Дијалог за чудата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Дијалог за чудата (латински: Dialogus miraculorum) - хагиографско дело на Цезариј од Хајстербах, напишано во периодот 1219-1223, во кое се собрани 746 дидактички приказни за разни чуда на светците. Иако тоа не спаѓа во редот на ремек-делата на среднолатинската книжевност, бидејќи во нив нема рафинирани филозофски или теолошки мисли, ниту пак се одликува со убав стил, сепак тоа има незаменлива вредност во проучувањето на „општиот културен фонд“ и на средновековната свест во Западна Европа.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во прологот, Цезариј истакнува дека сите наведени чуда се вистинити и се случиле во цистеријанскиот калуѓерски ред, а тој само ги собрал за да ги подучи читателите. Согласно тогашната традиција, целиот материјал во книгата е изложен во вид на дијалог што се води меѓу монахот и новициот, меѓутоа речиси цело време зборува само калуѓерот, додека само одвреме-навреме неговиот говор е прекинат од репликите на неговиот ученик. Приказните во книгата се систематизирани во 12 групи:[2]

  • За начинот на однесување
  • За душевната потиштеност
  • За исповедувањето
  • За искушението
  • За ѓаволите: Во петтиот дел, Цезариј опишува бројни случки во кои се појавуваат ѓаволите. На пример, една испосничка ги видела демоните кои седеле на грбовите на калуѓерите при што личеле на мајмуни и мачки и ги имитирале гестовите на калуѓерите. Во друга прилика, некоја богата госпоѓа се појавила во црквата накитена, но не забележала дека на нејзиниот раскошен фустан седат многу ѓаволи. Тие биле црни, се смееле, плескале од радост и се превртувале како риби во мрежа. Според Цезариј, бројот на ѓаволите е голем, иако не се знае точно колку ги има, но тоа ќе се открие на Судниот ден. Притоа, ѓаволите често се појавуваат дури и само ако ненамерно им се спомене името. Цезариј од Хајстербах наведува неколку такви примери: налутениот татко му се развикал на синот со зборовите „оди по ѓаволите“ и него веднаш го однесол ѓаволот; друг татко ја искарал својата ќерка, споменувајќи го ѓаволот, кој веднаш се вселил во неа; на еден слуга му здодеало да го чува манастирското лозје и го повикал ѓаволот да го замени, а тој веднаш се појавил; некој човек сакал насилно да има сексуален однос со жена му, а таа го проколнала со ѓаволот и потоа останала бремена и родила чудовиште; некој човек заминал на аџилак, проколнувајќи ја жена си со зборовите дека ќе ја чува ѓаволот и навистина, за време на неговото отсуство, ѓаволот ја чувал и ги бркал нејзините љубовници.[3] Цезариј наведува повеќе случки во кои ѓаволите ги напаѓаат дури и свештениците: на пример, во некоја црква во која свештениците ги пееле црковните песни гласно и без побожност, а ѓаволот ги собирал нивните гласови при што наполнил цела вреќа; околу некој калуѓер кој спиел во манастирскиот хор се собирале ѓаволите во облик на свињи, кои ги собирале гласовите кои испаѓале од неговата уста; некој грешен свештеник другарувал со некој витез со кого правел порочни дела, а ѓаволот го казнил така што се преправил како свештеникот и го налутил витезот, кој му ја повредил главата на свештеникот.[4] Колку и да делува наобично, Цезариј наведува и примери на добри ѓаволи (diaboicae bonitatis). На пример, еден витез кој имал способен штитоносец, убаво момче кое верно му служело на својот господар. Подоцна, кога се разболела неговата жена, витезот дознал дека неговиот штитоносец е ѓавол и дека му причинувала голема радост да им служи на луѓето. Исплашен, витезот го отпуштил од службата, а кога му платил пет солиди, ѓаволот му ги вратил парите со цел со нив да купи нова камбана за запуштената црквата. Според друга приказна, еден добар ѓавол го носел на грбот витезот Еверхард низ разни места, вклучувајќи ја и светата земја и го вратил неповреден дома. Некој ѓавол ги предупредил селаните да не јадат од месото кое потекнувало од украдена крава, а исто така ги откривал гревовите кои луѓето не сакале да ги исповедаат.[5]
  • За едноставноста (De simplicitate): Во шестиот дел, Цезариј наведува примери на простодушно однесување на калуѓерите. На пример, некоја калуѓерка, која израснала во манастирот, речиси не правела разлика меѓу луѓето и животните. Оттука, кога во една прилика видела коза качена на ѕидот, ја прашала сестрата, која е таа, а сестрата ѝ одговорила дека е старица; свештеникот Енсфрид бил толку наивен и добар, што му ги дал своите гаќи на некој просјак; некој калуѓер толку многу брзал на вечерната молитва, што не забележал каде е вратата и излегол низ прозорецот, но не паднал, зашто веднаш го прифатиле ангелите; некоја калуѓерка плачела за загубеното распетие, а Исус се нажалил и ѝ кажал каде се наоѓа.[6] Каноникот Веринболд од Келн не знаел ниту да брои, туку само ги разликувал парните од непарните броеви, но Цезариј не го нарекува глупав, туку простодушен, зашто Господ ја благословил неговата наивност.[7]
  • За света Марија: Во седмиот дел, Цезариј наведува и примери на агресивно однесување на Богородица: на пример, пред смртта, на некој каноник му се појавила Богородица, а тој од суета им раскажал за тоа на оние околу себе; тогаш, Богородица му удрила силна шлаканица, невидлива за сведоците. Исто така, Богородица ѝ удрила силна шлаканица и на калуѓерката која наседнала на грешните понуди од некој свештеник; некога богата жена ја нарекла старата икона на Богородица „старудија“ поради што била осудена на сиромаштија.[8]
  • За разни привиденија
  • За тајната на телото и крвта Христова
  • За чудата: Според Цезариј, „чудо го нарекуваме она што се случува наспроти вообичаениот, природен тек на нештата, а поради тоа и му се восхитуваме. Но, во чудото нема ништо што е во спротивност со повисоките прични“.[9]
  • За оние што умираат
  • За задгробната награда

Редоследот на одделните поглавја првенствено е мотивиран од мистиката на броевите. Така, групата за искушенијата е ставена како четврта глава зато ашто бројот четири симболизира постојаност и стабилност; бројот седум означува невиност и поради тоа, седмата глава е посветена на Богородица; според Цезариј, единаесеттиот час го влече сонцето кон заоѓањето, т.е. тоа е времето на приближувањето на смртта, па затоа во 11. дел се расправа за оние кои умираат. Иако во ова дело најчесто главни ликови се светениците, сепак се појавува и поширока галерија ликови, како: витези, кралеви, крстоносци, епископи, папи, граѓани, занаетчии, жени и деца, пагани и еретици, а дејството најчесто се случува во западните делови на Германија, но и во Франција, Италија и на Истокот. Притоа, неговиот однос кон одделните социјални слови е различен: кон селаните се однесува со омаловажување или ги опишува како груби, убијци и како грешници. Особена вредност во ова дело е извонредно богатата демонологија, т.е. богатите описи на нечистите сили. Најпосле, понекогаш, во неговите верски приказни се среќаваат и мотиив од бајките, како што е случката со волкот што украл девојче од некое село, а потоа ја однесол во шумата за да ја извади коската од грлото на друг волк, по што девојчето им било вратено на родителите.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 26-27.
  2. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 46.
  3. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 288-293.
  4. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 301, 303.
  5. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 294-295.
  6. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 306-307.
  7. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 310-311.
  8. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 313.
  9. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 317.
  10. Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 46-48.