Алисон Феликс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Алисон Мишел Феликс
Allyson Felix Doha 2015.jpg
Алисон Феликс во 2015
Лични податоци
Роден(а)18 ноември 1985 (1985-11-18) (34 г.)
Лос Анџелес, САД
ЖивеалиштеСанта Кларита, САД
Висина&100000000000001680000001,68 м
Тежина55 kg (121 lb)
Спорт
Земја САД
СпортАтлетика
Дисциплини100 м, 200 м, 400 м

Алисон Мишел Феликс (родена на 18 ноември 1985 г.) е американска атлетичарка која се натпреварува во спринтерските дисциплини. Нејзина специјалност е трката на 200 метри, на која има освоено еден олимписки златен медал, два олимписки сребрени медали и три златни медали од светски првенства.

Таа исто така се натпреварува и на трките на 100 и 400 метри, на кои има освоено три олимписки златни медали како член на американскиот штафетен тим, од кои два на 4 × 400 метри и еден на 4 × 100 метри од, кој е воедно и светски рекорд. Таа освоила три златни медали на Летните олимписки игри 2012.

Тренер на Феликс е Боб Керси, кој е сопруг и тренер на олимписката шампионка и светска рекордерка во седмобој, Џеки Џојнер-Керси. Тој исто така бил тренер и на олимписката шампионка (100, 200 и 4 × 100 метри) и рекордерка на 100 метри Флоренс Грифит Џојнер.

Ран живот[уреди | уреди извор]

Феликс е родена и израсната во Лос Анџелес, Калифорнија. Нејзиниот постар брат Вес Феликс кој сега е нејзин агент, исто така бил спринтер.[1]Таа е побожна христијанка и своите спринтерски способности ги опишува како подарок од господ. Таа изјавила: "За мене, мојата побожност е причината поради која трчам. Навистина верувам во овој неверојатен подарок со кој господ ме благословил, и секогаш го користам до границите на моите способности." [2]

Кариера[уреди | уреди извор]

Почетоци[уреди | уреди извор]

На само 18 годишна возраст, Феликс го освоила сребрениот медал на трката на 200 метри на Летните олимписки игри 2004, завршувајќи зад Вероника Кембел од Јамајка. Таа поставила нов јуниорски светски рекорд на 200 метри со постигнатото време од 22.18 секунди.

Таа станала најмлада златна медалистка во историјата на светските првенства на трките на 200 метри на Светското првенство 2005 во Хелсинки а две години подоцна, на Светското првенство во Осака успешно го одбранила златниот медал. Делницата од 200 метри, Феликс ја истрчала за 21.81 секунди и со тоа го подобрила своето најдобро време во сезоната за 0.37 секунди. По финалето таа изјавила: "Се чуствувам многу добро, многу сум возбудена. Долго време чекав да истрчам такво време, под 22 секунди. Тоа не беше лесно, но конечно успеав". Таа се надоврзала и за идните планови изјавувајќи: "Моја следна цел не е светскиот рекорд, туку златен медал во Пекинг. Сакам да одам чекор по чекор. Можеби таму ќе се натпреварувам на две трки - на 200 и 400 метри." Феликс станала само втората атлетичарка; по Марита Кох која освоила три златни медали на едно Светско првенство.[3]

2008–09[уреди | уреди извор]

Феликс се квалификувала за трката на 200 метри на Летните олимписки игри 2008 преку изборното натпреварување на САД, а за малку не успеала да се квалификува и за трката на 100 метри. Сепак, на игрите во Пекинг, и покрај тоа што таа истрчала нејзино најдобро време во сезоната од 21.93 секунди, Феликс повторно завршила зад Кембел, која го истрчала најдоброто време во деценијата од 21.74 секунди,[4] и го освоила златниот медал. Феликс исто така трчала и на штафетната трка на 4 × 400 метри како член на американскиот тим, кој победил и на Феликс и го донел првиот олимписки златен медал.

Феликс во финалето на трката на 200 метри на Светското првенство 2009

На подготовките за Светското првенство 2009, Феликс била дел од штафетниот тим на САД на кој на трката на 4 × 400 метри забележал најдобар резултат во последните 12 години. Лорин Вилијамс, Феликс, Муна Ли и Кармелита Џетер истрчале време од 41.58 секунди, резултат кој е осми на списокот на сите времиња.[5] Во 2009, на само 23 години, Феликс стигнала до третиот златен медал од Светските првенства на 200 метри, достигнување без преседан во женскиот спринт.[6] Таа истрчаа време од 22.02 секунди и убедливо ја победила олимписката шампионка Вероника Кембел-Браун.

Подоцна таа изјавила: "Навистина е посебно да освоиш трета светска титула. Сакав тоа да го направам на овој стадион, да настапам за својата држава и да го направам горд Џеси Овенс." Но Феликс признала дека таа повеќе би сакала да го има оној златен медал кој и недостасува. "Би сакала да ги менувам моите три златни медали од светските првенства за твојот златен медал," Феликс шеговито и рекла на Вероника Кембел-Браун на прес конференцијата на медалистите. Нејзините зборови се однесувале на златниот медал од игрите во Пекинг, за кој Феликс била голем фаворит да го освои. Иако поминала цела година таа сеуште била вознемирена што завршила зад Кембел-Браул во олимпиското финале. Таа изјавила: "Мислам дека тоа нема никогаш да го преболам,". "Никогаш не сум задоволна кога сум поразена." Таа исто така искоментирала: "Благодарна сум што имав успеси толку брзо, и понекогаш треба да се штипнам себе си и да сватам дека се ова се случи за кратко време".

2010–11[уреди | уреди извор]

Во 2010, Феликс се фокусирала повеќе на трките на 400 метри. Натпреварувајќи се на 200 и 400 метри, таа станала првата атлетичарка воопшто со две титули во Дијамантската лигаво иста година. Таа ја продожила својата доминација победувајќи на 21 трка од вкупно 22 на кои настапила, а единствениот пораз го доживеала од Вероника Кембел-Браун во Њујорк. Всушност, на таа трка Браун го поставила најдоброто време во годината од 21.98 секунди. Во 2011, Феликс настапила на Големите градски игри одржани на улиците на Манчестер на 15 мај. Таму таа го забележала најдоброто време на 200 метри во сезоната кое изнесувало 22.12 секунди. Последните 100 метри од трката таа ги истрчала за 10.89 секунди.

На Светското првенство 2011, Феликс учествувала на трките на 200 и 400 метри, како и на штафетните трки на 4 × 100 и 4 × 400 метри. Нејзина прва трка била трката на 400 метри, каде Феликс трчајќи од третата патека во финалето завршила на второто место со време од 49.59 секунди, 0.03 секунди зад победничката Амантле Монтшо. Во финалето на трката на 200 метри, Феликс повторно трчала на третата патека и завршила на третото место со разочарувачки резултат од 22.42 секунди поради замор. Вероника Кембел-Браун го освоила златниот медал а на сребрениот медал се радувала Кармелита Џетер. Во штафетните трки, Феликс како член на тимот на САД трчала во втората измена во двете трки. Тимот на САД забележал победи на двете трки со најдобри резултати во сезоната, додека пак Феликс додала нови два златни медали во својата колекција.

Феликс во втората измена за САД на 4 × 400 м на игрите во Лондон 2012

2012–13[уреди | уреди извор]

Во 2012, Феликс учествувала на изборното натпреварување на САД за олимписките игри, а поради тесниот распоред таа била принудена да избира помеѓу трките на 100 метри и 400 метри за нејзина секундарна дисциплина. Таа избрала да трча на 100 метри и се пласирала во финалето, во кое првите три натпреварувачки се квалификуваат за игрите во Лондон како дел од тимот на САД. Во финалето, таа истрчала време од 11.07 секунди, доволно добро за трето место,[7] но повторно со контроверзии. Официјалните лица на трката прогласиле нерешен резултат за третото место, откако претходно ја прогласиле неискусната Џениба Термо за победник во дуелот. Била донесена одлука Феликс и Термо да се натпреваруваат меѓусебно и подобрата да се квалификува, но Термо се откажала од трката и ѝ го препуштила билетот за Лондон на Феликс.[8]

Во финалето на трката на 200 метри на изборното натпреварување, Феликс истрчала најдобро време во кариерата од 21.69 секунди, резултат кој е четврти на сите времиња. Кармелита Џетер и Сања Ричардс-Рос ги пополниле местата на подиумот.

На Летните олимписки игри 2012 Феликс се натпреварувала во четири дисциплини: 100 и 200 метри како и на штафетните трки на 4 × 100 и 4 × 400 метри. Таа завршила петта на трката на 100 метри, но на другите три трки ги освоила златните медали со што станала првата американка со три златни медали во атлетика на едни олимписки игри по Флоренс Грифит-Џојнер која на игрите во 1988 била три пати златна. Во нејзиното прво финале, на 100 метри, таа била петтопласирана, истрчувајќи најдобро време во кариерата од 10.89 секунди. Во финалето на 200 метри; трка на која на минатите две олимпијади губела од јамајската ривалка Вероника Кембел-Браун, таа од трета среќа ја победила Кембел-Браун, како и златната медалистка на 100 метри, Шели-Ен Фрејзер-Прајс, која завршила на второто место. Кармелита Џетер го освоила бронзениот медал.

