Пантанал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Опфатот на Пантанал во Бразил, Боливија и Парагвај.
Мочуриштен предел во Пантанал

Пантанал (португалски: Pantanal) — природна област во која е сместено најголемото тропско мочуришно подрачје на светот. Сместена е претежно во бразилската држава Јужно Мато Гросо, но навлегува и во државата Мато Гросо и делови од Боливија и Парагвај. Се протега на површина од 140.000 до 195.000 км2 и има до дванаесет посебни екосистеми, секој со свои хидролошки, геолошки и еколошки особености.[1][2][3][4][5]

Околу 80% од плавните низини на Пантанал се дом на вчудовидувачки разновидни водни растенија и поддржуваголем број животински видови.

Името „Пантанал“ потекнува од португалскиот збор pântano, што значи „мочуриште“, „бара“ или „блато“. За споредба, Бразилската Висорамнина месно се нарекува planalto, што значи „висорамнина“.

Геогафско-климатски одлики[уреди | уреди извор]

Пантанал е огромна котлина со блага стрмност која ги прима водите од горските краишта (Планалто), кои потоа полека се одлеваат преку реката Парагвај и нејзините притоки. Ова аобразба е производ на големата предандска котлина на Земјината кора, потесно поврзана со андската орогенеза во терцијарот. Се состои од пространа внатрешна делта, каде се спојуваат неколку реки што извираат од околната висорамнина, оставајќи наноси и остатоци од одрони, кои низ историјата го полнат котлинското подрачје на Пантанал. Ова место е особена физиографска покраина во поголемата Паранско-парагвајска Низина.

Залез над Пантанал кон средината на годината.

Пределите на Пантанал се ограничени со чикитанските суви шуми на запад и северозапад, шумите на Сувиот Чако на југозапад и Влажниот Чако на југ. На север, исток и југоисток се протегаат саваните на областа Серадо. Просечните годишни врнежи во Паранал се движат од 1.000 до 1.400 мм, но водната маса се дополнува од горното течение на реката Парагвај. Просечната температура изнесува 25 °C, но може да се движи од 0 до 40 °C.

Хидродинамика[уреди | уреди извор]

Пантанал во поплавена состојба.

Плавните екосистеми како пантаналскиот е определен од сезонските поплави и суши,[1] од состојба на стојна вода, до сува почва, кога водостојот е значително под корењата.[1] Почвата е песоклива на повисоките места до поглинеста и милеста во поречијата.

Надморската височина се движи од 80 до 150 м.[1] Годишните врнежи на плавната котлина изнесуваат од 1.000 до 1.500 мм, при што најобемни се врнежите од ноември до март.[1] Во делот на Пантанал во поречието на Парагвај, водостојот сезонски се крева од 2 до 5 метри, додека останатите подрачја на Пантанал доживуваат помалку колебања.[1] Плавните води течат бавно (2-10 см во секунда[1]) поради малиот наклон и отпорот на густата растителност.

Кога надојдената вода првпат ќе ја прекрие сувата почва, истата осиомашува со кислород.[1] Ова честопати предизвикува помор на рибите кога нема прибежишта од кислородна вода (причината сè уште е нејасна, но се претпоставува дека се должи на ширењето на токсичната бактерија во обескислородената вода наместо самиот недостаток на кислород).[6]

Типична сувоземна растителност

Жив свет[уреди | уреди извор]

Растенија[уреди | уреди извор]

Растителноста на Пантанал, наречена „Пантаналски комплекс“, е мешавина од растителни заедници типични за различните биоми: тропските растенијна од амазонските дождовни шуми, полупустинските растенија од кориите типични за североисточен Бразил, оние од бразилската серадска савана и боливиската и парагвајската чаковска савана.[1] Шумите се застапени на повисоките места во подрачјето, додека пак сезонски плавните предели се прекриени со тревишта. Клучниот чинител кој го ограничува растот се поплавувањето и сушноста во другата сезона.[1] Во пантаналскиот екосистем се познати 3500 видови растенија.

Животни[уреди | уреди извор]

Пантаналскиот екосистем е дом на 1000 вида птици, 400 вида риби, 300 вида цицачи, 480 вида влекачи и преку 9000 разни подвидови без’рбетници.

Јаболковиот полжав е клучен вид во екосистемот. Со годишното поплавување на мочуриштето, тревата и другите растенија угинуваат и почнуваат да гнијат. Во текот на овој процес, микробите се распаѓаат и го земаат целиот кислород во плитката вода, гушејќи ги покрупните разградувачи. За разлика од други разградни животни, јаболковиот полжав има и жабри и бели дробови, поради што живее и напредува во обескислородени води, каде има улога на преработувач на хранливите материи. За да дојде до кислород, полжавот издига цевче до површината и вшмукува воздух во дробовите. Со оваа способност, полжавот ја јаде сета мртва растителна материја и ја претвора во ѓубриво кое е хранливо за растенијата. Полжавот воедно е храна за разни животни.[7][8][9]

Меѓу најретките жители на пантаналското блато се мочуришниот елен (Blastocerus dichotomus) и џиновската видра (Pteroneura brasiliensis). Во дел од Пантанал живеат и следниве загрозени животни: зумбуловата ара (Anodorhyncus hyacinthinus), качулестиот орел, гривестиот волк (Chrysocyon brachyurus), грмушарското куче (Speothos venaticus), низинскиот тапир (Tapirus terrestris) и џиновскиот мравојад (Myrmecophaga tridactyla). Чести видови се капибарата (Hydrochoerus hydrochaeris) и јакарскиот кајман (Caiman yacare). Во 1996 г. Пантанал имал 10 милиони кајмани — најголема густина на крокодиловидни животни во светот.[10] Во подрачјето живее и јагуарот (Panthera onca), чие население е меѓу најцеловидните на планетата.

