Прејди на содржината

Книга за смеата и за заборавот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Книга за смеата и за заборавот
АвторМилан Кундера
Изворен насловKniga smíchu a zapomnèni
ПреведувачЕлизабета Трпковска
Јазикфранцуски
ИздавачТабернакул
Издадена
оригинал - 1979 / на македонски - декември, 2008
Страници292 страни, 120mm x 200mm, полутврда подврска

Книга на смеата и заборавот (чешки: Kniga smíchu a zapomnèni) е роман на чешкиот писател Милан Кундера, пишуван од 1976 до 1978 година, а првпат објавена во 1979 година, на француски јазик. Овој роман е првата книга на Кундера по неговата емиграција.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Прв дел: Изгубени писма

[уреди | уреди извор]

На почетокот од овој дел се опишува една фотографија од 21 февруари 1948 година на која Владимир Клементис стои до водачот на чешките комунисти, Клемент Готвалд. Подоцна, во 1950 година, Клементис бил оптужен и обесен, а потоа бил избришан од фотографијата од страна на државната пропаганда.[2] [3] Овој кус пример за чехословачката историја го подвлекува мотивот на заборавот во оваа книга. Дејствието на овој дел се случува во 1971 година и претставува приказна за Мирек, потонат во неговите сеќавања за минатото и за неговата дамнешна љубовна врска со Здена. Мирек е поранешен комунист и познат научник, кој подоцна станал дисидент и отворено го критикувал комунистичкиот режим. Еден ден, тој заминува од Прага во некој мал град за да се сретне со Здена. Патем, него го следат двајца агенти на тајната полиција. Мирек си ги бара писмата кои во младоста ѝ ги праќал на Здена, со намера да ги уништи зашто се срами од љубовната врска со неа. Меѓутоа, Здена одбива да му ги предаде писмата. Мирек си заминува, а агентите продолжуваат да го следат, но тој успева да им побегне. Напатот кон дома, тој застанува и се сеќава на својата страсна љубов кон Здена. Кога пристигнува дома, во неговиот стан се наоѓаат истражителите кои му ја запленуваат личната архива, писмата и записниците од состаноците со неговите другари. Подоцна, Мирек, неговиот син и неговите другари биле осуден на затворска казна.[4]

Втор дел: Мајка

[уреди | уреди извор]

Главниот мотив во овој дел е сеќавањето. Додека живееле заедно, Маркета не ја поднесувала својата свекрва, но откако нејзиниот однос се менува откако свекрвата останува вдовица. Така, таа почнува да се допишува со свекрвата а во една прилика, за време на велигденските празници, таа и сопругот Карел одлучуваат да ја поканат неговата мајка на посета. Тогаш, тие сфаќаат дека старицата многу се променила. Еден ден пред да си замине мајката, во посета на Ева и Карел пристигнува Ева - убава, млада жена која своевремено му станала љубовница на Карел, а потоа тој ја наместил нејзината „случајна“ средба со Маркета. Оттогаш, Ева станува голема пријателка на Маркета, а тројцата формираат љубовен триаголник и често имаат заеднички сексуални односи. За време на средбата, Карел добива телефонски повик и тоа ја налутува Маркета, која е незадоволна од својата улога во бракот, иако одамна знае за вонбрачните љубовни врски на Карел. Кога мајката се повлекува во нејзината соба, Ева влегува во дневната соба полугола, а набргу се појавува и Маркета целосно гола, но во меѓувреме во собата влегува мајката. Тогаш, поттикнат од спомените на мајка му, Карел се сеќава на мајчината дамнешна пријателка, убавата Нора, која ја видел гола кога бил четиригодишно дете. По заминувањето на мајка му на спиење, Карел води љубов со Маркета и со Ева, постојано споредувајќи ја неа со Нора. Истовремено, Маркета доживува големо задоволство од половиот однос затоа што успева да го замисли Карел без глава. Истовремено, таа добива понуда од Ева да води љубов со неа и со нејзиниот сопруг. Утредента, Маркета ја испраќа Ева, а Карел ја испраќа мајка си.[5]

Трет дел: Ангели

[уреди | уреди извор]

Главниот мотив во овој дел е смеата и во него се преплетуваат две приказни. Во едната, две американски студентки, Михаела и Габриела, треба да напишат реферат за драмата „Носорог“ на Ежен Јонеско. При читањето на рефератот, една студентка прави шега со нив, по што тие почнуваат да плачат, а целото одделение и професорката им се смеат. Тогаш, професорката почнува да игра оро со двете Американки и сите три се воздигнуваат на небото. Во другата приказна, се зборува за судбината на Кундера по Втората светска војна и особено по руската инвазија во Чехословачка. По војната, тој бил симпатизер и член на комунистичката партија. Во 1950 година, во Прага ги набљудувал насобраните луѓе кои играле оро, заедно со Пол Елијар. Подоцна, кога бил избркан од комунистичката партија, тој не можел да најде никаква работа. Тогаш, една негова пријателка се обидела да му помогне така што му понудила анонимно да пишува хороскоп во младинското списание. Подоцна, уредникот на списанието побарал Кундера да му напише личен хороскоп. Меѓутоа, полицијата го открила идентитетот на авторот и ја повикала девојката на сослушување, а потоа таа била избркана од работа. Кундера се сретнал со неа во еден стан и кога видел дека девојката е преплашена, добил желба да води љубов со неа.[6]

Четврти дел: Изгубени писма

[уреди | уреди извор]

Во овој дел, главен мотив е заборавот кој полека ги брише спомените. Тамина работи во неугледно кафуле во мал град во Западна Европа. Пред десетина години, таа и сопругот Петар илегално емигрирале од Чехословачка, но тој набргу умрел. Еден ден, нејзината познаничка Биби ѝ кажува дека планира да оди на одмор во Прага и Тамина ја замолува да ѝ го донесе пакетчето со нејзините писма и дневници. Имено, таа чувствува дека нејзините сеќавања на сопругот и на татковината полека се губат, па сака да го обнови своето минато. Меѓутоа, подоцна, Биби се откажува од идејата за патување во Прага, а Иго, еден од честите гости во кафулето, ѝ нуди помош на Тамина. За да го убеди да замине во Прага, Тамина има сексуален однос со Иго, иако воопшто не ужива во него. Меѓутоа, откако објавил статија во која го критикува режимот во Чехословачка, Иго ја известува дека нема да оди во Прага. Така, Тамина се откажува од намерата да ги земе своите дневници, ги прекинува сите односи со блиските роднини во татковината, а целиот нејзин свет целосно се урива.[7]

Петти дел: Литост

[уреди | уреди извор]

Во овој дел, авторот го отсликува посебниот вид тага која во чешкиот јазик се нарекува „litost“, а приближно би можела да се преведе како јад, чемер, иако за овој израз не постои соодветен превод на другите јазици. Според авторот, „литост“ опфаќа широк интервал на чувства, т.е. претставува синтеза на многу различни чувства, како: жалост, сочувство, копнеж и самопрекор.[8] Литоста може да се дефинира како состојба исполнета со страдање, предизвикано од погледот на ненадејно откриената сопствена беда.[9] Овој дел започнува со прикажување на ликот на една провинциска жена, Кристина, која е омажена, но има и љубовник. Таа започнува романтична љубовна врска со еден студент по книжевност и филозофија. По завршувањето на распустот, студентот се враќа во Прага, а во една прилика Кристина го посетува. При нивната повторна средба, двајцата се разочарани еден од друг. Вечерта, студентот заминува во клубот на писателите каде треба да се одржи средба со најпознатиот чешки поет, а Кристина останува да го чека во неговата мансарда. Во клубот доаѓа до остра кавга меѓу поетите поради некоја банална тема, а во расправата се вмешува и студентот кој застанува во одбрана на еден нападнат поет. Потоа, славниот поет ѝ пишува во една своја книга посвета на Кристина и зборува во суперлативи за неа. Студентот се враќа дома среќен поради сознанието дека е сакан. Кристина го пречекува со голема љубов, а тој се обидува да ја наговори на полов однос, но без успех зашто Кристина се плаши да не забремени. Утредента, таа се враќа дома, а поради својот неуспех, студентот чувствува јад. Тој оди во клубот на писателите каде среќева двајца познати поети.[10]

Шести дел: Ангели

[уреди | уреди извор]

