Пласидо Доминго

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Пласидо Доминго (шпански: José Plácido Domingo Embil) (роден 21 јануари 1941) е шпански оперски пејач, диригент и менаџер. Во својата пејачка кариера, која трае скоро педесет години, има отпеано рекордни 129 улоги.

Почетоците[уреди]

Пласидо Доминго е роден во Мадрид, Шпанија, во семејство на родители музичари, Пласидо Доминго и Пепита Ембил, обајцата пејачи во Сарсуела (шп. Zarzuela, шпанско национално музичко-сценско дело кое содржи говорни дијалози и пеани стихови, како и популарни нумери, арии и танци), самите водејќи сопствена трупа. Кога тој има 8 години, тие ја напуштаат Шпанија и се населуваат во Мексико. Се развива во средина во која музиката е на прво место, детство и момчештво поврзано со сцената. Во трупата на своите родители најпрвин ги игра детските улоги, а потоа и настапува во малите епизодни улоги како баритон, работи како пијанист-корепетитор, помошник-диригент, помошник-режисер, организатор, односно секаде каде што е потребно да се пополни празнина за работата да излезе како што треба.

Во 1959 се јавува на аудиција како баритон во Националната Опера во Мексико Сити. Веднаш бараат од него да проба да отпее a vista неколку пасажи од тенорскиот регистар, по што го примаат како корепетитор и како солист-тенор за споредни улоги. Првата оперска улога, споредната Борса во Риголето, ја добива истата 1959 година, каде како гостин настапува големиот баритон Корнел МекНил. За да ги покрие своите трошоци, работи како корепетитор и на една балетска трупа, се појавува во мали епизодни улоги во театрите во мексиканскиот главен град, а настапува како пијанист на популарна телевизиска емисија на националната телевизија. Во меѓувреме неуморно работи на вокалната техника, а учи и диригирање во слободното време.

Тенорскиот репертоар и дебијата во големите оперски куќи[уреди]

Првата голема тенорска улога ја добива во 1961, Алфредо во Вердиевата Травиата, во операта во Монтереј. Самиот тенор во своите автобиографски пишувања признава дека ова била сосема просечна изведба, гласот на мигови му пукал, а само снаодливоста го спречила дебалкот кога гласникот што требало да му го донесе писмото од Виолета, воопшто не се појавил - бил мртов пијан запиен во театарското бифе. Сепак, многу наскоро, оди во Цивик Опера во Далас во САД, настапувајќи во споредната улога на Артуро во Лучија ди Ламермур од Доницети, каде Лучија ја пеела Џоан Садерленд. Во истата оперска куќа се враќа 1962 и овојпат ја пее главната тенорска партија, Едгардо, заедно со Лили Понс. Настапите се солидни, тој бива забележан и успева да потпише договор со Еврејската Национална Опера во Тел Авив. Во Израел ќе остане две и пол години, пеејќи во 280 претстави во 12 различни главни улоги.

Откако му завршува договорот со Еврејската Национална Опера, во Јуни 1965 патува во Њу Јорк, се јавува на аудиција во Њујоршката Градска Опера, каде е прифатен и ја добива улогата на Дон Жозе во Кармен, но дебитира на 17 Јуни како Пинкертон во Мадам Батерфлај, откога во последениот момент тенорот ја откажал претставата поради болест, а Доминго се нафаќа да ја отпее. Во Метрополитен Операта дебитира на сличен начин, на 28 Септември 1968 во Адријана Лекуврер на Франческо Чилеа, овојпат како замена за Франко Корели во улогата на Маурицио, кој ја откажал претставата во последен миг. Пее заедно со легендарната Рената Тебалди, која ја толкува насловната улога. Оттогаш постојано настапува во Метрополитен, 21 пат отварајќи ја сезоната на една од најголемите оперски куќи во светот, надминувајќи го рекордот на Енрико Карузо за 4 пати. Потоа следуваат повици од останатиот дел од светот. Дебитира во Виенската опера 1967, во Чикашката Лирик Опера 1968, во Ла Скала и Сан Франциско во 1969, во Ковент Гарден во Лондон 1971, практично, настапува во сите поважни оперски куќи во светот. Потоа е лесно, единствено е потребно ангажирање и работа, нешто кое на Доминго не му недостасува.

Неговиот глас[уреди]

Енормно работејќи (самиот се нарекува „зависник од работа“, „работохолик“), тој не сакајќи поставува резултати кои се ретко надминливи. Пее секакви улоги, од светол лирски репертоар, до драмските улоги на Рихард Вагнер. Неговото име се поврзува со неколку улоги, како на пример Марио Каварадоси од Тоска, улога која ја изведува повеќе од било кој друг досега. Потоа, Вердиевата Отело; се до кобниот Декември 2001, на отворањето на сезоната во Скала, тој редовно ја изведува низ светот. Оперските фанови го вбројуваат во еден од 10-те најголеми интерпретатори на оваа најтешка тенорска партија во Италијанскиот репертоар. Во 1991, на 30 Јули во Виена ја толкува улогата на маварот, по која добива 101 повик за поклон и 80-минутен аплауз, што претставува светски рекорд. Со текот на времто, неговиот глас ја губи постојаноста во високиот регистар, но тој тогаш ги презема улогите на Вагнеријанскиот хелдентенорски репертоар. За забележување е улогата на Лоенгрин во истоимената последна Вагнерова опера (но не и Тристан, улогата од Тристан и Изолда која единствено успева да ја снима и за која еднаш изјавува дека е „над моите можности“!). Како ретко кој пејач од Западот, тој учи да изговара на Руски и ги пее двете најпопуларни улоги на оперите на Чајковски, Ленски во Евгениј Онегин и Герман во Пикова Дама, улога која ја пее со задоволстно речиси цела една деценија.

Хуманост[уреди]

Како исклучителен човек, после веста за катастрофалниот земјотрес во Мексико Сити, во која животот го губат негови четворица блиски роднини, ги напушта сите договорени обврски и заминува во рушевините на градот од неговата младост и се пријавува како доброволец за помош на настраданите. Заедно со останатите, чисти и пребарува низ урнатините во надеж за преживеани. Неверојатен гест кој ја трогнува целокупната светска јавност. Потоа тој организира неколку хуманитарни концерти со чии средства помага на тешко погодените од трагичната несреќа.

Поп опера[уреди]

Во 1981 година, скоро дотогаш пионерски, запливува во поп-индустријата снимајки албум Perhaps Love, со Џони Денвер, популарен американски кантри пејач. Добива солидни одобрувачки критики за овој проект.

На 7 Јули 1990, вечерта пред финалето на Светското првенство во фудбал во Италија, во арената во Бањите на Каракала (Terme di Caracalla), заедно со Лучијано Павароти и Хозе Карерас, го прават концертот на „Трите Тенори“, чиј повод е опоравувањето од болеста и враќањето на сцената на нивниот колега Хозе, кој боледуваше од леукемија. Оттогаш, настапуваат на секое светско фудбалско првенство, но и на организирани концерти во сали и на стадиони, се до 2005 година, кога Павароти поради болеста го откажува своето учество, по што последниот концерт на триото оди како дуо, само со Хозе и со Пласидо. Оперските пуританци ги обвинуваат за „стадионизирање“ на операта, додека останатите ги фаворизираат дека тие го приближуваат оперското пеење до широките маси.