Кремен (село)
| Кремен | |
|---|---|
|
Местоположба во областа | |
| Координати: 41°55′N 23°39′E / 41.917°N 23.650°E | |
| Земја | |
| Област | Благоевградска |
| Општина | Банско |
| Површина | |
| • Вкупна | 61,869 км2 (23,888 ми2) |
| Надм. вис. | 1,100 м |
| Население (2011)[1] | |
| • Вкупно | 205 |
| • Густина | 3,3/км2 (8,6/ми2) |
| Час. појас | EET (UTC+2) |
| • Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
| Пошт. бр. | 2771 |
| Повик. бр. | 074207 |
Кремен — село во долината на реката Места во Пиринска Македонија, денес во општина Банско, Благоевградската област, Република Бугарија. Според проценка од 2024 година, селото има 102 жители.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Според една легенда, жителите на селото носеле кремени со своите силни мазги до околните села, па оттука и селото го добило името Кремен.
Друга легенда вели дека за време на муслиманското освојување, Османлиите наишле на тврдоглав отпор од населението, кое не ја издало својата вера, останувајќи цврсто како кремен.
Историја
[уреди | уреди извор]Селото се споменува во втората половина на 15-ти и почетокот на 16-ти век со регистрирани 37 семејства.[2]
Црквата „Свети Никола“ била изградена во 1835 година.
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, објавена во Константинопол во 1878 година и која ја одразува статистиката на населението од 1873 година, Кремен е наведено како село со 160 домаќинства и 560 Македонци.[3][4]
Во 1889 година Стефан Верковиќ во неговата книга „Топографско-етнографски опис, Македонија“ го споменува селото Кремен како село со 140 македонски куќи.[5][6]
Георги Стрезов во 1891 го опишал Кремен дека се наоѓа 7 часа северозападно од Неврокоп, сместен во подножјето на Пирин, веднаш до притока на Места; оваа притока го делело селото на два дела. Во селото имало овчари, козари и ѕидари, една егзархиска црква и училиште со 1 учител и 50 ученици. Имало околу 160 куќи, населени со Македонци.[7]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 1.220 жители, сите Македонци.[5][8]
Револуционерна дејност
[уреди | уреди извор]Кремен важи за едно од најреволуционерните села во Пиринско. Во 1901 година војводата на МРО Иван Апостолов, основал револуционерен комитет во двете соседни пирински села Обидим и Кремен, во кои влегле Атанас Радонов, Георги К. Пандев, Христо (Ризо) К. Пандев, Димитар К. Пандев, Георги Т. Јусев, Георги Г. Москов, Ангел Димитров Павлов, Григор С. Карков, Костадин И. Пандев, Георги Ст. Прчков, Јануш Хиџов, Никола Караџов, Георги Даскалов, Коста Даскалов, Георги Уштавалиев, Ризо С. Радулов (Калинков), Глигор Џаров, Крсто Пакларски и Иван Даков.[9] Двете планински села распространети на важен пат кои ја сврзувале Разлошката област со Неврокопско, формирале како важен центар на МРО.
Во Кремен било организирано складиште за пушки, муниција и друга опрема увезена главно од Бугарија или купени од самото Отоманско Царство. Складиштето било под покровителство на локалните водачи и наставници, Благој Хр. Јуданов, Георги Москов и Иван Апостолов.[10] Во првата половина на февруари 1903 година, Гоце Делчев дошол во Кремен со четата во којашто бил и кременецот Иван Ф. Радулов.
Пред избувнувањето на Илинденското востание во селото престојувала четата на Стојан Мулчаков. Четата била предадена и многу кременци биле уапсени и одведени во Филипово, а потоа во Неврокоп и измачување во наредните 90 дена, по што слободата им била откупена од селаните.[11]
Два месеци пред избувнувањето на востанието, 200 лица од Кремен биле повикани на воена обука во месноста Извор од страна на Јане Сандански. Биле формирани две чети, на чело со кременците Благој Џугданов и Георги Москов, кои прогонувани од властите, биле принудени да заминат во илегала и да се приклучат во четата на Иван Апостолов.[12]
Кременската селска милиција, под раководство на Благој Џугданов, учествувала активно во уништувањето на османлискиот гарнизон во Обидим на 14 септември.[13] Османлиските војници кои ги преживуваат тие битки, заедно со башобозук од Рибново, Филипово и другите помачки села во регионот се упатуваат кон Кремен. Селаните заедно со добитокот успеваат да се извлечат во планината и целата покуќнина е закопана. Селскиот кмет Илија Филиповски, кој имал добри врски со Неврокоп, заедно со Стојан Ушехов и брат му Коста Ушехов се обиделе да побараат милост од османлиските влаасти. Тројцата биле ужасно измачувани, при што на Илија Филиповски му биле отсечени нозете, но тие сепак не октриле каде се востаниците. Сите тројца биле исечени на парчиња. Семејството на селскиот кмет што останало во селото настрадало, жена му Марија и шеснаесетгодишниот син Петар се убиени, седумгодишниот син Георги се спасува, а двегодишната ќерка Марија е однесена во Драма. Другите тројца старци што останале во селото, исто така биле убиени. Целото село било запалено. Вкупниот број на настрадани изнесувал 32 селани.[14]
По Илинденското востание
[уреди | уреди извор]Во извештај за состојбата и воведувањето на просветната работа во првата половина на 1908-1909 година во Неврокопска каза, упатен до Иларион Неврокопски, се пишува следново за селото:
„С. Кримен... Селото се наоѓа на стрмно место. Низ него тече мала река, која извира од Арам Бунар. Има 214 куќи со население од 1.091 лице од двата пола. Луѓето се занимаваат со земјоделство и сточарство, а одат во странство во Бугарија и Света Гора итн. Ги обработуваат лозјата, но не произведуваат добро грозје. Имаат добри шуми и пасишта. Шумите се во казазите на Обидим. Имаат дабови и букови шуми и борови. Имаат добри овошни дрвја и особено ореви.
