Вилијам Парсонс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вилијам Парсонс
William Parsons, 3rd Earl of Rosse
William Parsons, 3rd Earl of Rosse photo.jpg
William Parsons, 3rd Earl of Rosse
Роден17 јуни 1800(1800-06-17)
Јорк, Англија
Починал31 октомври 1867(1867-10-31) (воз. 67 г.)
Монкстаун, Ирска
Полињаастрономија
Познат потелескоп
Поважни наградиКралски медал (1851)

Вилијам Парсонс, 3-тиот Ерл од Рос {англиски: William Parsons, 3rd Earl of Rosse; 17 јуни 180031 октомври 1867) — англиско-ирски астроном и изработувач на неколку телескопи.[1] Неговиот телескоп „Левајатан“, изграден во 1845 г., важел за најголем во светот сè до почетокот на XX век.[2] Од 1807 до 1841 г. го носел звањето Барон Оксмантон, по што ја наследил ерловската титула од татка си и бил познат како Лордот Рос.

Живот[уреди | уреди извор]

Парсонс е роден во градот Јорк, Англија. Образованието го стекнал на колеџот Тринити при Даблинскиот универзитет, а потоа на колеџот Модлин при Оксфордскиот универзитет, дипломирајќи математика во 1822 г со највисоки оценки. Со смртта на татко му Лоренс во 1841 г. Парсонс ја наследил благородничката титула ерл и голем посед во грофовијата Кингс (денес Офали), Ирска.

Во 1836 г. се оженил и потоа имал 13 деца, од кои само четири доживеале полнолетство.[3]

Покрај интересот за астрономијата, Парсонс бил пратеник во Британскиот парламент за грофовијата Кингс од (1821-1834) г., претседател на Британското научно здружение (1843–1844)[4], член на Домот на лордовите (од 1845), претседател на Кралското друштво (1848–1854) и канцелар на универзитетскиот колеџ Тринити во Даблин (1862–1867).

Научна работа[уреди | уреди извор]

Најголемиот телескоп во XIX век, наречен „Левијатанот од Пасронстаун“.

Во текот на 40-тите години на XIX век, Парсонс го изградил 1,83-метарскиот (во отворот) телескоп „Левијатан“ кај Бирскиот замок, Парсонстаун (Бир) во грофовијата Офали, како замена за дотогашниот 91-стантиметарски , исто така негово дело. Во текот на изградбата на „Левијатан“, Парсонс морал да смисли сосема нови начини на изработка, не само поради дотогаш невидената големина, туку и бидејќи дотогашните конструктори ги чувале нивните методи во тајност или едноставно не ги објавувале. Во 1844 г. Парсонс се обратил на Белфастското природонаучно друштво, обзнанувајќи ги поединостите од изработката на тритонското огледало на телескопот — металот од кој е направено, како и методите на леење, брусење и мазнење.[5] Парсоновиот телескоп се сметал за чудесно техничко и архитектонско достигнување, а сликите од него кружеле низ целата Британска империја. Рабптата на „Левијатан“ започнала во 1842 г., а телескопот почнал да се користи во 1845 г., иако не бил пуштен во редовна употреба до 1847 г. поради Големиот глад во Ирска. „Левијатан“ важел за најголемиот телескоп во светот (по пречникот на отворот) сè до почетокот на XX век. Со него Парсонс забележал и завел голем број маглини, меѓу нив и такви за кои подоцна е утврдено дека се галаксии.

Галаксијата Вртлог на цртеж од Парсонс, 1845 г.

Користејќи се со телескопот, Парсонс спровел истражувања со кои ја открил спиралната природа на некои маглини, кои денес се познати како спирални галаксии. Најпознато меѓу овие откритија е објектот M51 кој го нарекол „Вртлог“.

Парсонс е кум на Раковидната Маглина (M51/NGC 1952), која ја нацртал во облик на ова животно според набљудувањата со постариот 91-сантиметарски телескоп. Неколку години подицна, Парсонс ја набљудувал истата со 1,8-метарскиот телескоп и овојпат направил многу поточен цртеж, кој изгледал доста поразлично, но сепак првичното име продолжило да се користи и понатаму.

Главен поттик на Парсонс во истражувањето на маглините претставувал обидот за разрешување на маглинската хипотеза, која претполага дека планетите и ѕвездите се образуваат со гравитација која делува врз гасовити маглини. Самиот Парсонс не верувал дека маглините се гасовити, туку од ѕвездена природа, т.е. дека се составени од ситни ѕвезди кои највеќето телескопи не може да ги раздели поединечно. Во 1845 г. Парсонс и неговите техничари објавиле дека добиле јасна (разделена) слика од поединечните ѕвезди од кои е сочинета маглината Орион со помош на „Левијатан“. Ова тврдење имало големи космолошки и филозофски импликации, поради големата тековна расправа дали вселената се развивала или пак е создадена каква што е. Маглената хипотеза одела во полза на првото мислење, додека пак Парсоновиот став одел во полза на второто. Најголемиот научен противник на Парсонс бил Џон Хершел, чии наоди од сопствените инструменти укажувале дека Орион е вистинска маглина (гасна, а не ѕвездена). Обајцата тврделе дека инструментите на противникот „не чинат“, но ниеден од нив не произлегол со доволно убедливи научни докази во полза на неговото тврдење, па проблемот останал нерешен. Конечниот заклучок за гасната природа на маглините дошол дури подоцна, со спектроскопските наоди на Вилијам Хагинс.

Во 1878 г. синот на Парсонс ги објавил татковите откритија во билтенот на Кралското даблинско друштво, вклучувајќи 226 објекти од Новиот општ каталог или NGC)[6]

Изградени телескопи[уреди | уреди извор]

Во својот работен век, Парсонс изработил различни рефлекторски телескопи.[2] со параболични огледала од лиен метал.

  • 38 см
  • 61 см
  • 91 см (наречен „Росов телескоп од три стапки“)
  • 180 см („Росов телескоп од шест стапки“ or „Левијатанот од Парсонстаун“), се градел од 1842 до 1845 г.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Michael Parsons, 6th Earl of Rosse (Autumn 1968 г). William Parsons, third Earl of Rosse. „Hermathena“ (Trinity College Dublin) (107): 5–13. http://www.jstor.org/stable/23040086. 
  2. 2,0 2,1 "Telescopes: Lord Rosse’s Reflectors". Amazing-space.stsci.edu. конс. 2012-09-03. 
  3. Hughes, Stefan (2012). Catchers of the Light: The Astrophotographers' Family History. Google Books. p. 1085. ISBN 978-1620509616. http://books.google.co.uk/books?id=iZk5OOf7fVYC&pg=PA1085.
  4. Knight, Charles, уред (1867). „Rosse, William Parsons, 3rd Earl of“. Biography: Or, Third Division of "The English Cyclopaedia". vol. 5 (beginning with RABELAIS). London: Bradbury, Evans, & Co.. стр. 166–167. http://books.google.com/books?id=w8VPAAAAMAAJ&pg=PT13. 
  5. Телескопот на Лордот Рос, The Practical Mechanic and Engineer's Magazine, Feb 1844, p185
  6. Observations of Nebulae and Clusters of Stars Made With the Six-foot and Three-foot Reflectors at Birr Castle From the Year 1848 up to the Year 1878, Scientific Transactions of the Royal Dublin Society Vol. II, 1878.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]