала 18 700 милијарди долари.[8]

Финансиските деривати се сложени финансиски инструменти и нивното непознавање може да предизвика големи загуби за оние кои тргуваат со нив. На пример, во периодот од 1987 до 1995 година, вкупните јавно објавени загуби од работата со дериватите изнесувале 16,7 милијарди долари. Поважни случки на големи загуби кои се поврзани со тргувањето и онвестирањето во деривати се:[9]

  • загубата на „Showa Shell Sekiyu“ во износ од 1,58 милијарди долари поврзана со валутните договори со идна испорака
  • загубата на „Kashima Oil“ во износ од 1,45 милијарди долари поради валутните договори со идна испорака
  • загубата на „Metallgesellschaft“ во износ од 1,34 милијарди долари поради нафтените фјучерси
  • загубата на „Barings“ во износ од 1,33 милијарди долари поради фјучерсите на индексите на акции
  • загубата на „Codelco“ во износ од 200 милиони долари поради фјучерсите на бакар
  • загубата на „Проктер и гембл“ во износ од 157 милиони долари поради диференцијалните свопови

Видови финансиски деривати[уреди | уреди извор]

Денес, клучните финансиските деривати на финансискиот пазар се договорите за идна испорака, фјучерсите, опциите и своповите.[1] Исто така, постојат и бројни варијанти, како што се варантите и правата на акција, како вид на опција.

Од гледна точка на основниот инструмент од кој се изведени, финансиските деривати може да се поделат на неколку видови: валутни деривати, деривати на акции, деривати на каматни стапки, стокови деривати итн. Притоа, најголемо значење имаат договорите на каматните стапки. Така, во 2006 година, овие деривати учествувале 90% во вредноста на дериватите со кои се тргува на берзите. Имено, од вкупната вредност на финансиските деривати со кои се тргува на берзите, вредноста на договорите на каматните стапки изнесувала 62.652 милијарди долари, споредено со договорите на акции (7.612 милијарди) и валутните деривати (257 милијарди). Исто така, дериватите на каматните стапки доминираат и во трговијата со финансиски деривати со кои се тргува на шалтерските пазари каде нивното учество изнесува 70%. Така, во 2006 година, вредноста на договорите на каматните стапки со кои се тргува на шалтерските пазари изнесувала дури 291.987 милијарди долари, споредно со валутните деривати (40.179 милијарди), договорите поврзани со акции (7.485 милијарди), стоковните деривати (6 938 милијарди) и другите договори (68.593 милијарди).[10]

Договор за идна испорака[уреди | уреди извор]

Договор за идна испорака (forward contract) е договор со кој две страни, купувач и продавач, се договараат да извршат купопродажба на некое добро (хартија од вредност или некој друг берзански производ - нафта, жито, метали и сл.) на одреден датум во иднина, по однапред договорена цена. Со тоа, и купувачот и продавачот однапред ја осигуруваат цената по која можат да го купат, односно да го продадат доброто што е предмет на договорот и така го избегнуваат ризикот од неповолни промени во нивото на цените во периодот што следува до моментот на реализација на договорот. Кај договорите за идна испорака, сите елементи самостојно ги договараат учесниците во трансакцијата. Тоа дава однапред флексибилност, но истовремено, во голема мера ја отежнува натамошната трговија со овој договор, кој е специфициран за потребите на учесниците, поради што ваквите договори и не се предмет на трговија на берзите.[11] Постојат повеќе видови финансиски договори за идна испорака, како: каматни договори за идна испорака, девизни договори за идна испорака итн.

Каматните договори за идна испорака им овозможуваат на институциите да го намалат каматниот ризик. Овие договори вклучуваат повеќе елементи:

  • определување на должничкиот инструмент кој ќе биде предмет на испорака на некој иден датум;
  • износот на должничкиот инструмент што треба да биде испорачан;
  • цената (каматната стапка) на инструментот кога ќе биде испорачан, и
  • датумот кога испораката треба да се одигра.

На пример: една банка се согласува по една година да му продаде на клиентот државни обврзници со номинална вредност од 10 милиони долари, кои стасуваат во 2013 година, со купонска стапка од 6%, по цена која носи принос еднаков на денешната каматна стапка, од на пример, 6%. Со оглед на тоа што клиентот ќе ги купи обврзниците на некој иден датум, за него се вели дека зазема долга позиција, додека за банката која ќе ги продаде обврзниците се вели дека зазема кратка позиција.[12]

Банката - продавач на обврзниците има мотив да се заштити од каматниот ризик, во случај ако сака да ги продаде обврзниците пред да тие да достасаат. Банката денес поседува обврзници во вредност од 10 милиони долари, кои достасуваат во 2013 година, но ако каматните стапки пораснат, таа може да доживее капитална загуба, доколку треба да ги продаде. Со помош на договорот за идна испорака, таа ја фиксира идната цена и така го елиминира ценовниот ризик кој би можел да произлезе од промените на каматните стапки. Од друга страна, клиентот има намера да оствари прилив на средства во износ од 10 милиони долари, кои би сакал да ги вложи во државни обврзници со купонска стапка од 6%. Но, тој се плаши дека каматните стапки на овие обврзници можат да опаднат до следната година. Со договорот за идна испорака, тој успева да ја фиксира каматната стапка на државните обврзници.

