Западни Фјордови
Западни Фјордови Vestfirðir | |
---|---|
Западните Фјордови во рамките на Исланд | |
Земја | Исланд |
Седиште | Исафјердир |
Површина | |
• Вкупна | 22.271 км2 (8,599 ми2) |
Население (2007) | |
• Вкупно | 7.300 |
• Густина | 0,3/км2 (8/ми2) |
Западни Фјордови (исландски: Vestfirðir, тр. Вестфирдир) — голем полуостров и регион во северозападниот дел на Исланд. Сместен е на Данскиот Проток и гледа кон источниот брег на Гренланд. Поврзан е со остатокот од земјата преку теснец широк 7 км помеѓу Ќилсфјердир и Питрифјердир. Подрачјето е исклучително планинско и има бројни фјордови над кои се издигаат стрмни падини. Овој стрмен и завиен терен значително го отежнува патниот сообраќај, а патиштата, покрај тоа, се затворени неколку месеци во годината поради мраз и снег. Состојбата е подобрена со изградбата на патниот тунел „Вестфјардакенк“ во 1996 г.
Стрмните карпи на Лаутапјарг ја сочинуваат надголгата гнездилна колонија во северниот Атлантски Океан и ја бележат најзападната точка во Исланд. Во северниот дел на полуостровот е и ледникот Дрангајекидл, кој е петти по големина во земјата, но единствен во регионот.
Регионот е најстудениот дел на Исланд, што се должи на Источногренландската Струја.
Население
[уреди | уреди извор]Оскудноста на ниско земјиште на ова подрачје во голема мера го ограничила развојот на земјоделството, кое се состои од малоразмерно овчарство крај фјордовите. Месното стопанство зависи од добрата положба на риболовните пристаништа, засолнети во фјордовите. Населението е малобројно: во 2007 г. регионот имал само 7.380 жители, од кои 4.000 отпаѓаат на најголемото населено место — гратчето Исафјердир.
Општини
[уреди | уреди извор]Општина | Изворно | Население[1] | Површина (км2) |
---|---|---|---|
Полингарвик | Bolungarvíkurkaupstaður | 945 | 108,08 |
Исафјардарпајр | Ísafjarðarbær | 3.707 | 2.380,55 |
Рејкхоулахрепир | Reykhólahreppur | 275 | 1.096,23 |
Таулкнафјардархрепир | Tálknafjarðarhreppur | 244 | 175,38 |
Вестирпигд | Vesturbyggð | 1.024 | 1.336,06 |
Судавик | Súðavíkurhreppur | 196 | 750,35 |
Аурнесхрепир | Árneshreppur | 43 | 705,41 |
Калтрананесхрепир | Kaldrananeshreppur | 109 | 458,4 |
Странтапигд | Strandabyggð | 451 | 1.833,88 |
Занимливости
[уреди | уреди извор]Во 1615 г. 32 Баскиски китоловци доживеале бродолом во фјордовите и биле убиени од мештаните поради недоразбирање. Потоа, управникот донел закон дека секој Баскиец што ќе се забележи во регионот треба да се убие на лице место. Законот е укинат во 2015 г.[2]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Единици на месната управа“. ec.europa.eu. Посетено на 2018-08-10. (англиски)
- ↑ Tharoor, Ishaan (28 May 2015). „Iceland revokes 400-year-old legal right in Westfjords district to kill Basques on sight“. The Independent. Посетено на 2 June 2015.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Западни Фјордови на Ризницата ?
- Посетете ги Западните Фјордови — официјален туристички портал (англиски)
- Западни Фјордови — Здружение на месните управи на Исланд (исландски)
|