Највеќето риби се гнилојадци, кои се хранат со ситни честички од наносот и на површината од растенијата.[1] Ова е начелна одлика на сите риби во јужноамериканските плавни низини. Рибите прават сезонска преселба од речните текови во плавните подрачја[1] и имаат бројни приспособувања кои им овозможуваат да опстанат во мочурливата вода сиромашна со кислород.[1]

Покрај кајманот, други влекачи во Пантанал се жолтата анаконда (Eunectes notaeus), златното тегу (Tupinambis teguixin), црвеноногата желка (Geochelone carbonaria) и зелената игуана (Iguana iguana).

Заштитени подрачја[уреди | уреди извор]

Помал дел на Пантанал во Бразил е заштитен како национален парк, наречен „Пантанал Матогросенсе“. Овој парк е основан во 1981 г. и зафаќа површина од 1.350 км2. Сместен е во општината Поконе, помеѓу заливот Свети Mарко и реките и устието на реката Гурупи. Во 1993 г. е прогласен за рамсарско место од меѓународно значење.

Околу 99% од земјиштето на Пантанал е во приватна сопственост и е ставена во служба на земјоделството и сточарството.[11] Во областа има 2500 фарми (фазенди) со вкупно 8 милиони грла говеда,[12] а забележлив проблем е и прекумерниот риболов на извесни видови. Оттука се јавува потребата за заштита на подрачјето. Природонаследниот резерват „СЕСК Пантанал“ во Бразил е во приватна сопственост, основан во 1998 г. и се протега на површина од 878,7 км2 во североисточниот дел на областа, недалеку од националниот парк. Во него има трајни реки, сезонски потоци, трајни и сезонски плавни езера, мочурливи честаци и сезонски поплацени шуми. И овој резерват е прогласен за рамсарско место.

Друго позначајно заштитено подрачје во Пантанал е националниот парк „Отукис“ во Боливија. До него се доаѓа преку градот Пуерто Суарес.

Поважни градови[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 McClain, Michael E. (2002). The Ecohydrology of South American Rivers and Wetlands. International Association of Hydrological Sciences. ISBN 1-901502-02-3. https://books.google.com/books?id=Ae1OJ-vyKSkC&printsec=frontcover&dq=pantanal. посет. 31 август 2008 г. 
  2. Susan Mcgrath, photos by Joel Sartore, Brazil's Wild Wet, National Geographic Magazine, August 2005
  3. Keddy, Paul; Fraser, Lauchlan (2005). The World's Largest Wetlands: Ecology and Conservation. Cambridge University Press. https://books.google.com/books?id=sLJpgAic6FIC&pg=PA224&dq=pantanal#PPR5,M1. посет. 31 август 2008 г. 
  4. Rhett A. Butler. Pantanal, the world's largest wetland, disappearing finds new report. mongabay.com. конс. 2006-01-10. 
  5. The World's largest wetland. The Nature Conservancy. конс. 2008-01-21. 
  6. McClain 2002
  7. Fellerhoff C (2002 г). Feeding and growth of apple snail Pomacea lineata in the Pantanal wetland, Brazil--a stable isotope approach.. „Isotopes Environ Health Stud“ том  38: 227-43. doi:10.1080/10256010208033268. PMID 12725426. 
  8. „Apple Snail: Unlikely Hero of the Pantanal“. Nature Box. Архивирано од изворникот на 1 June 2016. конс. 9 September 2016. 
  9. „BBC Two - Secrets of our Living Planet, Waterworlds, Enter the apple snail“. BBC. 1 July 2012. конс. 9 September 2016. 
  10. Frederick A. Swarts 2000, стр. 7.
  11. Brendle, Anna (January 10, 2003). „Behind Threats to World's Largest Freshwater Wetland“. National Geographic News. стр. 1–2. конс. August 23, 2011. 
  12. Araras Eco Lodge. Pantanal - Brazil's undiscovered wilderness. Ladatco Tours. конс. 2008-01-22. 

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Frederick A. Swarts (2000), „The Pantanal of Brazil, Paraguay and Bolivia: Selected Discourses on the World's Largest Remaining Wetland System : Selected Papers and Addresses from the World Conference on Preservation and Sustainable Development in the Pantanal“, Indiana University (Hudson MacArthur Publishers), ISBN 978-0-9675946-0-6 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]