Паја Јовановиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Паја Јовановиќ
PajaJovanovic.jpg
Паја Јовановиќ
Националност српско
Образование Академија на фините уметности, Виена
Познат(а) по сликарство
Значајни дела Čas Mačevanja (Час по мечување) (1884)
Velike seobe Srba (Големата преселба на Србите) (1896)
Krunisanje cara Dušana (Крунисување на царот Душан) (1900)
Правец Реализам
Мреж. место www.pajajovanovic.rs

Павле Паја Јовановиќ (Вршац, 16.06.1859 – Виена, 30.11.1957) е еден од најголемите српски сликари и е типичен претставник на академскиот реализам. Најблизок според творештвото му бил сликарот Урош Предиќ. И двајцата му припаѓаат на реализмот, со тоа што Паја Јовановиќ бил повеќе наклонет кон идеалистичкиот реализам. Тој се вбројува во 100-те најпознати Срби.

Благодарение на своето богато творештво, а особено со делата поврзани со темите од животот на српскиот народ и неговата историја, тој силно и длабоко влијаел врз уметничкото образование, културата и патриотизмот на својот народ.

Живот и творештво[уреди | уреди извор]

Детство и образование[уреди | уреди извор]

Паја Јовановиќ е роден во Вршац – Тамишки Банат (тогашна Австро-Унгарија) на 16 јуни 1859 година. Бил прв син на познатиот фотограф Стеван Јовановиќ. Мајка му, Ернестина Деот, која имала француско потекло, починала многу рано и неговиот татко се преженил за Марија ди Понти, која многу грижливо го одгледала. Имал пет браќа и една сестра, и своето детство го поминал во весело, среќно и многучлено семејство.

Од раното детство покажувал склоност кон цртањето и уметноста, што до некаде се должело и на опкружувањето во кое пораснал. Татко му бил одличен фотограф со дарба за сликарство (во тоа време фотографирањето значело не само познавање на фототехниката туку била потребна и уметничка дарба за ретуширање на фотографиите).

Освен тоа, во градот Вршац, кој бил мало, но богато место во тоа време, твореле плејада на одлични сликари, кои биле негови претходници. Од тој период се познати: иконографот Арсение Арса Теодоровиќ (1767-1826), сликарот Павел Ѓурковиќ (1772-1830) познат по иконостасот во Соборната црква, сликарот Јован Поповиќ (1810-1864) со чиј син се дружел Паја Јовановиќ и бил чест посетител на неговото атеље. Таму се запознал со копиите од старите мајстори на сликарството, со студии на природа и со сликарски дела со религиозни теми.

Почетоците на неговото сликарство тајно ги поминувал во празната црква каде со саати ги копирал црковните слики. Откривањето на неговиот талент и првата нарачка ја добил на 14 годишна возраст, кога неговите цртежи, копии на иконите од црквата, послужиле како урнек при изработка на релјефите на ѕвоната на црквата во Вршац. Ѕвоната биле нарачани да се произведат во Виена, што било можност да се запише на тамошната сликарска Академија.

Но уписот на престижната Академија не бил лесен, тој бил со сѐ уште незавршена гимназија и мал по возраст. Затоа се запишал во училиште за цртање кај професорот Махолц, со чија наклоност и препорака, а најмногу поради својот упорен и посветен труд, добил можност за упис во Академијата.

Во април 1877 година, најпрво се запишал на Општ сликарски курс, а веќе во октомври станал редовен студент на Кристијан Грипенкерл (1839 – 1916), тогаш познат сликар и ценет ликовен педагог.

Студиите ги завршил за три години (21.07.1880 година), но продолжил да се школува кај истиот професор на специјален курс по историско сликарство. 

Истовремено се усовршувал во мајсторската класа на професорот Леополд Карл Милер (1834 – 1892) кој бил истакнат во жанрот на историското сликарство, каде бил негов најдобар ученик.

Студиски патувања и значајни признанија[уреди | уреди извор]

Паја Јовановиќ многу патувал и токму на тие патувања добивал инспирација за својата работа.

Уште како студент поттикнуван од своите професори, а и од сопствената љубопитност, патувал низ Балканот, посебно во Црна Гора, Далмација, Албанија, Босна и Херцеговина и јужна и источна Србија. Таму работел на скици и студии, ја впивал атмосферата на секојдневниот живот и обичаите на народот. До детали ги бележел пределите, ликовите, носиите, оружјето и накитот.

Полн со впечатоци, на враќање ги насликал многубројните и познати жанр слики: Ранет Црногорец, Мечување, Гуслар, Китење на невеста, Во заседа, Арбанас, Арнаут со луле, Предавник, Борба на петли.

Овие слики го прославиле низ светот, особено во Европа, која во тоа време била заинтересирана за настаните на Балканот. 

Првото признание го добил во 1882 година, на студиите во Виена, за сликата „Ранет Црногорец“. Сликата била изложена на годишната изложба на Академијата и за неа добил прва награда и царска стипендија.

Следната година склопил десетогодишен договор со познатиот галерист Валис за Френч галеријата во Лондон и на крај на 1883 се преселил во Лондон, каде продолжил да живее и работи. Неговите слики добро се продавале, што му овозможило да оди често на долги и скапи патувања низ северна Африка (Мароко и Египет), Грција, Турција, Италија и Шпанија. Со својот пријател, рускиот сликар Франц Рубо, боравел шест месеци на Кавказ.

После Лондон, живеел и работел во Минхен, Париз, а на крај се вратил во Виена.

Србија се гордеела со својот млад и славен уметник. Скоро секоја куќа во Србија имала по некоја негова репродукција, било со историска тема било со тема од обичниот живот. Српската власт му била благодарна затоа што со своите дела ја ширел културата и историјата на српскиот народ, па затоа во 1884 година го избрале за дописен член на Српското учено здружение. Четири години подоцна станал редовен член на Српската кралска академија. Свеченото прогласување било дури 1893 година, кога била одржана неговата прва изложба на слики во Белград. На Светската изложба во Рим, во 1911 година, неговите слики биле изложени во павиљонот на Австро-Унгарија, иако многу од тогашните сликари, Урош Предиќ, Иван Мештровиќ, Марко Мурат, Томислав Кризман, своите слики ги изложиле во павиљонот на Кралството Србија.

Историски композиции[уреди | уреди извор]

Од 1895 година, Паја Јовановиќ влегол во нов период на творештво ориентирано кон сликање на историски композиции (најзначаен период од неговото творештво).

Таа година тој добил две нарачки за Милениумската изложба, која требала да се одржи 1896 година во Будимпешта.

  • Од Саборскиот одбор на Сремски Карловци, на чие чело бил патријархот Георги Бранковиќ, добил нарачка да изработи грандиозна историска композиција „Преселба на Србите под патријархот Арсение Трети Чарнојевиќ“.
  • Од Муниципатот на Вршац добил нарачка за сликата „Вршачки триптих“.[1]

Поканата за сликата „Преселба на Србите под патријархот Арсение Трети Чарнојевиќ“ ја прифатил со задоволство и веднаш се нафатил за нејзина изработка. Во Сремски Карловци се сретнал со партијархот и му бил даден консултант за историските податоци, историчарот анхимандрит Иларион Рувец. Јовановиќ патувал по манастирите на Фрушка Гора каде собирал материјал за сликата за да може што поверно да го прикаже настаните и ликовите од тој историски период. По десет месеци напорна работа, тој бил задоволен од своето дело, но не и патријархот. Поради нивните политички несогласувања, сликата не била изложена на Милениумската изложба туку биле испратени сликите: Триптихот на Вршац, Берба, Косење, Пазар, како израз на добрососетските односи меѓу Србите, Унгарците и Германците.

Сликата „Преселба на Србите под патријархот Арсение Трети Чарнојевиќ“ е изработена во четири верзии.[2]

Освен неа, тој насликал и други историски композиции:

Furor Teutonicus (Тевтонски бес) или „Битка во Тевтобуршката шума“ за која добил Рајхлова награда на Виенската Академија, а подоцна и сребрен медал на Светската изложба во Сент Луис (САД).

Сликата „Женидба на херцог Ферија IV со Елисавета Хабзбуршка“ не му се допаднала на нарачателот, надвојводата Фердинанд Хабзбуршки, кој ја одбил па таа завршила во галеријата во Дубровник.

Таковско востание - сликата е изработена по нарачка на кралот Милан Обреновиќ. Сликата денес се наоѓа во Народниот музеј во Белград. Таа е толку пати пресликувана што во свеста на српскиот народ се врежала како автентичен, а не личен израз на еден историски настан значаен за српскиот народ.

Непосредно пред 1900 година, тој добил нарачка од владата на Кралска Србија за Светската изложба во Париз. За таа прилика ја насликал грандиозната историска слика „Крунисувањето на цар Душан во Скопје за цар на Србите, Грците и Бугарите“. Ова исклучително дело било наградено со златен медал на изложбата и ги добило сите пофалби на критиката, публиката и колегите. 

Со слична тематика му била и подоцнежната слика: „Женидбата на царот Душан со сестрата на бугарскиот цар“, која била изложена 1904 година на Првата југословенска уметничка изложба во Белград.

