Алберт Сент-Ѓерѓи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Алберт Сент-Ѓерѓи

Алберт Сент-Ѓерѓи (унгарски: Nagyrápolti Szent-Györgyi Albert; 16 септември 1893 година - 22 октомври 1986 година) — унгарски физиолог и биохемичар. Добитник е на Нобеловата награда за физиологија и медицина во 1937 година[1] за откривањето на витаминот Ц и за некои реакции на циклусот од лимонската киселина. Тој е заслужен за откривањето на витаминот Ц и компоненти и реакции на циклуси на лимонската киселина. Исто така бил активен во унгарското движење на отпорот во Втората светска војна и зел учество во политиката после војната.

Биографија[уреди | уреди извор]

Алберт бил роден во Будимпешта во 1893 година како син на Миклош Сент-Ѓерѓи, кој поседувал многу голем имот, и Јозефина, чиј татко и брат биле професори по анатомија на Универзитетот во Будимпешта. Иако како дете имал проблеми со учењето, од шеснаесет години науката почнала да му станува забавна, меѓутоа, Михали Ленхосек сметал дека тоа никако не би било добар избор за немирниот Алберт. Во 1911 година са запишал на студии и почнал да работи кај дедо си во лабараторијата, сè до почетокот на Првата светска војна, кога бил мобилизован во војската. Служел на италијанските и руските фронтови сè до 1917 година кога е отпуштен поради ранување во борба. За времето додека бил во војска, одликуван е со сребрен медал за храброст. Ги завршил студиите на Универзитетот во Будимпешта, а потоа ја продолжил работата со фармакологот Мансфелд во Братислава, Армин Чермак во Прага, проучувајќи електрофизиологија, и со Михелис во Берлин, а потоа отишол во Хамбург на двегодишен курс по физичка хемија.

Во 1920 година станал асистент на Универзитетот за фармакологија во Лајден, од 1922 до 1926 година работел на Физиолошкиот институт во Гронинген, Холандија, а во 1927 година отишол на Кембриџ како Рокферелов соработник, работејќи со Хопкинс. Поминал една година и во Рочестер во Минесота пред повторно да се врати на Кембриџ.

Како професор почнал да работи во 1931 година кога добил место на Универзитетот во Сегедин на катедрата за медицинска хемија, на иницијатива на тогашниот министер за наука, а во 1935 година и на катедрата за органска хемија. По крајот на Втората светска војна, го презел местото професорот по медицинска хемија на Универзитетот во Будимпешта, а во 1947 година ја напуштил Унграрија, отишол во САД, каде што добил место на директор за истражување на институтот за истражување на мускулите во Масачусетс.

Истражувачката работа на Гронинген, Алберт ја започнал во областа на клеточно дишење, во која ја објаснил меѓусебната поврзаност на процесот на активирање на водород и кислород, и прв ја забележал улогата на ензимот кодехидразе и полифенол-оксидаза за физиолошки процеси во растителните клетки. При тоа го докажал постоењето на намалувачкиот агенс во растителните клетки и во животните, што подоцна ќе го донесе до неговото најголемо откритие - киселината и открил дека пиперката (Capiscum annum) е богат извор на витаминот Ц. Со упорното истражување на патот на оксидацијата во живите организми, успеал да го докаже значењето на С4 киселината (меѓу кои се и овошни киселини како што се јаболкова и винска) како катализатор на биохемиски процеси во ќелиите. Неговата работа на биохемиска оксидација потполнета е со откривањето на флавинот. Во 1938 година своите интереси ги пресвртува кон истражување на физиологијата на мускулите и набрзо потоа откривајќи ги протеините пресудни за нивна контракција, актин и миозин, па комплексот во кои се меѓусебно поврзани. Истотака, докажал дека аденозин-трифосфат претставува директен извор на енергија на мускулната контракција. После овие откритија по прв пат се можело да се репродуцира најважната реакција која доведува до контракцијата на мускулите. Некои од неговите дела од овој период довеле до почетокот на користење на глицерин за презервација на биолошки препарати.

Сент-Ѓерѓи бил член на многу академски друштва, и претседател на Будимпештанската академија за наука и потпретседател на Унгарската академија за наука. Предавал како госин професор на Харвард во 1936 година, и на Универзитетот во Лијеж, во Франција, 1938 година.

Издал повеќе публикации кои според тематиката ја следат неговата истражувачка работа, меѓу кои се:

  • Оксидација, ферментација, витамини - здравје и болест (1939-та година);
  • Мускулна контракција (1947-та година);
  • Природа на животот (1947-та година);
  • Биоенергетика (1957-та година);

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Сент-Ѓерѓи се оженил во 1917 година со Корнели Деметри, ќерката на гувернерот на Унгарската пошта. Во брак со неа имал една ќерка по име Корнелија.

Како активен противник на нацистите за време од триесеттите години од неговиот живот, бил приморан да стане граѓанин на Шведска за време на Втората светска војна, од каде што се преселил во Америка. Во Америка, во 1941 година се оженил по вторпат, со Марта Борбиро.

Слободното време го исполнувал со спортот, пред сè со едрење и алпинизам.

  1. Kyle, R. A.; Shampo, M. A.. Albert Szent-Györgyi--Nobel laureate. „Mayo Clinic Proceedings“ том  75 (7): 722. doi:10.4065/75.7.722. PMID 10907388.