Прејди на содржината

Христијанска баптистичка црква „Радосна вест“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Христијанска баптистичка црква „Радосна вест“
Основана5 мај 1991
ВидЦрква
РегионМакедонија Македонија
ПрипадностЕвангелско-протестантска иницијатива

Христијанска баптистичка црква „Радосна вест“ ― евангелско-протестантска црква која е дел од Евангелско-протестантската иницијатива.

Историја

[уреди | уреди извор]

Во рамките на СЦБЈ

[уреди | уреди извор]

Седумдесетмина некогашни конграционалисти од Вардарскиот дел на Македонија, во 1924 година побарале од Конференцијата на баптистичките цркви да прати некого кој би се грижел за нив. На Првата конференција на обединетите баптисти во Кралството СХС, одржана во Нови Сад (10-12 септември 1924 година), Блавкиќ известувал за расеаните верници во Вардарска Македонија и нивното барање. Конферен­цијата го овластила Винко Вацек да ги посети овие верници на територијата на денешната држава Македонија.

Вацек во текот на јуни 1928 година дошол во Скопје кај Иван Русјаков, некогашен член на методистичката црква. Во тоа потешко време заедницата не можела да се развива и умножува. Вацек на неколкумина верници им ги објаснувал баптистичките верувања, како што е крштевањето и зошто секој возрасен верник требало „повторно“ да се крсти. Вацек повторно се вратил во Скопје, и на 26 септември 1928 година го извршил крштевањето на Иван Русјаков, неговата сопруга Султана и на Атанасија Серафимова. Со ова започнува и баптизмот во Македонија. Групата се собира во домот на Русјаков, а подоцна била изнајмена просторија за таа цел. Винко Вацек редовно доаѓал во Скопје каде одржувал евангелизации и извршил крштевања. На 14 јуни 1930 година извршил крштевање на младите Стојан и Санета Наќеви од Радовиш, додека на 17 септември 1933 година, ги покрстил Русе и Мерџана Чешир и Ристо Петров. Русјаков го придружувал Вацек при посетите на црквата во Радовиш.

По согласувањето со баптистичките верувања, на 15 јуни 1930 година, Вацек во Радовиш, во големото корито на Илија Трпков, ги крстил: Коце Наланџиев, Ристо Поцков, Никола Грозданов, Спиро Пргов и Кирил Трпков со сопругите и дедо Наке. Така била создадена и баптистичката црква во Радовиш. Вацек ја пријавил црквата, со што веднаш била добиена дозвола за собирање, а за градба, три години подоцна, кога била купена стара турска куќа што била прилагодена за предвидената цел. Во меѓувреме, групата од триесетмина верници се собирале во куќата на Никола Грозданов.

По основањето, црквите во Радовиш и Скопје минале низ тежок период. Вацек заедно со Русјаков продолжиле со посетите на Скопје и Радовиш, постојано следени и заплашувани од полицијата, која во 1933 година ја прекинала богослужбата и го протерала Вацек од градот. И покрај сите закани и опасности, Вацек заедно со Алојс Ерлих, проповедникот на црквата во Белград, ги посетиле Скопје и Радовиш во јуни 1936 година кога извршиле крштевање.

Во текот на Втората светска војна, во областите припоени кон Унгарија и Германија, месните цркви биле припоени кон нивните сојузи. Поголемиот дел од Вардарска Македонија бил припоен кон Бугарија, која имала поголемо разбирање за протестантството.

По војната, црквата во Радовиш, во 1948 година броела 32 члена. Заедницата се собирала во стара дотраена црковна зграда, без проповедник. Иако Законот од 1953 година го укинувал долговостановениот концепт на регистрирани и нерегистрирани верски заедници, оваа формална уставно загарантирана слобода, не се почитувала. Во црквата во текот на 1950-тите повремено служеле жени: Хилда Лехотски и Марија Андричек од Нови Сад, како и Зора Вучкова, проповедничка од мето­дистичката црква во Раклиш. Од 1957 година црквата повторно започнала со редовна неделна поука (богослужба), и црквата барала да ја посетуваат браќа од север, кои би ги воделе богослужбите. Во црквата повремено проповедал и Страхил Грозданов, син на Никола во чија куќа се собирала групата од Радовиш. Грозданов заминува на БТШ во Дарувар и во Нови Сад 1955 - 1958 година За две години бил зголемен бројот на верници, и на 28 јуни 1959 година, Људевит Дробни, крштевал 8 луѓе.