Предноста на договорите за идна испорака се состои во тоа што тие се флексибилни и можат да бидат скроени според потребите на двете страни. Но, овие договори содржат и два недостатока, кои сериозно ја ограничуваат нивната употреба. Првиот недостаток се состои во тоа што може да биде тешко да се најде партнер кој би прифатил договор за идна испорака. Дури и ако партнерот постои, а со оглед на тоа што тој ќе биде единствена заинтересирана страна, другата договорна страна може нема да добие задоволителна цена. Според ова, пазарот на договори за идна испорака се одликува со недоволна ликвидност. Вториот проблем со овие договори е дека тие се подложни на ризикот од неплаќање, зашто едната страна во меѓувреме може да банкротира и нема да биде во состојба да ги исполни обврските од договорот. Со тоа, другата страна би морала да ги бара своите права на суд, што е долг и скап процес. Фактот дека едната страна на договорот се соочува со ризикот од неплаќање, значи дека страните во договорот мораат да се ангажираат во испитувањето на финансиската состојба на партнерите. Тоа подразбира дополнителни трошоци и појава на проблемите на погрешна селекција и морален ризик.[13]

Фјучерси[уреди | уреди извор]

Фјучерсните договори се повеќе формални од терминските договори. Финансиските фјучерси (futures) се разликуваат од терминските во неколку битни аспекти:

  • Фјучерсите се однесуваат на испорака на конкретни финансиски инструменти, или на точно определени датуми, или во рамките на ограничени временски периоди во иднина. Фјучерсите се стандардизирани во поглед на количините, периодите за испорака и квалитетот на испорачаните инструменти.
  • Иако мора да постојат купувач и продавач кога се создава секој нов договор, двете страни во трансакцијата склучуваат формални договори со берзата, а не едната со другата. Поради тоа, секоја страна во договорот може да ликвидира својата идна обврска, да купи или испорача некој финансиски инструмент, пребивајќи ја со продажба или купување на фјучерс-договор пред програмираниот датум на испорака.
  • На пазарите на фјучерси, речиси сите договори се пребиваат пред испораката.
  • Секоја од страните во договорот е обврзана да депонира извесна сума (margin) кај берзата, за да се намали веројатноста дека ќе дојде до неисполнување на обврската од една од страните во договорот.
  • Бидејќи депонираната сума варира зависно од движењето на цената на инструментот (кај едната страна се зголемува, кај другата се намалува), таа не смее да падне под определен износ, така што страната што трпи загуби мора да ја надомести сумата на депозитот, доколку падне под тој износ.[14]

Постојат два главни типа учесници на пазарите на фјучерси: хеџери (hedgers) и шпекуланти (speculators). Хеџерите настојуваат да го намалат ценовниот ризик што постои во нивните биланси и во нивните идни деловни активности, преку трансакции со кои се гарантираат куповните и продажните цени кај блиску поврзаните фјучерс-договори. Таквите трансакции се случуваат не само на финансиските, туку и на другите видови пазари. Шпекулаторите го преземаат врз себе ризикот на пазарите на фјучерси. Тие се подготвени да влезат во трансакцијата, надевајќи се дека движењето на цените ќе се одвива во поволна насока. Ако цените навистина се движат поволно, тие можат набрзина да се збогатат. Но, ако цените се движат неповолно, тие можат да загубат многу пари.[15]

Опции[уреди | уреди извор]

Опциите (options) им овозможуваат на луѓето да купуваат или продаваат разни финансиски инструменти по однапред определена цена, наречена цена на извршување (exercise price; strike price) до извесно идно време. Една опција може да се смета за извршена, кога нејзиното време истекло или кога во неа предвиденото купување или продавање на инструментот е извршено. Опциите се разликуваат од фјучерсите на три клучни начини:

  • Прво, кај американската опција (American option), правото да се купи или продаде основниот финансиски инструмент постои во текот на времето, а не само во точно определено време. Европската опција (European option) може да биде извршена само на датата на нејзиното истекување.
  • Втората разлика е што купувачот на опцијата му плаќа на продавачот ''премија'' (premium). Продавачот на опцијата ја задржува премијата, без оглед дали опцијата е извршена.
  • Третата разлика, која е најважна, е тоа што опцијата не мора да биде извршена, ако не е во полза на купувачот да го направи тоа.[16]

Опцијата му дава на купувачот еднострана можност. Ако движењата на цените се поволни, купувачот ја реализира опцијата и остварува добивка. Ако движењата на цените се штетни купувачот може да ја ограничи штетата, ако дозволи опцијата да остане нереализирана. Поради оваа одлика, опциите им пружаат на купувачите осигурување од неповолните движења на цените. Ако движењето на цените е неповолно, купувачот ја губи само премијата платена да се купи опцијата. Премијата, всушност, ја претставува цената на ова осигурување.[17]

Постојат два типа опции: продажни и куповни. Куповната опција (call option) му дава на купувачот на опцијата право да купи финансиски инструмент по цената на извршување. Продажната опција (put option) му дава на купувачот на опцијата право да продаде финансиски инструмент по цената на извршување. Продавачот на продажната опција се согласува да го продаде инструментот по цената на извршување, ако купувачот ја изврши опцијата; продавачот на куповната опција се согласува да го купи инструментот по цената на извршување, ако купувачот ја изврши опцијата.[16]

Свопови[уреди | уреди извор]

Своповите (swaps) се релативно нов вид финансиски деривати, создадени во 1981 година, но оттогаш, тие доживеале експлозивен растеж. Своповите се слични на терминските договори во тоа што гарантираат размена на два инструмента помеѓу партнерите на некоја дата (или во некој временски интервал) во иднина. Но, за разлика од терминските договори, своповите вообичаено се договараат само за нето трансфер на средства. На пример, ако едната страна во свопот должи на другата страна камата од 9%, пресметана на некоја фиктивна главнина (notional principal) од 1 милион, а другата страна должи на првата 8% на истата фиктивна главнина, тие треба да ја разменат само разликата меѓу двата износа на каматата. Износот на главнината е фиктивен во таа смисла што тој никогаш не се разменува меѓу страните во договорот, туку само служи како основа за пресметување на каматaтa што се разменува. Исто така, за разлика од терминските договори, точните услови за тргување вообичаено однапред не се определени, туку варираат со движењата на каматните стапки, девизните курсеви и другите идни цени. Значи, ако едната страна може да плаќа фиксна каматна стапка од 9% на фиктивната главнина, додека другата може да плаќа променлива каматна стапка. Своповите често се употребуваат да го неутрализираат каматниот ризик преку размената на фиксни каматни плаќања за варијабилни каматни плаќања, при што станува збор за каматни свопови (interest rate swaps). Другата широка група своп договори се употребува за неутрализирање на валутниот ризик и се нарекува валутни свопови (currency swaps).[18]

Варанти[уреди | уреди извор]

Варантите (warrants) претставуваат финансиски деривати со кои може да се тргува на пазарот на хартии од вредност. Како еден вид куповни опции и нивната цена ќе зависи од речиси истите фактори од кои зависи и цената на куповните опции. Варантот претставува хартија од вредност која ја издава компанијата и која му овозможува на нејзиниот имател да купи одреден број акции од компанијата по однапред дефинирана цена, во определен временски период.[19]

При емисијата, варантите се продаваат така што нивната емисија претставува извор на средства за компанијата. Реализационата цена, означена во варантот, во моментот на емисијата е повисока од тековната пазарна цена на акцијата, на пример, поради што неговата реализација во моментот на емисијата е неисплатлива. Тоа е и целта, варантите да се реализираат подоцна, бидејќи со нивната реализација фирмата емитува дополнителни акции, со што се разводнува управувањето, како и добивката по акција. Понекогаш, варантите не се продаваат, туку им се доделуваат бесплатно на кредиторите на фирмата или на купувачите на обврзниците. Целта на оваа постапка е да се направат обврзниците на претпријатието поатрактивни, т.е. да се обезбеди нивната емисија со понизок трошок на капиталот. При тоа, варантите можат да бидат закачени за самата обврзница или одвоени. Доколку се закачени за обврзницата, тие се продаваат заедно со неа и ја зголемуваат нејзината вредност, во спротивно, се тргува со нив како со посебна хартија од вредност.[19]

Права на акции[уреди | уреди извор]

