Отров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Стандардниот симбол на ЕУ за отров, дефиниран со Упатството 67/548/ЕЕЗ (Directive 67/548/EEC)

Отров е супстанца што ги нарушува биолошките (физиолошките) функции на организмот[1], предизвикувајќи минливи или трајни нарушувања, вклучувајќи и смрт. Не е можно да се даде целосно точна дефиниција за отровот. Една иста супстанција може да биде нештетна (па дури и лековита) дадена во една доза или на еден начин, а отровна во друга доза или применета на друг начин. Отровноста на супстанцијата зависи од апсолутно внесената количина, концентрацијата, обликот во кој е внесена, начинот на внесување, отпорноста на организмот итн.

Така, дестилираната вода дадена интравенски предизвикува смрт како резултат на хемолизата на еритроцитите. Етанолот, кој сам по себе е отровен, се користи како противотров кај труењето со метанол. Истото важи и за атропинот, кој е отров, а се користи како противотров при труење со нервни боеви отрови. За лицата со недостаток на соодветни ензими може да биде отровна и храната (млеко, протеини).

Според причините што доведуваат до внесување отрови во организмот, труењата можат да бидат злосторнички, самоубиствени, случајни, медицински, професионални и труења како последица на токсикоманија.

Дефиниции[уреди]

Различни научници се обидувале да дадат точна дефиниција за отров, со која би ги опфатиле сите супстанци што традиционално се сметаат за отрови, но не и супстанциите што традиционално не се такви:

  • „Отрови се супстанци што по својата физичка или хемиска природа се такви што кога ќе влезат во крвта или во човековиот организам и таму ќе останат, предизвикуваат минливи или трајни нарушувања“ (Клод Бернар)
  • „Отрови се супстанци што по својата хемиска природа, количината и концентрацијата се туѓи за човековиот организам или за пооделни органи, и затоа предизвикуваат функционални нарушувања во живиот организам“ (Штаркенштајн)
  • „Отрови се хемиски супстанци создадени надвор од живиот организам, или оние што ги лачат живите суштества (токсини), а кои внесени во човековиот организам можат да предизвикаат, под извесни услови, болест или смрт“ (Левин)
  • „Од практична гледна точка, за отров можеме да ги сметаме оние супстанци кои внесени во количини помали од 5 g или 5 ml можат да предизвикаат лоша здравствена состојба, заболување или смрт“ (Ки)

Додека првите три дефиниции се преопширни и ги опфаќаат скоро сите супстанци, последната е прекратка, па не ги опфаќа, на пример, етанолот или супстанците кои предизвикуваат хронични труења.

За да се избегне давањето општа дефиниција за отровот, денес за секое соедниние посебно се дефинира токсичната и смртоносната доза.

Поделба на отровите[уреди]

Шарка, една од трите змии отровници во Македонија

Класификацијата на отровите може да се изврши според хемиската природа, потеклото, физиолошкото дејство и според методите на издвојување.

Според хемиската природа отров може да биде:

Според потеклото, отровите можат да бидат растителни, животински и минерални. Според физиолошкото дејство се делат на нервни, крвни, нагризувачки и сл.

Во практиката најчесто се користи поделбата според методите на издвојување на отровите, што е од значење при системското истражување на отровот во органите на лицата што се отруени, и тоа на:

Сила на отровите[уреди]

За потребите на медицината, силата на отровите се мери со нивната просечна и минимална смртоносна доза за бел лабораториски стаорец, во милиграми за килограм жива тежина (mg/kg).

Средна смртоносна доза (LD50, латински: Dosis lethalis media) е најмалото количество што убива половина од затруените лабораториски стаорци. Таа се смета како мерка за оценување во пошироката пракса, бидејќи се определува релативно лесно. Најчесто определните LD50 се однесуваат за апсорпцијата (внатрешна, алиментарна), за паѓањето врз кожата (дермална) и за вдишувањето (инхалативна).

LD50 на некои хемиски и биолошки агенси
материја
LD50 (mg/kg)
материја
LD50 (mg/kg)
Етил алкохол 10 000 Токсин на пајакот црна вдовица 0,55
Натриум хлорид 4 000 Кураре 0,50
Железен сулфат 1 500 Токсин на змија 0,24
Морфин 900 Диоксин 0,001
Стрихнин 150 Ботулински токсин 0,0001
Никотин 1

Според степенот на отровност, отровите се распределни во три групи:

  • многу силни отрови (T+),
  • отрови (T),
  • штетни материиi (Xn).

Лекување на труењето[уреди]

Откако ќе се потврди дека некое лице е затруено, се пристапува кон чистење на дигестивниот тракт (измивање на желудникот, форсирано празнење на цревата со употреба на лаксативи), забрзано исфрлање на веќе внесениот отров (хипервентилација кај отровите што се исфрлаат преку белите дробови, форсирана диуреза за отровите што се излачуваат преку бубрезите), а по потребa и со вештачка детоксикација (перитонеумска и хемодијализа, плазмафереза).

За да се неутрализира дејството на отровот што сè уште е присутен во организмот, се даваат и противотрови. Противотровите можат да бидат физиолошки и хемиски. Физиолошките противотрови се врзуваат за истиот рецептор како и молекулот на отровот и го истиснуваат од местото на дејствување (компетитивна инхибиција) или на физички одвоено место во организмот предизвикуваат спротивен физиолошки процес со кој се поништува дејството на отровот (некомпетитивна инхибиција). Како физиолошки противотрови се користат атропинот кај труење со органофосфати или стрихнин при труење со барбитурати. Со оглед дека и самите физиолошки противотрови имаат специфично физиолошко дејтво во организмот (така, и стрихнинот и тропинот се познати отрови), тие се употребуваат внимателно и само при најтепки случаи.

Наспроти физиолошките, хемиските противотрови дејствуваат врз самиот молекул на отровот, неутрализирајќи го (магнезиум оксид при труење со киселини), спречувајќи ја неговата ресорпција (танините градат нерастворливи комплекси со алкалоидите) и сл.

Видете исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  1. poison, TheFreeDictionary.com