Размножување

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Добивање на нови растенија од лисниот раб на Kalanchoe pinnata. Малото растение напред е високо околу 1 cm. Овој вид размножување се одвива со адвентивни (дополнителни) пупки кои се развиваат на листот

Размножувањето (или репродукција) претставува основен белег на живите организми. Со овој процес организмите создаваат потомство слично или идентично на себе. На овој начин се одржува континуитетот на живот на Земјата. Размножувањето е карактеристично за сите видови организми (од вируси до човек). Преку процесот на размножување, родителите ги пренесуваат наследните фактори на своето потомство. Во основата на репродукцијата лежи делбата на клетките. Генерално,има два типа на размножување:бесполово и полово.

Бесполово размножување[уреди]

За овој вид размножување потребен е само еден родител. Се среќава и кај растенијата и кај животните, вклучувајќи ги и микроорганизмите, и тоа попростите видови. Потомците добиени со бесполово размножување се нарекуваат клонови, бидејќи имаат иста генетска структура со нивните родители.

Бесполово размножување кај растенијата[уреди]

Едноклеточните растеновидни организми, како бактериите, алгите и др., најчесто се размножуваат бесполово од типот на делба на матичната клетка, при што се добиваат две нови клетки. Родителската клетка со делбата ја губи својата индивидуалност, бидејќи од неа се образуваат две нови клетки кои се слични меѓу себе и со родителската.


Квасните габи, пак, се размножуваат бесполово од типот на пупење. При овој вид бесполово размножување, родителската клетка одделува пупка од која се развива нова габа.


Бесполовото размножување со спори, претставува посебен вид размножување, бидејќи се формираат спори што претставуваат посебни специјализирани клетки од кои се формира (на бесполов начин) нов организам. Овој начин е карактеристичен за нижите растенија (алги) и вишите растенија (мовови и папрати):

  • Кај нижите растенија, спорите се хаплоидни клетки и можат да се образуваат од било која клетка на хаплоидниот талус. Бидејќи се движат активно, со трепки или камшичиња се нарекуваат зооспори.
  • Кај вишите растенија, спорите се исто така хаплоидни клетки, кои се образуваат од диплоидните клетки на спорогеното ткиво во специјализирани органи- спорангиуми. Со пукањето на спорангиумот, спорите носени од ветрот се пренесуваат на поголеми далечини од родителскиот организам. Кога спората ќе падне на поволна подлога при поволни услови, таа почнува да никне и се развива во нов организам.

За многу растенија, карактеристично е бесполовото вегетативно размножување. Тоа се врши со помош на видоизменети (метаморфозирани) корења и стебла, потоа со адвентивни пупки и столони.


Вештачкото бесполово размножување на растенијата го врши човекот. Тука спаѓаат:

Бесполово размножување кај животните[уреди]

Кај животните, овој тип размножување се јавува главно кај праживотните и нижите без‘рбетници. Се манифестира во различни форми:

  • Делбата е наједноставна форма. Кај праживотните таа почнува кога телото на една индивидуа ќе достигне големина карактеристична за видот. Може да биде проста (едноставна) делба, при што телото со претходна делба на јадрото се поделува на два дела (бинарна делба), од кои настануваат две нови единки што понатаму живеат самостојно и се способни да се размножуваат. Бинарната делба може да биде во надолжен (кај еуглена на пример), напречен (кај парамециум) или во неодреден правец (кај амеба). Покрај бинарна, се среќава и повеќекратна (мултипна) делба. Претходно се дели јадрото на повеќе делови, а потоа и цитоплазмата на толку делови колку што има нови јадра. На овој начин (со мултипна делба) се размножува крвниот паразит на човекот- плазмодиумот. Кај многуклеточните животни, делбата е застапена само кај пониско организираните (многучетинести црви, малкучетинести црви итн.).

  • Пупење е честа форма на бесполово размножување кај животните. Најтипични примери се наоѓаат кај копривкарите и туникатите. Кај нив, со интензивното зголемување на бројот на клетките, дел од телото почнува брзо да се развива, формирајќи пупка што постепено израснува во нова единка. При тоа, кај некои видови таа се одделува од телото на мајката (како кај хидрата) и живее самостојно, а кај други, новите единки остануваат трајно на телото на мајката формирајќи колонија (како кај сунѓерите, туникатите итн.).

Полово размножување[уреди]

Жабите покажуваат високо ниво на фекундитет

Најчест начин во живиот свет е половото размножување, кое претставува посовршен вид од бесполовото. Новиот организам настанува со соединувањето на половите клетки што се формираат во половите органи на родителите (во прашниците и плодниците кај растенијата и во семениците и јајчниците кај животните). Според тоа, половото размножување е образување и спојување на два различни вида полови клетки, наречени гамети (изогамети, анизогамети, сперматозоиди и јајце- клетки), што настануваат со процесот редукциона делба и имаат хаплоиден број хромозоми. Преку гаметите, во новосоздадениот организам се внесуваат во различни комбинации наследните фактори од родителските организми. Оплодената јајце- клетка се дели, т.е. започнува процесот на развиток (или онтогенеза).

Полово размножување кај растенијата[уреди]

Паралелно со еволутивниот развиток на растенијата, се одвивала и еволуцијата на половите клетки. Се разликуваат неколку типови на полово размножување кај растенијата:

  • Изогамијата се уочува кај зелената алга кладофора. Кај неа, гаметофитот е хаплоиден и продуцира хаплоидни изогамети кои се спојуваат во диплоиден зигот. Зиготот ’рти во диплоиден спорофит кој продуцира хаплоидни спори, кои растат во хаплоиден гаметофит.

  • Хетерогамијата се карактеризира со тоа што машките и женските гамети се разликуваат по големина, но и двете се подвижни.

  • Оогамијата е процесот на размножување со подвижни сперматозоиди и неподвижни јајце- клетки. Се среќава кај алгите, габите, мововите и папратите.

Полово размножување кај животните[уреди]

Тоа важи како правило во развојот на животните. Се јавува и кај оние животни кои се размножуваат бесполово (на пример, хидрата, кога се влошени животните услови, а плазмодиумот во крвта на човекот се размножува бесполово, додека во вториот домаќин- комарецот- полово). Се среќаваат неколку видови полово размножување кај животните: