Двајт Јорк
| Двајт Јорк | |||
|---|---|---|---|
|
| |||
| Лични податоци | |||
| Полно име | Двајт Еверсли Јорк[1] | ||
| Роден на | 3 ноември 1971[1] | ||
| Роден во | Канаан, Тринидад и Тобаго | ||
| Држава |
| ||
| Висина | 1,78 м[2] | ||
| Играчки податоци | |||
| Позиција | напаѓач, среден ред | ||
| Сегашен клуб |
| ||
| Повлекување | 2009 (38 г.) | ||
| Младинска кариера | |||
| 1988–1989 |
| ||
| 1989–1990 |
| ||
| Кариера* | |||
| Години | Клуб | Наст.† | (Гол.)† |
| 1989–1998 |
| 232 | (73) |
| 1998–2002 |
| 96 | (47) |
| 2002–2004 |
| 60 | (12) |
| 2004–2005 |
| 13 | (2) |
| 2005–2006 |
| 21 | (7) |
| 2006–2009 |
| 59 | (6) |
| Репрезентација | |||
| 1989–2009 |
| 72 | (19) |
| Раководител на екипите | |||
| 2009–2010 |
| ||
| 2022–2023 |
| ||
| 2024– |
| ||
Двајт Еверсли Јорк (роден на 3 ноември 1971 година, во Канаан) — тринидадски фудбалски тренер и поранешен фудбалер, напаѓач.
Речиси целата своја кариера ја поминал играјќи за клубови од Премиер лигата на Англија како Астон Вила, Манчестер Јунајтед, Блекбурн Роверс, Бирмингем Сити и Сандерленд, а една сезона поминал и во Австралија каде играл за ФК Сиднеј. Најуспешните години ги поминал играјќи во дресот на Манчестер Јунајтед, каде оформил впечатливо партнерство во нападот со Енди Кол, освојувајќи бројни трофеи: три титули во Премиер лигата (1998–1999, 1999–2000 и 2000–2001), еден ФА Куп (1998-1999), Лигата на шампионите (1998-1999) и Интерконтиненталниот куп (1999). Јорк постигнал 123 гола во Премиер лигата, рекорд за еден не-европски играч во лигата, кој бил соборен од Серхио Агуеро во 2017 година.[3]
За репрезентацијата на Тринидад и Тобаго, Јорк настапил во 72 натпревари и постигнал 19 гола, во периодот 1989-2009 година. Тој ѝ помогнал на репрезентацијата да стигне до полуфиналето на КОНКАКАФ Голд купот 2000, а подоцна и да се квалификува за Светско првенство за прв пат во нејзината историја, претставувајќи ја својата земја за време на „Мундијалот 2006“ во Германија.
По завршувањето на играчката кариера, тој започнал да работи како тренер, најпрво како асистент на својот поранешен репрезентативен колега и пријател, Расел Латапи, во репрезентацијата на Тринидад и Тобаго. По кратко искуство во Австралија (2022-2023), каде ја водел екипата на Макартур, во 2024 година, тој бил назначен за селектор на репрезентацијата на својата земја.
Биографија
[уреди | уреди извор]Јорк е роден во Канаан на островот Тобаго, како едно од осумте деца на Грејс Алберта и Фултон Јорк.
Јорк стекнал репутација во британскиот печат како сериски „женкар“, излегувајќи со многу гламурозни модели. Меѓу нив и Кејти Прајс, со која има син по име Харви, кој е слеп и има аутизам. Во едно интервју од 2009 година, Јорк признал дека и бил неверен на Прајс за време на нивната врска, а потоа и дека немал никаква улога во воспитувањето на нивниот син. Тој не побарал татковство, и покрај тестот за татковство што докажува дека тој е татко на Харви. Тој не платил никаква финансиска сума за грижата и третманот на Харви, ниту го посетил ниту контактирал својот син.[4]
Стадионот „Двајт Јорк“ во Баколет, Тобаго конструиран за потребите на Светското првенство за играчи под 17 години во 2001 година, бил именуван во негова чест.
Покрај фудбалот, тој е обожавател на крикет. Еден од неговите најблиски пријатели му е крикетарот и сонародник, Брајан Лара. Во 1999 година, за време на Светското првенство во крикет, Јорк редовно доаѓал носејќи пијалаци за крикет тимот Вест Индис. Постариот брат на Јорк, Клинт Јорк, е поранешен крикетар, кој го претставувал Тринидад и Тобаго на отворањето како батсмен.
Јорк се појавил во една епизода на ТВ шоуто Најголемиот губитник во Австралија. Во епизодата бил вклучен Јорк како тренер на „црвениот тим“ на учесниците, кои се натпреварувале во фудбал против „синиот тим“. Марк Рудан, соиграч на Јорк во Сиднеј, бил пак тренер на „синиот тим“.
Во 2009 година, тој ја објавил својата автобиографија под наслов „Роден за голови“.[5]
За време на својата кариера, тој се здобил со прекарот „Насмеаниот убиец“, поради неговите способности за постигнување голови и неговата постојана насмевка.
