Географија на Хрватска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Карта на Хрватска

Хрватска се наоѓа во Југоисточна Европа меѓу Средна Европа и Средоземјето. Се дели на три региони: низинска, планинска и приморска Хрватска. Повеќе од половина од територијата се рамнини и ритчиња на Панонскиот базен на север (низинска Хрватска). На истол се низинските покраини Срем и Барања, кои кон запад продолжуваат во Славонија и во широките рамнини покрај Сава и покрај Драва. Во западниот дел на Славонија среде рамнината се издигаат шумовити планини (Папук 953 м, Псуњ 984 м), а меѓу нив е ридестата Пожешка Котлина. Кон запад планините се спуштаат во широка, малку повлажна рамнина покрај Илова, Чешма и Лоњ, над кои на север се издига околу 60 км долгата Билогора (309 м) и на југ Мославачка Гора (489 м). На крајниот северозапад се наоѓа рамничарското Меѓимурје меѓу Драва и Мура, како и ридестото Хрватско Загорје, кои достигнуваат до најисточните шумовити падини на Предалпските Планини (Жумберачка Гора 1181 м, Иванчица 1059 м, Медведница 1035 м). Рамнината продолжува по текот на Купа кон југозапад во Карловачкиот базен, кој кон југ постепено преминува во нискиот карст на Кордун со Петрова Гора (512 м), а на југоисток во ниските планини на Банија (Зринска Гора 616 м). Планинска Хрватска опфаќа дел од Динарските Планини и преставува голема географска преграда меѓу континентална и средоземна Хрватска. Поголем дел се наоѓа на надморска височина меѓу 500 и 1000 м; карактеристична е насоченоста од северозапад кон југоисток. Преовладуваат мезозојски варовници така што поголемиот дел од релјефот добил особеност на карст, шумовит е и многу ретко населен. На северозапад е планинскиот Горски Котар со пространи шуми (Белоласица 1533 м, Велики Рисњак 1528 м), кон југоисток пространата висорамнина Лика (500—700 м), со Личко 465 км², Гатцко 80 км² и Крбавско Кршко Поле 67 км², како и 145 км долгиот планински венец Велебит којшто ја одвојува од Јадранското Море (Вагански врв 1758 м). Во продолжение на сообраќајниот многу важен премин од Лика и долинта на Уна кон Книн по должината на границата од Босна и Херцеговина се издигнува 80 км долгиот и карпест планински венец Динара со највисокиот врв во Хрватска Динара 1831 м. Во приморска Хрватска преовладуваат многу варовници меѓу кои е тесниот појас на еоценски флиш (сред. Истра, Винодол, Равни Котари, Конавле) и карстните полиња во внатрешноста на Далмација, на пример Имотско 95 км², Сињско 64 км², Петрово 57 км², Вргорачко 37 км² и Дицмо 35 км². Бидејќи повеќето варовничките планини се издигаат веднаш над брегот (Велебит, Мосор, Биоково), приморјето е многу тесно, пошироко е само на полуостровот Истра (3130 км²), во заднината на Задар и Шибеник (Равни Котари), како и по делтата на Неретва. Во Јадранското Море на Хрватска и припаѓаат 718 поголеми и помали острови (67 населени) коишто, исто така, се ридести, изградени од креден варовник и карстни. Поголеми острови се: Крк (406 км²), Црес (406 км²), Брач (395 км²), Хвар (300 км²), Паг (285 км²), Корчула (276 км²), Дуги Оток (114 км²), Млет (100 км²), Раб (91 км²) и многу други. На Хрватска и припаѓа поразгранетиот и многу живописен дел од источниот брег на Јадранското Море (1777 км²).

Приморскиот дел на Хрватска има карактеристична средоземна клима со жешки и суви лета, со топли зими така што најмногу врнежи има во октомври и ноември. Особено зиме чести се бурите, студен и силен ветер што дува во налети преку планинските превалци кон морето. Планинска Хрватска има умереноконтинентална клима со студени зими и свежи лета, а во највисоките области планинска клима, со многу врнежи на планинските предели. Во Горски Котар има над 3000 мм врнежи во година. Најмногу врнежи има во октомври и во ноември, а снежната покривка се задржува 50-60 дена. Низинска Хрватска има умереноконтинентална клима со студени зими и топли лета, со најмногу врнежи во мај и јуни и во октомври и во ноември. Количеството врнежи се намалува од 3 кон исток, а снежната покривка се задржува 25-40 денови.