Цвет

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Цветот е генеративен орган на скриеносемените растенија чијашто функција е полово или бесполово размножување. По формирањето на спорите или гаметите и после оплодувањето, од него се образуваат семето и плодот.

Всушност, цветот е видоизменет изданок со ограничено растење кој се образува од врвното стеблено творно ткиво (меристем) кога тоа ќе достигне репродуктивна зрелост. Преминувањето на врвниот меристем од вегетативна во репродуктивна состојба настанува постепено. Обично цветниот меристем е кратко активен и активноста му опаѓа со самото формирање на цветот.

Формирањето на цветните елементи најчесто има строг редослед - прво се формираат надворешните, а последни елементите од внатрешниот круг.

Елементи на цветот[уреди]

Полен на стигма од лилјан
Цветни елементи : A = плодница; B = устенце; C = полуантера; D = лигула; E = столбче со устенце
Цветни елементи : A = плодница; B = долен дел од столбчето со венечни ливчиња; C = полуантера; D = столбче со устенце

Цветот за стеблото е обично прикрепен со цветна дршка (Pedunculus), а доколку таа отсуствува, велиме дека се тоа приседнати цветови. Дршката завршува со силно скусен и проширен дел со слабо изразени нодиуми, на кој се поредени останатите цветни елементи, познат како цветна ложа (Receptaculum).

Цветните елементи на цветната ложа можат да бидат заштитни (стерилни) и репродуктивни (фертилни) елементи.

Заштитни елементи[уреди]

Тоа се главно листови што го претставуваат околуцветникот (цветната обвивка), кој во зависност од тоа од какви листови е изграден, може да биде:

  • перигон, или хомохламиден, односно прост околуцветник, изграден од два круга на ливчиња кои се разликуваат по форма, големина и боја:
    • венчевиден перигон, кога ливчињата се слични на венечните
    • чашковиден перигон, кога ливчињата се слични на чашкините
  • перијант, или хетерохламиден, односно сложен околуцветник, изграден од два круга на ливчиња кои се идентични:
    • чашка (Calyx или Sepala), зелени ливчиња со заштитна функција, од 2 до 5 во еден круг
    • венче (Corolla или Petala), живо обоени ливчиња со заштитна функција, секогаш повеќе од две

Репродуктивни елементи[уреди]

Цвет на дневен лилјан, каде се забележуваат шест прашници и стигмата (устенцето) на плодникот

Тоа се функционалните елементи на цветот, оние со кои растението се размножува и дава идни поколенија:

  • прашници (Stamen, за група од прашници Androeceum), растителните машки полови "жлезди" во кои се образува поленот. Еден прашник е составен од:
    • прашнички конец (Filamentum)
    • прашничка ќеса (Anthera) (прашниците без антери се нарекуваат стаминодии)
      • полуантери (Theca)
      • сврзувачко стерилно ткиво (Connectivum)
  • плодник или толчник (Pistillum, за група од плодници Gynaeceum), растителните женски полови "жлезди" во кои се образува и развива плодот. Еден плодник е составен од:
    • устенце (Stigma), за прифаќање на поленот
    • столпче (Stylus), го поврзува устенцето со
    • плодница или јајчник (Ovarium), се образуваат и развиваат семеновите зачетоци од кои се формира плодот.

Видови на цветови[уреди]

Цветови на повеќе главоцветни растенија, меѓу кои и на Rudbeckia fulgida.

Цветовите можат да се поделат врз база на различни критериуми.

Според распоредот на цветните елементи на цветната ложа, разликуваме:

  • спирални (ациклични) - елементите имаат спирален распоред на издолжена цветна ложа. Вакви се цветовите на лутичињата.
  • кружни (циклични) - доста чести цветови, елементите поредени во круг на силно скусена цветна ложа.
  • полукружни (семициклични) цветови - поедини елементи имаат спирален, а други кружен распоред.

Според местоположбата на прашниците и плодниците, има:

  • хермафродитни - двополни цветови, на кои има и прашници и плодици, како кај перуниката
  • еднополни цветови - машки или женски, поретки, на кои има само прашник или само плодник
  • стерилни - бесполови цветови, имаат само околуцветник, како кај георгината.

Според местоположбата на машките и женските цветови, има:

  • еднодомни - се развиваат на една единка, како кај пченката (кочан - женски, метличка - машки цвет)
  • дводомни - се наоѓаат на различни единки, односно појава на посебен пол, како кај врбата
  • тридомни - машките, женските и хермафродитните цветови се наоѓаат на три различни единки.

Симетрија на цветот[уреди]

  • Асиметрични - не може да се поделат на две еднакви делови
  • симетрични - може да се поделат на еднакви делови:
    • правилни (актиноморфни) - со најмалку две рамнини на симетрија
    • неправилни (зигоморфни) - со најмногу една рамнина на симетрија.