Црква „Св. Ѓорѓи“ - Полошко

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Ѓорѓи
Sveti gjorgi.JPG

Поглед кон црквата

Македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Кавадаречко
Парохија Маренска
Местоположба
Населено место Полошко
Општина Кавадарци
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Свети Ѓорѓи е главната манастирска црква на Полошкиот манастир, која се наоѓа на самиот брег на Тиквешкото Езеро, во поранешното кавадаречко село Полошко, чиј атар денес припаѓа на селото Праведник. Првобитната црква е изградена до 1340, живописана во периодот 13431345година, додека нартексот е дограден во почетокот на 17 век. Живописот во нартексот датира од 16081609 година, а како негови ктитори се јавуваат игуменот на манастирот, Јеромонах Сава и Јеромонахот Патрониј.[1]

Историја на црквата[уреди | уреди извор]

Во литературата до скоро време се правеле претпоставки и погрешни заклучоци за времето на изградбата и за живописувањето. Таквите полемики траеле до 1983-85 година кога биле симнати фреските од 1609 година од источниот ѕид на припратата, а на кои биле прикажани сцени од житието на Св. Георги. Тогаш, под тие фрески биле откриени историските портрети на Драгушин и на неговата жена Ана со пригоден текст за неговата смрт и погребението во овој храм. На спротивната страна бил откриен ктиторскиот портрет на деспотицата Марија - мајката на Драгушин со моделот на црквата во рацете и покрај неа нејзиниот внук - синот на Драгушин и Ана. Во горните зони биле откриени портретите на кралот Душан, на неговата жена Елена и на синот Урош, а во нишата над влезот портретот на Св. Георги - патронот на црквата. Овие нови откритија овозможија да се датира изградбата на црквата, нејзиното зографисување, кој бил ктиторот на црквата, како и за гробот на Драгушин како близок роднина на кралот Душан.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Дел од фреските во црквата

Внатрешноста на црквата е целосно живописана со сцени и композиции од животот на Господ Исус Христос, со светители претставени во цел раст и допојасно, со композиции од Големите празници, со големо чувство за прилагодување кон архитектурата и со иконографска програма што е вообичаена за малите византиски цркви, истакнувајќи го гробниот карактер на храмот. Кон западната страна на црквата е подигната припрата пред 1609 година, кога внатрешните ѕидови на припратата се живописани. Припратата е градена со блокови камен одвоени со две вертикални тули и така наизменично. Од внатрешната страна е засводена а однадвор е со кров на две води. Има два влеза - едниот на северната а другиот на западната страна од припратата. За осветлување на внатрешноста има по една монофора на јужната и северната и бифора на западната страна.

Внатрешност[уреди | уреди извор]

Иконата „Св. Ѓорѓи со неговото житие“ е насликана во 1630 година

Внатрешноста на црквата е во целост живописана. Позната е по својот фрескоживопис од XIV век, а уште повеќе по полиелајот (црковен лустер) резбан во дрво што претставува и најстара датирана резба во Македонија од 1492 година. Мошне импресивен е големиот иконостасен крст со распетие изработен од резба во дрво од 1584 година. Од голема вредност се и престолните икони Св. Богородица од 1649 година и Исус Христос спасител со апостоли од почетокот на XVI век, како и царските двери од крајот на XVI век.

Живопис[уреди | уреди извор]

На западната фасада над западниот влез има ниша во која е насликан „Св. Ѓорѓи“ на коњ. Горниот слој со преставата на „Св. Ѓорѓи“, кој е насликан во 1881 година, е изваден (симнат), а под него е исто така „Св. Ѓорѓи“ на коњ од 1609 година, кој изворно и денес стои во нишата. На северната фасада од припратата, односно над северниот влез во припратата има ниша во која е насликан св. Димитриј на коњ, дело на крушевските зографи. Од ентериерот на средновековната црква не е сочувано ништо. Можеме само да претпоставуваме каков бил иконостасот од XIV век, а сигурно бил поставен непосредно зад свечените релјефни арки што го врамуваат „св. Ѓорѓи“ на јужната и св. Никола на северната страна во источниот травеј. Тој го преградувал малиот олтарен простор, кој очигледно не ги задоволувал богослужбените потреби, па подоцна е заменет со нов, позападно поставен иконостас, којшто ги оштетил страничните ѕидови.

Детали[уреди | уреди извор]

Царски двери

Царските двери се веројатно од втората половина на XVI век. Двата епистили со Деисисот и Големите празници се од првата четвртина на XVII век или можеби токму од 1630 година, кога е сликана храмовата икона на св. Ѓорѓи со неговото житие.

Иконостасен крст

Големиот иконостасен крст со Распетитето Христово од 1584 година е извонредно резбарско остварување, кој бил поставен врз горниот дел од оконостасот, и се смета за една од најрепрезантативните зачувани целини од овој вид во Македонија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ј. Николиќ Новаковиќ, За циклусот на свети Ѓорѓи и зографот од припратата на Полошкиот манастир, Културно Наследство 17-18 (1990-1991), скопје 1994, 84