Црква „Св. Никола“ - Љуботен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Никола
Црква „Св. Никола“ - Љуботен 04.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Скопска
Архијерејско намесништво Северно скопско
Местоположба
Координати 42°05′51.3″N 21°27′59.0″E / 42.097583° N; 21.466389° E / 42.097583; 21.466389Координати: 42°05′51.3″N 21°27′59.0″E / 42.097583° N; 21.466389° E / 42.097583; 21.466389
Населено место Љуботен
Општина Бутел
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба 1337
Ктитор властелинка Даница
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Свети Никола — македонска православна црква во скопското село Љуботен.[1]. Датира од средновековниот период.

Историја[уреди | уреди извор]

Според натписот врежан во камената плоча, поставена над западната влезна врата, црквата била изградена во 1337 година од страна на непознатата властелинка, ктиторката Даница.

Низ вековите таа, како и многите други цркви ширум Македонија, ја доживеала судбината еден подолг период да биде напуштена и целосно препуштена на самата себеси. Поради тоа, значително настрадале нејзиниот живопис и горните делови на овој храм. Така, во првата половина на XX век, била изведена темелна реставрација, притоа внимавајќи на зачувување на нејзиниот првобитен изглед. Црквата има форма на впишан крст во правоаголна основа. На нејзиниот средишен дел високо се издига осмоаголна купола што се потпира врз четири четвртести столбови.

Полукружната петострана апсида на источната страна, украсена со слепи ниши во горните партии, се вклопува во останатата, расчленета фасадна конструкција. Декорацијата ја збогатуваат фасадните цигли распоредени во форма на крстови и шаховски полиња. Внатрешниот дел на црквата го облагородуваат фрески што датираат од времто на нејзината изградба.

За црквата Свети Никола во Љубанци, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, запишал дека надвор од селото на видно место има стара, но убава црква која се гледа дури и од Скопје, која според натписот над нејзината врата таа била изградена од царот Стефан Душан[2].

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Циклус на Христовите чуда и поуки, Христос и Самарјанката. Фреска од 14 век

Авторот на овој фрескопис до ден денес останал непознат, но се смета дека потекнува од охридската школа.[3] Стилските особености на неговата сликарска техника говорат за еден мошне талентиран зограф чии цртежи отскокнуваат од вообичаената иконографска концепција. Тие се ослободени од груби анатомски неточности, а во сликањето на фреските се забележува еден суптилен, пореалистичен пристап надополнет со богатиот колорит во кој доминира употребата на топлите тонови. Ова е евидентно во долната партија на северниот ѕид каде покрај светителите во цел раст, се предадени портрети на световни фигури-членови на царското семејство: царица Елена, цар Душан и нивниот син Урош. Од композициите покарактеристична е онаа со сцените од Свадбата во Кана Галилејска. Во периодот од 2006 до 2017 година, фрескоживописот во црквата бил реставриран и конзервиран.[4]

При реконструкцијата на црквата бил пронајден жртвеник со латински надпис, посветен на богот Либер. Жртвеникот се наоѓа во лапидариумот на Музејот на Македонија во Скопје.[5]

Состојба[уреди | уреди извор]

Црквата често е цел на кражби.[6]. Поради нејзината местоположба и специфичните околности, црквата во повеќе наврати низ минатото била оштетувана: во еден период од месното население била користена и како штала за добиток, а подолг период била и затворена[7]. Во моментот се работи на нејзина реконструкција и обнова како и изградба на камбанарија во дворот[7]. Во дворот на црквата постои дабово дрво, кое е старо повеќе стотици години, и кое според едно предание во минатото било оштетено од мештанин од албанска муслиманска вероисповед, при што на него сѐ уште се познаваат траги од обидот за сечење и уништување[7].

Галерија[уреди | уреди извор]

Црковен храм и надворешност
Фрескоживопис и внатрешност

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (изд. 2016.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 377. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. Споменици на културата на Македонија / Коста Балабанов, Антоние Николовски, Димитар Ќорнаков, Скопје : Мисла, 1980
  4. Рестраврација на фрескоживописите во црквите „Св.Никола“ во Љуботен и „Св.Петка“ во Побожје
  5. Археолошка карта на Република Македонија, Том 2. Скопје: МАНУ. 1996.
  6. Ограбена црквата „Св. Никола“ во Љуботен
  7. 7,0 7,1 7,2 Според кажување на мештанин Ѓоко. Забележале Марио Шаревски, Слободан Трајковски и Васко Русевски, на 18.03.2018

Надворешни врски[уреди | уреди извор]