Слезови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Слезови
Hibiscus rosa-sinensis
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Класа: Дикотиледони
Ред: Слезовидни
Фамилија: Слезови
Juss.
Потфамилии

Bombacoideae
Brownlowioideae
Byttnerioideae
Dombeyoideae
Grewioideae
Helicteroideae
Malvoideae
Sterculioideae
Tilioideae

Слезовите (науч. Malvaceae) се фамилија на скриеносемени (цветни) растенија со преку 200 родови во кои се распоредени приближно околу 2.300 видови. Најголемите родови по број на видови се Hibiscus (300 видови), Sterculia (250), Dombeya (225), Pavonia (200) и Sida).

Систематика[уреди]

Систематиката на Malvaceae е многу контроверзна. Според традиционалната поделба на оваа фамилија sensu stricto таа се состои од многу хомогена и кладистички монофилетска група. Меѓутоа, sensu lato, врз основа на молекуларните техники, се покажа дека фамилиите Bombacaceae, Tiliaceae, и Sterculiaceae, кои од секогаш се сметале за блиски на слезовите sensu stricto, не се монофилетски групи. Поради ова, Malvaceae се прошири и ги вклучи сите овие фамилии со цел да се добие една монофилетска група. Според оваа систематика, Malvaceae вклучува многу поголем број на родови. Според вториот начин на класификација, оваа фамилија е поделена на следниот начин:




Byttnerioideae: 26 родови, 650 видови. Пантропски, особено Јужна Америка



Grewioideae: 25 родови, 770 видови. Пантропска.




Sterculioideae: 12 родови, 430 видови. Пантропска.



Tilioideae: 3 родови, 50 видови. Северни умерени региони и Средна Америка



Dombeyoideae: Околу 20 родови со приближно 380 вида. Палеотропска, особено во Мадагаскар и Маскаренските Острови



Brownowioideae: 8 родови со приближно 70 вида. Особено палеотропска.



Helicteroideae: 8 до 10 родови, 10 до 90 видови. Тропска, особено југоисточна Азија.



Malvoideae: 78 родови, 1,670 видови. Умерени до тропски региони.



Bombacoideae: 12 родови, 120 видови. Тропкси, особено Африка и Америка





Опис[уреди]

Повеќето видови се тревки или грмушки, но некои се дрвја и лијани. Листовите се последователни, често палматно поделени или сложени и палматно венирани. Рабовите може да се целокрајни, но кога тие се рассечени, една лисна вена завршува на т.н. малвоиден заб. Присутни се прилисници. Стеблата содржат мукусни канали и празнини. Присутни се најчесто стелатни трихоми.

Цветовите најчесто се образуваат на целосни или нецелосни аксиларни соцветија, кои обично се редуцирани до еден единствен цвет, но може да се и каулифлорни, опозитифолни или терминални. Често носат прицветни листови (брактеи). Може да се еднополови или хермафродитни и обично се актиноморфни, често асоцирани со забележливи брактеи, формирајќи притоа епикаликс. Обично поседуваат по 5 валватни чашкини ливчиња (најчесто базално конатни). Имаат 5 имбрикатни венечни ливчиња. Прашниците се 5 или повеќе на број, конатни барем во нивната основа, но често формираат цевка околу плодниците. Плодниците се состојат од две до повеќе конатни плодни ливчиња (карпели). Јајчникот е натцветен, со аксијална плацентација. Имаат капитатни или лобирани устенца (стигми). Цветовите имаат нектариуми составени од многу тенко спакувани жлездени влакненца, обично позиционирани на венечните ливчиња. Плодот е најчесто локулицидна капсула (кутијка), шизокарп или оревче.

Употреба[уреди]

Неколку вида се плевели во земјоделството, како Abutilon theophrasti и Modiola caroliniana. Памукот (4 вида на Gossypium), кенафата (Hibiscus cannabinus) и бамјата (Abelmoschus esculentus) се важни земјоделски култури. Плодовите и листовите на баобабот се јадливи. Цветовите на црниот слез (Malva silvestris) и белиот слез (Althaea sp.) се користат за подготовка на лековити чаеви.