Праживотни

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Парамециум - пример за праживотно

Праживотните (латински: Protozoa) се едноклеточни еукариотски протисти. Всушност, тие се најпрво настанатите еукариоти кои, најверојатно, се развиле од предци кои имале градба слична на денешните прокариоти. Нивна основна одлика, секако, е едноклеточната градба на телото, со присуство на едно или поретко повеќе јадра. Во внатрешноста на едноставното тело, т.е. во протоплазмата се вршат сите животни функции: варење, дишење, екскреција итн. За вршењето на овие функции служат разните органели, кои се развиле од протоплазмата и функционираат аналогно на органите на многуклеточните организми.

Карактеристики на праживотните[уреди]

  • Протоплазмата на праживотните е диференцирана на надворешен потенок слој- ектоплазма и внатрешен, подебел слој- ендоплазма. Во обата слоја се наоѓаат разновидните органели, но повеќето се сместени во ендоплазмата. Од повеќето органели во ендоплазмата, најважно е јадрото. Ако има повеќе јадра, тогаш сите тие се еднакви или диференцирани во микронуклеус и макронуклеус. Само кај мал број праживотни протоплазмата е незаштитена, т.е. телото е голо, како кај амебата, и затоа кај нив формата на телото е променлива. Кај други пак, протоплазмата е заштитена (било со потенка еластична мембрана со белези на жива материја- пеликула или со поцврста, без белези на живот мембрана- кутикула), со што формата на телото е постојана. Некои праживотни, пак, формираат черупка од органска или минерална материја, во која често се вклучени и туѓи честички (песочни зрнца и сл.).
  • Исхраната на праживотните е автотрофна или хетеротрофна. Автотрофно се исхрануваат само мал број видови, т.е. тие, како и зелените растенија вршат фотосинтеза (како дел од камшикарите, кои поседуваат хлорофил сместен во органелите хроматофори). Хетеротрофно се хранат поголем дел од праживотните. При хетеротрофната исхрана, разликуваме холозојски и сапрозојски начин на исхрана. Холозојските видови се хранат со цврсти органски делчиња, а сапрозојските со течна, растворена храна што ја земаат осмотски. Има протозои кои се хранат и паразитски.
  • Реагирањето на светлина, допир, хемиски стимуланси и др., главно се врши преку телесната површина. Но, има и такви протозои кои имаат органела наменета за примање на дразби- очно петно (или пигментен штит).