Записи од мртвиот дом (роман)
![]() корица на македонското издание | |
Автор | Фјодор Достоевски |
---|---|
Изворен наслов | руски: Записки из Мёртвого дома |
Земја | Русија |
Јазик | Руски |
Жанр | Реализам |
Издадена | 186-1861 |
Медиум | печатено издание |
Записи од мртвиот дом (руски: Записки из Мёртвого дома) - роман на рускиот писател Фјодор Михајлович Достоевски од 1860-1861 година.
Содржина[уреди | уреди извор]
Романот ги содржи следниве делови:[1]
- Вовед
Прв дел
- I Мртвиот дом
- II-IVПрви впечатоци
- V-VI Првиот месец
- VII Нови познанства - Петров
- VIII Решителни луѓе. Лучка
- IX Исај Фомич. Бањата. Расказот на Баклушина
- X Божиќ
- XI Претставата
Втор дел
- I Болница
- II-III Продолжение
- IV Маж ѝ на Акбљка (расказ)
- V Летно време
- VI Затворските животни
- VII Претензија
- VIII Другари
- IX Бекство
- Излегувањето од затворот
Критички осврт кон романот[уреди | уреди извор]
Романот „Записи од Мртвиот дом“ претставува оаза во новата идејна ориентација на Достоевски.[2] Епската линија во него е поизразена отколку во кое било друго дело од постсибирскиот период: романот претставува детална, објективна слика на затвореничкиот живот со сите негови хронолошки подробности - од стапувањето во ќелијата, преку затворската бања, болницата, секојдневноста, тажните затворски празници, сѐ до пуштањето на слобода. Описот на затворот открива галерија ликови со извонредни човечки својства. Никој дотогаш толку потресно и беспоштедно не ја беше насликал вистинската состојба и животот во царистичката зандана. Но тежиштето на реалистичното набљудување е одново врз субјектите на затвореничкиот круг. Достоевски не штеди зборови укажувајќи на високото чувство за справедливост и на огромната енергија скриена и неискористена во луѓето што од разни причини се нашле на робија.[3]
Книгата на Достоевски е ,пред сѐ, потресно сведоштво за една малку позната стварност, за која литерaтурата дотогаш, дури и онаа најдобрата (Иго, Балзак) имаше само снисходлива насмевка, сликајќи преувеличени, романтизирани херои. Во центарот на писателовото внимание се одново обичните луѓе, зад чија скромна надворешност и неупадливост се кријат силни карактери, кревки души, необични истории. Романот вонредно го потврди насетувањето и онаа душевна ведрина со која Достоевски тргна на робија, пишувајќи му на брата си: „Не сум малодушен и не паднав со духот. Животот е насекаде живот, животот е во нас самите, а не во надворешното. Околу мене ќе бидат луѓе, и, да се биде човек помеѓу луѓето и да се остане таков засекогаш, во какви-годе несреќи да не очајуваш и да не паднеш - ете во што се состои животот, неговата задача...“. Херцен ги споредуваше „Записите од Мртвиот дом“, со „Пеколот“ на Данте, со фреските на Микеланџело.[4]
Книгата содржи при сето тоа една силна и дискретно проткаена катарза: во мрачната куќа на Мртвиот дом Достоевски догледува живи луѓе во дното на животот и ја доловува светлата радосна нишка што тлее во дното на секој човек. Крајот на Записите е ведар и оптимистички: секаде каде што минува човекот, дури и во Мртвиот дом постои една светла и радосна трага што го осветлува патот.
Изданија на Македонски јазик[уреди | уреди извор]
Во 1955 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Кочо Рацин“ во рамките на библиотеката „Светски класици“, а во превод на Цветко Мартиновски. Книгата има 521 страница и не е каталогизирана, ниту пак ја поседува меѓународната ознака ISBN. Технички уредник на книгата бил Кочо Пендов, а таа била испечатена во погонот I на печатницата „Гоце Делчев“ во Скопје во декември 1954 година, во тираж од 3.000 примероци.[1]
Влијание[уреди | уреди извор]
Една песна на полскиот полскиот поет Збигњев Херберт е насловена „Господин Когито - Записи од мртвиот дом“.[5]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Фјодор Достоевски, Записи од мртвиот дом. Скопје: Кочо Рацин, 1955.
- ↑ Joseph Frank, „Introduction to The House of the Dead and Poor Folk“, Barnes and Noble, 2004.
- ↑ Фјодор Достоевски. Енциклопедија Британика. Енциклопедија Британика онлајн. Енциклопедија Британика, 2011 (пристапено на 23 октомври 2011).
- ↑ Фјодор Достоевски. Memoirs From the House of the Dead. Oxford: Oxford University Press, 1956.
- ↑ Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 189-194.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Целосен текст од „Записи од мртвиот дом“ на руски јазик
- Целосен текст од „Записи од мртвиот дом“ на англиски на Internet Archive
- Записи од мртвиот дом на Проектот „Гутенберг“
|
|