Црква „Вознесение Христово“ - Дреново

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вознесение Христово

Света Петка на источната фасада, XVII век

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Велешко
Парохија Чашкарска
Местоположба

Карта

Координати 41°43′34″N 21°34′17″E / 41.72611° СГШ; 21.57139° ИГД / 41.72611; 21.57139Координати: 41°43′34″N 21°34′17″E / 41.72611° СГШ; 21.57139° ИГД / 41.72611; 21.57139
Место Дреново
Општина Чашка
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Вознесение Христово
Изградба XVII век
Архитектонски опис
Стил поствизантиски

Вознесение Христово (или Св. Спас) — православна црква во велешкото село Дреново, Општина Чашка. Му припаѓа на Велешкото архијерејско намесништво во Повардарската епархија на МПЦ - ОА.

Архитектура и живопис[уреди | уреди извор]

Зографскиот натпис од 1869 г.

Црквата е мала правоаголна еднокорабна градба со полукружна апсида на исток и калкански покрив. Изградена е во XVII век, а обновена во 1869 г. како што се вели на натписот над западниот влез во наосот. Тогаш веројатно храмот е проширен на запад по целата негова должина, а на југ е дограден отворен трем. Во црквата се влегува од западната и од јужната страна,[1] над која има ниша со допојасна претстава од XIX век на непознат светец со долга брада, можеби Свети Атанасиј.[2]

Храмот е целосно обновен и малтерисан. Единствениот јасен показател за времето на неговиот настанок е делумно зачуваната фреска на Света Петка во нишата над олтарната апсида на источната фасада. Светицата е насликна допојасно, облечена во темнокафеав химатион; во десната рака држи маченички крст, а другата дланка ѝ е отворена кон набљудувачот. Ова дело се датира од XVII век. Траги од живописите од тоа време има и во олтарниот простор на црквата. Според натпис над јужнот влез (подоцна изгубен), црквата е одново пресликана во 1887 г. од месните зографи раководени од Петар Николов и неговите соработници, брат му Анастас и ученикот Илија Манев од Дреново, но во апсидата и нишата во проскомидијата зографите сликале непосредно врз постарите фрески без да нанесат нова подлога. Во конхата на апсидата е Света Богородица Ширшаја со малиот Христос во медалјон на градите. Следат Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст во Архијерејската литургија и допојасната претстава на Свети Стефан во жртвеникот со ѓаконска одежда со бел стихар, орар со насликан трисагион и црвена наметка преку десното рамо. Во левата рака држи дарохранилница во облик на храм, а во десната држи кадилница со која благословува.[2]

Апсидата пресликана во 1887 г.

Живописот од XIX век е следниов: во олтарот на источниот ѕид во третото подрачје и на таванот е Бог Саваот, во второто подрачје е пророкот Даниил меѓу лавови јужно од апсидата, пророкот Исаија северно од апсидата. Сирамовиот Лазар е на јужниот ѕид. Горчливата чаша на смртта е во второто подрачје на северниот ѕид,[2] а под неа се допојасни претстави на Светите врачи Кузман и Дамјан. На таванот во средината е Христос Седржител, а третата фреска на запад не е зачувана. На јужниот ѕид, од исток кон запад, во првото подрачје се насликани во група светците Јустин, Ефрем, Евсевиј, Антониј, Маврустен и Амвросиј. Над нив се Свети Димитрија на коњ како прободува војник, Вознесението Илиево, Свети Спиридон и Света Елисавета. На запад од влезот на јужниот ѕид е насликан Свети Онуфриј, а потоа следи сцената на Колежот на витлеемските деца и Свети Хралампиј како го гази ѓаволот. Горе на западниот ѕид е Рождеството Христово, а во првото подрачје е Страшниот суд. На северниот ѕид, од запад кон исток, на западната половина е Второто пришествие; во второто подрачје се Свети Ѓорѓи на коњ како ја убива ламјата и Света Катерина, во првото се Свети Никола, Архангел Гаврил како му се јавува на Захариј и светите Константин и Елена.[3]

Иконостасот е во два реда и според документацијата на Националниот конзерваторски центар престолните икони од првиот ред се: царските двери (123 × 38 × 2,5 и 121,5 × 37 × 2,5); „Архангел Михаил му ја вади душата на богатиот“ (172 × 66 × 2,5); „Богородица со Христос“ (68 × 43 × 2); „Исус Христос“ (67 × 40,5 × 2); „Исус Христос“ во горниот дел и „Свети Ѓорѓи и Света Недела“ во долната половина (43 × 31 × 1,8). Во вториот деисисен ред се иконите „Исус Христос“ (34 × 25 × 2); „Еангелистот Лука“ (36,5 × 25 × 2), „Апостол Тома“ (36 × 25 × 1,8), „Апостол Андреја“ (34 × 25,5 × 2,2) и „Апостол Петар“ (34 × 25 × 2,5). Веројатно од раката на друг зограф се останатите икони: „Исус Христос“ (49 × 35 × 2); Света Недела (36,5 × 24,5 × 1,8); „Света Недела“ (27,2 × 24 × 1,5); „Свети Пантелејмон“ (26 × 19 × 2), датирана во 1883 г.[3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 277.
  2. 2,0 2,1 2,2 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 278.
  3. 3,0 3,1 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 279.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]