Мјечислав Јаструн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мјечислав Јаструн
Роден(а)29 октомври 1903
Австроунгарија Короливка, Австроунгарија
Починал(а)22 февруари 1983
Полска Варшава, Полска
НационалностПолјак
Познат(а) поПоезија

Мјечислав Јаструн (полски: Mieczysław Jastrun; 29 октомври 1903 - 22 февруари 1983) - полски поет.

Творештво[уреди | уреди извор]

Иако меѓу двете светски војни, како и сите други млади поети, Јаструн соработувал со „Скамандар“ и со списанието „Вјадомошќи лјитерацјке“, Јаструн се развивал надвор од поетските групи и самостојно се борел за своето место во полската поезија. Како голем почитувач на полската народна традиција, сосбено на романтизмот, како и на Рилке и Хелдерлин, Јаструн пишувал рефлексивно-философска поезија, полна со префинета одмереност и со мајсторски обликувани стихови и строфи. Пред Втората светска војна, неговата поезија се одликувала со меланхолични тонови и била блиска до неосимболизмот при што границата меѓу стварноста и фантазијата во неговите песни била многу неодредена. За време на окупацијата на Полска дошло до целосен пресврт во неговата поезија. Тогаш, тој ги објавил збирките „Време на будноста“ и „Човечка работа“ во кои воопшто не пеел за страдањата за време на окупацијата, туку главната негова грижа била зачувувањето на „човечката работа“, т.е. она што е највредно во човекот. Главно негово дело од тој циклус е поемата „Сон на зимската ноќ“ (1941) која се вбројува меѓу најзначајните остварувања во полската поезија. По војната, некое време бил претставник на догматската естетика, но потоа им се вратил на своите поетски теми од „Сонот на зимската ноќ“. На тој начин, во неговата поезија се вратила рефлексивноста, продлабочена со новото животно искуство, со фина иронија и со хармонија меѓу поетските стремежи и можностите за нивните остварувања. Свесен за компликуваната положба на човекот во современиот свет, Јаструн со своето постојано поетско усовршување и со збогатувањето на својата лирика го давал својот придонес во развојот на културата. Освен со поезија, Јаструн се занимавал и со есеистика, а неговите монографии за големите полски поети (Кохановски, Мицкјевич и Словацки) се познати и надвор од границите на Полска.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 113-114.