Жак Превер
| Жак Превер | |
|---|---|
Жак Превер во 1961 г. | |
| Изворно име | Jacques Prévert |
| Роден/а | 4 февруари 1900 Неји на Сена, Франција |
| Починат/а | 11 април 1977 (возр. 77) Омонвил ла Пети, Франција |
| Занимање | поет, сценарист |
| Жанр | поезија |
| Книжевно движење | надреализам, симболизам |
| Потпис | |
Жак Превер (француски: Jacques Prévert; 4 февруари 1900 - 11 април 1977 ) — истакнат француски поет, претставник на надреализмот и симболизмот. Важи за најпопуларниот француски поет на сите времиња по Беранже и Иго.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Жак Превер е роден на 4 февруари 1900 година во Неји на Сена, предградие на Париз, на самата граница на Булоњската шума, од татко Андре Превер (Бретонец), а роденото презиме на мајка му било Катис (по потекло од Оверњ). Семејството имало финансиски потешкотии, така што се преселило во Тулон, а потоа, повторно се вратило во Париз. Постојаните преселби, промени на училиштата, немаштијатата и Првата светска војна влијаеле Превер засекогаш да го напушти школувањето и од својата петнаеста година работел повремено разни физички и канцелариски работи.
Служел војска во Линевил во Лорен, каде го запознал Ив Танги, иден голем сликар на надреализмот, а во Цариград го запознал Марсел Дијамер. По враќањето во Париз, тројцата пријатели живееле заедно. Во 1925 година, Превер се венчал со пријателката од детството, Симон Дијен. Во нивната куќа на Монпарнас се собирале Бретон, Деснос, Арагон, Пере, Кено и други надреалисти, а домаќини биле Танги, Превер и Дијамер со своите супруги. Тројцата пријатели се приклучиле на надреалистичкото движење во 1925 година. Преверовата соработка со надреалистите траела сѐ до разделбата со Бретон во 1928 година. Од 1930, заедно со помладиот брат, филмскиот режисер Пјер Превер, работел на реализацијата на неколку филмови, како глумец, асистент и сценарист; подоцна пишувал сценарија и дијалози за Реноар, Карне, Громињон, Кајат, Отан Лару и други режисери и театарски дружини: кратки драми, монолози, хорски рецитали и шансони. Исто така, соработувал со композиторот Жозеф Козма и со театарската група „Октомври“. За време на Втората светска војна работел како наставник во еден лицеј во француската провинција. Во 1946 година, Жак и Жанин Превер ја добиле ќерката Мишел. До својата смрт на 11 април 1977 година, објавил повеќе збирки песни и книги.
Творештво
[уреди | уреди извор]Поезија
[уреди | уреди извор]Својата прва стихозбирка, „Семејни спомени или Ангелот-чувар“, ја објавил во 1930 година, но таа минала сосема незабележана кај публиката и кај критиката, иако неговите најпопуларни и најсакани песни се наоѓаат токму во оваа збирка. За време на Втората светска војна, Превер продолжил да пишува песни, но не ги објавил, туку им ги делел на пријателите и на учениците. Во 1945 година, неговите пријатели и ученици му ја објавиле првата голема збирка, „Зборови“ (француски: Paroles) која постигнала неочекуван успех.[2] Неговите поважни стихозбирки се:
- „Семејни спомени или Ангелот-чувар“ (1930)
- „Зборови“ (1945)
- „Балот на пролетта“
- „Спектакли“ (1951)
- „Дождот и убавото време“ (1955)
- „Куп од разни нешта“ (1966)
- „Убавините на Лондон“
- „И други работи“ (1972) и др.
Сценарија за филмови
[уреди | уреди извор]Превер е автор и на неколку филмски сценарија, кои денес служат како класични примери за тоа како треба да се пишуваат сценаријата, особено дијалозите кои се свежи, збиени и поетски.[3] Неговите најважни сценарија се:
- „Брегот во магла“
- „Смешна драма“
- „Денот се раѓа“
- „Вечерниот посетител“
- „Децата на рајот“ и др.
