Хроника на една најавена смрт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Хроника на една најавена смрт (шпански: Cronica de una muerte anunciad) - новела на колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес од 1981 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во книгата, раскажувачот (авторот) ги опишува околностите кои довеле до убиството на Сантјаго Насар, богато момче на возраст од 21 година. Убиството се случило во едно село на Карибите, а нему му претходела свадбената прослава на Бајардо Сан Роман и Анхела Викарио. Сан Роман бил богат човек, син на прославен генерал, додека Анхела била сиромашна девојка. Веднаш по свадбената прослава, Бајардо ја вратил Анхела кај нејзините родители, откривајќи дека таа не е девојка. Тогаш, Анхела била истепана од мајка ѝ при што Анхела изјавила дека Сантјаго е виновникот за нејзиниот срам, а нејзините браќа, Педро и Пабло (свињари и касапи) веднаш ги зеле ножевите и отишле да го чекаат Сантјаго со намера да го убијат. Притоа, тие отворено им кажале на сите жители на селото за својата намера, но поради чуден сплет на околности, никој не успеал навреме да го предупреди несреќното момче. Додека браќата седеле во дворот на локалната продавница, наспроти куќата на Сантјаго, тој се забавувал заедно со своите најблиски другари. Шефот на полицијата слушнал за намерата на браќата и им ги зел ножевите, но тие зеле други и продолжиле да го чекаат Сантјаго. Бидејќи отворено зборувале за својата намера, никој во селото не им верувал. Откако се разделил со другарите, Сантјаго се вратил дома, а потоа излегол да го пречека бискупот кој поминал крај селото. Потоа, тој ја посетил својата свршеница и дури таму разбрал дека браќата Викарио планираат да го убијат. Без да ја знае причината за тоа, Сантјаго потрчал кон својот дом, но мајка му случајно ја заклучила портата, затоа што нејзините слугинки ѝ кажале дека Сантјаго веќе се вратил дома. Така, браќата го искасапиле Сантјаго пред очите на целото село, а потоа Сантјаго умрел на прагот од својот дом. Браќата биле уапсени и поминале три години во притвор, но биле ослободени од судот. По настанот, како Бајардо така и целото семејство Викарио го напуштиле селото. Дури потоа, Анхела сфатила дека го сака Бајардо и во текот на 17 години му пишувала писма кои тој воопшто не ги отворал. Еден ден, без никаква најава, Бајардо се појавил во домот на Анхела.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Новелата „Хроника на една најавена смрт“ била објавена во 1981 година, шест години по романотЕсента на патријархот“, кога Маркес се заколнал дека нема повеќе да објавува сè додека биде уништена диктатурата на Пиноче во Чиле. Книгата била објавена во тираж од два милиони примероци (над 1,5 милиони примероци само во првото шпанско издание) и постигнала голем успех кај публиката.[2] [3]

Во „Хрониката на една најавена смрт“ Маркез покажува дека е во состојба да ја промени насоката и да тргне по нов, а сепак сопствен, раскажувачки пат. Ова дело остава впечаток на развиен расказ, со што означува враќање кон раните раскази на Маркез, но најавува натамошно усовршување на возбудливото и навидум едноставното раскажување својствено на раните раскази од типот на: „Еден ден“, „Дремка во вторник“ и „Вештачки рози“. Делото е напишано дисциплинирано и со голема економичност. Иако во него се задржани некои од препознатливите мотиви, како што се: инсистирањето на телесното, ироничната хипербола, знаци од природата, итн., тоа е ослободено од недостатоците кои ја нарушувале хармонијата на некои негови рани дела (на пример, романите „Отпадници“ и „Лош час“). Во „Хрониката“, Маркез послободно и подоследно се свртува кон богатото наследство на античката трагедија развивајќи два полемички плана: Првиот план ја растура дихотомијата село-град во која сето зло потекнува од градот, додека автентичните морални вредности остануваат во селската пасторала. Притоа, Маркес оди чекор понатаму и ја покажува апсурдноста на поимите на честа и машкоста. На вториот план, Маркес ја оживува античката трагедија на детерминираноста при што тој ги прикажува хомеровската книжевна пракса и аристотеловата книжевна теорија во денешниот, апокрифен облик во кој принципите на веројатноста и нужноста се претвораат во принцип во кој апсурдното станува можно. „Хрониката“ се одликува со сложена, мозаичка структура во која не се почитуват временскиот и просторниот редослед, а самиот Маркес го оценил делото како „своето најдобро контролирано дело“. Наспроти иронијата и хуморот, како и многуте дигресии, „Хрониката“ нуди најпесимистичка слика на меѓучовечките односи во творештвото на Маркес.[4]

Оценувајќи го ова дело, Илија Чашуле вели дека Маркес го напуштил стилот на „Есента на патријархот“ и се вратил на книжевната поставка на некои други свои дела како, на пример, „На полковникот нема кој да му пишува“. Во книгата, во апсурдната историја на човекот чија смрт е предодредена, без никакви можности да се интервенира во судбината, се среќава избрусената, стегната, јасна, кратка и напната реченица, како и чистиот, неоптоварен, „хроничарски“ јазик. Наизглед, тоа е дело без големи претензии, еден вид цртичка, краток одмор во творештвото на авторот, но тоа е само навидум така. Наспроти „Есента на патријархот“, во „Хрониката“ е застапено надворешно смирено, постапно раскажување за незибежната судбина на еден човек, но философската димензија за неможноста и за несакањето да се измени текот на нештата останува како тегобен товар по прочитувањето на книгата.[5]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Делото било објавено на македонски јазик во 1983 година (како прво негово дело објавено на македонски јазик), во издание на „Мисла“, во превод на Ванѓа Чашуле. Коректурата и лектурата ги извршила Елисавета Бежановска. Книгата е со димензии од 21 сантиметри, а била испечатена во печатницата на НИП „Нова Македонија“, во Скопје. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ - Скопје, но ја нема меѓународната ознака ISBN.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gabrijel Garsija Markes, Hronika najavljene smrti. Beograd: Narodna knjiga, 1982.
  2. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983, стр. 312.
  3. Branko Anđić, „Čas antike u karipskom polisu“, во: Gabrijel Garsija Markes, Hronika najavljene smrti. Beograd: Narodna knjiga, 1982, стр. 111.
  4. Branko Anđić, „Čas antike u karipskom polisu“, во: Gabrijel Garsija Markes, Hronika najavljene smrti. Beograd: Narodna knjiga, 1982, стр. 111-120.
  5. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983, стр. 312-313.
  6. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983.