Прејди на содржината

Пивара Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пивара Скопје
ДејностАлкохолни пијалаци
Основано1924
Седиште,
ПроизводиПиво
Производствен обем
3.2 милиони хектолитри
Мреж. местоwww.pivaraskopje.com.mk Уреди на Википодатоците

Пивара Скопје — македонско трговско друштво за производство на пиво, вода и безалкохолни пијалаци.

Историјат

[уреди | уреди извор]

По Првата светска војна, особено во првите повоени години, на Балканот настанува период на пробив на странски капитал и најчеста форма на инвестирање било формирање на акционерски друштва со доминантна странска сопственост.

Парната пиварница во Скопје настанала, најмногу поради тоа што јужно од Јагодина воопшто немало пиварници. Истовремено се отворила и Пиварница во Ниш, која била помала и со помал капацитет од онаа во Скопје.

Во 1922 година било купено земјиште од 32.347 м2, покрај железничката линија Скопје – Ниш, два километра источно од Скопје и почнала изградбата на фабриката. Истата година е основано индустриското претпријатие Парна пиварница во Скопје. Основачи биле двајца Чеси, инженерот Виктор Цајс и банкарот Карел Хусник. Тие инвестирале сума од три милиони тогашни динари, која веќе наредната година била удвоена, а во 1924 година изнесувала девет милиони динари. Во периодот пред војната, годишниот производствен капацитет на пиварницата бил: 35.000 хектолитри пиво, 720 тони слад за пиво, 1.500 тони мраз.

Неколку интересни податоци од почетоците

Административните и производствените капацитети на Пиварницата до 1941 година биле сместени на 5.919 м2. Тие опфаќале главна фабричка зграда, одделение за слад, мелничко одделение, одделeние за варилници и варење на пивото, одделение за ладење на пивото, одделение за ферментација и одделение за одлежување на готовото пиво, одделение за миење, полнење и за пастеризирање на пивото, заедно со четирите одделенија: за киснење на бурињата, за миење на бурињата, за смолење на бурињата и за полнење на бурињата со пиво и за производство на мраз, како и одделенијата за машинско и техничко одржување.

Номиналното работно време пред војната било 8-часовен работен ден. Поради тоа што пивото најинтензивно се трошело во летниот период, од 1 април до 30 септември, се работело секој ден. Во есенскиот и во зимскиот период се работело само три дена неделно. Во последните три години пред војната, трошењето и производството на пиво пропорционално се зголемувале и тогаш секојдневно се работело во текот на целата година[1].

Војната не му донела никаква загуба на претпријатието. Напротив во тој период производството растело и претпријатието остварувало поголеми добивки. Тоа се должело на присуството на војската и нејзиното консумирање на пивото. Пиварницата го користела максималниот капацитет за производство на пиво. Во 1942 година производството и продажбата на пивото ги достигнале рекордните 33.931.30 хектолитри.

Поради големата потрошувачка на пиво се зголемил и административниот персонал и бројот на квалификуваните работници во Пивара Скопје.

По ослободувањето, настапила нова ера во работата на Пивара Скопје, која се соодветствувала на политичките и економските преобразби во целина. Тогаш почнал периодот во кој се планирало проширување и модернизирање на претпријатието. Во првата повоена година се произведувале 20.428 хектолитри пиво што било за 12% помалку од највисокото производство пред војната.

Во 1951 година е направена првата реконструкција на Пивара Скопје со примена на техничко- технолошки иновации. Тоа овозможило зголемување на капацитетите за производство на 50.000 хектолитри. Во 1958, 1963, 1969 и 1974 година следувале уште четири големи унапредувања на производството кои значајно го зголемиле капацитетот на Пивара Скопје.

До 1977 година Пивара Скопје произведувала само пиво и слад. Тогаш почнало производство и на повеќе видови безалкохолни пијалаци. Во 1982 година, во производствениот асортиман бил вклучен и оцетот, а пет години подоцна почнало и производството на сувиот пивски квасец и на сувиот пивски требер.