Технички карактеристики
[уреди | уреди извор]Разноврсен напаѓач, деснак, кој можел да игра на повеќе позиции, како главен напаѓач, втор напаѓач, крило, офанзивен играч од средниот ред, а во подоцнежните години од кариерата и како класичен внатрешен играч за врска. Меѓу неговите најголеми квалитети се вбројуваат интелегинцијата и движењата. Покрај тоа, Јорк се смета за еден од најдобрите голгетери во англискиот фудбал во текот на доцните 90-ти години, демонстрирајќи максимална смиреност пред противничкиот гол и големо чувство за тресење на противничките мрежи. Секогаш претпочитајќи позиционирање пред силата, освен головите го красела и одлична техника со топката, визија, брзина и несебичност, што го правело подобен за играње во различни видови на системи. Неговото партнерство во нападот со Енди Кол, останало запаметено како еден од највпечатлвите напаѓачки тандеми во историјата на Манчестер Јунајтед.
Клупска кариера
[уреди | уреди извор]Астон Вила
[уреди | уреди извор]Греам Тејлор, менаџерот на Астон Вила во тоа време, прв го открил Јорк за време на турнеја со Вест Индис во 1989 година. Јорк се појавил во игра во пријателскиот натпревар против Астон Вила, а Тејлор бил толку импресиониран од Јорк што му понудил да дојде на проби во клубот. Последователно, Јорк добил постојан договор и играл за резервниот и младинскиот тим на Вила во поголемиот дел од сезоната 1989-1990, правејќи го своето деби за првиот тим во натпреварот од Првата дивизија Астон Вила - Кристал Палас (0-1) на 24 март 1990 година.
Во следната сезона, Јорк бил користен почесто играјќи главно на позицијата десно крило, иако во поголемиот дел од натпреварите влегувал од клупата за резерви. На 2 февруари 1991 година, тој го постигнал својот прв гол во дресот на Астон Вила во победа со 3-2 на домашен терен над Дарби Каунти во Првата дивизија. Околу три месеци подоцна, повторно влегувајќи од клупата за резерви на полувремето, Јорк со својот втор гол за сезоната го решил натпреварот на домашен терен против Норич Сити завршен во корист на Вила со 2-1, во претпоследното коло од првенството. Јорк ја завршил сезоната со 18 настапи и 2 гола во првенството и имал уште три настапи во домашните купови.
Во сезоната 1991-1992, Јорк ги претворил влегувањата од клупата во се почести стартови во почетната постава и имал успешна сезона на личен план постигнувајќи 11 гола во првенството и уште 5 во ФА купот. На 5 февруари 1992 година, тој го постигнал својот прв хет-трик во кариерата во победата на Астон Вила со 4-3 на гостувањето кај Дарби Каунти во четвртата рунда на ФА купот. Во следната сезона, 1992-1993, Првата дивизија била заменета со новоформираната Премиер лига на Англија, во чије дебитантско издание Јорк постигнал 6 гола на 27 натпревари, првиот од нив на 5 септември 1992 во победата со 3-0 на домашен терен над Кристал Палас.
Следните две сезони Јорк играл во променлива форма: во сезоната 1993-1994, тој одиграл само 12 првенствени натпревари постигнувајќи два гола. И двата гола на Јорк дошле на 7 мај 1994, во победата со 2-1 на домашен терен над Ливерпул, со што станал и последниот играч на Астон Вила кој постигнал гол на Холти Енд пред реновирањето на таа трибина од стадионот Вила Парк. Во следната сезона, менаџерот Брајан Литл, почнал повремено да го користи Јорк како напаѓач, пред конечно трајно да биде преместен на таа позиција во следната сезона, докажувајќи се во следните години како еден од најдобрите напаѓачи во историјата на Премиер лигата.
Во сезоната 1995-1996, Јорк постигнал 17 гола во Премиер лигата помагајќи му на клубот да заврши на четвртото место. Тој, исто така, бил составен дел од тимот на Вила, кој стигнал до финалето на Лига купот во 1996. Во финалето, Астон Вила го совладала Лидс Јунајтед со 3-0, со еден од головите постигнат од Јорк. Успехот, на напаѓачот од Тринидад и Тобаго му ја донел и првата титула освоена во неговата кариера. Во сезоната 1996-1997, Јорк ги повторил бројките од претходната сезона постигнувајќи повторно 17 гола во Премиер лигата. На 30 септември 1996, тој постигнал хет-трик во натпреварот од првенството против Њукасл Јунајтед, загубен со резултат 4-3. Њукасл водел со 3-1 на полувремето, по што Астон Вила останала со десет играчи, откако Марк Дрејпер добил црвен картон на крајот на првото полувреме. Јорк покажал силен карактер водејќи го тимот кон храбар против удар, постигнувајќи уште два гола во второто полувреме за да го комплетира својот хет-трик. На крајот, Јорк помислил дека постигнал израмнувачки погодок за 4-4, пред славјето да му биде спречено поради досуден офсајд. Одличните настапи на Јорк го привлекле вниманието на Манчестер Јунајтед во август 1998 година, каде тој и ќе ја продолжи својата кариера. Вкупно за Астон Вила, Јорк одиграл 231 натпревар, постигнувајќи 97 голови.
Околностите за неговото заминување од Астон Вила биле контроверзни. Џон Грегори, тогашниот менаџер на Астон Вила, нагласил дека не се подготвени да го пуштат Јорк во Манчестер Јунајтед, освен ако за замена не го добијат Енди Кол, напаѓачот на Манчестер Јунајтед. Тогаш, Јорк му пришол на Грегори, отворено кажувајќи му дека сака да го напушти клубот, по што Грегори кажал дека да имал пиштол во канцеларијата би пукал во Јорк во тој момент. Астон Вила немала друг избор освен да го продаде фудбалерот на Манчестер Јунајтед за 12,6 милиони фунти во август 1998 година. Без разлика на неговите девет години поминати во Астон Вила, однесувањето на Јорк по заминувањето клубот не им се допаднало на некои од навивачи на клубот, кој исто така му замериле и тоа што подоцна играл за Бирмингем Сити.
Манчестер Јунајтед
[уреди | уреди извор]На 19 август 1998 година, Јорк официјално бил претставен како нов фудбалер на Манчестер Јунајтед, носејќи го дресот со број 19. Своето деби за клубот го направил на три дена подоцна, започнувајќи како стартер и играјќи го целиот натпревар на гостувањето кај Вест Хем Јунајтед завршен без голови (0-0). На 8 септември, Јорк ги постигнал својте први голови во дресот на Манчестер Јунајтед, погодувајќи ја два пати мрежата на Чарлтон Атлетик во првенствената победа со 4-1. На 16 септември, тој дебитирал во Лигата на шампионите, забележувајќи асистенција за голот на Пол Сколс, во натпреварот на домашен терен против Барселона што завршил без победник 3-3. Јорк брзо се наметнал во тимот предводен од Сер Алекс Фергусон, формирајќи легендарно партнерство во нападот со колегата Енди Кол. На 30 септември, Јорк го постигнал својот прв гол во кариерата во Лигата на шампионите, во ремито 2-2 на гостувањето во Минхен против Бајерн. Во јануари 1999, тој влегол во топ-форма постигнувајќи голови во пет последователни натпревари од Премиер лигата, вклучително и хет-трик во победата со 6-2 на гостувањето кај Лестер Сити. На 3 март, Јорк ги постигнал двата гола за својот тим во успехот со 2-0 на домашен терен над Интер во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Една недела подоцна, тој постигнал два гола во победата со 2-0 на гостувањето кај Челси во преиграниот натпревар од четвртфиналето на ФА купот. Својата прва сезона со Манчестер Јунајтед, која завршила славно со освојување на тројната круна (Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите), Јорк ја завршил со 29 постигнати гола. Тој бил најдобар стрелец во Премиер лигата со 18 гола (изедначен со Мајкл Овен и Џими Флојд Хаселбајнк) и најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 8 гола (изедначен со Андриј Шевченко). Исто така, Јорк ја понел награда за Играч на сезоната во Премиер лигата.
Во сезоната 1999-2000, Јорк продолжил таму каде што застанал во претходната, постигнувајќи четири гола во првите три првенствени натпревари, а исто така го постигнал голот за Манчестер Јунајтед во поразот со 2-1 од Арсенал во натпреварот за ФА Черити Шилд. Првиот гол во Лигата на шампионите за сезоната, Јорк го постигнал на 22 септември 1999 година, во победата со 3-0 во Австрија над Штурм Грац. На 11 март 2000, Јорк постигнал хет-трик (неговиот втор во дресот на Манчестер Јунајтед), во победата со 3-1 на домашен терен над Дарби Каунти во првенството. Со 20 постигнати гола во првенството, Јорк бил најдобар стрелец на Манчестер Јунајтед, помагајќи му на клубот да ја одбрани титулата.
И покрај помалку успешната трета сезона на личен план, Јорк го постигнал својот 100-ти гол во Премиер лигата во победата со 0-3 на гостувањето кај Дарби Каунти на 24 ноември 2000.[6] Исто така, тој постигнал хет-трик во судирот за врвот на табелата против Арсенал, добиен од Јунајтед со 6-1 по што „црвените ѓаволи“ ја освоиле трета титула едноподруго во Премиер лигата.[7] Ограничените настапи на Јорк во сезоната 2001-2002, довеле до гласини дека неговиот однос со менаџерот на Јунајтед, Алекс Фергусон, не е најдобар, по неговиот огромен публицитет поради врската со британскиот модел, Џордан. Во јануари 2002, тој требало да се пресели во Мидлсбро, но трансферот пропаднал,[8] и Јорк останал во Манчестер Јунајтед до крајот на сезоната 2001-2002. Вкупно за клубот одиграл бил 152 натпревари и постигнал 65 гола.[9]
Блекбурн Роверс
[уреди | уреди извор]Во јули 2002 година, Јорк се преселил во Блекбурн Роверс за почетна сума од 2 милиони фунти, со потенцијал да се зголеми на 2,6 милиони фунти.[10] Тој бил потпишан за да го покрие долгото отсуство на Мат Јансен по неговата сообраќајна несреќа и повторно се сретнал со својот поранешен партнер од нападот на Јунајтед, Енди Кол.[10]
Јорк постигнал 13 гола во сите натпреварувања во својата прва сезона на Ивуд Парк, вклучувајќи го и победничкиот гол на 26 октомври 2002 година, кога Роверс го победиле со 2-1 актуелниот шампион Арсенал.[11] На 4 јануари, за време на неговото враќање на Вила Парк, тој постигнал два гола во победата од 4-1 во третото коло на ФА купот.[12] На 11 мај, во последниот натпревар од сезоната, тој ја отворил победата од 4-0 над Тотенхем, која на крајот му помогнала на Блекбурн да заврши над Евертон освојувајќи го шесттото место и квалификација за Купот на УЕФА.
Во втората сезона, тој одиграл 23 натпревари и постигнал 4 гола во лигата, а дал и два гола во поразот со 3-4 од Ливерпул во третата рунда на Лига купот. Тој, исто така, бил надвор од игра некое време поради кавга со менаџерот Греам Сунес.
Бирмингем Сити
[уреди | уреди извор]На 31 август 2004 година, последниот ден од летниот трансферен прозорец, Јорк се преселил во Бирмингем Сити согласувајќи се на едногодишен договор со опција за уште една година. Наместо позајмица во Селтик, тој избрал да се приклучи на Бирмингем за „значителна, но неоткриена сума“.[13] Тој постигнал гол на своето деби на домашен терен за Бирмингем, во ремито 1-1 против Чарлтон Атлетик, а израмнувачкиот гол го постигнал само седум минути откако го заменил Клинтон Морисон.[14] Тој повторно постигнал гол, на 3 октомври, против Њукасл Јунајтед на неговиот поранешен менаџер, Греам Сунес.[15] Сепак, Јорк ја изгубил популарноста на Сент Ендрјус, откако поминал поголем дел од остатокот од сезоната на клупата по што му бил раскинат договорот со взаемна согласност во април 2005 година.[16]
ФК Сиднеј
[уреди | уреди извор]Веднаш по раскинувањето на договорот со Бирмингем, Јорк потпишал за ФК Сиднеј,[17] со плата од 1 милион долари по сезона. Тој го постигнал првиот гол за ФК Сиднеј во нивниот прв натпревар од регуларната сезона во А-лигата, погодувајќи со глава во победата против Мелбурн Виктори. Јорк пристигнал во Сиднеј со големо педигре во А-лигата, по освојувањата на тројната круна со Манчестер Јунајтед. Јорк постигнал 7 гола во А-лигата, од кои три од нив биле од пенал. Тренерот на Сиднеј, Пјер Литбарски, го преселил Јорк во средниот ред и му ја доделил капитенската лента.
Тој одиграл голема улога во водењето Сиднеј до победата во инаугуративното А-лига финале на 5 март против регионалните ривали Сентрал Коуст Маринерс. Тој асистирал за единствениот гол, постигнат од страна на Стив Корика, пред 41.000 гледачи на стадионот во Сиднеј, додека Џо Марстон го добил признанието за најдобар играч во големото финале. Тој, исто така, бил назначен играч на ФК Сиднеј, што значи дека неговата плата не била пресметана во платниот список. Како една од ѕвездите на А-лигата, неговите фудбалски таленти, моќта на привлекување и кредибилитетот што ги донел и на локално и на меѓународно ниво се покажале како корисни за натпреварувањето во неговата прва сезона, што ја навело Фудбалската федерација на Австралија да го искористи неговиот лик и име за промоција на втората сезона на А-лигата.
Во јуни 2006 година, Јорк тренирал со Манчестер Јунајтед во обид да ја задржи формата на високо ниво пред Светското првенство 2006 во Германија, иако тој, во тоа време бил сè уште под договор со Сиднеј.[18] Ова било поради фактот што сезоната во Австралија веќе била завршила. Тој се врати во Сиднеј да учествува во пријателскиот натпревар против Евертон во 2010 година. Тој натпревар се сметал и за негов проштален, иако тој никогаш немал шанса да каже соодветен збогум на навивачите во Сиднеј. Евертон победил со 1-0, а Јорк бил заменет во средината на второто полувреме.[19]
Сандерленд
[уреди | уреди извор]
На 31 август 2006 година, Јорк потпишал за Сандерленд во трансфер вреден од 200.000 фунти, на барање на менаџерот Рој Кин, негов поранешен соиграч од Манчестер Јунајтед. Јорк го направил своето деби во натпреварот на домашен терен против Лестер Сити и добил разбранувани овации од домашните навивачи кога влегол како замена во првото полувреме. Јорк бил користен како дефанзивен играч од средниот ред, наместо неговата вообичаена улога како напаѓач. Тој го постигнал својот прв гол за Сандерленд во поразот со 2-1 од Стоук Сити.
На 2 јануари 2008 година, за време на поразот на Сандерленд со 1-0 од неговиот поранешен клуб, Блекбурн, Јорк добил црвен картон од страна на судијата Роб Стајлс. Тој изјавил неколкупати, дека би сакал да се врати во А-лигата, по можност повторно во Сиднеј. Сепак, со оглед засилувањата во Сиднеј во тоа време се чинело неверојатно дека клубот не би бил во можност да го ангажира Јорк повторно на платниот список. Потоа се појавил некој гласини дека Јорк ќе игра за соперниците Сентрал Коуст Маринерс, тим финансиран од страна на човекот кој го донел него во Сиднеј, Питер Трнбал.
На 11 март 2008 година, било најавено дека Маринерс биле во "напредни преговори" со Јорк да го потпишат на две години.[20] Сепак, на 1 јули 2008 година, Јорк потпишал нов едногодишен договор со Сандерленд и со тоа останал во клубот до крајот на сезоната 2008-2009.[21] Тој покажал дека сè уште може да игра на највисоко ниво на натпреварот против Арсенал на 4 октомври 2008 година, натпревар во кој Сандерленд одиграле 1-1 на домашен терен.[22] По заминувањето на Рој Кин од менаџерската функција во Сандерленд во декември 2008 година, Јорк и Нил Бејли биле именувани како помошници на новиот менаџер Рики Сбраџа.[23] Јорк бил ослободен од клубот по завршувањето на сезоната 2008-2009.[24]
За Сандерленд одиграл вкупно 62 натпревари и постигнал 6 гола. Во јули 2009, тој објавил крај на својата играчка кариера, долга 20 години.
Репрезентативна кариера
[уреди | уреди извор]Јорк забележал 72 настапи и постигнал 26 гола за репрезентацијата на Тринидад и Тобаго.
Своето деби го имал на 19 март 1989 година, во пријателскиот натпревар против Парагвај во Порт оф Спејн завршен со резултат 2-2. Заедно со неговиот пријател Расел Латапи, Јорк бил член на репрезентацијата позната како „Strike Squad“ во 1989 година, која за малку не успеала да се квалификува за Светското првенство 1990. Тој се повлече од репрезентацијата во 2001 година, по несогласувањата со селекторот, но се вратил во тимот за време на квалификациите за Светското првенство 2006, во кои Тринидад и Тобаго ја избориле својата историска прва квалификација за некое Светско првенство, по победата со вкупен резултат од 2-1 над Бахреин во интерконтиненталниот плејоф.[25]
Јорк бил капитен на Тринидад и Тобаго во сите натпревари на репрезентацијата на „Мундијалот“ во Германија и бил прогласен за играч на натпреварот против Шведска (завршен 0-0), оддавајќи му заслуги и на неговиот близок пријател Шака Хислоп, голманот на Вест Хем Јунајтед, кој во натпреварот имал неколку одбрани од светска класа. Јорк бил еден од шестте играчи на Тринидад и Тобаго (заедно со Брент Санчо, Денис Лоренс, Крис Берчал, Карлос Едвардс и Стерн Џон) кои ги одиграле сите минути на турнирот. Тој, исто така, бил оценет како најдобар дефанзивен играч од средниот ред во фазата по групи на Светското првенство.[26]
Во март 2007 година, Јорк се повлекол од репрезентацијата сакајќи да се фокусира на неговата клупска кариера во Сандерленд.[27] Тој останал капитен сè до неговото пензионирање. Сепак, тој направил кам-бек за пријателскиот натпревар против Англија во јуни 2008 година, откако бил поканет од страна на заменик-претседателот на ФИФА, Џек Ворнер. На 10 јули 2008 година, Јорк најавил враќање во репрезентацијата со цел да помогне во квалификациите за Светското првенство 2010.[28]
На 15 октомври 2008 година, тој го постигнал својот прв гол по враќањето од пензија против САД во споменатите квалификации. Натпреварот завршил со резултат 2-1 за Тринидад и Тобаго. Неговиот гол бил клучен, постигнат во 79-тата минута, со кој Тринидад и Тобаго бил ставен во важна ситуација за да премине во следната квалификациска фаза, потребен им бил само реми против Куба во последниот натпревар. На 11 февруари 2009 година, Јорк постигнал гол од пенал во 26-тата минута за неговата земја, но бил исклучен во последните секунди во првиот натпревар од четвртото коло на КОНКАКАФ квалификациите против Ел Салвадор откако разменил жестоки зборови со мексиканскиот судија, Марко Антонио Родригес. Како последица од тој инцидент добил забрана за игра во 4 натпревари, која подоцна била намалена на 2 натпревари.[29]
Откако бил ослободен од Сандерленд и не можел да најде нов клуб, Јорк се повлекол од фудбалот целосно во септември 2009 година и ја презел функцијата асистент тренер во репрезентацијата на Тринидад и Тобаго.[30]
Хронологија на репрезентативните настапи
[уреди | уреди извор]Тренерска кариера
[уреди | уреди извор]По завршувањето на играчката кариера, Јорк бил назначен за асистент на селекторот Расел Латапи во репрезентацијата на Тринидад и Тобаго.
