Змија

Од Википедија

Скокни на: навигација, барај
Змии
Фосилен опсег: Креда - денес
Дамчест питонAntaresia maculosa
Дамчест питон
Antaresia maculosa
Научна класификација
Царство: Животни
Тип: Хордати
Поттип: ‘Рбетници
Класа: Sauropsida
Подкласа: Diapsida
Инфракласа: Lepidosauromorpha
Надред: Lepidosauria
Ред: Squamata
Подред: Serpentes
Лине, 1758
сино: морски змии, црно: копнени змии
сино: морски змии, црно: копнени змии
Инфраредови и фамилии
Штотуку преслечена мамба (Dendroaspis angusticeps).

Змијата е безножно животно со долго, совитливо тело прекриено со лушпи кои се ќерамидесто наредени на него. Змиите спаѓаат во групата на влекачите. Се мисли дека змиите еволуирале од гуштерите, со кои делат многу заеднички карактеристики, а особено со т.н. безножни гуштери, кои имаат ситни и речиси незабележливи екстремитети. Но, за разлика од гуштерите, змиите имаат тенок, вилушковидно рассечен јазик, а кај нив отсуствува надворешно уво. Исто така, додека повеќето од гуштерите имаат подвижни очни капачиња кои периодично се затвораат за да ги заштитат и подмачкаат очите, змиите секогаш ги држат отворени своите очи кои се заштитени со мигателна ципа (неподвижна, проѕирна лушпа).

Змијата целосно ја проголтува својата храна - оваа змија дигерира јајце.

Како и сите влекачи, змиите се ладнокрвни (ектотермни), што значи дека неможат да произведат своја телесна топлина. Затоа, тие зависат од Сонцето за да ја регулираат телесната температура. Бидејќи метаболизмот не игра улога при терморегулацијата, овие животни можат да преживеат со многу сиромашна исхрана. Некои чекаат со месеци помеѓу последователните оброци, а неколку видови можат да преживеат јадејќи само еднаш или двапати во годината. Кога јадат, змиите целосно го голтаат пленот и не го разгризуваат. Многу змии поседуваат специјализирани вилици со кои можат да проголтаат животни кои се многу поголеми од нивните глави на тој начин што долната вилица има способност да се раздели и да го зголеми усниот отвор и повторно да се склопи. Набљудувањата извршени на африканскиот карпест питон укажуваат на тоа дека овој вид на змија може да изеде животни големи колку антилопа или помала крава.

Со преку 2500 опишани видови што припаѓаат на повеќе од 10 фамилии, змиите се голема и успешна група. Успехот во опстанокот се должи на нивната прилагодливост, што се огледува во тоа што змиите живеат во живеалишта како подземни дупки, врвовите на крошните од дрвата, како и во океанските длабочини до 150 m. Најдени се на секој континент, освен Антарктик. Места без змии во светот се и изолираните острови, како Ирска и Нов Зеланд.

Содржина

[уреди] Морфологија

Иако сите змии имаат долго и цилиндрично тело, многу видови поседуваат единствени модификации прилагодени на живеалиштата или начинот на живеење. Змиите кои се закопуваат, на пример, имаат мускулести и дебели тела и глави доволно цврсти за да копаат во почвата. Морските змии имаат зарамнети опашки за пливање, додека змиите кои живеат по дрвата поседуваат долги и тенки тела. Некои змии, како питоните, покажуваат особини кои ја отсликуваат еволуцијата од гуштерите или гуштеровидните претци: траги од задни екстремитети, кои се позабележливи кај мажјаците.

Глава на слепоока змија.

Најмалите змии се слепооките. На пример, еден претставник од оваа група достигнува едвај 13 cm во должина, а тежи помалку од 2 g. Најголеми претставници се анакондата и мрежестиот питон, кои може да достигнат 10 m во должина, а да тежат и до 250 kg. Кај повеќето змии, женките се поголеми од мажјаците.

[уреди] Анатомија

[уреди] Кожа

Телата на змиите се препокриени со преклопувачки лушпи составени од протеинот кератин. Овие проѕирни лушпи се дел од сувата и мазна надворешна обвивка (слој) на кожата, чија првенствена улога е да спречи загуба на вода. Бојата на змиите доаѓа од пигментните клетки расположени во слојот под надворешната обвивка и таа често ја имитира онаа од животната средина, а понекогаш служи како предупредувачки знак (жолти и портокалови тонови на коралната змија).

Со тек на растењето, змиите ја преслекуваат надворешната кожна обвивка. Кај некои видови ова се случува на отприлика 20 дена, но кај некои еднаш годишно. Преслекувањето се обавува со триење од карпа или друг цврст објект.

