Прејди на содржината

Просветителство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Енциклопедијата — книга која го обележува француското просветителство.

Просветителство — духовно движење кое започнало некаде кон крајот на XVII век (а официјално започнува малку подоцна - во 1715 година). Ова движење имало влијание што се чувствувало и во XIX век. Целта на просветителството, како што и самиот збор кажува, е расветлување на тајните кои отсекогаш биле догма за човештвото. Тоа навлегло во речиси сите области на културата и духот.

Носител на идеите на просветителството била граѓанската класа, која почнала да се еманципира уште во ренесансата. Токму затоа книжевноста во просветителството е антирелигиозна и антифеудална. Во услови кога апсолутизмот на владетелите во Европа со помошта на црквата ги потенцира класните антагонизми, граѓанската класа со својата материјална моќ и со интелектуалната супериорност се чувствувала повикана да го смени светот. Во литературата од овој период доминираат граѓански теми, додека класицизмот настојува на литература која ќе го опише животот на дворот, односно аристократијата.

Апсолутистичките монархии (особено на Луј XIV во Франција) ги исцрпиле сопствените народи и материјално ги осиромашиле. Англија била најнапредната земја во Европа, бидејќи во 1688 година, во рамките на т.н. славна револуција, буржоазијата ја победила апсолутната монархија. Значителни промени во Франција ќе внесе (по смртта на Луј XIV) Филип Орлеански, но вистинската промена во општествениот живот на Франција ќе се случи по француската буржоаска револуција во 1789 година. Сепак, карактеристично е што просветителството го потпомагаат и некои од владетелите - Фридрих II, Марија Терезија и нејзиниот син Јосип II, Катарина II, кои докажуваат со тоа дека се вистински приврзаници на просветителскиот апсолутизам.

Еден од основните белези на просветителството е обземеноста со науката. Осумнаесеттиот век некои го нарекуваат и век на филозофијата. Во овој период се формираат многу науки: политичка економија, статистика, социологија, емпириска психологија и споредбеното проучување на културата. Меѓутоа, филозофијата во просветителството значи социологија, право и политикологија, а не филозофија во класичната смисла на зборот.

Први придвижници на просветителството се Гротиј и Спиноза од Холандија. Томас Хобс, Дејвид Хјум и Џон Лок од Англија ја развиваат емпириската филозофија, а Исак Њутн се истакнува со своите пронајдоци во физиката. Теоријата за државата на Лок, како и неговото сфаќање за природниот човек, влијаеле врз повеќе мислители на просветителството. Просветителството во Франција се јавува под влијание на англиското, но тоа е многу порадикално. Претставниците на просветителството се движат во насока на материјализмот. Германското просветителство го подготвуваат Томазиус, Волф, Лесинг и Базедов.

Во областа на правниот и општествениот живот, во XVII век се развива идејата за т.н. „природно право’, која бара ослободување на социјалниот живот од верските, националните и традиционалните белези. Ова отворало решение за проблемот на жестоките верски граѓански војни кои го уништувале просперитетот на Европа, поттикнувајќи ја основата за современото меѓународно право. Просветителството во XVIII век врз авторитетот на Лок ја поттикнува идејата за здравиот разум во оваа област. Филозофскиот дух, кој поттикнувал на договор и на разумна согласност на сите граѓани за остварување на сеопштата среќа и благосостојба, всушност може да се смета како форма на хуманистички стремеж за реализирање на достоинствен живот без насилство, без деспотизам.

Проучувачите на периодот на просветителството сметаат дека во него доминирал интересот за науките и дека интелектуалците, пред сè, биле обземени со идеите, а не со уметностите. Писател во XVIII век значело многу за да се обезбеди основната егзистенција. Меценството, пак, како понижувачко, било одбивано од страна на слободоумните мислители и автори.

Просветителството во Македонија

[уреди | уреди извор]

Просветителството во Македонија започнало кон крајот на XVII век и траело сè до крајот на XIX век. Главна одлика на македонското просветителство биле отворањето на училишта на народен македонски јазик во црквите и манастирите. Покрај отворањето на училиштата, во текот на просветителството во Македонија за првпат се започнати собирањето на народно творештво, пишување и печатење на драмска, уметничка и поучна литература на народен јазик. Најпознати предводници на просветитетлството во Македонија се: Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Теодосиј Синаитски, Григор Прличев и други. Првата печатница била отворена во Солун 1838 година.

Во овој период, во Македонија, се забележува зголемување на градското население од кое подоцна произлегла граѓанската класа, класното раслојување, еснафското здружување, изградбата на печатници и појава на световната книжевност, создавање црковно-училишни општини, а особено се карактеристични борбите за отфрлање на грчката духовна власт и воведувањето на народен јазик во наставата. Положбата на Македонија во овој период била таква, што Македонците се наоѓале под тројно ропство: политичко, духовно и просветно. Во одделни подрачја и места, управата на Османлиите преминувала во безвластие, поради самоволијата на локалните моќници; Цариградската патријаршија силно го проповедала грцизмот и се залагала за погрчување на македонското население; малку подоцна, истата ја заменила бугарската Егзархија, која не само што ја наметнала својата духовна власт, туку отворила и голем број училишта во кои се учело на бугарски јазик. Во такви услови започнало просветителското движење, чија основа била иста кај сите народи: борба за народен јазик, описменување на народот, конституирање на државноста.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

На англиски јазик: