Франко Корели

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Франко Корели

Франко Корели (инталијански: Franco Corelli) (Анкона, 8 април 1921Милано, 29 октомври 2003) е италијански тенор, еден од најголемите тенори на XX век. Неговиот моќен, машки глас, со блескави високи тонови и речиси баритонски обоен среден регистар, го прават еден од најомилените толкувачи на тенорските спинто и драмски улоги од италијанскиот репертоар на сите времиња.

Почетоците[уреди]

Роден е во Анкона, во работничко семејство, како Дарио Корели. Студира пеење во Конзерваториумот во Пезаро, кај сопранот Рита Павони, по што, како самиот изјавува во едно подоцнежно интервју, поради погрешната техника ги загубил висините, но и волуменот на гласот. Оттогаш ги избегнува сериозните вокални студии и, како што може да се заклучи, кога запливува во оперските води, тој е комплетно самоук. Се враќа дома и пее по снимките на големите тенори, особено Карузо, Џиљи и Лаури-Волпи (со кого подоцна во кариерата и ќе работи на усовршувањето на својот глас), кои ги зема како пример. Се потпира единствено врз советите на пријателите кои оделе на часови кај познати професори и му ги прераскажувале вежбите од професорите кои самоте ги добивале. Сепак, и покрај моќноста која импонирала, како и металот (скило) со кој гласот се пробивал низ аудиториумот, во почетоците тој има непријатно ситно вибрато, кое, со тешка и макотрпна работа, подоцна успева да го надмине.

Кариера[уреди]

Победувајќи на натпреварот на Маџо Музикале Фиорентино, ја добива наградата – деби на фестивалот во Сполето. Дебитира како Дон Жозе во Кармен на 26 август 1951, со огромен успех и одлични критики. И покрај тоа, никој не се нафаќа да му даде ангажман, се до јануари 1952, кога пее на три претстави во Џулиета е Ромео на Ѕандонаи во Театро дел Опера во Рим, добивајќи повторно одлични критики. Истата година, и повторно после подолго време, дебитира во улогата на Маурицио во Адријана Лекуврер, пеејќи само една претстава, изнудувајќи ја изјавата од менаџерот на театарот „вредеше ризикот“. На 9 април 1953 во Норма на Винченцо Белини, првпат пее со Мариа Калас во продукција на Римската Опера. Целокупната обнова на операта и останатите учесници во истата добиваат прекрасни критики, а публиката ја прифаќа претставата со воодушевување. Корели станува атракција по само две години помината на сцената и отпеани одвај пет улоги.

Франко Корели како Андреа Шение

Следуваат дебијата како Канио во Паљачи, Радамес во Аида, Дон Карло во истоимената опера, Каварадоси во Тоска. Се појавува и во помалку познати постановки, како што се Војна и Мир на Прокофјев, потоа Ифигенија во Авлида од Глук, Ромулус од Алегра, Агнезе ди Хохенштауфен од Гаспаро Спонтини. Веќе е повикан и во студио: ја снима Канио од Паљачи во проектот на РАИ во септември 1954. Во тоа време, во Миланската Ла Скала владее Марија Калас, која го имала и последниот збор во составувањето на кастингот на претставите. На легендарната премиера на 7 декември истата година, возобновувањето на Спонтиниевата Ла Вестале, по нејзината препорака, главната тенорска ролја ја пее Корели. Тоа е негово деби во големиот театар и тоа со „огнено крштевање“. Операта не е изведувана повеќе од половина век никаде во светот. Зад „продуцентското столче“ седнува Лукино Висконти, а диригент е Антонио Вото. На публиката и се пружани пет претстави кои таа хистерично ги прима.

Франко Корели и Марија Калас ќе настапуваат заедно во наредните десетина години, секојпат правејќи вистински спектакли од претставите во кои играат, вредни за антологија. Тој станува нејзин префериран партнер. Наредниот заеднички проект е возобновувањето на Федора од Умберто Џордано, на 21 мај 1956. Една од ретките продукции на Калас во Скала која не е снимена. Еве што Корели изјавува за својата огнена колешка: „Никој не може да замисли што тоа значи за мене, практично почетник на сцената, одвај втора година во Ла Скала, и јас работам со Калас! Научив толку многу... Мариjа беше толку трпелива со мене и се обидуваше да ми олеснува во се. И тоа го правеше. Таа толку многу беше вовлечена во операта, со што успеа да ме вовлече и мене. Се чувствував должен да и одговорам, да работам темелно, како никогаш дотогаш, на начин кој целосно не го разбирав, но комплетно го чувствував“. Почитта која Корели ја чувствува за Калас и она коешто таа го манифестираше спрема него, ќе биде повторено во неколку заеднички возобнови на подзаборавени дела. Тие проекти ќе бидат вброени меѓу најважните оперски случувања во втората половина на XX век. На крајот на годината, во декември, е отворањето на сезоната во Скала. Корели повторно е повикан да настапи, овојпат во премиерата на Џулио Чезаре. Четири претстави со ѕвезден кастинг на релативно непознатата претстава публиката ги прима со невидена жед. Марио дел Монако го држи монополот на Отело и Ернани, но сега е на турнеја низ светот. Џузепе ди Стефано е во вокална криза. Франко Корели е водечки тенор во Италија и примо теноре на една од најважните оперски куќи во светот – Ла Скала во Милано.

После венчавката со Лорета ди Лелио, ќерка на Умберто ди Лелио, голем италијански бас, која и самата била пејачка, следуваат бројните гостувања на Корели низ светот. Најпрвин пред тоа е првото гостување надвор од Италија, во Сао Карлос во Лисабон во 1955 во Кармен. Таму пее 1957 во Хованшчина од Мусоргски. Истата година дебитира со Каварадоси во Мадрид, со Радамес во Виена, и пак Каварадоси, но овојпат во Ковент Гарден во Лондон, каде партнерка му е големата Зинка Миланов. Претставата е долгоочекуван настан, но критиката и публиката ја прифаќаат прилично воздржано. Корели оттогаш ретко ќе пее во главниот aнглиски град.

Франко Корели и Марија Калас на премиерата на Пирата од Белини

На 2 јануари 1958 ја пее улогата на Полионе во скандалозната постановка на Норма во отворањето на сезоната на Римската Опера, каде партнерка му е повторно Мариjа Калас. Во публиката се најважните луѓе на Италија, на чело со претседателот на републиката, Џовани Гронки. Калас ја напушта сцената на средина од претставата, жалејќи се на „индиспонираност“. Продукцијата продолжува по два дена, но овојпат со Анита Черквети во насловната улога, за која добива дотогаш невиден аплауз што некој пејач го добил на оваа сцена, во знак дека не само Калас може да пее добро, која е отпуштена од Римската Опера и е на тапет на срамот низ печатот на целата нација. Единствени кои го дигаат гласот во нејзината одбрана се Џулиета Симионато и Франко Корели. Тој повторно пее на отворањето на сезоната на Ла Скала истата година со неа, овојпат во Пирата на Винченцо Белини, каде се појавува уште и Еторе Бастианини. Уште една опера извадена од прашината на рафтовите на театарската архива. Еднакво скандалозна, како и се што прави големата дива. Истиот кастинг повторно ќе ја отвори сезоната во Скала и наредната 1959, повторно вадејќи опера „од нафталин“, Полиуто на Гаетано Доницети. И повторно Корели и Бастианини спаѓаат во „останатиот кастинг“ кој пее со скандалозната Калас, иако се на врвот од својата вокална кариера и пеат во далеку подобра форма од нејзината.

На 27 јануари 1961 дебитира во операта Метрополитен во Њујорк во Трубадур од Верди, заедно со Леонтин Прајс; добиваат 42-минутни овации. Во тој театар последователно отпева уште две изведби вредни за паметење, во Турандот како Калаф и во Дон Карло. Публиката го прифаќа, а тој театар ќе стане едно од најважните места каде што тој ќе пее понатаму во кариерата. Интересно е да се спомене дека старата зграда на Метрополитен Операта на 39-та улица се затворила на 16 април 1965 со гала-концерт на кој последни пеат Рената Тебалди и Франко Корели во дует од Манон Леско. Во октомври компанијата се префрла во центарот Линколн и првата опера со која се сече лентата во новата зграда е премиерата на Џоконда од Амилкаре Понкјели во која повторно пеат Корели и Тебалди, заедно со Бисерка Цвејиќ, Корнел Мекнил и Чезаре Сјепи. Настан број еден во Њу Јорк. Билетите за сите 9 изведби биле распродадени уште во првите неколку дена. Во Метрополитен тој отпева 19 улоги во 15 сезони.

Кон крајот на `60-тите и почетокот на `70-те години од минатиот век, Корели додава неколку лирски улоги, нетипични за неговиот глас, првенствено од францускиот лирски репертоар, како што се Ромео и Јулија и Фауст од Шарл Гуно, Вертер од Жил Масне, како и Родолфо од Боеми и Едгардо од Лучија ди Ламермур, сите испеани во неговиот, сега „матичен театар“ – Метрополитен Операта.

Во улогата на Манрико во Трубадур, додека пее високо Це3

За нас на овие простори е интересно дека тој ги отпева Дон Жозе во Кармен и Rодолфо во Боеми во Белград во декември 1970, почестувајќи ја и тогашната југословенска оперска публика со своето присуство.

Во 1971 тој почнува да се жали дека е подложен на голем стрес и дека не може да го изджи притисокот од напорните настапи. Сето тоа се рефлектира и врз неговиот глас, резултатот е нервозно пеење, иако технички не било никогаш подобро. Хемијата со публиката на мигови како да исчезнува. Полека почнуваат да се проретчуваат настапите. Повеќе ги нема драмските ролји карактеристични за неговиот глас, нема нови улоги во репертоарот, концертите се поретки, турнеите исто така. Кога некој би очекувал после ваква кариера на драмски тенор да се круниса со Отело, тој одеднашка се повлекува со комплетно лирска улога, Родолфо од Боеми, отпеана на 10 август 1976 во Торе дел Лаго, родното место на Пучини по повод јубилејот на 80-годишнината од праизведбата на неговата опера. Тоа му е последната изведба на сцена, на 55 години, после 25 години интензивна кариера.

По неколку години, во 1980 се појавува во неколку концерти во Њу Јорк, но видливо е дека гласот не е веќе тоа што бил. Тој решава да стави дефинитивен крај и повеќе нема да одржи ниту еден концерт. До крајот на животот останува активен во оперскиот живот, обидувајќи се во вокалната педагогија, организирајќи и натпревар по пеење во неговата родна Анкона. Умира во Милано, на 82 години.

Зад сцената[уреди]

Голем тремаџија, кој знаел и заради најобична кашлица да откаже претстава и тоа во последен момент. Рената Ското еднаш изјавува дека требало да го туркаат за да излезе на сцена. Така, 1965 во премиерната продукција на Метрполитен Операта во Њујорк, го откажува учеството во Адријана Лекуврер, со образложение: „поради индиспонираност“. Во последен момент практично „скокнува“ Пласидо Доминго на сцената во улогата на Маурицио, кој за некоја вечер требало да дебитира во големиот велеград, но само во Градската Њујоршка Опера и со друга улога. Тоа е премиера, отворање на сезона, негово деби во најголемата оперска куќа во светот и негова партнерка е легендарната Рената Тебалди (!). Почеток за кој само може да се сонува. Доминго исто така е еден од најголемите и секако многу скоро требало да дебитира во Метрополитен, но вака?! Храбрите ги прати и среќата.

Познати се кавгите и викотниците на сопружниците Лорета и Франко, пред, за време и после претставите, од кои ечел целиот театар. После изведбите, Лорета, и самата со огнен карактер, одличен познавач на оперската уметност и негов агент за односи со јавноста, ќе чекала во соблекувалната на Франко со парче хартија, на која ги имала напишано критиките и забелешките на неговата изведба, потврдувајќи ги со снимка на аудио касета која самата ја снимала на диктафон (денеска не се говори многу за тие снимки).

Притисокот поради настапот пред публика го прават страшно нервозен за време на пробите, како и после претставите. Исклучително избувлив, на мигови знаел да еруптира како вулкан, вистински да „одлепи“, на вчудоневидување на останатите. Шведскиот сопран Биргит Нилсон, на шега еднашка изјавила дека тој за малку ќе ја натепал позади сцената затоа што во еден дует од Турандот таа подогло време од него држела висок тон. Подоцна, се откажува од продукцијата телеграфирајќи на Рудолф Бинг, менаџерот на Метрополитен сосема кратко со нејзиниот лош англиски: „Не може пее. Има беснила.“ Познато е дека еднаш повторно со неа на сцена си дофрлале пцовки. Но, тоа се веројатно нормални случувања кај големите уметници, тие и понатаму одржуваат плодна соработка, пеејќи во бројни претстави на Турандот и Тоска, а таа останува негова голема пријателка. По дебито во Метрополитен 1961, од критичарот на Њујорк Тајмс, Харолд Шенберг, практично не е ни споменат во статијата; целото негово внимание е насочено кон Леонтин Прајс, чиј настап исто така бил деби во таа куќа. Според мемоарите на Рудолф Бинг, Корели бил толку многу налутен, што се закчлучил во хотелската соба и цел ден не сакал да излезе. Не му било доволно објаснувањето дека настапот на црномурната Прајс било впрочем и политички, не само музички настан: движењето за човекови права земало сила, пријатели и поддржувачи патувале од цела Америка во Њујорк за да ја бодрат. Можеби затоа и се чинело дека таа е подобра.

Можеби еден од најголемите скандали во операта каде актерите ги изедначиле своите улоги во кои настапувале со реалниот живот, доловувајќи го вистинскиот ефект, била тепачката помеѓу Корели и легендарниот бугарски бас, Борис Христов, во 1958, за време на генералната проба на Дон Карло во Римската Опера. Христов, во улогата на Кралот Филип, во Auto da Fe, сцена каде тој треба да се мечува со Дон Карло, кој го толкувал Корели, практично го треснал овега со својот меч, по што двајцата почнале да се маваат со мечевите, додека не се втурнал Тито Гоби, кој го толкувал Родриго Поза, и не ги раздвоил. Можело да има сериозни последици. Еве како се сеќава Гоби на таа случка: „Застрашувачки миг во кој сe уште го гледам Борис како го крева својот меч кон оној на младиот и атрактивен Корели и силно замавнува, по што следуваат неколку жестоки удари кои двајцата си ги разменуваат, додека не притрчав нанапред и не ги разделив, спречувајќи посериозен инцидент. Потсетувајќи се на оваа бурна проба, не можам да престанам да се прашувам дали магијата од сценската сугестија ги афектираше така силно, или пак некоја приватна омраза ја испровоцира оваа реалистична сцена?!“ Како и да е, Христов веднаш ја напуштил пробата и театарот и се повлекол од продукцијата, изјавувајќи дека Корели имал „недостаток на уметнички интегритет.“ За разлика од расправиите со Нилсон, тие двајцата повеќе никојпат нема да запеат заедно.