Епително ткиво

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Епител)
Видови епител

Епително ткиво или епителот, создава заштитна обвивка за организмот и за сите негови органи. Тоа е главно ткиво на надворешниот слој на кожата, а е и поkривна на дигестивниот тракт, респрираторните и екскреторните патишта, на крвните садови и телесните празнини.

Поради разновидноста на неговите клетки епителот има многу облици и многу намени. Врз основа на обликот и комбинацијата на неговите клетки ова ткиво е различно поделено. Клетките што влегуваат во градбата на епителното ткиво можат да бидат: лушпести, четвртест и издолжени.

Епителот може да биде составен од еден слој клетки и тогаш е наречен прост или еднослоен епител, или да е составен од повеќе слоеви и да е наречен сложен или повеќеслоен епител. Во еднослојниот епител клетките се рамни и неправилни и се наречени еднослојни лушпести епителни ткива, а ткивото со повеќе слоеви такви клетки е наречено повеќеслојно лушпесто епително ткиво.[1]

Во клетките на епителните ткива се создаваат секрети како мукоза, дигестивен сок, пот и други супстанции. Дигестивниот тракт е покриен со посебен вид епител. Неговите клетки не создаваат само секрети туку учествуваат и во ресорбирањето на дигестивната храна. За разлика од тоа воздухот, поминувајќи низ респираторниот систем, минува низ други облици на епител кој го обвил овој систем. Овде слојот кој создава мукозен секрет има и тенки влакненца, наречени трепки. Мукозата, заедно со трепките, помага во спречувањето на ситните честитци на прав и други штетни материи да навлезат во белите дробови и да ги оштетат.

Некои ограни, како што е мочниот меур, имаат посебно набрано, рапаво ткиво наречено преоден епителиум, кое може многу да се растегнува и да се враќа во првобитната состојба. Одредени зони на епителот, што се наоѓаат на надворешната страна на кожата, можат да се приспособуваат при носење несоодветна облека или обувки, или при повреди. Создавањето и растењето на калисот (жуљ) е многу добар пример за тоа.

Епителот ако е повреден многу брзо се обновува. Ако, на пример, има исеченица, клетките што се блиску и околу раната ќе почнат да создаваат нови - сестрински клетки, и со растењето ќе ја затворат раната. Епителните ткива многу побрзо се обновуваат во зоните на организмот каде нормално повеќе се тријат и се повредуваат. Таков е примерот со кожата, надворешната страна на устата и покривката на дигестивниот тракт.

Активните клетки на многу жлезди, егзокрини или ендокрини, имаат епително потекло. Жлездата ја сочинува група на клетки што се специјализирани да создаваат материи што се потребни во другите делови од телото. Ваквите секрети се создаваат од составните делови на крвта со што се снабдуваат жлездите.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Биологија за трета година на реформирано гимназиско образование - Клетки, ткива и нивни функции - стр.17
  2. Биологија за трета година на реформирано гимназиско образование - Клетки, ткива и нивни функции - стр.18