Новата црковна градба, којшто бил на два ката, каде долниот кат бил наменет за богослужба, во којшто имало и базен-крстилница под проповедалницата, а вториот кат бил наменет за стан на проповедникот, бил свечено отворен на 22 јуни 1969 година. Црквата била без пастор, а надгледувањето го врши Страхил Грозданов од Скопје. Во септември 1970 година, Маријан Хластан од Словенија, кој по завршувањето на Баптистичката теолошка школа (БТШ) во Нови Сад, е избран за проповедник во Радовиш, и бил одговорен за цела СР Македонија. Со негово залагање бројот на верниците во 1972 година бил 40, а во 1973 година членови. И покрај позитивните моменти во службата, разликите во менталитетот имале негативно влијание. Одредени елементи на поопуштеното однесување на пасторот од Словенија, според пури­танско сфаќање на членовите на црквата било несоодветно.

Чедо Ралевиќ од Пеќ, по завршување на студиите на БТШ во 1975 година, станал проповедник во Радовиш. Тој проповедал и во околните места, каде формирал мали групи на кои се приклучиле и незадоволни членови од состојбата на методизмот во своите заедници, и кои покажувале интерес за „крштевањето верници“, што за обичниот верник, претставувала един­ствената разлика помеѓу методистичката и баптис­ти­чката теологија. Иако на богослужбите доаѓале многу луѓе, сепак, формално останувале членови на својата „стара“ црква. Иако го прифаќале новиот начин на богослужење и им се допаѓал новиот пожив начин на проповедање, не оделе до крај, до „повторно крштевање“, што по нивните сфаќања би значело дека до тој момент не биле вистински христијани.

Со систематската работа и ентузијазмот, црквата повторно почнала да расте. Работата се проширила и во селата Муртино и Колешино, а во село Банско се преобратиле неколку семејства, и таму започнала црква, од каде Санде Котев се запишал на БТШ во 1976 година. Во меѓувреме, здравјето на Чедо Ралевиќ се влошило и поради тоа црквата стагнирала. Во октомври 1980 година, тој заминал за Ниш каде што бил поставен за проповедник.

Властите во 1955 година го забраниле верското собирање по домови, и бидејќи црквата немала свој објект, по тридецениското постоење, престанала да постои, а скопскиот проповедник Иван Русјаков добил затворска казна. Страхил Грозданов, по враќањето од БТШ како проповедник поддржуван од Домашната мисија на СБЦЈ се преселил во Скопје во 1960 година. На 30 март 1961 година, била отворена првата црковна градба. Во 1962 година, во НР Македонија имало 37 баптисти, со еден активен проповедник и еден на школување.

Поради недостиг на финансии, и покрај новата градба, црквата не секогаш имала редовни богослужби. Во 1965 година, Страхил Грозданов и скопската црква биле тргнати од списокот на СБЦЈ.

Црквата повторно добила дозвола за собирање во домот на Страхил Грозданов во 1969 година, за што е приспособена и целосно посветена една соба, а тој повторно е поставен за легитимен проповедник кој работи доброволно без плата. Црквата оживува и преку работата на синовите на Страхил, Иван и Самоил, се преобраќаат и првите студенти: Симе Николоски, Ристо Макриевски, Јане Јаневски, Борче и Снежана Митевски. Во Скопје, доаѓаале и студенти од црквата во Радовиш. Во доцните седумдесетти доаѓаат и луѓе кои се преобратиле во странство, како Љупчо Николоски, кој се преобратил додека работел на магис­тратура во СР Германија, и Боре Блажевски, кој се преобратил во Амстердам во 1980 година, каде бил пронајден на улица во состојба на предозираност од наркотици, од христијани кои го прибрале.

Во текот на 1979 година, црквата пораснала до 13 члена. Членството било формално и ги броело само крстените верни кои поднеле писмено барање за членство. Потребно било проповедникот, а и целата заедница да дадат позитивно мислење за влезот на кандидатот за членство. Ова значело дека на богослужбите секогаш има повеќе посетители од бројот на членови, кои може да се редовни и активни, но без статус на членови. Следната година се собирале млади и младинската групата која ја води Иван Грозданов, кој почнува постепено да ги презема проповедничките должности, достигнала и до 19 посетители. Заедни­цата почнале да ја посетуваат и луѓе од методистичката црква, повеќето млади, незадоволни од конзервативните сфаќања, практиката и ригидноста на црковната хиерархија.

