Доситеј Обрадовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Доситеј Обрадовиќ
Роден Доситеј Обрадовиќ
1742
Чаково
Починал 1811
Занимање српски книжевен поет и просветител


Доситеј Обрадовиќ е централна фигура во српската литература во втората половина на XVIII век. Рационалист и просветител, создал дела што имаат не само културно-историска, туку и литературна вредност. Делата на Доситеј Обрадовиќ представуваат камен темелник на новата српска литература.

Споменик на Доситеј Обрадовиќ во студентскиот парк во Белград

Животен пат[уреди]

Доситеј Обрадовиќ оставил изворни податоци за својот живот и дејност во автобиографијата: Живот и приклученија Димитрија Обрадовиќа, нареченога у калугерству Доситеја. Роден е во селото Чаково, во Банат 1742 година, во трговско семејство.[1] Рано останал без родители и грижата за него ја презел неговиот тетин. Основно училиште учел во родното село и покажувал одличен успех. Заблуден од читањето хагиографска литература, дванаесетгодишниот Димитрија(така му било крстеното име) се обидел да побегне во Турција, за да се посвети во некоја пустина, но не успеал во тоа. Веднаш бил даден на занает во Темишвар, но желбата да стане светец не го напуштала и набргу ке побара засолниште во фрушкогорскиот манастир Хопово. Тука се закалуѓерил земајќи си го името Доситеј, и презел некои практични чекори за реализација на на своите аскетски идеи. Меѓутоа, откако го запознал поодблизу манастирскиот живот, ја открил сета негова претворност и лицемерие. Почнал потрезвено да размислува, да бара книги и со граѓанска содржина; тие му откриле нови хоризонти кон животот и решил да го напушти манастирот.

Желен да научи што повеќе, Доситеј тргнал во широкиот свет. Од 1760 година ќе отпочнат неговите бројни патешествија, што ке траат речиси до пред крајот на неговиот живот. Ги посетил и запознал: Хрватска, Далмација, Албанија, Грција, Мала Азија, Цариград, Романија и Одеса. Во сите тие држави и места живеел занимавајќи се претежно со учителска дејност. Во 1782 година дошол во Хале( Германија), тука се распопил и стапил на Универзитетот да слуша предавања од областа на философијата.[2] Почнал и засилено да пишува. Набргу се префрлил на универзитетот во Лајпциг, каде ќе го отпечати автобиографското дело Живот и приклученија. По една година го отпечатил и делото Совети на здравиот разум. Презел нови патувања во Италија, Франција, Англија, Русија. Во 1788 година дошол во Виена каде го отпечатил делото Басни. Неколку години живеел во Трст,а во 1807 година се вратил во Србија, која штотуку се ослободила од турското ропство, заложувајќи се за нејзиното државно и културно-просветно издигнување. Бил иницијатор за отварањето на Великата школа и на богословијата. Поради тоа сите тие заслуги кнезот Караѓорѓе го назначил за прв министер на просветата во Србија. По кратко боледување Доситеј Обрадовиќ умрел во Белград (1811).

Литературна дејност[уреди]

Најплоден период во книжевната дејност на Доситеј Обрадовиќ е времето од 1783-1793 година. Тогаш ги напишал и објавил следниве дела: Љубезни Харалампие, Живот и приклученија, Совети на здравиот разум, Басни и збирка од разни поучни работи. Почетокот на неговата литературна работа датира од времето на неговото учителување во Далмација. За предметите на првите народни училишта напишал буквар Ижица или Доситеева Буквица, кој бил отпечатен дури по неговата смрт. Прв печатен текст на Доситеј Обрадовиќ е Љубезни Харалампие. Тоа е всушност писмо што Доситеј му го упатува на трговецот Харалампие од Трст со повик за претплата на неговата книга Совети на здравиот разум што требало да излезе од печат во Лајпциг 1783 година. Но наместо неа истата година се појавила романизираната автобиографија на Доситеј Обрадовиќ Живот и приклученија, во која што го прикажал својот животен пат и богатото животно искуство што го стекнал патувајќи низ земјите на Европа и Мала Азија[3].Сликајќи го својот живот, Доситеј укажал на штетноста од манастирското воспитување кое личноста ја усмртува и пасивизира, ја држи во стеги кои се длабоко спротивни на човековата природа. Истапува против изопаченото христијанство, верскиот фанатизам и калуѓерскиот паразитизам. Наспроти ова воспитување, се застапува за граѓанска просвета, култура и философија. Ги велича разумот, а не Бог ; науката, а не верата. Автобиографијата е напишана живописно, со многу реализам и е едно од најдобрите Доситееви дела, во кое дошол до израз неговиот книжевен талент.

