Прејди на содржината

Фјодор Тјутчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фјодор Тjутчев

Фјодор Иванович Тjутчев (руски: Фёдор Иванович Тютчев, (5 декември 180327 јули 1873) бил руски поет и дипломат.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Тјутчев е роден во Овстуг, во Орловската губернија, во благородничко семејство. Првото образование го добил од приватни француски учители, а потоа студирал на Московскиот универзитет. Таму, уште пред да дипломира, тој веќе го изучил старогрчкиот и латинскиот јазик и го преведувал Хорациј. По завршувањето на студиите стапил во служба во Петроград, во министерството за надворешни работи, а потоа заминал во дипломатска служба во Минхен, престолнината на Баварското кралство. Таму се запознал со Гете и со Хајне чии дела подоцна ги преведувал. Особено се спријателил со Шелинг кој во голем мера влијаел врз неговиот духовен профил.[1]

Книжевно творештво

[уреди | уреди извор]

Иако почнал рано да пишува поезија, Тјутчев ретко ги објавувал своите песни и не бил забележан ниту од критиката ниту од публиката. Пресвртот во неговата кариера настапил кога неговите песни, напишани во Германија, дошле во рацете на Пушкин, кој бил воодушевен од нив и еден циклус песни објавил во своето списание „Современик“. Подоцна, кога се вратил во Русија, за творештвото на Тјутчев пишувале и Некрасов, Тургенев, Фет и Чернишевски.[2]

Тјутчев не бил активен во рускиот литературен живот и себеси не се сметал за литерат. Денес се познати околу 400 негови песни кои се многу често цитирани во Русија. Пораните песни ги пишувал во духот на руската поетска традиција на XVIII век. Во 1830-те во неговите песни преовладуваат традициите на европскиот (особено на германскиот) романтизам. Тоа е филозофска (медитативна) лирика во која како основните теми се јавуваат размислувања за суштината на светот, за човековата судбина, за природата. Во 1840-тите години напишал неколку политички статии по проблематиката на односите меѓу Русија и Западната цивилизација. Во 1850-тите години напишал низа извонредни љубовни песни во кои љубовта ја сфаќа како трагедија. Тие песни подоцна се собрани во таканаречениот „Денисиевски циклус“, односно циклус песни посветен на љубовницата на поетот, Елена Денисиева. Во периодот 1860-1870, во творештвото на Тјутчев преовладува политичката поезија. Најпознатата од тие песни е „Silentium“ - горчлив повик на молчење, жалење дека луѓето никогаш не ќе можат целосно да се разбираат. Зборовите „Секоја изустена мисла е лага“ е еден од најцитираните афоризми на Тјутчев, како што се и „Умот не може да ја сфати Русија“ или пак „Не сме моќни да предвидиме како ќе одекнат нашите зборови“.

Тјутчев е лиричар од највисок ранг, мајстор на класичниот стих и во тој поглед го достигнува нивото на Пушкин. Во неговиот опус од околу 400 песни се споени мислата, емоцијата, сликата и музиката, а неговиот опус зазема едно од најважните места во руската поезија. Централно место во неговата поезија имаат вечните теми, од кои едните ја одразуваат неговата светла, а другите темната инспирација и визија. Во неговите светли песни, одновната тема е мајката-земја, природата, хармонијата на вселената, додека во темните песни преовладуваат катастрофата и хаосот. Според Брјусов, кај Тјутчев, поезијата на денот звучи радосно и ѕвонливо и маѓепсува со чистата музикалност, додека поезијата на ноќта грми со татнежи и химни на бездната. На тој начин, целата негова поезија е во контраст: светлина-темнина, пантеистичка ведрина-онтолошка јанѕа. Притоа, таа не е аналитичка, туку синтетичка, што особено било ценето од познатите критичари Херцен и Белински. Лирското Јас на Тјутчев е насочено кон смислата на животот, на умот и душата и на тајната на постоењето, а неговите катастрофични слики подоцна извршиле влијание врз руските симболисти, особено кај Александар Блок. Според Владимир Соловјов, можеби ниту Гете не успеал толку длабоко да ги зафати корените на светското битие и таинствената основа на животот. Слични оцени дава и Берѓаев, кој смета дека Тјутчев е „најголем руски метафизички поет на столетието“.[3]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје: Три, 2016, стр. 228.
  2. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје: Три, 2016, стр. 229.
  3. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје: Три, 2016, стр. 229-230.