Карло Колоди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Карло Колоди (италијански: Carlo Collodi) (1826, Фиренца - 1890, Фиренца) бил италијански писател за деца, кој стекнал светска слава со својата книга "Пинокио".

Биографија[уреди | уреди извор]

Карло Колоди

Карло Колоди е псевдоним на Карло Лоренцини, новинар и писател, роден во Фиренца, во 1826 година. До својата седумнаесетта година учел во неколку религиозни училишта, а подоцна се стекнал со големо музичко и литературно образование. Исто така, тој зборувал повеќе светски јазици. Певдонимот Колоди за првпат го употребил во 1856 година, а веќе во седумдесеттите години на 19 век, редовно ги поптишувал своите книги со тоа презиме. Колоди е село помеѓу Лука и Пистоја, во кое се родила неговата мајка и каде тој поминал дел од детството. Колоди починал во Фиренца, во 1890 година, а бил погребан на меморијалните гробишта "Сан Минијато ал монте" во Фиренца.

Творештво[уреди | уреди извор]

Книжевната кариера, Колоди ја почнал на возраст од 20 години, кога започнал да пишува рецензии за каталогот на еден познат издавач од Фиренца. Подоцна пишувал рецензии за списанието "Музичка Италија", кое во тоа време било меѓу најпознатите во Италија. За неколку години, Колоди станал познат новинар, пишувајќи за повеќе списанија, а и тој основал неколку списанија. Едно од нив било "Лампион", кое било забрането во 1848 година, а обновено 11 години подоцна. Во текот на педесеттите години од 19 век, Колоди станал познат драматург и писател. Во 1876 година, Колоди почнал да пишува книги за деца и за брзо време, неговите дела постанале основа на училишниот систем на штотуку формираната држава Италија. Познати дела за деца се: "Џанетино", "Палчо", "Првата аритметика на Џанетино", "Граматиката на Џанетино", "Патувањата на Џанетино низ Италија", "Магичната ламба на Џанетино" итн.


Во 1881 година, Колоди започнал да пишува за првите детски списанија во Италија. Така во "Детско списание" излегла првата епизода од книгата "Авантурите на Пинокио", со наслов "Приказна за една кукла", а во истото списание биле објавени и други приказни, кои претставувале продолжение на приказната за Пинокио, а кои биле објавени во 1887 година, во збирката "Весели приказни". Целокупните дела на Колоди, неговото семејство ги подарило на Националната библиотека во Фиренца, каде се чуваат до ден-денес. Истовремено, за промоција на неговите дела била формирана Националната фондација "Карло Колоди".[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Карло Колоди - Легенда што трае", во:Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција "Детска радост", Скопје, 2005, стр. 241-243.