На 21 април 2019, тој бил сметан за еден од кандидатите за тренерската функција во англискиот нисколигаш Сатон Јунајтед, но не ја добил работата.[31]
На 12 ноември 2021 година, Астон Вила го назначила Стивен Џерард за нов менаџер. Јорк рекол дека е разочаран што не бил ангажиран.[32]
На 21 април 2022 година, било објавено дека Јорк се разгледувал за испразнетото тренерско место во австралиската екипа од А-лигата, Перт Глори.[33]
На 1 јули 2022 година, Јорк го добил првиот ангажман како главен тренер, откако ја презел функцијата во клубот од А-лигата, Макартур, заменувајќи го Анте Миличиќ за да стане вториот тренер на клубот.[34] Три месеци подоцна, тој го одвел клубот до првиот трофеј во нивната историја, освојувајќи го Купот на Австралија. Во јануари 2023 година, Јорк го напуштил клубот еден ден по поразот со 1-0 од Аделајд Јунајтед.[35]
На 1 ноември 2024 година, Јорк бил назначен за селектор на репрезентацијата на Тринидад и Тобаго, наследувајќи го Ангус Ив.[36]
Статистика
[уреди | уреди извор]Клупска статистика
[уреди | уреди извор]| Сезона | Клуб | Првенство | Национален куп | Континентален куп | Останати купови | Вкупно | |||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Наст | Гол | ||
| 1989-1990 | ПД | 2 | 0 | ФАКуп+ЛК | - | - | - | - | - | - | - | - | 2 | 0 | |
| 1990-1991 | ПД | 18 | 2 | ФАКуп+ЛК | 2+1 | 0 | КУ | 0 | 0 | - | - | - | 21 | 2 | |
| 1991-1992 | ПД | 32 | 11 | ФАКуп+ЛК | 5+2 | 5+0 | - | - | - | - | - | - | 39 | 16 | |
| 1992-1993 | ПЛ | 27 | 6 | ФАКуп+ЛК | 4+4 | 1+0 | - | - | - | - | - | - | 35 | 7 | |
| 1993-1994 | ПЛ | 12 | 2 | ФАКуп+ЛК | 2+0 | 1 | КУ | 0 | 0 | - | - | - | 14 | 3 | |
| 1994-1995 | ПЛ | 37 | 6 | ФАКуп+ЛК | 2+4 | 1+1 | КУ | 0 | 0 | - | - | - | 43 | 8 | |
| 1995-1996 | ПЛ | 35 | 17 | ФАКуп+ЛК | 5+8 | 2+6 | - | - | - | - | - | - | 48 | 25 | |
| 1996-1997 | ПЛ | 37 | 17 | ФАКуп+ЛК | 2+2 | 2+1 | КУ | 2 | 0 | - | - | - | 43 | 20 | |
| 1997-1998 | ПЛ | 30 | 12 | ФАКуп+ЛК | 2+1 | 2+0 | КУ | 7 | 2 | - | - | - | 40 | 16 | |
| авг. 1998 | ПЛ | 1 | 0 | ФАКуп+ЛК | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 1 | 0 | |
| Вкупно Астон Вила | 232 | 73 | 46 | 22 | 9 | 2 | - | - | 286 | 97 | |||||
| 1998-1999 | ПЛ | 32 | 18 | ФАКуп+ЛК | 8+0 | 3 | ЛШ | 11 | 8 | ЧШ | - | - | 51 | 29 | |
| 1999-2000 | ПЛ | 32 | 20 | ЛК | 0 | 0 | ЛШ | 11 | 2 | ЧШ+СУ+ИнтК+Скп | 1+0+1+2 | 1+0+0+1 | 47 | 24 | |
| 2000-2001 | ПЛ | 22 | 9 | ФАКуп+ЛК | 2+2 | 0+2 | UCL | 11 | 1 | CS | 1 | 0 | 38 | 12 | |
| 2001-2002 | ПЛ | 10 | 1 | ФАКуп+ЛК | 1+1 | 0 | ЛШ | 3 | 0 | ЧШ | 1 | 0 | 16 | 1 | |
| Вкупно Манчестер Јунајтед | 96 | 48 | 14 | 5 | 36 | 11 | 6 | 2 | 152 | 66 | |||||
| 2002-2003 | ПЛ | 33 | 8 | ФАКуп+ЛК | 3+4 | 3+2 | КУ | 3 | 0 | - | - | - | 43 | 13 | |
| 2003-2004 | ПЛ | 23 | 4 | ФАКуп+ЛК | 1+1 | 0+2 | КУ | 2 | 0 | - | - | - | 27 | 6 | |
| авг. 2004 | ПЛ | 4 | 0 | ФАКуп+ЛК | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 4 | 0 | |
| Вкупно Блекбурн Роверс | 60 | 12 | 9 | 7 | 5 | 0 | - | - | 74 | 19 | |||||
| 2004-2005 | ПЛ | 13 | 2 | ФАКуп+ЛК | 1+2 | 0 | - | - | - | - | - | - | 16 | 2 | |
| 2005-2006 | А | 21 | 7 | - | 3 | 1 | - | - | - | Скп | 2 | 1 | 26 | 9 | |
| јун.-авг. 2006 | А | 1 | 0 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 1 | 0 | |
