Македонски пива
Македонски пива — пива кои се произведуваат во Македонија. Под македонски пива се подразбираат сите индустриски и домашни (занаетчиски) брендови на пива кои се произведуваат и пијат во Македонија. Некои од македонските пива успешно се извезуваат и на странските пазари.
Историја на пивото во Македонија
[уреди | уреди извор]Во Македонија пивото е познато од речиси повеќе од еден век, кога тоа се пиело во трговски развиените градови како Солун, Битола, Скопје чии трговци тргувале со големите и познати европски градови, додека историјата и традицијата на производство на пиво во Македонија бележи точно еден век со основањето на пиварниците во Скопје и Прилеп во 1924 година.
Историјата и традицијата на македонското пиво почнува кога во погоните на „Парна Пивара“- Скопје излегло првото буре и шише со „Скопско“. Тоа е воедно и првото македонско пиво, кое денес е синоним за „најдоброто од Македонија“ и е еден од националните обележја[1].
Пивара Скопје
[уреди | уреди извор]Во архивите на скопската пиварница е забележано дека во 1922 година чешките инженери Виктор Цајс и банкарот Карел Хусник инвестирале тогашни три милиони динари и на истото место каде што е денеска ги изградиле првите погони на „Парна пивара“[1]. Тогашната скопска била прва од таков вид јужно од Јагодина. Првите литри пиво произведени по чешки рецепт и суровини измешани со скопска бунарска вода биле произведени во 1924 година. Од тогаш до ден денешен пивото се прави по ист рецепт, од квалитетен пивски јачмен увезен од Чешка, хмељ, слад и од пивски квасец. Скопската вода на пивото му го дава посебниот вкус и квалитет. Според историските податоци, во првите години пивото се родавало точено во буриња и во стаклени шишиња од 0,75 литри. На шишињата било изгравирано „Парна пивара АД у Скопљу“, рачно се втиснувала тапа и се запечатувала со восок. Во 30-тите години од минатиот век се појавиле и првит етикети на кои пишувало „скопљанско експортно пиво“. По Втората светска војна „скопљанското“ станало „непастеризирано бело пиво“, а потоа „скопско“, По војната Чесите си заминале, а пиварницата била национализирана. Почетокот на 90-тте години се златната ера на „скопско“ и на скопската пиварница[1]. Во 1991 година во скопските погони се полнат првите лименки со пиво и со кока кола на територијата на поранешна СФРЈ. Тие години ќе останат запаметени и по маркетинг кампањите и слоганот „Скопско и се е можно“. За квалитетот на „скопско“ сведочат и многубројните златни медали од „Монд Селекшн“ во Брисел, каде што во селекција меѓу 400-500 видови пиво од цел свет „скопско“ е рангирано меѓу најдобрите. „Скопско“ се пие во Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Австралија, САД, Швајцарија, Холандија, Италија. Во 1993 година на македонскиот пазар се лансира и посилната варијанта на „скопско“ -„стар лисец“ со одлична маркетинг кампања но со краток век на траење. Нешто подоцна почна да се произведува и „горско“ пиво, а од 2009 година се лансира и „скопско силвер мун“ како летна освежителна варијанта.
Прилепска пиварница
[уреди | уреди извор]Прилепска пиварница е основана 1924 година[1]. Тој период се одликува со мануелно производство, кое расте од година во година и на почетокот на Втората светска војна достигнува 8.000 хектолитри пиво годишно. Самиот почеток на Втората светска војна ги продлабочува финансиските тешкотии во кои запаѓа пиварницата и таа престанува да работи. Повторното активирање на погоните се случува во 1952 година за наредната, 1953 година, да се инсталира и парен котел за варење на пивото. Со таа технологија и 40 вработени во пиварницата, во 1966 година производството скокна на 42.000 хектолитри пиво годишно. Во тој период најголемото производство беше на црно и на светло пиво, “Крали Марко”, што ферментираше во дрвени буриња, а се пакуваше во стаклени шишиња. Поголема инвестиција во пиварницата била преземена во 1972 година кога и производството се зголемило на 86.000 хектолитри пиво. Со преземањето на раководството од страна на млади високообразовани кадри, во 1975 година почнал и брзиот раст на “Прилепска пиварница” и во наредните 3 години производството скокнало на 250.000 хектолитри пиво годишно. “Прилепска пиварница” во 1980 година добива и лиценца за производство на светските брендови Pepsi и Mirinda за да во 1991 година добие и признание за најголема продажба на Pepsi, во апсолутен волумен, во регионот на поранешна Југославија и во Албанија. Во 2000 година го лансира пивото златен даб, кое се одликува со висок и одличен вкус. Својот асортиман го проширува во 2002 година со добивање лиценца за производство на овошни сокови – нектари Пригат. Денес “Прилепска пиварница” е во приватна сопственост. Инвестициите во високата технологија ја направија и една од најмодерните пиварници на Балканот. Годишниот капацитет на варилницата е 582.000 хектолитри пиво годишно[1]. Покрај тоа, сè уште ги полни лиценцните пијалаци пепси, миринда и 7UP, како и овошниот сок Пригат.
