Преспански договор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Преспански договор
Потпишување на договорот за македонско-грчкиот спор (17.06.2018, Преспа) (42853677381).jpg
Потпишување на договорот од министрите Никола Димитров (лево) и Никос Коѕијас (десно), зад нив се премиерите на двете држави
Потпишан 17 јуни 2018 (2018-06-17)
Место Нивици, Грција
Преговарачи Никола Димитров
Никос Коѕијас
Странки
Јазици англиски јазик

Преспански договор, познат и како Договорот од Преспа — меѓународен договор потпишан од шефовите на дипломатијата на Македонија, Никола Димитров и на Грција, Никос Коѕијас на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, Грција на брегот на Преспанското Езеро. Истиот бил потпишан и од посредникот на ООН за спорот за името Македонија, Метју Нимиц. Договорот ја заменува Привремената спогодба потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Тој би требало да претставува решение на спорот за името Македонија и да воспостави стратешко партнерство помеѓу идната Северна Македонија и Грција. Според истиот Македонија треба да го промени своето име во Северна Македонија односно формалното име да ѝ биде Република Северна Македонија, а Грција ќе го признае државјанството на соседната земја како граѓанин на Република Северна Македонија и ќе се согласи официјалниот јазик на државата да се именува како македонски јазик.[1]

Позадина[уреди | уреди извор]

Привремената спогодба за спорот за името помеѓу Македонија и Грција отсликана во целост (англиски)

При распадот на Југославија една од републиките кои се осамостојуваат и тежнеат да бидат независни држави е и СР Македонија, но поради историски и иредентистички прашања Грција го одбива користењето на името „Македонија“ како и други елементи кои според Грција се дел од историјата и културата на Грците кои живеат во грчкиот административен регион Македонија, од страна на тогаш новата држава која според својот тогашен устав го носи името Република Македонија.[2] Разни потези на двете држави доведуваат до отворање на скоро 3-децениски спор за името Македонија.

Република Македонија била примена за членка на ОН на 8 април 1993 година под привремената референца „поранешната југословенска Република Македонија“ (англиски: the former Yugoslav Republic of Macedonia). Ситуацијата во спорот се смирила откако Грција и Република Македонија ги формализирале своите билатерални односи со потпишувањето на Привремена спогодба на 13 септември 1995 година во Њујорк, САД. Според истата, Македонија го отстранила своето дотогашно државно знаме на коe била претставена Ѕвездата од Кутлеш поради наводни иредентистички причини и го заменила со денешното знаме со сонце од осум краци.

Ситуацијата во спорот низ годините се менувала. Одредени чекори на двете влади влијаеле за влошувањето на односите и ситуацијата во спорот. Новата македонска Влада на Никола Груевски во декември 2006 година го променила името на аеродромот во главниот град Скопје во Аеродром „Александар Велики“, а преку проектот Скопје 2014 на плоштадот Македонија бил изграден споменикот Воин на коњ висок 14,5 метри кој го претставува кралот Александар Македонски за кој Грција смета дека е дел од грчката култура и историја. Односите сепак се подобриле откако на 31 мај 2017 година била избрана нова Влада на Македонија на чело со премиерот Зоран Заев.

Зоран Заев и Алексис Ципрас во Отешево по потпишување на договорот

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас по разговор со својот колега од Македонија, Зоран Заев на 12 јуни 2018 година објавил дека бил постигнат договор за скоро три-деценискиот спор за името Македонија и објаснил дека истиот ги исполнува сите предуслови од грчката страна.[3] Било договорено Република Македонија да прифати промена на името во Република Северна Македонија (англиски: Republic of North Macedonia) со превод на сите јазици, додека пак Грција да ги признае државјаните на соседната држава како граѓани на Република Северна Македонија, како и дека официјален јазик на државата е македонскиот јазик. Ова го потврдил и Зоран Заев кој на прес-конференција во Владата на Република Македонија истакнал дека со договорот ќе се признае македонскиот јазик во Обединетите Нации, а граѓаните ќе се нарекуваат како и порано, Македонци.[4]

Реакции[уреди | уреди извор]

Македонија[уреди | уреди извор]