Покрај врските со црквата Радовиш има блиски врски и со Симо Ралевиќ од Пеќ, кој уживал голем авторитет и влијание во црквата, најмногу поради книжевноста која ја пишувал, издавал и пласирал и која значајно влијаела врз формирањето на свеста на баптистите на југот и пошироко. Скопската црква активно учествува во издавачката мисија на Симо Ралевиќ, како и на разни конференции меѓу коишто и христијанскиот камп Чинта на островот Угљан на Јадранското Море, крај Задар, каде во летото 1980 година бил крштевани Боре Блажевски, Захарула Чипова - Руле, Гордана Ушкова и Васка Зафирова.

Црквата ја водел Страхил Грозданов и имала две служби, во недела и среда. Петокот бил одреден за предавања за современи и секојдневни теми што ги водел Иван Грозданов. Проповедал и Самоил Грозданов, како и честите гости проповедници, Симо и Чедо Ралевиќ, како и Драгиша Армуш, подоцна проповед­ник во Врњачка Бања, кој бил студент во Скопје. Боре и Руле Блажевски биле испратени на двогодишни студии на БТШ во Нови Сад во 1983 година, кога црквата имала 20 членови.

Во 1985 година, Иван Грозданов и Панче Панов од Муртино биле ракоположени за ѓакони. Боре и Руле Блажевски започнале полновремена проповедничко-мисиска служба. Со нови сили, следната 1986 година, црквата продол­жила да расте и доаѓа до организирање тим за служење. Самоил Грозданов бил поставен за в.д пастор–проповедник кој по теолошките студии во САД ќе стане полновремен пастор. И другите од тимот за служење добиваат добивале конкретни улоги. Иван Грозданов бил помошник проповедник и задолжен за издавачката дејност. Боре Блажевски бил задолжен за мисионерство и посета на заедниците во Муртино и во Радовиш, како и верните фамилии баптисти во Битола и Охрид. Руле Блажевска, како медицинска сестра е одговорна за неделното училиште и работата со децата. Ивановата сопруга Славица е задолжена за сестринските состаноци. Снежана, Самоиловата сопруга е задолжена за превод на верска книжевност.

Издаваштвото ги дало и првите плодови. Покрај мноштвото трактати и памфлети се објавени и книги, првата духовна песнарка со ноти на македонски јазик „Христијански песни“ и збирката од 365 четива за секојдневна побожност „Утринска Роса“, и збирката на духовни поуки и мудрости „Духовни Бисери“. Почнува и издавањето на „Божилак“, периодичен магазин кој излегувал три-четирипати годишно. Првиот број излегол 1986 година, а последниот, број 11, во 1990 година, кога биле објавени и брошурите: „Сакам да прашам за Бог“ и „Застани, размисли, спаси се“. Издаваштвото било остварено во најголем дел во соработка со издавачката дејност на БТШ „Добра Вест“, од Нови Сад.

Црквата во Радовиш во 1983 година броела 24 членови (од кои по 4 од заедниците во Банско и Муртино) и влегувала во Југоисточното окружје, разрешувајќи го проповедникот Санде Котев, кој бил верен на СБЦЈ, и тој останал проповедник во Банско и на мисионерски­те станици во Муртино и Колешино. Во 1984 година заедницата во Банско броела 7, Муртино 6 и Колешино 4 членови. Во Радовиш, за одговорен бил поставен Коста Грозданов, а во јануари 1985 година, во Радовиш од страна на Југоисточното окружје бил пос­тавен за проповедник Бранко Трајковски, повратник од Австралија, кој завршил теологија на Лондонскиот теолошки семинар. За време на служењето на Бранко Трајковски, од една и пол година, извршено било крштевање на три члена од Симо Ралевиќ. Бранко Трајковски понекогаш проповедал и во скопската црква.