Тема на шестиот дел е заборавот на сопственото минато и во него авторот раскажува за своите спомени од деновите кога татко му бил на умирање. Исто така, тој повторно се навраќа на Тамина која по несупешниот обид да си ги добие дневниците станува молчелива. Еден ден, неа ја посетува непознато младо момче со име Рафаел, кој ѝ предлага да замине некаде и така да се ослободи од нејзините маки. Така, таа го напушта работното место по што неколку дена ја бара полицијата, но таа е исчезната без трага. Всушност, таа се качува во спортскиот автомобил на Рафаел кој ја носи на непознато место каде едно дете ја пренесува со чамец до непознат остров. Таму живеат само деца и таа поскаува да се врати назад, но не може. По почетната нетрпеливост, таа ги прифаќа децата и се зближува со нив, а постепено почнува со нив да игра сексуални игри. Но, откако при една таква игра ја повредуваат, Тамина ги прекинува сексуалните оргии со децата, а набргу почнува отворено непријателство меѓу неа и децата. Еден ден, таа се обидува да побегне од островот и цел ден и цела ноќ плива во морето, но утредента сфаќа дека воопшто не се оддалечила од островот. Додека плива, Тамина сфаќа дека целосно го заборавила своето минато. До неа доаѓа чамец со неколку деца кои љубопитно ја набљудуваат додека таа тоне во длабочината.[11]

Седми дел: Граница

[уреди | уреди извор]

Во последниот дел се раскажува за Јан, човек на околу 45 години, кој живее во мал град во Западна Европа, но се подготвува да замине преку океанот. Тој одржува љубовна врска со Хедвика, но сексуалните односи со неа не му претставуваат ужување. Воопшто, во последно време, тој има слаб успех кај жените. Јан чувствува дека живее близу до границата преку која се губи смислата на нештата и тоа му предизвикува тага. Истовремено, тој е сведок на болеста и на смртта на неговиот пријател Пасер на чиј погреб се случува комичен настан со шапката на еден од присутните. Во една прилика, Јан присуствува на сексуалната оргија која ја организира неговата познаничка Барбара, но кога почнува да се смее за време на сексуалниот чин, Барбара го отстранува од забавата. Пред заминувањето, Јан и Хедвика посетуваат една нудистичка плажа; притоа, нудизмот за Хедвика претставува ослободување на човекот до општествените норми, а Јан повторно е обземен од тагата предзивикана од невидливата граница.[12]

Осврт кон книгата

[уреди | уреди извор]

„Книгата за смеата и заборавот“ е роман за смеата и за заборавот, за заборавот и за Прага, за Прага и за ангелите.“[13] Таа е најлирската книга на Кундера, иако токму во неа неговиот антилиризам ја достигнува кулминацијата, а американскиот писател Џон Апдајк ја оценил како „брилијантна и оригинална“. Во неа се сединети автобиографските записи на Кундера со ониричкиот еротизам. Таа е напишана во карактеристичната форма на Кундера - варијациите и ги обработува неговите опсецисвни теми: смеата, заборавот, политиката, историјата, сексот итн., а особено е истакната рамнодушноста која прераснува во заборав. Иако романот нема единствена фабула, туку е составен од седум релативно самостојни делови, сепак тој е целосно и моќно остварување кое се истакнува како едно од ремек-делата на европскиот роман. Во 1981 година, романот бил награден со американската награда „Common Wealth Award“.[14]

Според зборовите на авторот, целата книга е всушност роман во форма на варијации. Притоа, нејзините делови следат еден по друг, како одделни етапи на некое патување што води во внатрешноста на некоја тема, во внатрешноста на некоја мисла, на една единствена ситуација чиешто сфаќање се губи во бесконечноста. Истовремено, тоа е роман во врска со Тамина, а во мигот кога таа заминува зад сцената, тоа е роман за Тамина. Таа е главната личност и главниот гледач, а сите други приказни се варијации на нејзините приказни и се огледуваат во нејзиниот живот како во огледало.[15]

  1. „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 6.
  2. [1] Архивирано на 24 октомври 2008 г. Фотографија од Готвалд и Клементис од 21 февруари 1948, Прага, Чехословачка Czech News Agency, ctk.cz
  3. [2] Архивирано на 24 октомври 2008 г. Изменетата фотографија од Готвалд и Клементис од 21 февруари 1948, Прага, Чехословачка, Czech News Agency, ctk.cz
  4. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 5-29.
  5. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 31-60.
  6. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 61-86.
  7. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 87-126.
  8. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Beograd: Veselin Masleša, 1984, стр. 131.
  9. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Beograd: Veselin Masleša, 1984, стр. 133.
  10. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 127-166.
  11. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 167-203.
  12. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 203-242.
  13. „Официјално мрежно место на Табернакул“. Архивирано од изворникот на 2018-01-22. Посетено на 2021-08-13.
  14. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984.
  15. Milan Kundera, Knjiga smijeha i zaborava. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 177-178.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]