Битолска пиварница
[уреди | уреди извор]Нешто понова, но со неславен крај е и Битолската пиварница која сепак треба да се спомене и во овој контекст. Пред четириесетина години започнало и индустриското производство на пиво во овој град, со изградбата на Битолската пивара. Односно, пиварницата во Битола е изградена во седумдесеттите години на XX век, во рамки на големиот земјоделско-индустриски комбинат ЗИК „Пелагонија“, при што во овој период во Битола и Прилеп се отворени и постоеле индустриски погони за сладирање на јачменот за производство пиво, т.н. сладари[2]. Во текот на тридецениското постоење во овој наш индустриски капацитет се изградила основата на она што денеска се нарекува ПИВАРА БИТОЛА. Во март 2000 година, овој наш индустриски капацитет бил преземен од стратешкиот инвеститор – компанијата Kenri GmbH од Базел, Швајцарија.
Нови пиварници и индустриски пива
[уреди | уреди извор]Во новиот милениум и XXI век, односно второто десетлетие околу 2014 и 2015 година, на македонскиот пазар се појавуваат нови производители на пиво со нови пивски брендови. Тоа се двете големи производствени погони на минералните води „Горска“ и „Кожувчанка“ од Кавадарци, кои носејќи нова и современа производствена технологија за пиво, на македонскиот пазар ги лансираат брендовите Наше Македонско (на Кожувчанка) и Староградско пиво (на Горска) со подвидови како темно и црвено пиво.
Домашни (занаетчиски) крафт пиварници
[уреди | уреди извор]Производството на домашно пиво во Македонија, зема сè поголем замав во втората деценија на XXI век започнувајќи со производството на домашно пиво на пивница „Темов“, како и на поголем број на приватни лица кои со знаења и искуство од странство и интернет и обезбедување на состојки од домашно потекло успешно во домашни услови произведуваат различни видови на пиво. Првaта домашно-занаетчиска Крафт Пивара „Темов“ се отвора во 2009, додека првиот салон на занаетчиските (домашни) пива во Македонија се одржал на 3 март 2018 година, каде 12 производители на пиво во домашни услови (кујна, гаража) од Скопје, Битола, Велес, Куманово и Грција ги претставиле своите пива пред стотици присутни[3].
Пива
[уреди | уреди извор]Во моментов следниве пивски брендови се произведуваат во Македонија:
- Горско
- Златен даб
- Крали Марко
- Мајсторско пиво
- Битолско пиво
- Kenbach
- Чаршиско пиво
- Македонско пиво
- Староградско
Згаснати брендови кои се произведувале во минатото
[уреди | уреди извор]- Стар лисец
- Скопско Silver Moon
- Kronenbier
- Пел пиво
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Скопско (смут) во пластична амбалажа.
-
Скопско Радлер во лименки
-
Лименки од светло скопско и радлер
-
Скопско нефилтрирано пиво
-
Скопско темно
-
Златен даб
-
Староградско пиво
-
Крали Марко, горско и златен даб
-
Наше македонско пиво
-
Домашни (занаетчиски) пива од Крафт Пивара „Темов“
-
Домашни (занаетчиски) пива од Крафт Пивара „Темов“
Наводи
[уреди | уреди извор]„Македонски пива“ на Ризницата ? |
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Пивото во Македонија“. Пивотека. 2011. Посетено на 30 јули 2018.
- ↑ Според кажување на Пеце, технолог во Пивара Битола. Забележал Марио Шаревски при посета во јули 2007 година
- ↑ „Полека создаваме домашна пивска сцена“. Нова Македонија. 28 февруари 2018. Посетено на 5 март 2018.[мртва врска]