Авантурите на Пинокио

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Авантурите на Пинокио  
Автор Карло Колоди
Земја Италија
Јазик италијански
Издадена 1883

Авантурите на Пинокио (италијански: Le aventure di Pinocchio) е книга на италијанскиот писател Карло Колоди.

Историјат на книгата[уреди | уреди извор]

За прв пат, книгата „Авантурите на Пинокио“ се појавила во 1881 година, кога во „Детско списание“ била објавена првата епизода, со наслов „Приказна за една кукла“, по што следувале и други епизоди од книгата. До смртта на авторот, книгата доживела пет изданија, а потоа, со текот на времето, таа постанала класика на детската литература. Француското издание на книгата се појавило во 1902 година, а во периодот помеѓу 1911 година и Втората светска војна, таа била преведена на сите европски и голем број други јазици. Денес, се смета дека „Пинокио“ е книга со најголем тираж во светот, по Библијата и Коранот.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Мајсторот Цреша пронашол парче дрво што плаче и се смее како бебе. Тој му го подарил дрвото на мајсторот Ѓепето, кој сакал од дрвото да направи кукла, која ја нарекол Пинокио. Веднаш по изработката, Пинокио оживеал и започнал да прави палавштини. И во следните денови, Пинокио е немирен, правејќи разни проблеми и покрај советите кои му ги дава Штурчо-проповедникот. Така, еден ден, тој заспал со нозете на печката и си ги изгорел стапалата. Ѓепето го гледа Пинокио како свое дете и си го продава палтото за да му купи буквар, но Пинокио го продава букварот за да гледа претстава со марионетки. Дрвените кукли од претставата го препознаваат својот брат Пинокио, но тогаш се појавува кукларот Голтнипламен. Пинокио го спасува својот другар Арлекин. Голтнипламен му дава на Пинокио пет златници за да му ги даде на Ѓепето, но Пинокио ги среќава Лицесот и Мачорот, кои успеваат да го измамат и да му ги земат парите. Во една шума, тие го напаѓаат Пинокио и го обесуваат на еден даб, но го спасува самовилата. Тогаш, Пинокио кажува лага и започнува да му расте носот. Потоа, Лисецот и Мачорот успеваат да го измамат Пинокио, убедувајќи го да ги посее златниците во Полето на чудата и така го ограбуваат, а Пинокио заработува казна затвор во траење од четири месеци.

Ослободен од самовилата, Пинокио се враќа дома, но патем среќава страшна змија, а потоа паѓа во стапица за животни. Него го фаќа еден селанец и го принудува да служи како чувар на кокошарникот. Но, Пинокио ги фаќа крадците на кокошки и селанецот го ослободува. Тој сретнува камен на којшто пишува дека умрела самовилата, зашто тој ја изневерил. Пинокио е очаен и потоа среќава гулаб, кој ќе го однесе до морето. Пинокио се фрла во водата за да го спаси својот татко Ѓепето. Пинокио стигнува на Островот на вредните пчели и таму ја наоѓа самовилата. Тој ветува дека ќе биде добар и дека ќе учи, со цел да се претвори во вистинско момче. Но, повторно тој прави неволји: по една тепачка со училишните другари, Пинокио е уапсен од полицијата. Пинокио им бега на полицајците, кои му пуштаат овчарско куче за да го фати. Бегајќи од кучето, Пинокио паѓа во мрежата на еден рибар, кој му се заканува дека ќе го испржи во тавата, но тој успева да избега во куќата на самовилата, каде повторно ветува дека ќе биде добар. Сепак, тој со другарот Фитил заминува во Селото на безделниците. Таму, по пет месеци, поминати во игри и безделничење, на Пинокио му растат уши и опаш, т.е. тој се претвора во магаре. Него го продаваат на пазар и најпрвин го купува директорот на некој циркус, со намера да го научи да игра и да скока низ обрачи. Пинокио ја повредува ногата и тогаш го купува некој кожар со намера да го убие и да му ја одере кожата. Кожарот го фрла Пинокио во морето, а таму го проголтува една огромна ајкула. Во нејзината утроба, Пинокио го пронаоѓа Ѓепето, но двајцата успеваат да се спасат. Потоа, Пинокио станува добар и за награда се претвора во вистинско момче.[2]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Книгата "Пинокио" е издадена на македонски јазик во повеќе наврати и таа претставува задолжителна лектира за учениците во основните училишта.

Издание од 2005 година[уреди | уреди извор]

Книгата „Пинокио“ е објавена во 2005 година од страна на Просветно дело АД Скопје, Редакција „Детска радост“, во состав на библиотеката „Лектирни изданија“. Книгата има 247 страници, а покрај главниот текст, таа содржи и осврт на делото и биографија на авторот. Книгата е со димензии од 20 сантиметри, каталогизирана е во Народна и универзитетска библиотека Св. „Климент Охридски“ - Скопје и носи меѓународна ознака ISBN 9989-30-691-5. Преводот на македонски јазик го направила Наташа Сарџовска, дизајнот и графичкото обликување се дело на Жарко Туниќ, а илустрациите во книгата ги направил Душан Дракалски. Катерина Ноневска извршила лектура и коректура на текстот. Книгата е испечатена во печатницатаКоста Абраш“ од Охрид.[3]

Екранизација на книгата[уреди | уреди извор]

Книгата „Пинокио“ доживела толку голема популарност, што според неа биле снимени поголем број филмови. Така, ликот на Пинокио за првпат бил екранизиран во 1911 година, како нем филм кој траел помалку до 30 минути, дело на грофот Џулио Чезаре Антаморо. Во овој филм глумел во тоа време многу популарниот забавувач Полидор. Во 1932 година бил снимен филм за Пинокио во Јапонија, во режија на Нофуро Офуџи про што била применета експериментална техника на анимација на кукли. Исто така, во 1930-тите, во Италија биле снимени бројни долгометражни анимирани филмови, делумно во боја, посветени на куклата Пинокио. Пресврт во екранизацијата на Пинокио извршил филмот на Волт Дизни од 1940 година, а во истиот период, во СССР биле снимени повеќе верзии на цртани и куклени филмови, засновани врз преработката на „Пинокио“ од страна на Алексеј Толстој, под наслов „Малиот златен клуч“. Британската верзија на ова дело била снимена во 1996 година, во режија на Стив Барон.[4] Во поново време, позната е екранизацијата на Роберто Бенињи, кој истовремено ја игра и улогата на Пинокио.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Карло Колоди - Легенда што трае“, во: Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005, стр. 242-245.
  2. Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005.
  3. Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005.
  4. „Карло Колоди - Легенда што трае“, во: Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005, стр. 244-245.