| Вкупно Сиднеј | 22 | 7 | 3 | 1 | - | - | 2 | 1 | 27 | 9 | |||||
| 2006-2007 | ФЛЧ | 32 | 5 | ФАКуп+ЛК | 1+0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 33 | 5 | |
| 2007-2008 | ПЛ | 20 | 1 | ФАКуп+ЛК | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 20 | 1 | |
| 2008-2009 | ПЛ | 7 | 0 | ФАКуп+ЛК | 1+0 | 0 | - | - | - | - | - | - | 8 | 0 | |
| Вкупно Сандерленд | 59 | 6 | 2 | 0 | - | - | - | - | 61 | 6 | |||||
| Вкупно во кариерата | 482 | 148 | 77 | 35 | 50 | 13 | 8 | 3 | 617 | 199 | |||||
Репрезентативна статистика
[уреди | уреди извор]| Репрезентација | Година | Настапи | Голови |
|---|---|---|---|
| 1989 | 10 | 2 | |
| 1990 | 0 | 0 | |
| 1991 | 0 | 0 | |
| 1992 | 5 | 0 | |
| 1993 | 1 | 1 | |
| 1994 | 1 | 0 | |
| 1995 | 0 | 0 | |
| 1996 | 5 | 1 | |
| 1997 | 0 | 0 | |
| 1998 | 0 | 0 | |
| 1999 | 1 | 0 | |
| 2000 | 9 | 8 | |
| 2001 | 7 | 1 | |
| 2002 | 0 | 0 | |
| 2003 | 0 | 0 | |
| 2004 | 1 | 0 | |
| 2005 | 13 | 0 | |
| 2006 | 9 | 3 | |
| 2007 | 0 | 0 | |
| 2008 | 6 | 2 | |
| 2009 | 4 | 1 | |
| Вкупно | 72 | 19 | |
Хет-трикови
[уреди | уреди извор]| Хет-трикови | ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| ||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Тренерска статистика
[уреди | уреди извор]Клубови
[уреди | уреди извор]| Сезона | Екипа | Првенство | Национален куп | Континентални купови | Останати купови | Вкупно | Победи % | Пласман | |||||||||||||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | Натп | ОН | П | Н | И | ОН | П | Н | И | % | |||
| 2022-јан. 2023 | А | 13 | 5 | 2 | 6 | ФФАКуп | 5 | 5 | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 18 | 10 | 2 | 6 | 55,56 | наз., отп. 6. место | |
| Вкупно во кариера | 13 | 5 | 2 | 6 | 5 | 5 | 0 | 0 | - | - | - | - | - | - | - | - | 18 | 10 | 2 | 6 | 55,56 | ||||||
Репрезентации
[уреди | уреди извор]- Тринидад Тобаго
| Сезона | Екипа | Натпреварување | Пласман | Учинок | Голови | ||||||||
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Одиграни | Победи | Нерешени | Изгубени | Успешност % | ДГ | ПГ | ГР | ||||||
| март 2025 | Квал. за Голд куп 2025 | Се квалификувал | 2 | 2 | 0 | 0 | 100,00 | 6 | 1 | +5 | |||
| јуни 2025 | Голд куп 2025 | Елиминирани во групната фаза (3. место во групата Д) | 3 | 0 | 2 | 1 | 0,00 | 2 | 7 | -5 | |||
| 2025 | Квал. за СП 2026 | во групата Б | 2 | 1 | 0 | 1 | 50,00 | 7 | 4 | +3 | |||
| од 2025 | Пријателски | 4 | 0 | 1 | 3 | 0,00 | 3 | 9 | -6 | ||||
| Вкупно Тринидад и Тобаго | 11 | 3 | 3 | 5 | 27,27 | 18 | 21 | -3 | |||||
Титули
[уреди | уреди извор]
ИграчКлупски
Репрезентативни
Индивидуални
|
ТренерКлупски
|
|
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 „Двајт Јорк“. Barry Hugman's Footballers.
- 1 2 3 „Dwight Yorke: Overview“. Premier League. Посетено на 2 October 2021.
- ↑ „Manchester City 5-0 Liverpool“. BBC Sport. 9 September 2017.
- ↑ Adejobi, Alicia (7 October 2019). „Inside Katie Price and Dwight Yorke's bitter conflict over son Harvey as she threatens to confront him“. Metro. Посетено на 28 January 2023.
- ↑ „Books, eBooks, Kindles, Textbooks and Children's Books - Waterstones.com“. 18 June 2015. Архивирано од изворникот на 14 October 2012. Посетено на 3 July 2015.
- ↑ „Man Utd flourish buries Derby“. 24 November 2000 – преку news.bbc.co.uk.