Во Совети на здравиот разум и Збирка од разни поучни работи ги претставил: рационалистичкиот дух, просветителската философија на XVIII век и австрискиот јозефинизам. Во двете дела се собрани мисли и совети на учени луѓе од различни земји, како што се Лесинг, италијанскиот новелист Гаспар Гоци,Мармонтел, соработникот на Енциклопедијата и други философи. Доситеј знаел повеќе јазици и добар дел од содржината на овие две дела се преработки и преводи на текстови од германски, француски, англиски и италијански автори. Напишани се со цел да го поучи и просвети својот народ во духот на тогашните идеи на европскиот рационализам.

Доситеевата книга Басни е голема збирка на преведени басни од грчкиот баснописец Езоп, германскиот писател Лесинг и францускиот баснописец Лафонтен. Преводот на басните е слободна преработка на нивната содржина, приспособена кон приликите во Србија. По секоја басна има наравучение- оригинален текст на Доситеј, полно со поуки и совети. Во наравоученијата укажува на човечките недостатоци и ги возвишува добрите особини, науката и знаењето кои можат да ги ослободат луѓето од глупавото суеверие, штетните обичаи и разни други предрасуди. Басните Доситеј и ги посветил на српската младина со цел да придонесе за нејзиното правилно воспитување од кое, според него, зависела иднината на народот.

Доситеј Обрадовиќ пишувал и песни под влијание на псевдокласицизмот што владеел во европската поезија. Во сите свои дела тој, како слободен мислител и рационалист ги пропагирал прогресивните идеи на просветителството, но сепак најпрегледно ги изложил во писмото до љубезниот Харалампие.

Љубезни Харалампие[уреди]

Љубезни Харалампие е програмско писмо, еден вид манифест на целокупната идна работа на Доситеј Обрадовиќ. Во него ги изложил поважните просветителски идеи,кои подоцна ги ширел преку своите книги. Писмото е повик до српската граѓанска класа да се вклучи во општите настојувања за културно-просветно издигање на српскиот народ.

Во воведниот дел од писмото, авторот му соопштува на Харалампие дека има намера да ја даде на печатење книгата Совети на здравиот разум напишана на чист српски јазик, за да можат да ја разберат сите српски синови од Црна Гора до Смедерево и до Банат. За содржината на книгата вели дека ке биде поучна и ќе ги содржи мислите:.. на оние луѓе од кои сум научил нешто добро, и оние премудри книги француски, германски, италијански, од кои имам намера најубавите мисли како цвеќе да ги изберам и на наш општ јазик да ги издадам.. Се до појавата на Доситеј Обрадовиќ српската литература, со мали исклучоци, имала религиозен и обреден карактер и била пишувана на старословенски или руско-словенски јазик, кој бил неразбирлив за народот. Доситеј се застапува за нешто ново:книгите да се пишуваат на народен јазик, а тој да стане основно изразно средство во литературата. Рационалист по убедување, тој ќе ја изнесе мислата: Јазикот се цени по ползата што ја дава. А кој може повеќе да ползува отколку заедничкиот јазик на целиот народ??. Според Доситеј, јазикот е средство за масовно ширење на просветата и кога книгите се пишуваат на заедничкиот јазик од целиот народ, тогаш просветувањето на разумот и светлоста на науката не остануваат само при оние што го разбираат стариот книжевен јазик, но се шири и достига и до селаните, предавајќи се на најпростиот народ и овчарот само ако знаат да читаат. Кому му служи мртвиот словенски јазик што го разбира еден грст луѓе и кој е туѓ и неразбирлив за народот?- се прашува Доситеј- и решително се застапува за тоа народниот јазик да прерасне во литературен: Со помош на стариот новиот јазик од ден на ден ке напредува. Тој принцип: српскиот литературен јазик во основата да биде народен со примеса на некои зборови од словенскиот јазик, Доситеј и го применувал. Стручните и литературни термини при пишувањето ги позајмувал од словенскиот јазик.

Во понатамошното излагање во писмото Доситеј се запира на прашањето за верата. Тој прв меѓу србите согледал дека иднината на дел од јужнословенските народи, поделени меѓу три вери, зависи до прифаќањето на просветителската идеја за верска трпеливост и рамноправност. Различните вери не би требало да бидат пречка за обединување на дел од јужнословенските народи. Своите книги им ги наменува на Србите, Црногорците, Босанците, Хрватите, Далматинците, Ерцеговинците, Банаќаните и вели: Зборувајќи за народите што живеат во овие кралства и провинции ги подразбирам колку грчката црква, толку и латинските припадници, не исклучувајќи ги ни самите Турци, Бошњаци и Ерцеговци, бидејќи законот и верата се менуваат, а родот и јазикот никогаш. Со ваквото моредно сваќање за верата Доситеј се издигнува над тесноградите интереси на верскиот национализам. Јазикот и народноста треба да бидат основа на народното единство, а не верата и законите.

