Липа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Липа
Ботаничка илустрација на
ситнолисна липа (Tilia cordata)
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Нерангирано: Евдикоти
Нерангирано: Розиди
Ред: Слезовидни
Фамилија: Слезови
Род: Липа
L.
Видови

околу 30; во текстот

Опачина на лист од ситнолисна липа
Цветови на липата
Плодови на липата
Свети Ѓорѓија и ламјата“ — скулптура во липино дрво од Тилман Рименшнајдер (~1490)
Липи на венецот во грбот на СР Словенија
Липа на грбот на Липецката област, Русија

Липа (науч. Tilia) — род од фамилијата слезови (Malvaceae) со околу 30 вида на дрва автохтони во умерените предели на северната полутопка.

Ова се големи листопадни дрва со височина од 20-40 м и дршкести срцевидни листови со пречник од 6-20 см. Точниот број на видови е непознат бидејќи самите лесно се вкрстуваат и во природата и кога се одгледуваат. Сите се двополови (цветовите имаат и машки и женски делови) и се опрашуваат со инсекти.

Во Македонија автохтони се ситнолисната (T. cordata), големолисната (T. platyphyllos) и сребренолисната липа (T. tomentosa).[1]

Опис[уреди]

Липата има дебело исправено стебло како столб, а гранките се расчленуваат на повеќе ограноци со мазни дебели гранчиња. Лете има обилно зеленило од големи листови.[2]

Листовите се несиметрични, со облик на срце, а плодот е мал и зрнест, сврзан со жолтозелен прицветник што игра улога на крило. Нови растенија можат да се добијат со пресекување или од семка. Во плодна почва растат бргу, но подложни се на напад од многу разни инсекти. Семката мора да се посади штом ќе падне, во спротивно бргу се суши и оди во состојба на мирување која трае цели 18 месеци.[2]

Примена[уреди]

Липата е популарна во дрвореди и поради дебелата сенка што се должи на густината на листовите.[2] Цветовите се мирисливи и лепливи со нектар. Од нив се прави билен чај и течност за инхалација. Во пчеларството липата е позната по светлиот, но богат мед.

Дрвен материјал[уреди]

Липиното дрвото е меко и лесно обработливо, со многу малку шари и густина од 560 кг/м³.[3] Во викиншкиот период од липино дрво се изработувале штитови. Ужива популарност во макетарството и за изработка на ситна резба. Во православието се претпочита како дрво за сликање на икони. Во германското копаничарство, липата е главен материјал за изработка на олтари, како оние на познатите мајстори Фајт Штос, Тилман Рименшнајдер и многу други. Поради малата тежина и отсуството на забележителни шари, липата наоѓа особена примена во кукларството.

Дрвото исто така има акустички особини, па затоа од неа се прават електрични гитари и бас гитари, како и дрвени дувачки инструменти.

Како лек[уреди]

Во народната медицина и треварството, цветот на липата се користи против настинка, кашлица, треска, инфекции, воспалувања, висок крвен притисок, главоболка (особено мигрена), за мочните патишта, помош на мускулатурата на органите за варење и како седатив.[4]

Културно значење[уреди]

Кај словенските народи[уреди]

Во словенската митологија, липата се сметала за свето дрво[5] и денес претставува национално обележје на Словачка, Словенија, Чешка и Лужичките Срби. Во некои словенски јазици по неа е наречен месецот јуни (хрватски: lipanj) или јули (полски: lipiec, украински: липень).

Поимот стои и во името на германскиот град Лајпциг, кое потекнува од лужичкото lipsk. Во Македонија дрвото е присутно во топонимите како Липа (Неготинско) и Липа (Церово), Липково, Липковка. Во Русија такво име има градот Липецк, а со тоа, и Липецката област.

Кај германските народи[уреди]

Липата е свето дрво и кај германските народи, присутна во верувањата поврзани со германската митологија. Околу липата се одржувале свечености и веселби, но и се свикувале старешини кога требало да се дели правда. Овој обичај на судење под липа опстоил сè до времето на просветителството.

Класификација[уреди]

Родот ги има следниве општоприфатени видови, сорти и хибриди.

Видови[уреди]

Хибриди и сорти[уреди]

  • Tilia × euchlora (T. dasystyla × T. cordata)
  • Tilia × europaeaобична липа (T. cordata × T. platyphyllos; syn. T. × vulgaris)
  • Tilia × petiolaris — дршкеста липа (T. tomentosa × T. ?)
  • Tilia 'Flavescens' — гленлевенска липа (T. americana × T. cordata)
  • Tilia 'Moltkei' (хибрид, непознато потекло)
  • Tilia 'Orbicularis' (хибрид, непознато потекло)
  • Tilia 'Spectabilis' (хибрид, непознато потекло)

Галерија на видови[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. „Липа“. Македонска енциклопедија. (2005). Скопје: МАНУ.
  2. 2,0 2,1 2,2 Keeler, Harriet L. (1900). „Our Native Trees and How to Identify Them“. New York: Charles Scriber's Sons. стр. 24–31. 
  3. Липино дртво — Niche Timbers (англиски)
  4. Coleta, M., Campos, M. G., Cotrim, M. D., et al. (2001). Comparative evaluation of Melissa officinalis L., Tilia europaea L., Passiflora edulis Sims. and Hypericum perforatum L. in the elevated plus maze anxiety test. Pharmacopsychiatry 34 (suppl 1): S20–1
  5. Archaeology and Language: Language change and cultural transformation Roger Blench, Matthew Spriggs, стр. 199

Надворешни врски[уреди]