- ↑ „United hit Arsenal for six“. The Daily Telegraph. London. 25 February 2001. Архивирано од изворникот на 11 September 2012. Посетено на 1 May 2010.
- ↑ Nixon, Alan (25 January 2002). „Yorke puts Boro move in jeopardy“. The Independent. London. Посетено на 1 May 2010.
- ↑ Williams, Joe (2020-07-17). „Man Utd legend reveals why Fergie told him to 'f*** off and get lost'“. Football365 (англиски). Посетено на 2025-01-26.
- 1 2 „Blackburn sign Yorke“. BBC Sport. 26 July 2002. Посетено на 10 August 2014.
- ↑ „Blackburn pile on Arsenal pain“. BBC Sport. 26 October 2002. Посетено на 22 April 2020.
- ↑ „Rovers rout Villa“. BBC Sport. 4 January 2003. Посетено на 22 April 2020.
- ↑ „Yorke makes Blues switch“. BBC Sport. 1 September 2004. Посетено на 22 April 2020.
- ↑ „Birmingham 1–1 Charlton“. BBC Sport. 18 September 2004. Посетено на 24 October 2009.
- ↑ „Birmingham 2–2 Newcastle“. BBC Sport. 3 October 2004. Посетено на 24 October 2009.
- ↑ „Birmingham end Yorke's contract“. BBC Sport. 25 April 2005. Посетено на 10 August 2014.
- ↑ „Sydney announce signing of Yorke“. BBC. 17 April 2005. Посетено на 10 August 2014.
- ↑ Anstead, Mike (28 February 2006). „Ferguson lends Yorke a hand to arm the Warriors“. The Guardian. Посетено на 22 April 2020.
- ↑ Andrew Howe. „Sydney FC Home“. Sydney FC. Архивирано од изворникот на 25 February 2011. Посетено на 3 July 2015.
- ↑ Davutovic, David (11 March 2008). „Dwight Yorke close to A-League comeback with Mariners“. The Daily Telegraph.
- ↑ „Yorke to stay with Black Cats“. Sky Sports. Посетено на 2 July 2008.
- ↑ Taylor, Louise (6 October 2008). „No substitute for sentiment as Leadbitter's sweet celebration is dedicated to his father“. The Guardian. London. Посетено на 1 May 2010.
- ↑ Alexander, Nick (4 December 2008). „Sbragia to take charge at United“. Sunderland AFC. Посетено на 7 December 2008.
- ↑ „Yorke heads Sunderland clear-out“. BBC Sport. 28 May 2009. Посетено на 29 September 2010.
- ↑ Morrison, Blake (3 June 2006). „'Wave yuh bandanas'“. The Guardian. Посетено на 13 October 2021.
- ↑ „2006 FIFA World Cup Germany™“. www.fifa.com.
- ↑ „Yorke retires from internationals“. BBC Sport. 8 March 2007. Посетено на 3 July 2015.
- ↑ „SIX PLAYERS ADDED TO SOCA WARRIORS ROSTER... Dwight to rejoin team for qualifiers“. TTFF. Архивирано од изворникот на 17 July 2011. Посетено на 11 July 2008.
- ↑ „Yorke's ban slashed to two matches“. Архивирано од изворникот на 1 April 2009. Посетено на 31 January 2020.
- ↑ „Yorke opts to end playing career“. BBC Sport. British Broadcasting Corporation. 4 September 2009. Посетено на 4 September 2009.
- ↑ „Dwight Yorke: I'm ready for management now, not marriage“. The Guardian. 27 February 2010. Посетено на 20 July 2022.
- ↑ „Dwight Yorke on applying for the Aston Villa job for a third time: 'I've had no response'“. The Athletic. 12 November 2021. Посетено на 20 July 2022.
- ↑ „Former Man United striker Dwight Yorke named A-Leagues All-Stars coach as he chases Perth Glory job“. The Sporting News. 27 April 2022. Посетено на 20 July 2022.
- ↑ „Dwight Yorke appointed as head coach of A-League Men club Macarthur FC“. The Guardian. 15 May 2022. Посетено на 20 July 2022.
- ↑ Clarke, George (21 January 2023). „Dwight Yorke leaves ALM's Macarthur“. The West Australian. Посетено на 28 January 2023.
- ↑ „Yorke named Trinidad and Tobago head coach“. BBC Sport. 1 November 2024. Посетено на 1 November 2024.
- ↑ Hugman, Barry J., уред. (1999). The 1999–2000 Official PFA Footballers Factfile. Harpenden: Queen Anne Press. стр. 352. ISBN 978-1-85291-607-7.
- ↑ „Season 1998/99 Stats“. UEFA (англиски). Посетено на 29 March 2024.
- ↑ „Joe Marston Medal | Football Australia“. www.footballaustralia.com.au (англиски). 27 April 2021. Посетено на 29 March 2024.
- ↑ „Sydney FC inducts eight greats to its Hall of Fame“. The World Game. 16 March 2015. Посетено на 18 May 2020.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||
| ||||||
|