[уреди] Скелетен систем

Коските на змиите се лесни и многу совитливи. ‘Рбетниот столб се состои од необично голем број на прешлени - околу 100 - а некои имаат и повеќе од 400. За споредба, човекот има само 32 прешлена. За разлика од останатите ‘рбетници, ребрата на змиите не се поврзани со градна коска, туку секое ребро е поврзано со прешлен, како и со еластични мускули. Ова и овозможува на змијата да внесе плен во својот систем за варење кој е доста покрупен од неа. Исто така, на овој начин змијата може да се свие во компактна топка.

Черепот на змиите покажува слични модификации. Коските кои ја сочинуваат вилицата на змијата не се ригидно прицврстени за черепот, туку со слаби врски од типот на мускули и лигаменти.

[уреди] Внатрешни органи

Змиите делат слична анатомија со останатите влекачи, но модифицирана со цел поминување низ мошне тесен простор. Трикоморното срце на змијата може да се поместува настрана за да обезбеди место за големиот плен во желудникот. Респираторниот систем на змијата е исто така компактен: повеќето видови имаат само еден функционален бел дроб, најчесто десниот. Левиот бел дроб кај овие единки е редуциран или непостоечки. Двата бубрега на змијата се распоредени така што левиот лежи зад десниот. Слично е со репродуктивниот систем: постојат пар тестиси (кај мажјаците) и пар на јајчници (кај женките). Змијата има многу совитлив и мускулест желудник, тенок црн дроб, како и тенко и дебело црево. За разлика од тенките црева на повеќето други ‘рбетници, оние на змиите се исправени низ телото, а не совиткани. Како и останатите влекачи, и змиите поседуваат клоака, во која се исфрлаат екскрементите од дигестивниот систем, како и јајце клетките и сперматозоидите пред да го напуштат телото. Змиите немаат мочен меур, а сите екскрети ги излачуваат преку правото црево (ректум).

[уреди] Сетила

Термографска снимка на змија која јаде глушец.

Најголем дел од информациите од животната средина, змијата ги добива преку Јакобсоновиот орган сместен на горната страна од устата. Како мирисен орган служи јазикот, кој змијата континуирано го издава од устата. Кога тој се враќа во устата, вилушковидниот врв се сместува во длабнатинки во Јакобсоновиот орган, каде се детектира мирисот. Овој сетилен механизам е мошне осетлив и змијата го користи за да го детектира пленот, а и партнерот за парење.

Сетилото за вид и можноста за детекција на вибрации се исто така важни за опстанокот на повеќто змии. Кај овие животни отсуствуваат ушни тапанчиња и надворешно уво, но тие поседуваат мали коски во своите глави кои спроведуваат звук. Способни се да осетат нискофреквентни звуци и вибрации кои патуваат низ земјата или водата. Многу змии имаат добар вид кој најмногу служи за детекција на подвижни објекти, но змиите кои се закопуваат со сетилото за вид можат само да разликуваат светло од мрак.

Боите, питоните и некои други отровници имаат необична адаптација за детекција на топлокрвен плен и предатори. Всушност тие ги детектираат инфрацрвените зраци. На главите на овие змии постојат мали длабнатинки обложени со клетки кои се многу осетливи на топлина. На овој начин тие го ловат хомеотермот, дури и во апсолутна темница.

[уреди] Змиски отров и отровни заби

Vipera berus со еден испапчен отровен заб, додека другиот е на место.

Неколку групи на змии поседуваат отров кој го инјектираат во телото на пленот. Најчесто по нападот, змијата чека да се имобилизира или убие нејзиниот плен пред да го проголта. Змискиот отров се произведува од изменети плунковни жлезди во горната вилица и тој е една мешавина од токсични супстанци. Некои од нив можат да ја прекинат работата на нервниот систем. Други ги раствораат ткивата на организмот, така што тој е дигериран пред да биде проголтан. Една од најотровните змии во светски рамки е копнениот тајпан од средна Австралија. Членовите од родот на тајпани можат да убијат речиси 100 луѓе (или 250 000 глувци) само со едно каснување.

Отровот најчесто се спроведува низ два шупливи отровни заби. Кога змијата е готова да нападне, таа ги испапчува забите нанапред, но во други случаи ги држи исправени до горниот дел на усната празнина. Кај други змии (кобра и корална змија), отровните заби се фиксирани.

Одредени змии плукаат отров. Таква е плукачката кобра, која го користи отровот како самоодбрана отколку за напад. Таа секогаш нишани во очите на другото животно и понекогаш млазот од отров може да го исфрли и до 2,4 m.