Во 1985 година е направено големо унапредување на производството коe довелo до производствен капацитет на пиво над 1.000.000 хектолитри годишно.

Во 1989 година започнува првичната фаза од процесот на приватизација на Пивара Скопје, со пренесување на сопственоста во областа на дистрибуцијата и камионите за превоз. Во втората фаза, трансформирани се дистрибутивните центри. Во 1995 година успешно завршува овој сложен процес.

Во 1991 година Пивара Скопје го почнува производството на безалкохолни пијалаци на The Coca-Cola Company во својство на овластенa полнилница. Поради големата побарувачка на безалкохолни пијалаци, во 1995 година воведена е и линија за пластични (PET) шишиња. Со тоа вкупните можности на Пивара Скопје во производството на безалкохолни пијалаци достигнаа 948.000 хектолитри годишно.

Денот 19 мај 2003 година ќе биде запаметен во историјата на Компанијата како датум на кој беа пуштени новите супермодерни постројки за производство на пиво, безалкохолни пијалаци и вода, во што беа инвестирани 55 милиони долари. Со ова, Пивара Скопје го зголеми производството на своите пивски брендови СКОПСКО и Горско и на безалкохолните пијалаци од палетата на Coca-Cola за дополнителни 100 милиони литри.

Во изминатата деценија, па сè до денес Пивара Скопје континуирано го унапредува своето работење во сите сегменти при тоа одржувајќи највисоко ниво на квалитет на своите брендови.

Пивара Скопје одбележала четврт век континуирани највисоки признанија на Monde Selection за квалитетот на СКОПСКО, највисоки признанија за најдобар индекс на квалитет за  Coca-Cola, иновирање на портфолиото со збогатување на нови брендови, вкусови и пакувања.

И понатаму остануваме посветени на одржувањето на највисоките позиции на нашите брендови на домашниот пазар.

Тоа што ја чини посебно горда е значајното позитивно влијание кое го имаме на социоекономските прилики во земјата преку создавање на работни места, на директен и индиректен начин, создавањето дополнителна вредност за националната економија и значајниот придонес во вкупниот прилив од даноци и акцизи во буџетот на Република Македонија.

Нашиот успех е заокружен преку нашата водачка позиција во Одржливиот развој, првенствено преку нашата посветеност на одржување на неприкосновениот квалитет на нашите производи и услуги. Инвестирањето и стратешките партнерства со заедницата на која и припаѓаме, нашиот континуиран ангажман во заштитата на човековата околина, заштитата на здравјето и безбедност при работа, промоцијата на одговорна консумација на пиво и промоција на здрав и активен животен стил на нашата популација.

Организација и менаџмент

[уреди | уреди извор]

„Пивара Скопје“ е дел од групацијата „Кока Кола ХБЦ“ (Coca-Cola HBC).[2]

Генерални директори на „Пивара Скопје“ биле:

  • Владимир Косијер (- 2019)[2]
  • Горан Сладиќ (2019-)[3]

Производство

[уреди | уреди извор]

Финансиски показатели

[уреди | уреди извор]

Награди и признанија

[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, Сојузот на стопански комори на Македонија ѝ го доделил на „Пивара Скопје“ признанието „Златна монета за бренд со највиоска корпоративна репутација“. Исто така, „Пивара Скопје“ станала добитник на јубилејното признание за придонес во стопанството и за севкупниот развој на заедницата, доделено од Општина Гази Баба.[4]

  1. „94 години“. ПОЛНА ЧАША. Посетено на 2018-08-01.
  2. 2,0 2,1 Мирослав Саздовски, „Кока-Кола ХБЦ (Coca-Cola HBC) и Пивара Скопје повторно светски водачи во одржлив развој“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 8.
  3. Мирослав Саздовски, „Горан Сладиќ - нов генерален директор на Пивара Скопје“, Економија и бизнис, година 22, број 666, октомври 2020, стр. 6.
  4. „Пивара Скопје наградена за својот деловен углед и за придонесот во развојот на заедницата“, Економија и бизнис, година 18, број 222/223, декември 2016/јануари 2017, стр. 12.