Правата на акции (stock rights; preemptive rights) се еден вид опции. При емисијата на нови акции, компаниите често ја користат можноста на новоемитуваните акции да им бидат најпрво понудени на постојните акционери, по привилегирани услови. Со тоа на акционерите им се дава една дополнителна корист која произлегува од поседувањето акции, покрај правото на дивиденда и правото на глас. За реализација на оваа можност, компаниите што планираат да емитуваат акции издаваат т.н. права на купување акции, како посебен вид опција, достапна само на постојните акционери. Правата на акции се посебен вид хартии од вредност кои им даваат на нивните сопственици можност да купат акции од новата емисија по однапред утврдена цена. Оваа цена, за разлика од варантите, при емисијата на правата е пониска од пазарната цена на акциите (обично за околу 10-20%). На тој начин, постојните акционери се стимулираат да ги реализираат правата и да купат акции по повластена цена.[20]

Нетрадиционални деривати[уреди | уреди извор]

Покрај вообичаени видови, на пазарите се среќаваат и посебни видови деривати, како:[21]

  • Временски деривати (weather derivatives): Тие се појавиле во 1997 година за заштита на ризикот поврзан со временските услови. Типичен вид ваков дериват е опција која на купувачот му исплаќа определен износ кој зависи од кумулативниот број денови на греење (или на ладење) во текот на месецот. Ваквите деривати ги користат производителите и големите потрошувачи на топлинска енергија. Во септември 1999 година, на Чикашката стокова берза (Chicago Mercantile Exchange) почнало да се тргува со временски фјучерси и со европски опции на временски фјучерси. Подоцна, оваа берза почнала да нуди временски опции и фјучерси за повеќе градови низ светот, како и фјучерси и опции на урагани, мраз и снежни врнежи.
  • Деривати кои гласат на нафта (oil derivatives): На шалтерските пазари се тргува со разни видови деривати (опции, фјучерси, свопови) кои гласат на нафта. Овие договори некогаш се порамнуваат со готовинска исплата, а некогаш со физичка испорака на нафта. Исто така, многу се застапени и дериватите на нафта со кои се тргува на берзите. На пример, на Chicago Mercantile Exchange и на Intercontinental Exchange се тргува со повеќе фјучерси и опции кои гласат на нафта при што еден договор гласи на илјада барели нафта, а порамнувањето е во готово или со физичка испорака. Освен тоа, на Chicago Mercantile Exchange се тргува и со финансиски деривати кои гласат на бензин и на масло за греење, а овие договори гласат на 42 000 галони.
  • Деривати кои гласат на природен гас: Овие деривати гласат на испорака на определено количество гас во текот на еден месец, а продавачот на гасот е задолжен за преносот на низ гасоводите до наведеното место. На пример, на Chicago Mercantile Exchange се тргува со договори кои гласат на 10 000 милиони британски термални единици природен гас при што договорот бара физичка испорака на гасот во текот на еден месец до определено место во Луизијана. Слични договори се тргуваат и на Intercontinental Exchange.
  • Деривати кои гласат на струја: На Chicago Mercantile Exchange се тргува со фјучерси кои гласат на цената на електричната енергија, додека на шалтерските пазари активно се тргува со опции и свопови на електрична енергија. Типичниот договор ѝ дава право на едната страна да прими определен број мегават-часови по определена цена на определено место во текот на еден месец. Притоа, ако договорот гласи 5 х 8, тој се однесува на испорака на струја во текот на петте работни дена во седмицата (од понеделник до петок) во текот на периодот со помала потрошувачка (од 23 до 7 часот); ако договорот гласи 5 х 16, струјата се испорачува во текот на петте работни дена во периодот со поголема потрошувачка (од 7 до 11 часот); најпосле, договорот кој гласи 7 х 24 дава право на прием на струја во текот на целото деноноќие, и тоа во секој ден од седмицата. Опциите на струја се извршуваат или дневно или месечно: во првиот случај, сопственикот на опцијата може да бира во кој ден од месецот да му се испорача струјата по наведената цена; во вториот случај, на почетокот на месецот, сопственикот на опцијата треба да одлучи дали да бара испорака на струја за целиот месец.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 265.
  2. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 8-9.
  3. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 11.
  4. 4,0 4,1 Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 413.
  5. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 13.
  6. Shelagh Heffernan, Modern Banking, Chichester, England: John Wiley & Sons, UK, 2005, стр. 43.
  7. OTC derivatives market activity in the second half of 2006, Bank for International Settlements, Monetary and Economic Department, Basel, May 2007, стр. 9.
  8. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 87-88.
  9. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 25.
  10. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 415.
  11. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 265-266.
  12. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 252-253.
  13. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 253-254.
  14. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 254.
  15. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 256-25.
  16. 16,0 16,1 Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 258.
  17. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 258.
  18. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2009, стр. 261.
  19. 19,0 19,1 Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 272-273.
  20. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 274.
  21. John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 109-112.