Санде Котев проповедал во Муртино сè до ракополагањето на Панче Панов за ѓакон на заедницата во Муртино, во чијашто куќа од 3 септември 1986 година започнале редовни служби. На богослужбите проповедал и Бранко Трајковски. Панче Панов бил осуден на 30 дневна затворска казна бидејќи, спротивно на законот одржувал верски обред во својата куќа. Заедницата продолжила да се собира и на 29 март 1987 година полиција упаднала и затекнала 17 лица и четири деца. Санде Котев служел полновремено во Банско до 1989 година, кога целосно се посветил на земјоделството.

Во текот на декември 1986 год дошло до недоразбирање меѓу Југоисточното окружје и скоп­ската и радовишката црква и тие следната година излегле од окружјето. Заедницата во Муртино останала во состав на Југоисточното окружје заедно со проповедникот Бранко Трајковски, кој останал во полновремена служба на Југоисточното окружје сè до крајот на 1991 година. Трајковски подоцна се преселил во Битола и таму соработувал со методистичката црква и нејзиниот проповедник Аце Митев, кој е од баптистичка провиниенција.

Во текот на 1987 година, баптистичкaтa црквa во Македонија има четири цркви и тоа во: Скопје, Радовиш, Муртино и во Банско. За скопската црква, истата година е купена куќа во центарот на градот, којашто во следните две години интензивно била прилагодена. Свечената богослужба во новата црковна градба, на улица Благоја Давков бр. 10, била одржана на 21 мај 1989 година. Првото крштевање го извршил Самоил Грозданов во базенот‒крстилница, во дворот на новата црковна зграда, во јуни 1991 година, кога биле покрстени петмина.

Основање

[уреди | уреди извор]

На почетокот на 1991 година, СБЦЈ престанал да постои, а во секоја република требало да биде створен свој сојуз. Одборот на скопската христијанска баптистичка црква „Радосна вест“ донел одлука за одржување основачко собрание на Сојузот на христијани – баптисти во Република Македонија, на 5 мај 1991 година, во Радовиш. Со ова, Македонскиот сојуз претставува сојуз на поединци, а не на цркви, со членовите на скопската црква „Радосна вест“, на радовишката и муртинска црква, и поединци од другите градови во коишто нема цркви.

Кога втората генерација стигнала до тинејџерски години, во 1992 година започнала и служба во сабота, со име Интро клуб, за тинејџери и млади. Во работата учествувале Иван Грозданов, а подоцна и Горан и Ленче Стојанови, како и редица други членови од црквата. Овој Интро клуб ги собирал и младите од другите цркви, што полека се создавале, бидејќи сè уште немале служба за тинејџери и млади. Оваа група привлекувала и други млади кои за првпат се запознавале со Евангелието.

Во 1993 година, Иван Грозданов заминал во Соединетите Држави, и на почетокот проповедале млади, а потоа веќе возрасниот Страхил Грозданов, па пензионираниот проповедник од САД, Џорџ Мек Кол, и на крај, од август 1994, редовно проповедал Боре Блажевски. Во 1995 година биле покрстени 9 луѓе. По враќањето на Иван Грозданов, му помагал на Боре, и проповедале наиз­менично. Следната година биле покрстени четворица. Започнале и првите скромни обиди во хуманитарна помош на бегалците од просторите на бивша Југославија.

Во баптистичката црква, во 1993 година биле покрстени 11 луѓе. На почетокот на 1997 година, дошол мисионерот од Меѓународниот мисиски одбор, Кајл Кирк Патрик. Следната 1998 година, по низа несогласувања, со одлука на Сојузот на баптистите на Македонија, било одлучено да се создаде нова заедница во скопската населба Кисела Вода. Црквата во Радовиш, од 1992 година ја водел Драги Георгиев, од Муртино, кој ја обновил и заедницата во Муртино, но во 1999 година заминал од Радовиш, а црквата ја водел Илија Баков.

Првата баптистичка црква ја водел Марко Грозданов од 2006 година, додека Иван Грозданов бил посветен на книжевност, со што се занимавал од почетокот на 1990тите и под негово раководство во 1999 година бил издаден „Динамичкиот превод на Новиот завет“. Издавала наслови преку издавачката куќа Откровение, и држела часови за проучување на Библијата и други теми во населба Аеродром.[1]

  1. Јован Јоновски, Историја на евангелско-протестантските цркви во Македонија, Изгрев, Скопје, 2017.