Феликс по трката на 4 × 400 м во Лондон

Феликс повторно се појавила на тартанот истата вечер како дел од штафетниот тим на САД на 4 × 100 метри заедно со Тијана Медисон, Бјанка Најт, и Кармелита Џетер. Тие истрчале време од 40.82 секунди и со тоа убедливо го собориле светскиот рекорд од 41.37 секунди, поставен од Источна Германија во 1985. Кога бил поставен тој рекорд, Феликс, Медисон и Најт не биле родени.

На последната ноќ од натпреварувањата во атлетика, Феликс трчала во втората измена за САД на 4 x 400 метри (за време од 48.20 секунди), заедно со Диди Тротер, Франсена Мекорори, и Сања Риџардс-Рос. Американките победиле со време од 3:16.87, резултат кој е петти на сите времиња.[9]

Следната година, на Светското првенство 2013 во Москва, Феликс учествувала на трката на 200 метри, и се очекувало да трча во финалните штафетни трки, но таа го повредила бутниот мускул во финалето на 200 метри и на раце била изнесена надвор од патеката. До златниот медал на крајот стигнала Шели-Ен Фрејзер-Прајс.[10]

2014[уреди | уреди извор]

По пауза од девет месеци поради повредата на бутниот мускул, Феликс се вратила на патеките на митингот од дијамантската лига во Шангај во мај 2014 и се натпреварувала на трката на 400 метри на која завршила како петта со време од 50.81 секунди. Подоцна во месецот, таа настапила и на митингот во Јуџин на трката на 200 метри и завршила на третото место со време од 22.44 секунди. Набрзо потоа таа се вратила во форма и победила на трката на 200 метри на митингот во Осло со време од 22.73 секунди. Таа исто така учествувала и на митинзите од дијамантската лига во Париз и Глазгов.

Во Париз, таа истрчала најдобро време во сезоната од 22.34 секунди и завршила веднаш зад Блесинг Окагбаре од Нигерија, која била за две стотинки побрза. Во Глазгов, таа повторно завршила на второто место, но овој пат за една стотинка била поразена од Дафне Схиперс од Холандија која поставила нов државен рекорд од 22.34 секунди. Следен митинг за Феликс бил митингот во Стокхолм, каде таа ја забележала втората победа во сезоната со време од 22.85, со што го превземала водствто во дијамантската лига на 200 метри. На последниот митинг во сезоната, во Брисел, таа го истрчала најбрзото време во сезоната од 22.02 секунди и со тоа ја обезбедила титулата во дијамантската лига.

Достигнувања[уреди | уреди извор]

Феликс ја слави својата победа во Осака

Алисон Феликс е четирикратен добитник на наградата Џеси Овенс од атлетската асоцијација на САД која се доделува на најдобрата атлетичарка во годината. Таа за прв пат ја добила наградата во 2005, а потоа повторно во 2007, 2010 и 2012 година.[11][12] Таа е втората жена (по Мерион Џонс) која ја освоила наградата три пати. Феликс исто така ја добила наградата за најдобра светска атлетичарка за 2012 година.

Лични рекорди[уреди | уреди извор]

Дисциплина Време (секунди) Место Датум
60 метри 7.10 Фејетвил, Арканзас, САД 12 февруари 2012
100 метри 10.89 Лондон, Обединето Кралство 4 август 2012
200 метри 21.69 Јуџин, Орегон, САД 30 јуни 2012
300 метри 36.23 Фејетвил, Арканзас, САД 9 февруари 2007
400 метри 49.59 Тегу, Јужна Кореја 29 август 2011[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Награди
Претходник
Австралија Сали Пирсон
Светска атлетичарка на годината
2012
Наследник
Јамајка Шели-Ен Фрејзер-Прајс
Достигнувања
Претходник
Бахами Деби Фергусон
Јамајка Вероника Кембел
Јамајка Шерон Симпсон
Најдобар резултат во годината на 200 метри
2003
2005
2007
Наследник
Јамајка Вероника Кембел
Јамајка Шерон Симпсон
Јамајка Вероника Кембел