Како убеден рационалист, во програмата на својата дејност посебно ја истакнува идејата за народната просвета. Разумот е средство, а просветата е цел која треба да се создаде врз темелите на науката и долговековното искуство на културните народи. Верувал во спасоносната и неограничена моќ на науката како средство за образование и воспитување на сите, без разлика на полот и вероисповедта. Со книгите што ќе ги напишеш му соопштува на трговецот Харалампие, сакал да распалува во срцата на српската младина небесен и божествен оган кон науката и врлината и да го раширува светот на разумот дури до простите селани и до самите овчарски колиби. Во сегашно среќно време зраците на науката и философијата достигаат и до татарските граници. Писмото е израз на големото родољубие и хуманизам на Обрадовиќ, чиј живот бил исклучително посветен за пропагирањето и остварувањето на тие идеи сред народот.[4]

Значењето на Доситеј Обрадовиќ[уреди]

Доситеј Обрадовиќ е основоположник на новата српска литература. Тој со своите дела и става крај на црковната схоластичка литература која немала врска со животот, ниту допир со стварноста. Создал модерна и световна литература наменета на граѓанската класа и народот, литературата која е во тесна врска со реалниот живот. Го отфрлал мртвиот црковнословенски јазик и пишувал на живиот народен говор.

Доситеј е најголемиот популаризатор на идеите за духовно ослободување од средновековието, за верска толеранција, црковни реформи и научно образование. Затоа , со право, е наречен прв рационалист и слободен мислител кај Србите. Како космополит по своите сваќања, тој е носител на идејата за разбирање и братство меѓу Србите и Хрватите, што всушност е нова и смела идеја во времето на Доситеј.

Доситеј го сватил огромното значење на просветата, која не треба да му е наменета на еден привилегиран сталеж, туку на целиот народ. Проблемот за просветата е проблем на иднината на еден народ;таа не треба да биде изградена врз какви и да е дискриминаторски позиции. Тој прв меѓу Србите ја истакнува идејата да се школуваат и женските деца:Нека не се надева еден народ никогаш до века да дојде до просветата на разумот во кој жените во простота и варварство остануваат. Се бори за укинување на манастирите и подигање на училишта. Книгите со световна содржина што поучуваат во духот на научните вистини, ги цени над се: Книги, браќа мои,книги, а не ѕвонци и прапорци! Книги, премил и непреценет небесен дар, горди ќерки на просветните умови!

Со својата книжевна и просветителска дејност Доситеј Обрадовиќ му помогнал на својот народ да направи крупен чекор во неговиот историски развиток и затоа му припаѓа челно место во новата литература и културна историја на Србите.

Литература[уреди]

  • Литература за прва година Љубен Андреев,Невена Исакова,Лазо Каровски,Бранко Пендовски
  • Предраг Јашовиќ: Рецепција кнјижевног дела Доситеја Обрадовића (=Библиотека Мала академија). Панчево: Мали Немо 2007.
  • Fischer, Wladimir. „Dositej Obradović als bürgerlicher Kulturheld. Zur Formierung eines serbischen bürgerlichen Selbstbildes durch literarische Kommunikation 1783–1845“. Studien zur Geschichte Südosteuropas 16. Olga Katsiardi-Hering, Max Demeter Peyfuss and Maria Stassinopoulou (eds.). Frankfurt/M.: Peter Lang Publishing. ISBN 9783631542149. 
  • Wladimir Fischer: Creating a National Hero: The Changing Symbolics of Dositej Obradović. In: Identität - Kultur - Raum. Turia + Kant, Wien 2001.
  • Петар Пијановиќ: Живот и дело Доситеја Обрадовића. Завод за уджбенике и наставна средства, Београд 2000.
  • Gerhard Neweklowsky: Dositej Obradović - Leben und Abenteuer. Verl. d. Österr. Akad. d. Wiss., Wien 1998.
  • Милутин Тасиќ: Доситеј Обрадовић. НИЛ, Београд 1994.

Референтна листа[уреди]

  1. http://www.answers.com/topic/dositej-obradovi
  2. http://www.znanje.org/lektire/i22/03/02iv0324/dositej%201.htm
  3. Wladimir Fischer: The Role of Dositej Obradovic in the Construction of Serbian Identities During the 19th Century. In: spacesofidentity vol. 1.3 (2001)
  4. Литература за прва година просветно дело 2000 Скопје