Анти-НАТО и про-Бојкотирам графит во Охрид

Македонската јавност реагирала поделено во однос на договорот. Претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов истакнал дека нема да го потпише договорот, класифицирајќи го истиот како штетен за земјата и дека истиот значи напуштање на изградените суштински државни позиции: неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.[5] Следниот ден на 13 јуни, откако било прогласено решение, на средба со претседателот Иванов биле премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров кои му го предале договорот. Во медиумите било објавено дека средбата поминала во непријатна атмосфера и истата траела 2 минути, по што претседателот „им ја покажал вратата“ на Заев и Димитров.[6] Иванов за време на посета на Бугарија следниот ден изјавил дека тоа се медиумски лаги и дека откако го добил документот со договорот немал што повеќе да разговара на таа тема бидејќи, како што рекол тој, „за прв пат ми беше донесен документ во кој не сум вклучен ниту запознаен“.[7]

Претседателот на најголемата опозициска партија во државата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го карактеризирал договорот како капитулација и дека истиот претставува пораз за Македонија. Тој побарал од Заев обврзувачки, а не консултативен референдум. Мицкоски исто така потенцирал дека опозицијата може веднаш да излезе на предвремени парламентарни избори, доколку претходно „власта ги обезбеди истите услови кои СДСМ ги доби на последните парламентарни избори“.[8] Ден по изјаснувањето дека е постигнато решение за спорот за името, спонтано повеќе здруженија меѓу кои Семакедонски национален совет - Македониум, Христијанско Братство како и навивачката група Комити Запад иницирале протест пред Собранието на Република Македонија.[9] На истиот биле приведени десетмина учесници во протестот кои маскирани со фантомки кон Собранието и кон кордонот од полициски службеници почнале да фрлаат со шишиња, пиротехнички средства, шипки, конзерви и еден молотов коктел, кој не се запалил.[10]

Два часа по потпишувањето на договорот во Нивици на грчка страна, во Битола бил организиран протестен марш од ВМРО-ДПМНЕ на кој учествувале околу 1.500 луѓе. Маршот бил предводен од транспарент на кој бил ставен цитат од Тодор Александров - „Организацијата е народот и народот е организацијата“, а бил претставен и крст на кој пишувало „Република северно од Македонија“.[11][12]

Грција[уреди | уреди извор]

Противниците на договорот во Грција реагирале со низа протести. За време на дебатата за доверба на владата на Алексис Ципрас во грчкиот парламент, пратеникот на крајнодесничарската партија Златна Зора, Константинос Барбариус побарал од грчката војска да ја испочитува дадената војничка заклетва за одбрана на државата и да ги уапси премиерот Ципрас, министерот за одбрана Панос Каменос и претседателот Прокопис Павлопулос што било сфатено како повик за воен пуч. По ваквото изјаснување на Барбариус, претседателот на партијата, Никос Михалољакос во согласност со неговата пратеничка група донел одлука да го отстрани Барбариус од партиската листа на Златна Зора, поради тоа што, како што рекол тој, „изјавата на Барбарусис не е во согласност со ставовите на Златна Зора“.[13] По ваквата изјава на Барбариус, државното обвинителство издало наредба за негово апсење, но тој успеал да ѝ побегне на полицијата. Во бегство се упатил со автомобил марка „Волво“ за кој не се знае дали е во негова или во сопственост на грчкиот парламент. Тој возел со брзина од најмалку 180 км кога не застанал на знак на полициска патрола, а за малку ќе предизвикал и сообраќајна несреќа.[14]

За време на потпишувањето на договорот, на патот што води од Преспа кон Лерин, во близина на селото Писодер кое е на триесетина километри од Нивици, група на граѓани меѓу кои и грчки екстремни десничари протестирале против потпишувањето на договорот. Тие се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, а на тоа полицијата константно реагирала со користење на солзавец за да се растере масата од демонстранти. Во самите инциденти имало осум повредени.[15] Демонстрантите се обиделе и преку шумата да дојдат до местото на потпишување на договорот но таквиот обид бил спречен од грчката полиција. Самите протести траеле цели 4 часа.[16]

Референдум[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Референдум во Македонија (2018).
Билборд на кампањата „Излези ЗА Европска Македонија“ во Дебар на албански јазик
Постер на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) за кампањата „Бојкотирам“ во Струга