Во овој период, тој се занимавал и со црковно сликарство: го изработил иконостасот на Соборната црква во Нови Сад, иконостасот на црквата во Долово, призори од животот на Свети Сава за Соборната црква во Сремски Карловци: Свети Сава ги помирува браќата, Свети Сава го крунисува Првовенчани, Спалување на моштите на Свети Стефан. Од овој период се и композициите: Христова беседа на Гора, Светиот карл Милутин, Манастир Сопоќани, Архиепископ Данило и Распетие.

Портрети[уреди | уреди извор]

Монета која ја насликал Паја Јовановиќ.[3]

Од 1905 година, Паја Јовановиќ се посветил повеќе на сликањето на портрети. Насликал мноштво на владетели, политичари, аристократи, банкари, научници и уметници.

За време на својот престој во Америка, во 1902 година, го насликал портретот на Михајло Пупин и портретот на госпоѓица Пупин – неговата ќерка.

Во 1903 година, престојувал на црногорскиот двор на покана на кралот Никола. Таму насликал повеќе портрети: Портретот на принцеза Милица – еден од неговите најомилени портрети, Портертот на престолонаследникот Данило и Портретот на крал Никола.

Во Виена го насликал стариот цар Фрањо Јосиф, и тоа дури во девет портрети наменети за разни австриски установи. 

Од портретите на уметници кои ги сликал со лично задоволство познати се: Портретот на сликарот Симингтон и Портретот на скулпторот Ѓоко Јовановиќ.

Портрет на Михаил Поп Цениќ од 1945 година. Дел од збирката Историја на уметноста при Народниот музеј во Лесковац.

Посебно внимание им посветил на женските портрети. Познати се сликите: Госпоѓа Мирка, Госпоѓа Штраус, Госпоѓа Шинк, Госпоѓа Хадсон, Баронеса Ерлангер, танчерката Бергел, Госпоѓа Кауфман, Госпоѓа Доблин, Софија Дунѓерски, Теодора Дунѓерски, портрети на неговата сопруга Муни и др. 

Сликањето на жени за него значело сликање на убавината. Дури и кога не се работело за убав женски модел тој се трудел да во неа најде убавина. Поради тоа бил критикуван од многу ликовни критичари, но се бранел со зборовите: „Вештина е да се најде убавината“ и на тие зборови останал до крај доследен.

Со почетокот на Првата светска војна, се преселил во Женева каде живеел и заработувал од сликање на познати и богати личности.

Во 1917, се оженил за Хермина Муни Даубер, млада Виенка и негова инспирација и муза за бројни портрети, а која посветено го следела до крајот на животот.

По Првата светска војна, тој поминал некое време во Белград, каде ги насликал портретите на членовите на кралското семејство Караѓорѓевиќ: на кралот Александар и кралицата Марија. Таму учествувал и во декорацијата на капелата на Дедиње.

Потоа се вратил во Виена каде најголем дел од времето го поминувал во своето атеље. 

Белград[уреди | уреди извор]

Паја Јовановиќ првпат дошол во Белград 1910 година на покана на кралот Петар Први.

Тој го засакал Белград и покрај сите ангажмани и патувања по светот, секогаш се враќал во саканиот град. 

Пред самиот почеток на Втората светска војна, решил да ја напушти Виена и се преселил во Белград. Тука ги поминал тешките години на окупација и првите послевоени години. Иако бил во длабока старост и понатаму се бавел со сликарство.

Поради незгоди околу имотот, морал да се врати во Виена 1950-тата година. Навлезен во длабока старост, а со желба да на саканиот град му остави дел од своето творештво и се друго што вредело да се чува, тој направил преписка за наследство со музејот на градот Белград. На музејот му оставил дел од својот опус, комплетниот сликарски прибор, скици, мапи, цртежи и репродукции.

Од овој материјал 1970-тата година отворен е Легат на сликарот Паја Јовановиќ, каде се изложени неговите слики, скици, белешки, лични работи, фотографии, документи, многубројни одликувања, медали, дипломи и разни признанија. На штафелајот стои неговата последна слика „Букет на црвени рози“.

Починал на 30-ти ноември 1957 година во Виена. По негова желба урната со пепел е пренесена во неговиот сакан град Белград.

Петар Петровиќ, во 2012 година, ја објавил книгата „Системски каталог на Паја Јовановиќ“ во кој се обработени 1099 дела, а се претпоставува дека постојат сѐ уште непознати дела.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Даниловић, Јовица. „Живот Баната на Пајиним платнима“, „Politika Online“. (на sr-RS)
  2. Četiri originala „Seobe Srba”“, „B92.net“. (на sr-Latn-RS)
  3. „Vojvođanske priče: Prva Pajina hiljadarka“ (на sr-Latn). www.novosti.rs. http://www.novosti.rs/vesti/srbija.73.html:586928-Prva-Pajina-hiljadarka. посет. 30 април 2018 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]