Сунѓери

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сунѓери
Сунѓерот Xestospongia testudinaria
Научна класификација
Царство: Animalia
Натколено: Metazoa
Оддел: Parazoa
Колено: Porifera (Spongia)
Грант и Тод, 1836
Класи

Варовнички сунѓери (Calcarea)
Стаклени сунѓери (Hexactinellida)
Демосунѓери (Demospongiae)
Склеросунѓери (Sclerospongiae)

Сунѓерите (лат. Porifera) се наједноставно градените многуклеточни животни (Metazoa). Тоа се бесткивни метазои коишто живеат во водена средина. Нивното тело е составено од голем број на клетки кои вршат одредена функција. Тие се расфрлани низ целото тело на сунѓерот, и не се групирани како кај ткивните животни, при што секоја клетка одделно си врши своја функција.

Спикули од скелет на сунѓер.

Сунѓерите на целата своја телесна површина имаат отвори, а во внатрешноста е развиен систем од канали и празнини. Во зависност на сложеноста на организацијата на телото, се разликуваат неколку типови на сунѓери:

  • Сунѓери од аскон тип - Овој тип на сунѓер е изграден од два слоја на клетки: надворешен слој од сплескан епителијален ектодерм и внатрешен слој од издолжени клетки со камшик и огрличка (хоаноцити) - ендодерм. Помеѓу овие два слоја, има тенок слој од бесструктурна мезоглеа со пивтиеста градба и со расфрлани ов неа (разновидни по форма и функција) клетки. Во внатрешноста на телото има парагастрална празнина, која е во врска со надворешната средина со мали површински отвори и со еден поголем отвор - оскулум. Од аскон тип на градба се малку сунѓери.
  • Сунѓери од сикон тип - Повеќето сунѓери се од овој тип. Имаат задебелена мезоглеа и посложен систем од канали и празнини.
  • Сунѓери од левкон тип - Сунѓерите со најсложен тип на градба се наречени вака.

Особини на сунѓерите[уреди | уреди извор]

    Ооцит
    Проток на вода
Главни видови на клетки кај сунѓерите[1]

Сунѓерите, со мал исклучок, се морски животни кои водат седентарен начин на живот. Големината на телото варира од сантиметар до над метар, а формата на телото е гранеста, пехареста или топчеста. Живеат поединечно или колонијално, но ваквата поделба е условна.

Познати се околу 5.000 видови сунѓери. Меѓу најпросто градените е морскиот варовников сунѓер од Sycon тип, долг 1–3 cm, висок, со радијална симетрија и оскулум, опкружен со сноп од варовнички игли. Меѓу стаклестите сунѓери (од кои се добива стаклена волна), најпознати се видовите од еуплектела (Euplectella), распространети во океаните. Во копнените води на Македонија се среќаваат Spongilla lacustris со космополитско распространување, а охридскиот сунѓер (Ochridospongia rotunda) е реликт и ендемик за Охридското Езеро.

За сунѓерите се смета дека станале од праживотните, и тоа од колонијата на некои камшикари со огрличка, кои еволуирале во посебен правец, така што во натамошната еволуција од нив не се развила друга животинска група.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ruppert E.E.; Fox R.S.; Barnes R.D. (2004). Invertebrate Zoology (7. изд.). Brooks / Cole. стр. 82. ISBN 0030259827.