Римски сенат

Од Википедија — слободната енциклопедија

Римскиот сенат (латински: Senātus Rōmānus) бил главното управувачко тело на Римската република (која настанала во 509 г. п.н.е.), како и на Римското Царство. Иако Западното Римско Царство престанало да постои во V век (476 г.), Римскиот сенат продолжил да заседава сè до крајот на VI век. Зборот senatus потекнува од латинскиот збор senex[1] што значи “старец“ или “постар“. Според тоа, Сенатот, од етимолошка гледна точка, значел “собрание на старци“. Сенатот бил една од трите гранки на власта според уставот на Римската република.

Историјат[уреди | уреди извор]

Според традицијата Сенатот прв го основал Ромул, митскиот основач на Рим, како советодавно тело, составено од 100 глави на фамилиите наречени patres (“татковци“). Подоцна, на почетокот на Републиката, Луциј Јуниј Брут го зголемил бројот на сенаторите на 300 (според легендата). Тие се нарекувале conscripti ("регрутирани, врбувани"), бидејќи Брут ги врбувал. Оттогаш членовите на Сенатот се нарекуваат patres et conscripti , што постепено се претворило patres conscripti ("регрутирани татковци").

Римското население било поделено на две класи: Сенат и Народ (што може да се види и во славното римско мото: "Senatus Populus Que Romanus" — SPQR. Народот го сочинувале сите римски граѓани кои не биле членови на Сенатот. Домашната власт била во рацете на народот преку центуриското собрание (Comitia Centuriata), трибутското собрание (Comitia Tributa) i плебејскиот совет (заседание) (Concilium Plebis). Двете собранија и советот ги донесувале новите закони и ги избирале магистратите. Сенатските курулни магистрати или плебејските трибуни (само во плебејскиот совет) можеле на собранијата и советот да им предложат нова легислатива, за што тие потоа гласале без расправа.

Curia Julia на римскиот Форум, седиштето на Римскиот Сенат

Моќ[уреди | уреди извор]

Сенатот имал значаен авторитет (auctoritas) во политиката на Рим. Тој бил службено тело кое ги испраќало и ги примало амбасадорите, а именувал и службеници за управување со јавниот имот, вклучувајќи ги и провинциските управители (гувернерите). Сенатот решавал за војните, управувал со сите јавни финансии и издавал пари. Тој им давал овластувања на главните градски магистрати, на конзулите, ги именувал диктаторите во вонредни ситуации. Наспроти својата широка фискална и судскамоќ, Сенатот немал извршна или законодавна моќ (се до средината на II век н.е.). Сите предлози на Сенатот (Senatus Consultum - S.C.) биле предмет на ратификација во народното собрание. Сепак, поради својот огромен престиж и фактот што сите избрани службеници всушност биле сенатори, мнозинството на Сенатот било озаконето. Сепак, се случило едно историско отфрлање кон крајот на Ханибалските војни. Сенатот сметал дека силното Македонско царство може да претставува сериозна закана. Народот, изморен од долгите и исцрпувачки војни против Ханибал, го отфрилил предлогот на Сенатот.

Треба да се спомене дека римските народни собранија не можеле да расправаат за предлозите што се донесени пред нив.Тие можеле само да ги прифатат или отфрлат. Вообичаена практика на магистратите станала сите закони (leges) во Сенатот да се донесуваат пред собранијата да се свикаат за да гласаат. Сенатот го давал својот auctoritas, пред народот воопшто и да може да гласа за намерата на магистратот. До средината на периодот на Републиката тоа моа била само формалност што ја практикувале сите магистрати. Во подоцнежниот период на Републиката, Сенатот го избегнувал давањето диктатура, прибегнувајќи кон таканаречена “последна одлука на Сенатот“ (senatus consultum ultimum) со која се прогласувала воена состојба и се овластувале конзулите да се “погрижат за тоа Републиката да не претрпи никаква штета“.

Приказ на седница на Сенатот: Цицерон ја напаѓа Катилина, фреска од XIX век

Слично на двете собранија (Comitia Centuriata и Comitia Tributa), но различно од плебејскиот совет (Concilium Plebis), Сенатот работел под одредени религиски ограничувања. Тој можел да се состанува само во осветен храм, кој обично бил Curia Hostilia, иако церемониите за Нова Година се одржувале во храмот на Јупитер (Jupiter Optimus Maximus), а воените состаноци во храмот Bellone. Седниците на Сенатот можеле да започнат дури по инвокациската молитва, жртвена церемонија што ја спроведувале ауспициите. Сенатот можел да се состанува само помеѓу изгрејсонце и зајдисонце, а не можел да се свикува за време на заседавањето на кое било друго собрание.

Начин на облекување[уреди | уреди извор]

Сите сенатори имале право да носат сенаторски прстен (отпрвин направен од железо, а подоцна од злато; старите патрициски семејства, какво што било семејството на Јулиј Цезар, носеле железни прстени сè до исчезнувањето на Републиката) и бела туника (лат. Tunica clava) со широка лента (13 см) во Тиријанска виолетова боја (Latus clavus) преку десното рамо.

Senator pedarius носел бела тога (Toga virilis или Toga pura) без никакви украси, додека сенаторите кои имале улога на курулски магистрати носеле бела тога со широка виолетова линија (Toga praetexta). Исто така, сите сенатори носеле сандали со темноцрвена боја, но сенаторите кои имале улога на курулски магистрати на нив имале полукружна тока.

Наводи[уреди | уреди извор]