- „Сена тече низ Париз“
Осврт кон творештвото
[уреди | уреди извор]Анархист, одметник и сонувач, Превер во својата хуманистички ангажирана лирика зборува за животот во различните негови аспекти. Своевиден моралист и критичар на општеството, Превер укажува на сѐ уште можните простори за човекова среќа која малограѓаните, клерикалците, милитаристите и политичарите постојано ја загрозуваат. Наречен е и „поетот на Париз“.
Неговата поезија е мошне едноставна и разбирлива, полна е со народна лексика и изрази земени од секојдневниот живот од вистинските, среќни или несреќни, драматични или комични судбини на луѓето. Тој со својот слободен стил се спротивставува на поранешниот донекаде вкочанет и извештачен поетски јазик и стил.
Тематскиот круг на неговата поезија е мошне широк: од љубовната среќа, радоста и животните надежи до очајот, недовербата, болеста, заморот и смртта. Сепак, центарот на сѐ е љубовта, нејзината магија и моќ, нејзината нежност и жестокост, трагичните или хумористичните страни како и нејзината вечна привлечност.
Првата Преверова збирка песни „Зборови“ (франц. Paroles) објавена во 1945 година постигнала незапамтен успех: во краток период биле продадени 150.000 примероци! Од смртта на Виктор Иго до Превер, Франција немала повистински народен поет, кого подеднакво го сакаат и рафинираните љубители на поезијата и луѓето со скромно образование.
Со своите песни, Превер го порекнал мислењето во француската книжевна јавност дека засекогаш поминало времето на големите народни поети, како што бил Бернаже. Кога историчарите на книжевноста изјавиле дека поезијата ја загубила популарноста, зашто широките народни маси немаат ниту потреба ниту разбирање за неа, така што таа е само разонода на ретките интелектуалци и сентименталните осаменици, тогаш на поетската сцена се појавил Превер, кој станал вистински народне поет чии песни се рецитирале низ цела Франција, а особено во Париз, а неговите стихозбирки се продавале во огромни тиражи. Неговата поезија е разбирлива и пристапна, а според обликот е безгрижна во поглед на синтаксата и прозодијата. Неговите песни најчесто претставуваат монолог на просечниот човек и тие се сосема ослободени од реторскиот стил. Оттука произлегува впечатокот дека Превер не пишува, туку дека зборува, зашто во неговите песни има повеќе елементи на усниот израз отколку на пишуваниот стил. За него критичарите велат дека пишува сè што ќе му помине низ срцето, а неговата популарност се должи на тоа што се бори против материјалната и моралната беда, злобата и глупоста. Превер не бара ретки слики и зборови за да ги изрази своите чувства. Тој зборува со обични зборови со цел да се ослободи од она што го мачи, а целиот негов речник како да е преземен од речниците за странците-почетници. Тој пишува како да зборува додека оди, со неочекувани и брзи пресврти и извици при што често преминува од една слика на друга и од едне предмет на друг, така што неговите песни личат на колажи. Кај него елоквенцијата е здружена со народната лексика. Неговите песни се напишани во слободен стих со ритам и со многу ретки, најчесто случајни, сликови, а поради распеаниот стил лесно се компонираат. За него, францускиот критичар Пјер де Боадефр рекол: „Превер е нежен пријател на вљубените, сиромашните, понижените, поет на клупите и на градските паркови, на меланхоличниот и на насмеаниот свет... Тој е поет на најшироките народни маси...“[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Поет на љубовта и на францускиот шарм“ - Паскал Гилевски во предговорот на изданието „За тебе љубов моја“, 1993, Штрк, Скопје
- ↑ Н. Т., „Белешка о песнику“, во: Жак Превер, Чари велеграда. БИГЗ, Београд, 1972, стр. 186.
- ↑ Н. Т., „Белешка о песнику“, во: Жак Превер, Чари велеграда. БИГЗ, Београд, 1972, стр. 186-187.
- ↑ Н. Т., „Белешка о песнику“, во: Жак Превер, Чари велеграда. БИГЗ, Београд, 1972, стр. 185-188.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Жак Превер“ на Ризницата ? |
- Биографија и цитати на Жак Превер (француски)
- Аудио запис (рецитал) на песната „Барбара“ Архивирано на 4 февруари 2007 г. (француски)
- Жак Превер на
Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Жак Превер: Поезијата на Превер на англиски јазик
- Англиски превод на поемата „Барбара“