Откако се интензивирале напорите за решавање на спорот за името Македонија започнала да се поставува и опцијата да се одржи референдум на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за својот став околу договорот.[17][18] На 30 јули со 68 гласа „За“ и без „Против“ и „Воздржан“, без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ја напуштиле салата, била донесена одлука од Парламентот за распишување на консултативен референдум на кој ќе биде поставено прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ тогаш се изјаснила дека со тоа што референдумот ќе биде консултативен, се отвора можност резултатите да се толкуваат по слободна волја. Нивниот пратеник Никола Мицевски пак образложил дека „референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста“.[19]

Карта на гласовите „За“ на референдумот претставени во проценти

Референдумот се одржал како и предвиденото, на 29 септември гласале болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор како и дијаспората, а на 30 септември сите останати граѓани на Македонија. Право на глас имале 1.806.336 гласачи. Референдумот не ја постигнал потребната излезеност од 50 отсто и на него гласале 36,91 отсто од населението односно 666.743 граѓани. Од граѓаните кои излегле и гласале, „За“ заокружиле 609.813 граѓани, а „Против“ биле 37.700 граѓани. Имало 19.221 неважечкo ливчe.[20] Според властите референдумот претежно поминал во мирна атмосфера. Регистирани биле неколку инциденти, повеќето со неовластено снимање и фотографирање гласачи, закани и напади врз гласачите.[21][22][23]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Потпишан договорот за името, Заев: поместивме планини“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 17 јуни 2018. https://www.slobodnaevropa.mk/a/29293477.html. посет. 17 јуни 2018 г. 
  2. FYROM Name Issue, Hellenic Republic, Ministry of Foreign Affairs
  3. „Ципрас: Постигнавме историски договор“. Кајгана. 12 јуни 2018. https://kajgana.com/cipras-postignavme-istoriski-dogovor. посет. 17 јуни 2018 г. 
  4. „Заев: Постигнавме договор - Република Северна Македонија, со македонски јазик и македонски идентитет“. Кајгана. 12 јуни 2018. https://kanal5.com.mk/articles/338076/zaev-postignavme-dogovor-republika-severna-makedonija-so-makedonski-jazik-i-makedonski-identitet. посет. 17 јуни 2018 г. 
  5. „Иванов нема да го потпише договорот за името со Грција“. Дојче Веле на македонски јазик. 13 јуни 2018. http://www.dw.com/mk/%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2-%D0%BD%D0%B5%D0%BC%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D0%B3%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D1%82%D0%BF%D0%B8%D1%88%D0%B5-%D0%B4%D0%BE%D0%B3%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%BE%D1%82-%D0%B7%D0%B0-%D0%B8%D0%BC%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D1%81%D0%BE-%D0%B3%D1%80%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-44211643. посет. 17 јуни 2018 г. 
  6. „По 2 минутната средба со Заев и Димитров, Иванов им ја покажал вратата“. Курир. 13 јуни 2018. https://kurir.mk/makedonija/vesti/po-2-minutnata-sredba-so-zaev-i-dimitrov-ivanov-im-ja-pokazal-vratata/. посет. 17 јуни 2018 г. 
  7. „Иванов: Не сум бил вклучен во договорот, сами нека си го завршат“. Република. 14 јуни 2018. https://republika.mk/927550. посет. 17 јуни 2018 г. 
  8. „Мицкоски: Договорот е капитулација за Македонија“. Сител. 12 јуни 2018. https://sitel.com.mk/mickoski-dogovorot-e-kapitulacija-za-makedonija. посет. 17 јуни 2018 г. 
  9. „Протест во Скопје против договорот за менување на името“. Сител. 13 јуни 2018. https://sitel.com.mk/protest-vo-skopje-protiv-dogovorot-za-menuvanje-na-imeto. посет. 17 јуни 2018 г. 