Постои голема сиромаштија меѓу населението. Општината е најсиромашна. Во 1903 година населението избегало во Бугарија, а селото било запалено. По нивното враќање тие станале овчари, ковачи.
Црквата „Св. Никола“ е изградена по преродбата. Нема внатрешна декорација и е речиси неукрасена.[3][15][16]
По повод убиството на водачот на ВМРО, Тодор Александров, четниците на Ванчо Михајлов, по наредба на бугарските царски власти почнале невиден терор врз населението во Бугарија и Пиринскиот дел на Македонија. Во масакрот во Кремен, биле убиени 6 (според други извори 7) жители, а 40-тина биле подложени на тепање.[17]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во најисточните делови на планината Пирин, оддалечено 30 километри југоисточно од општинскиот центар Банско. Покрај селото тече Кременска Река.[18]
Население
[уреди | уреди извор]До средината на XX век, Кремен било голема населба, но по масовната миграција на населението, бројот на жители значително се намалил, така што според пописот од 2011 година, во Кремен живееле 205 жители.[19]
На табелата е прикажан националниот состав на населението во селото, според пописот од 2011 година:
| Националност | број | % |
| Бугари | 185 | 90,2 |
| Роми | / | 0 |
| Турци | / | 0 |
| Други | 17 | 1,46 |
| Не се самоопределиле | 3 | 0 |
| Не одговориле | / | 0 |
| Вкупно | 205 | 100 |
На табелата е прикажан бројот на населението во Кремен за периодот 1934-2011:
| Година | 1934 | 1946 | 1956 | 1965 | 1975 | 1985 | 1992 | 2001 | 2011 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 1.124 | 1.114 | 1.114 | 938 | 759 | 574 | 472 | 352 | 205 |
Во селото и околината живеат голем број Македонци, кои од страна на бугарската држава не се признаваат како посебна етничка заедница и голем дел од нив се запишуваат како Бугари.
Според Националниот статистички институт на Бугарија, по проценките од 31 декември 2024 година, во Кремен имало 102 жители.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Високо во планините се наоѓаат познатите Кременски езера, каде што дури и во август водата е ледена и таму се наоѓа највкусната пастрмка.
- Југоисточно од селото се наоѓа средновековната тврдина Момина Кула, една од подобро зачуваните тврдини во Пиринска Македонија.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Секоја година, првата недела од август, во областа Харамибунара се одржува фестивал по повод Илинденското востание.
Личности
[уреди | уреди извор]Меѓу значајните личности што се родени или живееле во Кремен се:
- Георги Радулов (1942), македонски публицист и професор
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Фактична состојба на населението и домовите во Бугарија според пописот од 1 февруари 2011 г. Ethnic composition, all places: 2011 census.
- ↑ Гандев, Христо (1989) [1972]. „Населени места с регистрирани имена на главите на домакинствата (XV-XVI в.)“. Българската народност през XV век: Демографско и етнографско изследване (II издание. изд.). София: Наука и Изкуство.
- 1 2 Како што е општопознато, Македонците во отоманскиот период од различни автори, но особено во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Периодично списание на Бугарското литературно друштво во Средецово осмо одделение (XXXVII-XXXVIII). Средец, Државна печатница, 1891. стр. 13 – 14.
- 1 2 Како што е општопознато, Македонците во отоманскиот период од различни автори, но особено во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 236 – 237.
- ↑ Како што е општопознато, Македонците во отоманскиот период од различни автори, но особено во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 194. ISBN 954430424X.
- ↑ Радулов, Георги. Въстанието в селата Кремен и Обидим, П. Македония, во: Сто години Илинден, 1903 – 2003, том 1, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2005, стр. 243.
- ↑ Радулов, Георги. Въстанието в селата Кремен и Обидим, П. Македония, во: Сто години Илинден, 1903 – 2003, том 1, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2005, стр. 244.
- ↑ Радулов, Георги. Въстанието в селата Кремен и Обидим, П. Македония, во: Сто години Илинден, 1903 – 2003, том 1, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2005, стр. 246.
- ↑ Радулов, Георги. Въстанието в селата Кремен и Обидим, П. Македония, во: Сто години Илинден, 1903 – 2003, том 1, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2005, стр. 247.
- ↑ Енциклопедия „Пирински край“, Том 1, Благоевград, 1995, стр. 104.
- ↑ Радулов, Георги. Въстанието в селата Кремен и Обидим, П. Македония, во: Сто години Илинден, 1903 – 2003, том 1, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2005, стр. 248 – 251.
- ↑ Извештај за состојбата и воведувањето на просветната работа во првата половина на 1908 - 1909 година во Неврокопска каза - Во: Извори за бугарска етнографија, Том 3: Етнографија на Македонија. Материјали од архивското наследство. Софија, Македонски научен институт, Етнографски институт со музеј, Академска издавачка куќа „Проф. Марин Дринов“, 1998. стр. 80.
- ↑ Извори за българската етнография, Т.3. Етнография на Македония, Съставители: Маргарита Василева и Колектив, София, 1998, стр. 81
- ↑ Динев, Ангел (1983). Политичките убиства во Бугарија. Скопје: Култура-Скопје. стр. 339.
- ↑ Енциклопедия „Пирински край“, том I. Благоевград: Редакция „Енциклопедия“. 1995. стр. 465. ISBN 954-90006-1-3.
- ↑ „Справка за населението на с. Кремен, общ. Банско, обл. Благоевград“ (бугарски). Посетено на 2018-02-04.
| |||||||||||||||||