  10. „Десетмина приведени по вчерашните протести пред Собранието“. Телма. 14 јуни 2018. https://telma.com.mk/desetmina-privedeni-po-vcherashnite-protesti-pred-sobranieto/. посет. 17 јуни 2018 г. 
  11. „ВМРО-ДПМНЕ со цитат од Тодор Александров го почна протестот против договорот за името“. Сакам Да Кажам. 17 јуни 2018. https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/vmro-dpmne-tsitat-od-todor-aleksandrov-go-pochna-protestot-protiv-dogovorot-za-imeto/. посет. 17 јуни 2018 г. 
  12. „Јас и по цена на животот нема да го прифатам капитулантското дело на Заев, рече Мицкоски на протестот против договорот за името“. Сакам Да Кажам. 17 јуни 2018. https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/jas-po-tsena-na-zhivotot-nema-da-go-prifatam-kapitulantskoto-delo-na-zaev-reche-mitskoski-na-protestot-protiv-dogovorot-za-imeto/. посет. 17 јуни 2018 г. 
  13. „Пратеникот на Златна зора кој повика на воен пуч исфрлен од партијата“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 15 јуни 2018. https://www.slobodnaevropa.mk/a/29292009.html. посет. 17 јуни 2018 г. 
  14. „Пратеникот на „Златна зора“ и побегнал на полицијата“. Нова ТВ. 16 јуни 2018. https://novatv.mk/pratenikot-na-zlatna-zora-i-pobegnal-na-politsijata/. посет. 17 јуни 2018 г. 
  15. „Осуммина повредени во Нивици по судирот на демонстрантите и полицијата“. Република. 17 јуни 2018. https://republika.mk/928546. посет. 17 јуни 2018 г. 
  16. „Преку шумата се обиделе да дојдат до шаторот кај Заев и Ципрас: Инцидентот во грчка Преспа траел цели 4 часа“. Република. 17 јуни 2018. https://republika.mk/928569. посет. 17 јуни 2018 г. 
  17. „Нема доволно време Македонија да стане членка на НАТО во јуни, вели Коѕијас“. Сакам Да Кажам. 18 април 2018. https://sdk.mk/index.php/makedonija/nema-dovolno-vreme-makedonija-da-stane-chlenka-na-nato-vo-juni-veli-kozijas/. посет. 3 октомври 2018 г. 
  18. „Стојам зад предлогот Република Илинденска Македонија, кажа Заев по лидерската средба и најави референдум“. Сакам Да Кажам. 19 мај 2018. https://sdk.mk/index.php/makedonija/stojam-zad-predlogot-republika-ilindenska-makedonija-kazha-zaev-po-liderskata-sredba-najavi-referendum/. посет. 3 октомври 2018 г. 
  19. „Референдум на 30 септември“. Дојче Веле. 30 јули 2018. https://www.dw.com/mk/%D1%80%D0%B5%D1%84%D0%B5%D1%80%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D1%83%D0%BC-%D0%BD%D0%B0-30-%D1%81%D0%B5%D0%BF%D1%82%D0%B5%D0%BC%D0%B2%D1%80%D0%B8/a-44886678. посет. 1 октомври 2018 г. 
  20. „На референдумот гласале 666.743 граѓани, „За“ гласале 609.813, „Против“ 37.700“. Сакам Да Кажам. 1 октомври 2018. https://sdk.mk/index.php/makedonija/na-referendumot-glasale-666-743-gragani-za-glasale-609-813-protiv-37-700/. посет. 1 октомври 2018 г. 
  21. „Инциденти на гласањето за референдумот“. 24 Вести. 30 септември 2018. https://www.24.mk/incidenti-na-glasanjeto-za-referendumot. посет. 1 октомври 2018 г. 
  22. „Австралија: Закани и навреди за гласачите на референдумот“. Дојче Веле. 29 септември 2018. https://www.dw.com/mk/%D0%B0%D0%B2%D1%81%D1%82%D1%80%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B7%D0%B0%D0%BA%D0%B0%D0%BD%D0%B8-%D0%B8-%D0%BD%D0%B0%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D1%81%D0%B0%D1%87%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D1%80%D0%B5%D1%84%D0%B5%D1%80%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D1%83%D0%BC%D0%BE%D1%82/a-45687245. посет. 1 октомври 2018 г. 
  23. „Фејсбук-малтретирање на оние кои гласаат на референдумот во дијаспората“. Радио Слободна Европа на македонски јазик. 29 септември 2018. https://www.slobodnaevropa.mk/a/29516188.html. посет. 1 октомври 2018 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]